• недела, 22 декември 2024

Мицкоски: Членка во ЕУ треба да станеме врз основа на мерит систем, а не со дополнителни идентитетски отстапки

Мицкоски: Членка во ЕУ треба да станеме врз основа на мерит систем, а не со дополнителни идентитетски отстапки

Штип, 20 септември 2024 (МИА) - Мојата порака до луѓето во Брисел е јасна - ако навистина сакате да бидеме дел од европското семејство тогаш има начин, ако има желба има и начин. Повеќе ултиматуми нема да прифаќаме, барем додека јас ја водам македонската Влада, ниту има цена, која може да ме убеди да прифатам ултиматум. Сакам овие граѓани и мојата татковина да бидеме во тоа семејство врз основа на мерит системот, а не врз основа на дополнителни национални срамови и идентитетски отстапки, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање да ги сумира вчерашните пораки кои биле разменети на средбите во високи претставници во Брисел.

Мицкоски вчера во Брисел, каде беше придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани, присуствуваше на работен ручек со лидерите на останатите пет земји од Западен Балкан што го организираше претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, а имаше средби и со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман.   

Тој денеска во Штип повтори дека доколку ЕУ се води според мерит системот, земјава уште утре ќе ги почне преговорите, но нагласи дека очигледно дозволуваат една земја-членка да го билатерализира процесот со нешто, што не е став на останатите 26 земји-членки.

Истакна и во однос на Бугарија мора да важи принципот пакта сун серванда, кој како што, рече ако важи за Преспанскиот договор, треба да важи и за Договорот за добрососедство со Бугарија. Додаде дека „францускиот предлот“ не е договор и напомена дека согласно Договорот за добрососедство Бугарија треба да не поддржува во евроинтегративниот процес, а не да не кочи. 

- Повеќе од две децении бевме во групи  и нешто што се бараше од нас е резултат на билатерални спорови, а не Копенхашки критеруми и нешто што се темели на исполнување на цели и политики, туку тоа повеќе беа национални отстапки. Еден од соговорници на ручекот кажа, а тоа беше еден од лидерите на земјите од Западен Балкан, а тоа е дека е потребно да се жртвуваме. Јас би рекол дека тоа што го  направија македонските граѓани и Македонија не е жртва, ние направивме многу жртви, туку е понижување. Тоа што ни се случуваше изминатите две и пол децении. За жал некои под жртва подразбираат ако сменат закон или два, за нас жртва претставуваше промена на национални симболи,  идентитетски обележја, нешто кое што за жал корупмпираните политички елити, неможејќи да се носат со фактите и аргументите го правеа додека го ограбуваа и понижуваат сопствениот народ и не им беше срам да го понижуваат, со политиката влегуваа како голтари, излегуваа како милионери и тоа е нешто кое што оваа генерација во оваа македонска Влада има за задача да го исправи. Да потсетам на почетоците на овој милениум бевме во група со Романија и Бугарија, за да излеземе од неа, потоа бевме во група со Хрватска, па излеговме, па во група со Србија и Црна Гора за да и таа група не претрка, еве сега и Албанија ќе не претрка, истакна Мицкоски.

На средбите во Брисел вели дека имале суштински разговори, изнеле сериозни аргументи и факти и се согласиле дека иднината на земјава е во европското семејство, како и дека како граѓани и како држава сме направиле многу на патот кон ЕУ. 

Во врска со барањето на поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов за оставка на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, поради изјавите во врска со непоставувањето на македонското знаме за време на неформалната средба на претседателите на двете држави, Гордана Сиљановска Давкова и Румен Радев, минатата недела во Софија, Мицкоски рече дека Николоски веќе дал одговор и оти тој нема што да додаде, но напомена оти како држава треба да го гледаме сопствениот интерес и да не влегувале во замката на нивната предизборна кампања.

-Јас жалам што во отсуство на сериозна визија, проекти и стратегија и политики главна тема во Бугарија е Македонија и македонското прашање, но тоа е нивен избор, не е наш. Им посакувам успешна кампања и конечно по седми пат да изберат стабилна политичка влада со која што ние како Влада ќе можеме да градиме вистински добрососедски односи и целосно да чекориме по патот на нашата интеграција на земјата во рамки на ЕУ. Тоа впрочем се очекува од добри соседи и затоа постои Договор, кој е наречен добрососедски, рече Мицкоски. 

Во врска со најавите на европратеникот од ЕПП-ГЕРБ, Андреј Ковачев за покренување иницијатива за исклучување на ВМРО-ДПМНЕ од Европската народна партија, Мицкоски рече дека сега не е 1 април и оти тоа би била една добра првоаприлска шега. ац/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан