• петок, 27 септември 2024
МИА Радио флеш

11 септември 2024 

-Деветте нови лекови на позитивната листа пациентите во аптеките ќе можат бесплатно да ги земаат од 16 септември, потврди денеска министерот за здравство, Арбен Таравари. -Токму така, позитивната листа веќе од 16 септември пациентите можат тие девет нови лекови да ги земаат во аптека бесплатно. Значи, влегува во сила од понеделник.Ние подготвуваме платформа заедно со СЗО која што ќе обезбеди транспарентност на целиот процес при идното проширување на лековите. Исто така, препораки ќе имаме од СЗО, меѓутоа и од експертите внатре во државата. Ние би сакале сето тоа проширување на позитивната листа да биде што потранспарентно и што посеопфатна, тоа што најмногу им треба на граѓаните со што би ги намалиле, што помалку трошоците на нашите пациенти и граѓани, вели Таравари. Тој истакна дека не може да вети дека во наредниот период на оваа позитивна листа ќе се најдат уште 10 лекови, но како што вели, гарантира оти на секои три-четири месеци ќе има надополнување од плус еден, два или три лека.

-На покана на Глобалниот форум за сајбер-експертиза (GFCE), министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, учествуваше на панел-дискусија во Вашингтон, САД. Темата на панелот беше „Напредокот во воспоставувањето на национални сајбер-авторитети и развојот на вештини во земјите од Западен Балкан". Како што информираат од Министерството, GFCE е водечка платформа за меѓународна соработка во областа на сајбер-капацитетите, со над 200 членки од целиот свет, вклучувајќи влади, меѓународни организации, компании и академски институции. На панелот учествуваа и претставници од останатите земји од Западен Балкан, како и претставници од Стејт департментот на САД.

-Потребно е подобрување на условите за секое дете, независно од местото на живеење, да има еднакви услови за учење и развој во образовен процес, сметаат дел од учесниците на дебатата „Образование водено од реалните потреби на учениците - паметно инвестирање во наставниот кадар и инфраструктура“, во организација на Здружение за истражување и анализи ЗМАИ. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, пак, смета дека нема подобрување на образованието ако не се рационализираат и трошоците. -Заедно со нашите странски партнери УНИЦЕФ и Светска банка работиме на проектот наречен „Оптимизација на училиштата“, од кој очекуваме силен ефект во подобрување на знаењето на учениците. Што значи конкретно тоа? Училиштата кои имаат два, пет, седум, 10 ученици, тие ќе треба да се припојат на централните училишта каде има повеќе ученици. Зошто? За тие да имаат бенефит од образовниот систем. Прво ќе се социјализираат со ученици од своја возраст, ќе се сместат во подобри инфраструктурни услови, ќе имаат подобри информатички технолошки средства на користење, ќе имаат поголем број различни наставници, ќе се издвојат од сопствената средина каде што де-факто се заробени по цел ден и ќе се дружат со деца каде што ќе можат да развијат компетитивни способности. Тоа значи дека очекуваме овој процес да им овозможи на учениците стекнување на подобри знаења, вештини и компетенции, нагласи Јаневска. 

- До петок треба да биде изготвена есенската потрошувачка кошница со околу 100 прехранбени производи, јавува МИА. Работната група во која има членови од министерствата за економија, земјоделство и финансии, ќе направи симулација за ограничување на цените или на маржите. - Значи ќе се направат пресметки со намалување на маржите на 5, 10 или 15 проценти на трговија на мало или замрзнување на цените на одредено ниво. Симулацијата треба да даде информација кое ќе биде најповолното решение за крајните цени за потрошувачите и какви ќе бидат фискалните импликации од оваа мерка, вели во изјава за МИА министерот за економија Бесар Дурмиши.

-Судскиот совет на Република Северна Македонија одржа јавна расправа во врска со постапка иницирана по поднесени барања за одговорност на судијата од Основниот суд Кавадарци Лазар Нанев. На седницата, не присуствуваше судијата Нанев, иако барал од Судскиот совет да биде јавна, за да може јавно да се произнесе по наводите. Претседателката на Комисијата Лорета Георгиева информира дека Нанев поканата ја примил на 8 февруари, но до започнување на денешната расправа не пратил известување. 

-Против шест полициски службеници е поведена дисциплинска постапка за случајот кога делегацијата предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши помина на граничниот премин Блаце.  - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди (ОВККИПС) при МВР го расчисти случајот од 17 август 2024 на граничниот премин „Долно Блаце“ при обезбедување на делегација на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и по извршен увид во службените материјали, анализа на видео надзорот и извршени разговори со полициски службеници, поради сторена повреда на работниот ред и дисциплина утврдено во член 187 став 1 алинеја  10  од Законот за внатрешни работи, и член 210 став 1 алинеја  10  од Колективниот договор на МВР, од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе бидат изготвени предлози за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полициските службеници Н.Р., М.С., А.Б., Б.А, Н.Б. и Б.С., се наведува во соопштението од МВР.

-Борбата против организираниот прекуграничен криминал за прашања поврзани со нелегалната миграција, трговијата со дрога, нелегалното сечење дрва и собирање билки од планината Грамос, биле во фокусот на средбата на претставници на полициите на Грција и Албанија предводени од генералниот регионален полициски директор на грчката област западна Македонија Константинос Спанудис и генералниот директор на полицијата во Корча Ѓовалин Лока, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина. АНА-МПА објави дека според претставници на грчката полиција, на средбата била потврдена „одличната соработка меѓу полициите на двете земји, која претставува основа за решавање на различни прашања“, а била нагласена потребата за дополнително „зајакнување на соработката, преку иницијативи и активности, како што е одредување контакт точки за подиректна размена на информации“.

-Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со израелскиот претседател Исак Херцог денес во Белград изјави дека е горд што во Србија нема изливи на антисемитизам. На средбата е разговарано за потпишување на Договор за слободна трговија. Исак Херцог порача дека Израел е во борба и порача дека целиот свет треба да се спротивстави на теророт, јави дописникот на  МИА од Белград. -Денеска разговаравме за сите важни прашања за меѓусебната соработка на нашите две земји и за тоа што се договоривме, а ќе видите подоцна и по нашата голема и важна средба поврзана со иновациите, технологијата, вештачката интелигенција, ИКТ секторот, потпишувањето на неколку договори. За нас е исклучително важно што поскоро да склучиме договор за слободна трговија со Израел, рече Вучиќ во своето обраќање.

-Во Тирана денеска почна тридневен  Самит на жените од Авганистан, што е најголема средба на активистки за човекови права на жени и девојки од Авганистан во последните три години.Поздравувајќи ги присутните на овој самит, албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани рече дека „тој е прв од овој формат кој се одржува во Тирана“, оценувајќи го при тоа како историски настан, бидејќи „првпат се собрале толку голем број жени активистки од Авганистан“. Хасани нагласи дека Албанија е дел од меѓународните напори за воспоставување мир и стабилност во Авганистан, во рамките на мисијата ИСАФ, а потоа и преку мисијата „Одлучна поддршка“, предводена од НАТО.

-Специјалното обвинителство на Косово поднесе обвинителен акт за терористичкиот напад во септември минатата година во Бањска во Звечан, јави дописникот на МИА од Приштина. Главниот обвинител на Специјалното обвинителство Блерим Исуфај рече дека обвинението е поднесено против 45 лица. Обвинението доаѓа речиси една година по нападот. Премиерот Албин Курти во континуитет го критикуваше Специјалното обвинителство дека не подигнало обвинение. Критики упати и министерката за правда Албулена Хаџиу.

-Кремљ денеска ги отфрли извештаите дека Иран и испорачувал ракети на Русија, велејќи дека тврдењата за различни трансфери на оружје се неосновани. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера изјави дека Русија добила балистички ракети од Иран и најверојатно ќе ги употреби во Украина во рок од неколку недели, предупредувајќи дека соработката меѓу Москва и Техеран ја загрозува европската безбедност. Техеран ги нарече тврдењата на САД „грда пропаганда“. Кремљ денеска укажа и дека не му се допаѓа начинот на кој името на Владимир Путин се користеше во дебатата меѓу Камала Харис и Доналд Трамп и ги повика да престанат да го вовлекуваат во нивната политичка борба.

-ЕУ успеа да ги справи со критичните ризици за безбедноста на снабдувањето со енергија, да ја врати контролата врз енергетскиот пазар и цените и да ја забрза транзицијата кон климатска неутралност, се наведува во денеска објавениот Извештај за состојбата на Енергетската унија за 2024 година на Европската комисија. Според извршниот потпретседател на ЕК за Европскиот зелен договор и меѓуинституционални односи Марош Шефчовиќ, Извештај го покажува невидениот напредок што го постигна  ЕУ во зајакнувањето на Енергетската унија, намалување на емисиите на штетни гасови и зголемување на учеството на енергија од обновливи извори во енергетскиот систем на блокот. - Треба брзо да ја спроведеме новата политика и регулаторна рамка за справување со зголемените цени на енергијата и да го забрзаме развојот на инфраструктурата, истакна Шефчович. 

- Папата Франциск денеска од Источен Тимор пристигна во Сингапур на последната етапа од 12-дневното патување низ Југоисточна Азија и Океанија. Папата и неговата придружба пристигнаа во градот-држава во дводневна посета, која вклучува говор пред политичките власти и миса на Националниот стадион, за која Ватикан очекува дека ќе привлече околу 55.000 луѓе. Папата ќе оствари и приватни средби со претседателот Тарман Шанмугаратнам, премиерот Лоренс Вонг и поранешниот премиер Ли Хсиен Лунг. Папата отпатува од Дили, главниот град на Источен Тимор, каде што вчера служеше миса со околу 600.000 од вкупното население на земјата од 1,3 милиони.

- Јужноафриканската Република (ЈАР) најави дека следниот месец ќе поднесе барање до Меѓународниот суд на правдата (ИЦЈ) за продолжување на тужбата со која се обвинува Израел за геноцид во Појасот Газа.

- Јужноафриканската Република планира да обезбеди факти и докази кои ќе докажат дека Израел врши злосторство геноцид во Палестина. Овој случај ќе продолжи сè додека судот не донесе заклучок. Додека случајот е во тек, се надеваме дека Израел ќе ги почитува привремените судски мерки издадени досега, се наведува во соопштението на Претседателството на ЈАР. Во соопштението се истакнува и дека тужба за геноцид против Израел е дел од растечките глобални напори за обезбедување мир на Блискиот Исток. Неколку земји, како Турција, Никарагва, Палестина, Шпанија, Мексико, Либија и Колумбија, се приклучија на случајот, кој започна со јавни расправи во јануари во Хаг.

Остани поврзан