МИА Општински пул
- МИА Општински пул
12 септември 2024
Прилеп - Четири капитални проекти во вредност од преку три милиона евра поднесе општина Прилеп до Министерството за локална самоуправа што ќе ги финансира државата. Станува збор за изградба на кружен тек на сообраќајот во централното градско подрачје, изградба на улица, реконструкција на јавна површина со партерно уредување и реконструкција на водоводна мрежа.
- Конкретно, ќе се гради кружен тек на сообраќајот што ги поврзува улиците: „11-ти Октомври“,„Кеј 9-ти Септември“ и „Кеј 1-ви Мај“, кај мостот „Табаана“. Ќе се гради дел од улицата „Победа“, од крстосницата со улицата „Александар Македонски“ до крстосницата со улицата „Павел Шатев“. Со третиот проект планирана е реконструкција на постојни водоводни линии во градската четврт „Карабдалица“, во централното градско подрачје, а четвртиот проект што го доставивме до Министерството за локална самоуправа значи реконструкција на дел од јавната површина со партерно уредување и поставување урбана опрема во централното градско подрачје кај хотел „Скопје“, изјави прилепскиот градоначалник Борче Јовчески кој проектите ги претстави на прес-конференција во Општината.
Во меѓувреме, се работи на нови проекти за наредната година, кога Општината како државна поддршка очекува 8 милиона евра, според бројот на жителите.
- За наредната година се предвидени 9 проекти, меѓу кои: обиколница кај селото Оревоец, уредување на влезот во градот од кај Македонски Брод, подземни контејнери, како и нова градинка во населбата „Рид“, рече Јовчески.
Карбинци - Општина Карбинци од денеска има уште едно возило за собирање на комуналниот отпад. Возилото е обезбедено по пат на донација и кофинансирање од буџетот на Општина Карбинци. По тој повод денеска во посета на Општина Карбинци беа Амбасадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија, Вероник Хулман, Армен Грегоријан, постојан претставник на Развојната програма на Обединетите нации (УНДП) во земјава и министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
Министерот за локална самоуправа, Перински истакна дека ова возило е обезбедно преку проектот „Зајакнување на општинските совети“.
-Проект кој многу и помага на општините во нивниот развој и обука на своите кадри, во обуката на советниците кои функционираат во рамки на Советот, во зголемување на транспарентноста. Во соработка со граѓаните преку еден инклузивен процес се отвори потребата од набавка на ова возило и преку проектот се набави, изјави Перински.
Со обезбедувањето јавни услуги за граѓаните, како и транспарентноста и отчетност кон нив се подобрува демократија која според Амбасадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија, Хулман започнува од локалните самоуправи.
-Ние сметаме дека демоктаријата започнува на локално ниво, каде граѓаните работат, соработуваат со локалните самоуправи и нивните потреби се земаат во предвид, вели Хулман.
Проектот е поддржан и од страна на УНДП. Постојаниот претставник на Развојната програма на Обединетите нации (УНДП) Грегоријан истакна дека продолжува и во наредниот период.
Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов додаде дека е благодарен на оваа донација, бидејќи со ова возило комуналното претрпијатие има две возила за собирање на отпадот. Вредноста на целото возило за собирање отпад е 4.900.000 денари.
Делчево - Во Делчево денеска беше презентиран извештајот од првото Социјалното мапирање на лица со попреченост. Активноста е дел од проектот „Регионална соработка за подобра социјална инклузија на локално ниво" во Општина Делчево и има за цел да ги утврди потребите на одделни категории на граѓани и предизвиците со кои се соочуваат.
За реализација на проектот како што информираше Сузана Петровска од Општина Делчево, општината доби грант за спроведување на социјално мапирање и обезбедување на услуги за рехабилитација и реинтеграција за лица со попреченост.
-Проектот се реализира со поддршка на ГИЗ и ЗЕЛС, а Општина Делчево е една од вкупно две општини во кои ќе се имплементира овој проект, истакна Сузана Петровска од Општина Делчево. Следна цел е да се дефинираат препораките, кои ќе бидат формулирани во мерки и активности, кои што ќе се преземат од страна на општината. Дополнително, Општина Делчево ќе добие поддршка за обезбедување услуги за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост, истакна Петровска.
Социјалното мапирање беше спроведено во период 2023-2024 година, и како што додаде Петровска е прво мапирање на ранливите категории граѓани.
-Избраните локални самоуправи исто така ќе бидат вклучени и во активности за градење на капацитети за воспоставување и испорака на услуги за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост.
Во оваа насока, ќе се формира Кластер за учење за услуги за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост со кој ќе управува ЗЕЛС, со стручна поддршка на искусни практичари, додаде Петровска.
Извештајот пред присутните го презентираше проф.д-р Јован Ананиев од Правен факултет при Универзитет „Гоце Делчев" од Штип, а на настанот учествуваше и претставник на Центар за европска граѓанска иницијатива, којашто организација е партнер за спроведување на социјалното мапирање.
Самиот извештај вклучува неколку ризик фактори, преку кои се гледа состојбата на лицата со попреченост во Општината, а со истражувањето како што додаде проф.Ананиев биле опфатени 70 испитаници од општината
-Меѓу ризик факторите ќе ги напомена. социо-економскиот статус, проблемите во домот, вклученоста во процесот на донесување одлуки, дискриминацијата и изложеноста на природни катастрофи. Освен анкетирањето, реализиравме и три фокус групи со претставници на институции кои што се дел од Општинскиот Совет за социјална заштита, со лица со попреченост или родители/ старатели на лица со попреченост и сегашни или идни корисници на Центарот за рехабилитација и реинтеграција. Исто така направивме и гео-мапирање на главните објекти, истакна Ананиев додавајќи дека од сето тоа е изготвен извештај на 90 страници во кој се ж содржани заклучоците и препораките до надлежните институции.
Проектот ќе обезбеди техничка помош на две локални самоуправи со цел да се зајакнат нивните капацитети за примена на социјално мапирање и принципот „Не оставајте никого зад себе" (LNOB), co цел идентификување на потребите на лицата со попреченост како ранлива група.
Овој регионален проект е имплементиран од Мрежата на асоцијации на локални власти на Југоисточна Европа (НАЛАС) и Асоцијациите на локални власти од Западен Балкан.
Велес - Во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес беше промовирана книгата „Убиецот кој не ме УБИ“ првенец на младата роднокрајната авторка Ивана Милошевска. Промоција беше од хуманитарен карактер. Сите собрани средства од книгата ќе одат за лекување на Ивана во Турција.
Оваа книја ја опишува нејзината лична борба поттикнувајќи надеж и сила кај сите кои се соочуваат со слични предизвици, истана Снежана Бошевска, директор на библиотеката и еден од промоторите.
- Ова девојче не само што се бори за своето здравје, туку и ни покажува дека соништата можат да станат реалност. Нејзината книга е доказ дека секој од нас има сила да направи разлика, да создаде нешто вредно и да остави трага во светот, истакна Бошевска.
Вториот промотор Весна Атанасовска порача нека оваа книга биде инспирација за сите нас да ги следиме нашите соништа, да не се откажуваме пред пречките и да веруваме во себе.
-Нека нејзината приказна не потсети дека животот е дар и дека секој момент е можност за нов почеток, рече Атанасовска.
Авторката на книгата Ивана Милошевска појасни дека во втората половина од книгата, како што наведе, „убиецот, мојот сопатник, онаа опака болест, леукемијата и ракот“, ја натарала да биде многу посилна од она што мислела дека ќе биде.
- Да говорам без влакна на јазикот, дали останатите луѓе би ме разбрале или не, дали би повредила некого со моите зборови, бидејќи вистината и само вистината успева денес да ја зголеми свеста кај луѓето, порача Милошевска.
Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски денеска го пуштија во употреба Спортско рекреативниот центар „Бранители“ во населеното место Љуботенски Пат во Општина Бутел, проект во вредност од 8.100.000 денари, средства обезбедени од општинскиот буџет. Во спортско рекреативниот центар има фудбалски терен со вештачка трева, баскет терен со специјална подлога, како и детско игралиште, мини парк и шеталиште за жителите.
-Овој прекрасен спортско рекреативен центар го носи името „Бранители“ во чест на сите оние кои застанаа во одбрана на татковината кога беше потребно. Предизборно ветив два вакви спортско рекреативни центри, но до крајот на мандатот секое населено место ќе доби спортско рекреативен центар. Овој е веќе четврти, а нови четири ќе започнеме во текот на есенскиот период, еден ист вакво во населеното место Бутел 1 кај местото Ударници, еден почнуваме за неколку дена во населба Радишани веднаш под училиштето Ацо Шопов, еден почнуваме во горната зона на населба Радишани и уште еден во почетниот дел на Кучевишка Бара, изјави градоначалникот Костовски.
Нагласи дека за три години веќе се изградени околу 15-тина дополнителни спортски терени.
-Општина Бутел во текот на вчерашниот ден испрати соодветни проекти за мега проектот на Владата за поддршка на општините. Испративме два круцијални проекти и неколку помали и до Нова година треба да добиеме 100 милиони денари. Со овие средства ќе реставрираме и реконструираме 20 големи и клучни сообраќајници, ќе го реализираме и долгоочекуваниот парк од 10 илјади квадратни метри со голем плоштад на третиот влез во населба Радишани и целосна обнова и изградба на трим патека на коритото на реката Серава и за доградба на коритотот на Серава за уште 200 метри со што вкупно ќе бидат изградени 1.700 метри, појаси Костовски.
За следната година најави дека општина Бутел треба преку проектот на Владата да добие околу 4,5 милиони евра, пари кои ќе бидат искористени за нова поликлиника на територијата на општина Бутел за што веќе е остварена средба со министерот за здравство Арбен Таравари, формирани се работни групи и веќе е почнат да се изработува проектот.
Премиерот Мицкоски истакна дека општина Бутел е прилично активна кога станува збор за капитални инвестиции и додаде дека во текот на вчерашниот ден општина Бутел заедно со уште други 65 општини поднесоа повеќе од 215 проекти, коишто се дел од иницијативата за реалокација на средства од централниот буџет кон општините за решавање реалните потреби на граѓаните.
-Повеќе од стотици илјади наши сограѓани ќе имаат решени реални проблеми коишто се напластувале изминативе децении. Убеден сум дека реализацијата на овие капитални инвестиции ќе продолжи и во иднина и во следната година, во 2025 година. Како Влада ќе поддржиме изградба на поликлиника во Бутел и мислам дека со реализацијата на сите овие проекти ќе бидат решени многу проблеми на бутелчани, но и не само на бутелчани туку и насекаде низ цела Македонија на граѓаните коишто изминативе децении се соочуваа со такви предизвици, изјави Мицкоски.
Заклучно со вчерашниот ден, како што посочи, проекти поднеле 66 општини не се само од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, таму, како што рече, има општини од СДСМ и од ДУИ и други општини од коалицијата ВРЕДИ, политичката партија ЗНАМ, независни кандидати коишто се градоначалници.
-Исклучително сум задоволен и очекувам денеска да пристигнат и други предлози, да дојдеме до 250 проекти што значат подобри услови за живот на стотици семејства и тоа е суштината на овој проект, да направиме нешто коешто ќе биде соодветен одговор на реалните потреби на граѓаните, а со тоа да реализираме што е можно поголем број капитални инвестиции и да ја придвижиме економијата. Затоа е потребен и унгарскиот кредит, затоа што не само овие 250 милиони евра за општините, туку и 250 милиони евра за бизнисот којшто ќе предизвика, ќе имплицира дополнителни 250 сопствени средства милиони од страна на бизнисот, значи ние ќе имаме инвестициска активност од половина милијарда евра плус 250 милиони евра од општините. Тоа до сега не се случило, порача Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Куманово - Итна помош Куманово бележи зголемен број на интервенции со намалувањето на температурите, информираа денеска од здравствената институција. Лекарите пружаат помош при вртоглавици, зголемен притисок и други здравствени тешкотии особено кај хронично болните лица.
За неколку дена температурите особено утринските и ноќните се спуштија и за 15-тина степени. Ова промена потешко ја доживуваат повозрасните, но не се имуни ниту помладите кои ја чувствуваат промената со болка во зглобови, главоболка.
- Со врнежите, падот на температурата се зголеми и бројот на пациенти кои се јавуваат во итна помош. Oсобено чуствителни се повозрасните со хронични болести, белодробни болести, зголемен крвен притисок. Се јавуваат пациенти со ревтамски заболувања, пациенти кои имаат проблеми со болки во кичма, зглобови, изјави доктор Валентина Тодоровска Трајковска, од Итна помош Куманово.
Помладите полесно се адаптираат кон временските промени. Дел од нив се јавуваат за совети, обично за упорна главоболка.
- Кај повозрасните оди потешко, кај работоспособното население адаптацијата поминува за ден, два, вели д-р Тодоровска.
Од итна помош Куманово информираа дека е зголемен број на интервенции кај млади за интоксикација од алкохол, како и на сообраќајни несреќи. Оттаму апелираат до возачите да внимаваат, да не им опаѓа концентрацијата, да ја приспособат брзината на состојбата на патиштата.
- Промена на температура, влажни коловози имаше зголемен број на сообраќајни незгоди. Намалена е концентрацијата, да бидат особено внимателни. Младите да се воздржат од консумација на алкохол, забележавме зголемен број на интоксикации кај помладите за време на викендите, родителите да се ангажираат околу малолетните деца, изјави д-р Тодоровска.
Лекарите советуваат пациентите да не земаат лекови на своја рака, да си ја пијат редовната терапија, исхраната да се базирана овошје и зеленчук и да се внесува доволно течност.
Кавадарци - Германски претставник денеска изрази задоволство од реализиран проект финансиран од германската КФВ банка во Кавадарци. Брајан Шонеси, главен резидент инженер задолжен за техничкиот дел на проектот, реализација на терен и надзор на изведувачот, 18 месеци бил вклучен во реализација на проектот. Една година по гарантниот рок, денеска се врши финална контрола.
- Исклучително сум задоволен со квалитетот на градежните работи во рамките на проектот. Задоволен сум од динамиката на изведба. Сето тоа немаше да биде можно без помошта и поддршката од „Комуналец". Целосно сум задоволен од соработката со „Комуналец" и Општината. Претпријатието ни беше постојано на располагање, секогаш брзо реагираше кога имаше потреба од тоа. Активностите се одвиваа во најдобар ред, рече Шонеси, изразувајќи надеж дека ќе има и многу други проекти со Кавадарци.
Директорот на „Комуналец", Гоце Ангеловски појасни дека станува збор за трета соработка со банката. Првите две соработки биле со кофинансирање од страна на „Комуналец". Поради целосно успешна реализација на тие проекти, бил одобрен грант од 2.5 милиони евра.
- Во изминатиот период успешно се реализираа проекти во рамки на Програмата за водовод и канализација на Република Македонија, финансирани од Германска банка за развој КФВ. Интензивно се работеше на повеќе локации во општина Кавадарци. Населба Ваташа, новиот центар на градот, булевар ,,Македонија" и дел од Западен булевар, улиците „Никола Минчев", „Вишешница", „Мито Хаџи Василев - Јасмин", „7 ми Септември", „Вардарска", дел од село Марена. Приоритет на проектот беше поставување на атмосферска канализација, но каде беше потребно се изведе и фекална но и водоводна канализација. Изведени беа околу 7,0 километри канализација, фекална и атмосферска, плус водоводна мрежа. Значителен дел од средствата беа искористени и за асфалтирање и поплочување на улиците, додаде Ангеловски.
Претседателот на Советот на Општината, Стојанче Рамов, од името на локалната самоуправа, се заблагодари на стратешките партнери од Сојузна Република Германија, на партнерите од оваа банка, со кои се има долгогогодишна соработка, околу проекти од фекална и комунална изградба, одвојување на фекална и атмосферска канализација, асфалтирање, поплочување и бетонирање на улици.
Василево - Во општинскиот центар Василево започна изградбата на ново спортско-рекреативно катче кое со планираните содржини треба одговори на современите потреби на живеење на жителите од ова населено место. Лоцирано е во близина на постојното мало игралиште на улицата што води кон излезот од Василево во правец на компанијата „11-ти септември“.
Градоначалникот на општина Василево Славе Андонов ја објави информацијата на својот фејсбук профил.
-Ова е место кое, за жал, изминатите години беше целосно запуштено и претворено во депонија. Изградбата на ова рекреативно катче опфаќа изградба на детско игралиште со нови модерни содржини, опрема за вежбање и рекреирање, нов парк и нови зелени површини, нова урбана опрема (клупи и корпи за отпадоци), напиша Андонов.
Во рамки на овој проект ќе се реконструира и постојното игралиште, односно ќе бидат поставени нови стативи, мрежи, ќе биде одбележано и оградено со метални столбчиња и во најбрзо време ќе се асфалтира и улицата покрај самото спортско катче.
Овој зафат ќе се реализира во рамките на проектот Програма за развој на заедницата, кој е финансиран од УСАИД, а се имплементира на територијата на ЛАГ Беласица – Огражден (Локална акциона група – Беласица-Огражден), во партнерство со Мрежата за рурален развој на Македонија.
Пред нешто помалку од две години со истите партнери успешно беше реализиран проектот за изградба на парк во селото Чанаклија.
Крива Паланка - Општина Крива Паланка денеска официјално го отвори конкурсот за годинашната награда „8 Октомври“, највисоката награда што се доделува во знак на општествено признание за особени постигнувања од значење за развојот на општината и афирмација на градот во Република Северна Македонија и светот.
Наградата се доделува за достигнувања во стопанството, науката, уметноста, културата, спортот, воспитанието и образованието, заштитата и унапредување на животната средина и природата, како и во други области на трудот и творештвото на поединци или правни лица, а истата ќе биде врачена на свеченостите по повод 8 Октомври, кога општината прославува јубилеј, 80 години слободна Крива Паланка.
-Наградата „8 Октомври“ покрај на физички и правни лица се доделува и на ученици и студенти за творечки труд или за континуирани успешни резултати во наставни и воннаставни активности, за остварувања во период од една година до објавување на конкурсот, како и за подолг период на работно и творечко ангажирање. Покрај највисоката општинска награда, Општина Крива Паланка доделува и признанија за особени постигнувања и придонес за развојот и афирмацијата на Општина Крива Паланка, на поединци и правни лица од градот, државата и странство како и на странски и меѓународни организации за значајно осварување и постигнување во вкупниот општествен развој од сите области на животот и трудот за унапредување и афирмација на општината, се наведува во конкурсот објавен на веб страницата на Општина Крива Паланка.
Конкурсот трае осум работни дена, заклучно со 23 септември 2024, а предлозите за кандидати се доставуваат до Одборот за доделување награди и признанија на Општина Крива Паланка во писмена форма преку архивата на општината.
Карбинци – Ги поздравувам измените на Законот за локална самоуправа и се надевам дека ќе се случат, истакна денеска министерот за локална самоуправа, Златко Перински, кој во Општина Карбинци присуствуваше на доделување на камион за отпад од страна на Амбасадата на Швајцарија и УНДП.
Министерот за локална самоуправа Перински додаде дека овие измени треба да се случат, со цел за краток временски рок да не се спроведуваат предвремени Локални избори, бидејќи редовните избори се наредната година.
-Треба да размислуваме малку државнички и да кажеме доколку го одложиме овој процес до наредните редовни Локални избори, навистина можеме да заштедиме неколку милиони евра на граѓаните, вели Перински.
Посочи дека вториот аспект за пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да ги донесат измените на Законот за локална самоуправа е што општините, каде што ќе се спроведат предвремени Локални избори ќе бидат дискриминирани по однос на јавниот повик за искористување на 100 милиони евра за инфраструктурни проекти.
- Вториот аспект е исто толку многу битен, затоа што јавниот повик за доделување на 100 милиони евра веќе е во тек. Доколку распишеме предвремени избори во овие локални самоуправи практично, тие локални самоуправи ќе бидат дискриминирани во процесот на реализација на капиталните инфраструктурни проекти, коишто би требало да ги финансираме ние како Влада, рече Перински.
Крива Паланка - Општина Крива Паланка поднесе аплиција за три капитални инфраструктурни проекти на јавниот повик на Владата на Република Северна Македонија за аплицирање проекти од страна на општините што ќе се финансираат преку Министерството за локална самоуправа.
- Со подготвена документација, на повикот на Владата Општина Крива Паланка аплицираше три капитални проекти. Првиот, за изградба на модуларна катна гаража кај зелениот пазар, со обнова на постојната инфраструктура, за кој само првата фаза изнесува 55.000.000 денари. Апликација е поднесена и за реконструкција на централна градска улица од нас.Единство до клучка со магистралниот пат А2, Куманово - Крива Паланка, кај локација технички преглед, а проектот опфаќа и регулација на атмосферската канализација. Истиот е во вредност од околу 54.000.000 денари, додека третиот проект за кој аплицираме е „Реконструкција на постојниот пат од манастирски комплекс „Св.Јоаким Осоговски" до туристичкиот локалитет „Калин Камен", за кој се проектирани околу 55.000.000 денари, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.
Јавниот повик на Владата завршува денеска, по што се очекува фазата на одлучување во надлежните институции, за општините да можат да бидат корисници на средства за подобрување на условите за живот на своите жители преку реализација на капитални проекти.
Од Општина Крива Паланка посочуваат дека трите проекти се очекува да овозможат урбанизација, решавање на проблемот со недостаток на паркинг места во градот и намалување на сообраќајниот метеж, како и унапредување на инфраструктурата за развој на туризмот и модернизација на општината.
Согласно јавниот повик на Владата за реализација на проекти на општините им стојат на располагање средства во вкупна вредност од 250 милиони евра.