12 септември 2024
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски во коментар за износот на провизијата за заемот од Унгарија кој од вчера е во собраниска постапка оцени дека трошоците за тој заем се од 12 до 20 пати помали од заемите коишто ги земала претходната влада на СДСМ и ДУИ.
На новинарски прашања Мицкоски денеска посочи на можности за опструкција на работата на Комисијата за финансирање и буџет која како матично собраниско тело треба да се изасни за Предлог законот, но, како што порача, власта има задача да го зачува достоинството на институцијата и да обезбеди средства за развој за компаниите и за општините.
Скопје - Со ребалансот на буџетот веќе е предвидена една милијарда денари за исплата на неисплатените субвенции за земјоделците од оние 3,2 милијарди денари заостанати долгови кон нив, а исплата на голем дел од старите долгови ќе биде предвидена со буџетот за следната година покрај тековната исплата на субвенциите, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.
-Сето она кое што им се должи ќе биде исплатено и тука нема само Македонци или само Албанци, туку има и Македонци, и Албанци, и Срби, и Турци, и Власи, и Роми, и Бошњаци, ... Сите земјоделци без разлика на етничката, верска, политичка припадност или неприпадност ќе добијат она што го заработиле со макотрпна работа на полињата и тоа ќе биде наш приоритет, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при денешното пуштање во употреба на Спортско рекреативниот центар „Бранители“ во населеното место Љуботенски Пат во општина Бутел, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски, во врска со реакциите на дел од поранешниот состав на Историската комисија со Бугарија, денеска изјави дека ќе се спроведе истрага колкави хонорари се исплаќале и како се трошеле парите во Комисијата.
Двајца поранешни членови на македонскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, денеска преку отворено писмо до јавноста, повикаа на промена на методологијата во работата и вклучување експерти од ОБСЕ, УНЕСКО или Советот на Европа.
Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски денеска го пуштија во употреба Спортско рекреативниот центар „Бранители“ во населеното место Љуботенски Пат во Општина Бутел, проект во вредност од 8.100.000 денари, средства обезбедени од општинскиот буџет. Во спортско рекреативниот центар има фудбалски терен со вештачка трева, баскет терен со специјална подлога, како и детско игралиште, мини парк и шеталиште за жителите.
Скопје - Пратениците на СДСМ бараат да се повлече законот за заем од Унгарија по скратена постапка и тој да се носи во редовна постапка, за него да се организира дебата со вклучување на експертската јавност. Предлог законот, како што кажа, е коруптивен и земјата се става во должничко и политичко заложништво кон Унгарија.
Пратеникот и лидер на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција во Собранието побара законот да се донесе во редовна постапка, да се организира јавна дебата и да се носи согласно Деловникот. Филипче кажа дека претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Сања Лукаревска нема да го стави на дневен ред законот за заемот. а според новиот Деловник за работа на Собранието ако претседателот на работното тело не свика седница кога е должен тоа да го стори или ако работното тело нема претседател, седницата ја свикува претседателот на Собранието кој го одредува и претседавачот до завршување на седницата (член 126 од Деловникот).
Скопје - Македонска берза утре ќе одржи Инвеститорски ден. Ќе се вкучат Централниот депозитар за хартии од вредност, сите десет членки на Берзата, а иницијативата доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност.
Одржувањето на Инвеститорскиот ден, што се одржува петти пат, значи дека на тој ден на тргување на Берзата сите домашни физички лица можат да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без трансакциски трошоци што ги наплатуваат овластените пазарни институции и учесници.
Кавадарци - Германски претставник денеска изрази задоволство од реализиран проект финансиран од германската КФВ банка во Кавадарци. Брајан Шонеси, главен резидент инженер задолжен за техничкиот дел на проектот, реализација на терен и надзор на изведувачот, 18 месеци бил вклучен во реализација на проектот. Една година по гарантниот рок, денеска се врши финална контрола.
Куманово - Итна помош Куманово бележи зголемен број на интервенции со намалувањето на температурите, информираа денеска од здравствената институција. Лекарите пружаат помош при вртоглавици, зголемен притисок и други здравствени тешкотии особено кај хронично болните лица.
За неколку дена температурите особено утринските и ноќните се спуштија и за 15-тина степени. Ова промена потешко ја доживуваат повозрасните, но не се имуни ниту помладите кои ја чувствуваат промената со болка во зглобови, главоболка.
Крива Паланка - Општина Крива Паланка денеска официјално го отвори конкурсот за годинашната награда „8 Октомври“, највисоката награда што се доделува во знак на општествено признание за особени постигнувања од значење за развојот на општината и афирмација на градот во Република Северна Македонија и светот.
Наградата се доделува за достигнувања во стопанството, науката, уметноста, културата, спортот, воспитанието и образованието, заштитата и унапредување на животната средина и природата, како и во други области на трудот и творештвото на поединци или правни лица, а истата ќе биде врачена на свеченостите по повод 8 Октомври, кога општината прославува јубилеј, 80 години слободна Крива Паланка.
Скопје - Издавачката куќа ПНВ Публикации од Скопје и Литературниот центар Мунстер од Корк, Република Ирска, потпишаа договор за соработка, која ќе се одвива во повеќе насоки за културно поврзување на македонската и ирската култура, на полето на книжевноста и поетските фестивали.
Според овој договор, Литературниот центар Мунстер, претставуван од уметничкиот директор Патрик Котер, во наредните неколку години ќе поддржи гостување на ирски поети на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“. Центарот ќе распишува годишен конкурс на кој право да се пријават ќе имаат поетите од Корк што пишуваат на ирски или на англиски јазик, а коишто до сега да не биле учесници на фестивалот, соопштија од ПНВ Публикации.
Скопје - Сезоната во македонската клупска кошарка ќе биде отворена со натпреварите од Суперкупот на Македонија.
На 28. септември, во СРЦ „Кале“во Скопје, четирите најдобри клубови од ланската натпреварувачка сезона, во двете конкуренции, ќе се борат за трофејот.
Програмата во СРЦ „Кале“ ќе стартува од 17 часот, со натпреварот во женска конкуренција, во кој ќе се сретнат шампионот Баскет Кам 2011 од Македонска Каменица и „предивикувачот“ МЗТ Скопје Аеродром.
Скопје - Времето утре ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа во западните и источните делови ќе има појава на невреме со интензивен пороен дожд - над 20 литри на метар квадратен, грмежи и силен ветер - над 70 километри на час.
Како што информираат денеска од УХМР, во деновите потоа ќе се задржи променливо облачно време со повремен локален дожд. Во сабота ќе дува засилен ветер од западен-југозападен правец, а од недела температурите ќе бидат во позначително опаѓање.
Будимпешта - Унгарија е подготвена да ја тужи Европската комисија за да ги компензира трошоците за заштита на надворешната граница на Европската унија, која, како што тврди, ја чинела околу две милијарди евра, изјави шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан.
Орбан ја затвори главната транзитна рута низ Унгарија за стотици илјади баратели на азил кои бегаа од војни и сиромаштија во 2015 година, зајакнувајќи ја неговата поддршка дома, но привлекувајќи жестока критики од многу сојузници во Европската унија.
Париз - Новоименуваниот француски премиер Мишел Барние има намера да назначи членови на кабинетот ориентирани кон левицата, со цел да избегне новата влада веднаш да се соочи со гласање за недоверба, а во исто време да се стреми да обезбеди поддршка од кралската десница, пишува Политико.
Коалицијата на левичарските партии, Новиот народен фронт, која освои најмногу гласови на изборите во јуни, го обвини претседателот Емануел Макрон дека ги „украл“ изборите откако Барние беше назначен да ја води новата влада. Барние, дури и со поддршка на Макрон, може да смета на 200 места во Парламентот или 89 помалку од апсолутното мнозинство. Поради тоа, Барние настојува да го пополни својот кабинет со најмалку четири различни политички профили, за да задоволи што е можно повеќе пратеници, пишува „Политико“.
Пекинг - Пекинг ќе преземе активни мерки за да го спречи распоредувањето на американски ракети со среден дострел во азиско-пацифичкиот регион, изјави генерал-полковникот на кинеската Народноослободителната војска, Хе Ли, на маргините на безбедносниот форум Ксианшан во Пекинг.
-Ракетите со среден дострел распоредени од САД претставуваат закана за безбедноста на земјите во азиско-пацифичкиот регион, рече генералот.
Киев - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на вчерашната средба во Киев не донесоа никакви одлуки за употреба на американско оружје за удари длабоко во руска територија, јави американската телевизија Еј-Би-Си Њуз, повикувајќи се на советник на украинскиот претседател.
Зеленски и Блинкен разговарале за укинување на забраната за напади длабоко на руска територија и за снабдување со оружје, наведе советникот на Зеленски, запознаен со темата на состанокот.
Лондон - Менаџерот на Арсенал, Микел Артета постигна договор со раководството на тимот за продолжување на договорот за период од три години, пишуваат англиските медиуми. 42-годишниот Шпанец пристигна на „Емирати“ во 2019 година од Манчестер Сити, каде три години му беше помошник на Пеп Гвардиола.
Тој го освои ФА Купот на крајот од својата прва кампања и заврши на второто место во последните две сезони, но влезе во последните 12 месеци од неговиот договор. Артета повика на смиреност минатиот месец во врска со ситуацијата со неговиот договор, инсистирајќи дека неговиот фокус е на трансфер прозорецот.
Севиља - Серхио Рамос се уште нема клуб, што не значи дека нема интерес за легендарниот капитен на Реал, туку дека тој не сака да игра никаде по Севиља. Ниту за ситна сума, од негова перспектива.
Така шпанските медиуми пренесуваат дека еден од најдобрите дефанзивци во историјата на фудбалот не ја прифатил понудата на Ботафого. А како причина се наведува расчекорот во понудените, т.е. побараните финансии.