• петок, 20 септември 2024
МИА Радио флеш

11 септември 2024 

-Собранието денеска при утврдување на дневниот ред на 14. седница  со  69 гласа  „за“, 17 „против“ и без воздржани, прифати по скратена постапка да се носи Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа. За законските измени постапката ќе продолжи во Комисијата за локална самоуправа и Законодавно-правната комисија, а за да се изгласаат потребно е двотретинско мнозинство. Со предложените измени се предвидува вршителот на должност градоначалник во општините каде по сила на закон им престанал мандатот на избраните градоначалници да можат да ја извршуваат оваа функција до изборот на нов прв човек на општината. По парламентарните избори во земјата и изборот за министри и пратеници, в.д градоначалници има во Аеродром, во Гостивар и во Сарај.  Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ и еден од предлагачите на законот Никола Мицевски рече дека  законските измени треба да овозможат да нема избори за нов градоначалник до редовните избори ако има помалку од 12 месеци. Станува збор, потенцираше, за преодно решение кое ќе важи само до претстојните локални избори до октомври следната година.  

 

-Претседателот на Владата и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска рече дека средби меѓу ВМРО - ДПМНЕ и опозициските партии имало, но тоа било во периодот кога се менувал Законот за Влада и настанало преструктуирање на ресорите. Мицкоски кажа дека имал средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети кога се менувал овој закон, односно како што беше прашан во вчерашното интервју, откако веќе бил премиер. -Тоа не е некоја нова вест, бидејќи прашањето кое вие го поставувате е резултат на едно мое вчерашно интервју, а прашањето беше Дали откако сте премиер сте се сретнале и мојот одговор беше да, и тоа е таа средба и претходно знаеше јавноста за таква средба кога се менуваше тој Закон. Така што тоа е и не нова вест, вели Мицкоски. Што се однесува за протестите, Мицкоски одговори дека неговата изјава не е за протестите кои ги најавува опозицијата.

-Трошоците што земјава треба да ги плати за провизија за правни услуги за да го земе заемот од Унгарија од половина милијарда евра е нормална процедура и е 10 пати помалку од она што сме го плаќале досега за заеми, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по објавите дека треба да се плаќа провизија за правни услуги на независна фирма, избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка. - Трошоците изнесуваат 70 илјади евра, тоа е нормална процедура и тоа е 10 пати помалку од тоа што сме го плаќале претходно за заеми. Од овие половина милијарда што ќе бидат земени како заем, овие 70 илјади евра се трошоците и тоа е нешто повеќе од 0,1 процент, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата. 

- Утре истекува рокот во којшто општините треба да го пополнат апликативниот формулар за јавниот повик за реализација на проекти во вкупна вредност од 250 милиони евра што го распиша Министерството за локална самоуправа. Премиерот Христијан Мицкоски очекува овој процес да заврши успешно. Како што денеска изјави само во текот на вчерашниот ден апликации поднеле 10 до12 општини. - Во текот на вчерашниот ден имаше некаде околу 10 до 12 општини коишто веќе ги поднеле своите апликации. Очекувам денеска тој процес да забрза и утре да заврши успешно. Потоа следи евалуација на истите, да видиме со што располагаме и потоа започнуваме со реализација на ветеното, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата.

-Премиерот Христијан Мицкоски денеска зборувајќи за настанот со црквата во село Галате апелираше да не се игра на етничка и верска карта, посочувајќи дека очекува да има и други вакви изолирани инциденти. Мицкоски додаде дека и владиката и жителите се оградиле од вакви инциденти. - Цело време предупредувам дека не треба да се игра на етничка и верска карта бидејќи тоа е картата на која што овие криминалци кои во изминатите години печалеа на грбот на народот ќе се обидат да предизвикаат нестабилност итн., и ова се такви изолирани инциденти што ќе следат. Ја слушнавте изјавата и на владиката, слушнавте и ја прочитавте прес-конференцијата на којшто се оградува од ваквите инциденти, жителите на село Галате кои исто така се оградуваат од ваквите инциденти, рече Мицкоски. Она што е интересно, според Мицкоски, е дека на социјалните медиуми за едно од лицата инволвирани во случајот излегле слики на коишто се гледа дека тој е во друштво на политички активни ликови.

- Северна Македонија има за цел да се откаже од употребата на јаглен за енергетски потреби до 2050 година, почитувајќи ги роковите на ЕУ за транзиција кон обновливи извори на енергија, изјави првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити на 9. годишна конференција за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа во Вашингтон. Како што информира денеска МЖСПП тој нагласил дека преминот од јаглен до 2050 година бара силна финансиска и техничка поддршка. Помошта и финансирањето, според него, се клучни за трајна трансформација и за обезбедување правична транзиција за погодените заедници. 

- Иако покриеноста со лекови во земјава драстично се подобрила последниве години, катастрофалните здравствени трошоци се уште се вистински проблем, особено за посиромашните семејства. Во 2018 година 80 отсто од плаќањата од џеб биле за амбулантски лекови, а овие плаќања сочинуваат 42 процента од вкупните здравствени трошоци што е далеку над просекот на ЕУ од 22 отсто, покажува еден од најновите извештаи на СЗО за Северна Македонија. Како што рече денеска директорката за здравствени политики и системи во регионалната канцеларија на СЗО за Европа, Наташа Азопарди Мускат, секој, независно од потеклото или околностите, треба да има пристап до здравствена заштита без да доживува финансиски тешкотии, а позитивната листа е клучна за постигнување универзална здравствена покриеност, бидејќи ја олеснува превенцијата на болестите.

-Со оглед на тоа што се случува со нашата демографија, со масовното иселување на нашето население надвор од земјата, веќе се појавува т.н. вишок на наставници иако лично сметам дека наставник не може да биде вишок. Ние, треба само да ги направиме функционални. Затоа Владата уште во предизборната програма направи цела стратегија како наставниците кои ги имаме да ги направиме функционални за да останат во образовниот процес, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање.Таа појасни дека Стратегијата е едносменското работење, подолгиот престој на учениците и на наставниците во училиштата и целодневната настава, која, како што рече, се покажала како многу ефикасна во повеќе земји. 

-Членови на семејствата и граѓани утринава се собраа на протест пред полициската станица во северниот дел на Косовска Митровица, барајќи ослободување на четворицата српски младинци, уапсени во вторникот. Насобраните го изразуваат своето незадоволство со свирежи, извикувајќи „Пуштете ги децата!“ и со транспаренти „Полиција Куртиленд“ и „Дали ЕУ е загрижена“. На протестот се и претседателот на Српската листа Златан Елек, претседателот на Привременото тело на општина Косовска Митровица Иван Запорожац и други членови на Српската листа. Во северниот дел на Косовска Митровица во ножта меѓу понеделникот и вторникот, косовската полиција уапси четворица млади момчиња од српска националност, на кои им е одреден притвор до 48 часа поради сомнение за наводен напад врз службено лице при вршење на должноста.

-Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска допатува во ненајавена посета на Украина, објави ХРТ. Премиерот и хрватската делегација, во која се наоѓаат уште тројца министри од неговата Влада, ќе учествуваат на состанокот на Кримската платформа во Киев, јавува ХРТ. Хрватската влада се уште не објави ништо за посетата. Украинската агенција Укринформ објави дека претседателот на Литванија Гитанас Науседа и премиерот на Летонија Евика Силина утринава пристигнале во Киев, исто така, за да учествуваат на состанокот на Кримската платформа.

-Маратонскиот состанок за електричното поврзување меѓу Кипар и Грција, што вчера се одржа во премиерската плата во Никозија организиран од кипарскиот претседател Никос Христодулидис со учество на сите инволвирани страни не донесе конечен договор, но според министрите за енергетика на двете земји „дискусијата ќе продолжи“, јави дописничката на МИА од Атина. Христодулидис, како што информираа од неговиот кабинет, истакнал дека разговорите биле конструктивни. По средбата, министерот за енергетика на Кипар Јоргос Папанастасиу рече дека на долгиот состанок имало конструктивна дискусија и е нешто што „треба да продолжи и ќе продолжи со консултации меѓу страните“.

-Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ денеска изјави дека предлогот на опозицијата за забрана за истражување и ископ на литиум и бор ќе биде ставен на дневен ред на собраниската седница, иако не прецизираше кога, нарекувајќи го забрана за рударството и дека е предложено „паушално и глупаво“, јави дописникот на МИА од Белград. -Луѓето треба да знаат дека кога Рио Тинто го откри литиумот, т.е. јадаритот, како прво тие не бараа истражување за литиум и, на крајот на краиштата, големото прашање е дали нешто вакво би се усвоило ако се однесува на јадаритот, рече Брнабиќ за ТВ Пинк. Таа додаде дека јадаритот е минерал кој не е ниту литиум ниту бор, туку тие се извлекуваат од јадаритот и праша дали забраната за истражување на бор и литиум ќе важи и за јадаритот.

-Рускиот претседател Владимир Путин од минатата година одложи неколку официјални посети на Турција, пишува Мидл Ист Ај (Middle East Eye). Според порталот, официјалните лица понудиле многу причини за одложувањето на посетите. Некои велат дека Путин од почетокот на војната во Украина ги избегнува земјите кои не биле дел од Советскиот Сојуз, други тврдат дека е поради руските избори претходно годинава. Сепак, извори „запознаени со руските прилики“ за Middle East Eye (МЕЕ) изјавиле дека условите на Путин да ја посети Анкара се главната причина за постојаното одложување. Путин сакал да лета во Турција во придружба на руски борбени авиони, велат изворите, веројатно загрижен поради способноста на Украина да собори авион на рутата на летот. „Барањето на Москва да лета со руски борбени авиони, а исто така евентуално да ги спушти на турска територија, е комплицирана работа, бидејќи системите за воздушна одбрана на НАТО во земјата би можеле да ги сметаат таквите авиони за непријателски цели.

Остани поврзан