• четврток, 26 септември 2024
МИА Флеш

26 септември 2024

Њујорк- Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вечер ќе се обрати на 79. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк што се одржува на тема „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашните и идните генерации“. 

Сиљановска Давкова пред Генералното Собрание ќе се обрати на македонски јазик. Во интервју за МИА, вели дека нејзината порака ќе ја пренесе на македонски јазик и дека, меѓу другото, ќе потсети на нашата решеност за мирољубивост, дијалог и за почитување на меѓународното право.

-Всушност ќе ја доразвијам, бидејќи утре ќе имам 15 минути време, утре на македонски јазик. Завчера зборувавме за иднината на светот ама јас сега сакам иднината на светот низ македонскиот збор, низ македонската реч. Значи ќе ги развијам основните тези – ќе ги потсетам на тажната македонска приказна во чија креација учествуваа ОН, низ се што поминавме, ќе потсетам на нашата решеност мирољубиво, низ дијалог секогаш да се почитува и да го почитуваме меѓународното право. Ќе укажам на основните проблеми на човештвото, меѓутоа сега со поголема аргументација, на мирот, на безбедноста, Совет за безбедност имаме ама амбиентот е небезбеден, секаде па дури и овде во Њујорк, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Синоќа, претседателката Сиљановска Давкова присуствуваше на приемот што по повод 79. ГС на ОН го организираше американскиот претседател Џо Бајден.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски оствари средба со помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, во Њујорк.

Дискусиите се фокусираа на продлабочување на стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, со посебен акцент на клучните области како што се регионалната безбедност, економскиот развој, доброто владеење и демократијата, соопшти МНРиНТ.

Министерот Муцунски ја истакна посветеноста на земјава за забрзан напредок во евроинтегративните процеси и ја истакна важноста од континуираната поддршка на САД за аспирациите на земјата.

Софија - Поранешните премиери на Бугарија, Бојко Борисов и Кирил Петков, денеска изјавија дека Договорот за доброседство мора да се почитува и ги повикаа властите во Северна Македонија да одлучат дали ќе ги внесат Бугарите во Уставот или нејзиниот пат кон ЕУ ќе остане затворен.

Лидерот на ГЕРБ Борисов, кој е и претседател на Комисијата за надворешна политика во бугарскиот Парламент, истакна дека Бугарија и Северна Македонија потпишаа Договор за добрососедство, кој е вклучен во планот за проширување, и никој не може да отстапи од него.

Борисов смета дек Софија треба да остане и мирна и трпелива, да не изгледа агресивна бидејќи како што наведе „вината е кај колегите во Скопје“.

Посочи дека „секој што ќе го прекрши добриот тон, а Бугарија тоа не го направи, ќе ги трпи последиците“.

Скопје- Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во текот на вчерашниот ден изврши над 60 надзори на цела територија на државата за почитувањето на владината одлука за ограничување на профитната маржа на основните прехранбени производи и нивно означување со ознаката „помалку трошоци, повеќе за тебе“ при што издаде осум прекршочни платни налози во висина од над 1.196.000 денари, а кај останатите субјекти постапките се во тек.

Како што информираат од ДПИ, денеска се контролираат бурекџилниците, помалите маркети и останати трговци на мало. 

-Излезени се 47 тимови на терен, односно 135 инспектори на ниво на цела Република Северна Македонија. Напоменавме и во текот на вчерашниот ден, дека толеранција нема да има и трговците имаат обврска да ја почитуваат Одлуката, велат од Државен пазарен инспекторат.

Скопје - Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните доколку имаат било каква информација за Марк Јорис (72), белгиски државјанин кој на 18.09.2024 од страна на Интерпол Брисел и амбасадата на Белгија е пријавен како исчезнат, да пријават во најблиската полициска станица или на телефонскиот број 112.

- Во МВР е пријавено дека Марк Јорис е исчезнат, а, според пријавеното, тој имал планирано рута за планинарење во реонот Охрид - Струга (Вевчани) – Дебар- општина Маврово и Ростуше и на север кон Албанија. Со помош на дрон е извршена потрага и опсервација на теренот, но лицето не е пронајдено, а се преземаат и низа други мерки и активности за пронаоѓање на лицето, соопштија од МВР.

Скопје - СВР Струмица – ОВР Гевгелија, до Основното јавно обвинителство Гевгелија, поднел кривична пријава против Б.Ш. поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 и „бесправно градење“ по член 244 - а од Кривичниот законик.

МВР денеска соопшти дека пријавениот, во својство на градоначалник на една општина, во периодот од 02.03.2021 година до 23.09.2021 година, ги пречекорил границите на своето службено постапување на начин што постапил спротивно на член III од Годишната програма за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локални патишта во општината за 2021 година.

- Имено, со средства од буџетот на општината пријавениот извршил изградба на крак од улица, која не била дел од годишната програма за изградба, реконструкција и одржување на локални патишта во општината. На тој начин пријавениот Б.Ш. нанел штета на буџетот на општината и ги сторил кривичните дела, се појаснува во соопштението од МВР.

Скопје - Граѓаните до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во 2023 се обраќале заради заштита од дискриминација во областа на јавното информирање и медиуми, a потоа во работата и работните односи, образованието и пристапот до добра и услуги. КСЗД во 2023 работела на вкупно 559 предмети за заштита од дискриминација од кои 523 биле отворени во 2023 и 76 предмети пренесени од претходната 2022 година, при што утврдила 21 случај на потежок вид дискриминација.

Ова се наведува во Извештајот на КСЗД за 2023, којшто денеска ќе биде разгледан на седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието.

-Бројката од 523 нови предмети претставува апсолутен годишен рекорд во досегашното работење на комисијата и во неа се вбројуваат 520 претставки за заштита од дискриминација поднесени до Комисијата од страна на граѓани, граѓанските организации и други правни лица, како и три постапки по службена должност. Иако бројот на претставки е значително зголемен во однос на претходните години, тој вистински не ја одразува присутноста на дискриминацијата, што се потврди во истражувањето спроведено за Извештајот - Барометар за еднакви можности на КСЗД и МЦМС, што покажа дека секој трет испитаник изјавил дека бил жртва на дискриминација, а четири од десет испитаници биле сведоци на дискриминација, стои во Извештајот.

Скопје - Прашањето и дилемата е како СДСМ, партнерот на ДУИ, кој осум години го промовираше граѓанскиот концепт, преку ноќ предлага закон за бранители. Дали не беа искрени кога промовираа граѓански концепт или преку ноќ станаа националисти и предлагаат ваков закон?, рече денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

Одговорајќи на новинарски прашања во врска со Предлог-законот за бранителите поднесен од пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска, Меџити оцени дека на СДСМ не им е грижа ниту за бранителите, ниту за УЧК, туку како да се спасат од одговорноста.

Според Меџити, нема потреба за загриженост зашто законот нема да помине, а актуелната Влада, како што напомена, историски, од 90-тата година досега, има најстабилно мнозинство, 78 пратеници, близу две третини и има демократски и политички капацитет да ги решава проблемите во коалицијата. 

 

Брисел - Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР) донесе одлука Албанија на 15 октомври да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ по поглавја, со отворање на преговорите по Кластерот 1 – „Основи вредности“, потврди за МИА унгарското претседателство со Советот на ЕУ.  

- Можеме да потврдиме дека Корепер се согласи да продолжи со процесот на пристапување на Албанија во ЕУ, изјави за МИА портпаролката на унгарското претседателство за Корепер, Ана Атанасов. 

Со ваквата одлука за одржување на Меѓувладина конференција ЕУ-Албанија на 15 октомври и старт на преговорите по Кластерот 1, Албанија практично ќе биде раздвоена од земјава на европскиот пат. Во Кластерот 1 – „Основи вредности“ се вклучени поглавјата Набавки, Статистика, Судство и Основни права, Правда, Слобода и Безбедност и Финансиска контрола.  

ЕУ донесе одлука за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија во пакет во јули 2022, по што двете земји го спроведоа скрининг процесот.  

Бејрут– Премиерот на Либан Наџиб Микати изрази надеж дека наскоро ќе биде постигнат прекин на огнот за да се стави крај на борбите меѓу Израел и проиранската шиитска милиција Хезболах што ја потресе неговата земја и доведе до стравувања од копнена инвазија.

Сепак, насилството не престанува. Во текот на ноќта, во израелски воздушни напади биле погодени околу 75 цели на Хезболах во долината Бека и јужен Либан, вклучувајќи складишта за оружје и ракетни фрлачи подготвени за гаѓање, соопшти израелската војска.

Во последниот смртоносен напад, најмалку 23 Сиријци, главно жени и деца, беа убиени кога Израел погоди трикатна зграда во либанскиот град Јунин во текот на ноќта, изјави градоначалникот Али Кусас. Околу 1,5 милиони Сиријци живеат во Либан откако избегаа од граѓанската војна во нивната матична земја.

Тел Авив- Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска, неколку часа откако некои израелски медиуми објавија дека околу пладне очекуваат прекин на огнот во Либан, соопшти дека овие тврдења се неточни.

Има состанок за американско-францускиот предлог на кој премиерот не ни одговори“, соопштија од кабинетот на премиерот.

Забележано е дека не е точна и информацијата објавена од израелскиот Канал 12 дека Нетанјаху и наредил на израелската армија да изврши умерени напади во Либан, наведувајќи дека премиерот ја овластил армијата да продолжи со интензивните напади врз цели на Хезболах.

Во соопштението за печатот се наведува и дека борбите во Појасот Газа ќе продолжат се додека не се постигнат сите воени цели против Израел, објави „Тајмс оф Израел“.

Мадрид - Во Шпанија денеска на повик на синдикатите ќе се одржат протести со цел да се постигне договор меѓу владата и бизнис секторот за намалување за два и пол часа на една 40-часовна работна недела.

Работодавците тоа го одбиваат бидејќи се загрижени за зголемените трошоци, додека социјалистите на шпанскиот премиер Педро Санчез се обидуваат да ги убедат претпријатијата да прифатат план за намалување на работната недела, велејќи дека промената ќе доведе до зголемена продуктивност.

Сопствениците на претпријатијата стравуваат дека предлогот ќе значи дека вработените работат помалку часови за иста плата како порано.

Берлин – Германија, најголемата европска економија, оваа година би можела да ја заврши со економски пад, имајќи предвид дека водечките германски економски институти ги намалија заедничките прогнози и сега сметаат дека нивната економија би можела да падне за 0,1 отсто на крајот на 2024 година.

Експертите очекуваат слабо закрепнување во Германија во 2025 година со раст од 0,8 отсто и забрзување до 1,3 отсто во 2026 година, се вели во извештај објавен денеска.

Во претходната пролетна прогноза, експертите беа пооптимисти и очекуваа германската економија да забележи раст од 0,1 отсто во 2024 година и 1,4 отсто во 2025 година.

Покрај економскиот пад, германската економија е оптоварена и со структурни промени, смета Џералдин Дани-Кнедлик, раководител на одделот за прогнозирање и економска политика во Германскиот институт за економски истражувања (DIW).

Скопје - Глобалниот долг достигна рекордни 312 трилиони долари на крајот на вториот квартал од 2024 година, пред се поради растот на задолжувањето во САД и Кина, покажуваат денеска објавените податоци од Институтот за меѓународни финансии (ИИФ). Покрај Кина и САД, долгот го зголемиле и Индија, Русија и Шведска, а значително намалување забележале останатите европски земји и Јапонија.

Светскиот долг се зголеми за 2,1 трилиони долари во првата половина од годината и постои можност ситуацијата дополнително да се влоши поради намалувањето на каматните стапки.

Зголемувањето на задолжувањето во голема мера е последица на енергетската транзиција и преминот кон обновливи извори на енергија, оценува ИИФ.

Остани поврзан