• четврток, 26 септември 2024
МИА Радио флеш

11 септември 2024

-Премиерот Христијан Мицкоски очекува во ноември да објават нови инвестиции. Станува збор за две инвестиции кои ќе бидат проширување на веќе постојни капацитети кои работат во земјава, како и за една странска инвестиција за која преговорите се во финална фаза. Новата инвестиција која доаѓа од европска држава, како што рече Мицкоски, е во финална фаза на преговори и имаат дневна комуникација со потенцијалниот инвеститор. - Во периодот што следи работиме на три нови инвестиции. Две се на постојни инвестиции кои веќе работат кај нас и ќе направат проширување на своето производно портфолио. Очекувам во ноември полека, но сигурно, да ги објавуваме овие позитивни вести за граѓаните. За инвестицијата од 150 милиони евра, во последна фаза сме на преговори со една голема европска земја која е членка на ЕУ, се натпреваруваме за оваа инвестиција. Дневно комуницираме со потенцијалниот инвеститор и доколку тоа се случи, ќе биде голем чекор напред за нас како држава и како Влада, рече Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата.

- Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека се подготвува есенска кошничка со производи кои граѓаните највеќе ги употребуваат, но како што најави, ќе има и пролетна кошничка. Во однос на Законот за нефер трговски практики, пак, напомена дека Владата ќе му излезе во пресрет на стопанството доколку тоа побара одреден период за прилагодување. Одговорајќи на новинарски прашања по работилницата за проширување на позитивната листа лекови, Мицкоски истакна дека полека, но сигурно цените се стабилизираа, а добар резултат е и стапката на инфлација која во август изнесуваше  2,2 отсто.

-Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска е во работна посета на Кралството Шпанија, каде ќе оствари средба со својот домаќин, министерот за надворешни работи, Европска Унија и соработка, Хозе Мануел Албарес Буено. За време на посетата министерт Муцунски, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, ќе се сретне со членови на Комисијата за надворешна политика на Сенатот на Шпанија, со потпретседателот на Шпанската конфедерација на бизниси (CEOE), Inigo Fernandez de Mesa, а ќе има и свое обраќање на Кралскиот Институт El Cano на тема „ЕУ интеграции како императив за безбедност, стабилност и развој на регионот на земјите од Западен Балкан”.Во фокусот на разговорите, како што информираат од Министерството, ќе бидат политичките релации меѓу двете земји, можностите за унапредување на билатералната соработка, со посебен фокус на перспективите за продлабочување на економските односи.

-Отсуство на одредби за утврдување на платите на вработените во судовите кои вршат технички и помошни работи, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во системските слабости што ги утврдил од извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Основен граѓански суд Скопје (Сметка на основниот буџет 603, Сметка на основниот буџет 631 и Депозитна сметка 696). Во апстрактот од извештаите ДЗР наведува дека средствата кои се издвојуваат од Буџетот за 2023 година за финансирање на Судската власт не го достигнуваат законски утврдениот процент од 0.8 проценти од Бруто домашниот производ на Буџетот на Република Северна Македонија, односно одобрените средства во износ од 2.690.800 илјади денари претставуваат 0,3 проценти од БДП и истите се за 58 проценти помали од законски утврдениот лимит.   

- Над 1,3 милиони ученици во Грција денеска се враќаат во училишните клупи, а новата учебна година започнува со десет промени, меѓу кои и забрана за користење на мобилните телефони за време на наставата, додека за прекршување на мерката, но и за снимање или сликање предвидени се казни, јави дописничката на МИА од Атина. Првото училишно ѕвонче наместо денеска ќе заѕвони утре во училиштата во северниот дел на Грција, откако поради невремето „Атена“ што ја зафати земјата беше одлучено да се пролонгира за еден ден почетокот на наставата. Учебната година во Грција носи и новини, а меѓу другото, годинава има дополнителни вработувања на 10.000 просветни работници, се воведуваат автономни класови во оддалечени и малку населени места, а први се малите острови Гавдос и Арки, се проширува програмата со интерактивните табли; се воведува специјална апликација e-Parents за информирање на родителите и старателите за оценките на учениците, а за оние кои ќе полагаат државна матура, ќе постојат попладневни бесплатни дополнители часови за подготовка. 

- Мостот Карола на реката Елба, во германскиот град Дрезден, ноќеска ненадејно се урна, по што делови од него, што го поврзува историскиот стар град со новиот град, паднале во реката. Весникот „Билд“ пренесе дека постои опасност и други делови од мостот да се урнат. Граѓани на Дрезден утринава изјавуваат дека слушнале тресок околу три часот по полноќ. -Слушнав огромна експлозија, што ме разбуди. Не можев да видам ништо во мракот, а потоа слушнав сирени, изјави Хендрик Пач за Билд. Мостот Карола е еден од најважните мостови во Дрезден. Тој беше уништен во Втората светска војна и повторно изграден како автомобилски мост со четири ленти за време на Германската Демократска Република (ГДР).

-Руските сили започнаа значајна контраофанзива против украинските војници кои минатиот месец влегоа во западна Русија и зазедоа дел од територијата, објавија промосковските воени блогери. На 6 август, Украина го започна најголемиот странски напад врз Русија од Втората светска војна, пробивајќи ја границата во рускиот регион Курск со илјадници војници поддржани од големи количини беспилотни летала и тешко оружје, вклучително и оружје од западно производство. Јури Подољак, проруски воен блогер роден во Украина и уште двајца влијателни блогери, Рибар и Два војника, изјавија дека руските сили започнале значајна контраофанзива во Курск. „Во регионот Курск, руската армија започна контраофанзивни дејства на западното крило на непријателскиот клин, намалувајќи ја украинската контролна зона во близина на државната граница“, се наведува на блогот „Два војника“. 

-Литванскиот претседател Гитанас Науседа и премиерката на Летонија Евика Силина утринава пристигнаа во Киев, соопштија функционерите на своите социјални мрежи. - Само што пристигнав во Киев. Убаво е да се вратам и да го видам мојот драг пријател, претседателот Володимир Зеленски во знак на солидарност со Украина. Воената и економската поддршка на Украина е од клучно значење за заштита на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, напиша Науседа на Х. Премиерката на Летонија на Х објави видео од пристигнувањето на железничката станица во Киев и најави дека нејзината земја ќе биде со украинскиот народ до нивната победа и на патот на интеграцијата во ЕУ и НАТО.

-Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами денеска ќе го посетат Киев, каде ќе се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски и други официјални лица. Блинкен рече дека ќе разговара за воените цели на Киев и начините на кои Вашингтон може да помогне. „Мислам дека ова е клучен момент за Украина во средината на сезоната на интензивни есенски борби со Русија, која продолжува да ја ескалира својата агресија“, рече Блинкен во Лондон на прес-конференција со Лами.

-Во Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 година се случија терористички напади организирани од екстремната исламистичка група Ал Каеда, во кои загинаа речиси 3.000 луѓе. На тој ден, два патнички авиона, со разлика од 16 минути, удрија во кулите на Светскиот трговски центар во Њујорк, еден од симболите на тој град. Претходно истото утро, членовите на терористичката организација Ал Каеда киднапираа четири патнички авиони, кои потоа ги насочија кон важни објекти, со идеја да ги извршат најразорните напади врз водечките симболи на САД. Првиот удар се случи во 8:46 часот, во Северната кула на комплексот Светски трговски центар. Тоа беше летот 11 на Американ Ерлајнс.

-Само неколку часа по дебатата што цел свет ја чекаше, обложувалниците блага предност даваат за кандидатката на демократите, Камала Харис, која води со околу 2 до 3 отсто пред Доналд Трамп. Американците на 5 ноември ќе излезат на гласање за да го изберат својот следен претседател. Откако Џо Бајден се повлече од претседателската трка, утрово во три часот по наше време се одржа првата дебата меѓу новите противници - Камала Харис и Доналд Трамп. Предвидувањата на веб-страницата Економист покажуваат дека Камала има мала предност за победа на овие избори, така што нејзините шанси се 49,3 отсто, додека поранешниот американски претседател Доналд Трамп има 46,6 отсто од гласовите. Слична е ситуацијата и на веб-страницата Хил (The Hill), која на Камала и даде предност со 49,4 отсто од шансите за победа, наспроти 46 отсто на Трамп.

-Иран се закани дека ќе преземе соодветни „мерки“ како одговор на новите санкции објавени против Техеран од страна на Велика Британија, Германија и Франција, негирајќи ги тврдењата дека и дал балистички ракети на Русија за да ја нападне Украина. -Оваа акција на трите европски земји е продолжување на непријателската политика на Западот и економскиот тероризам против иранскиот народ, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насер Канани. Тој додаде дека „Исламската Република Иран ќе одговори на соодветен и пропорционален начин“, без да прецизира за кои „мерки“ станува збор. Канани уште еднаш ги отфрли тврдењата дека Иран и испорачувал оружје на Русија.

 

 

 

 

Остани поврзан