• петок, 20 септември 2024
МИА Радио флеш

 20 септември 2024

- Владата денеска на вонредна седница ја донела предлог одлуката на Министерството за економија и труд за ограничување на бруто профитната маржа до 10 отсто со која ќе бидат опфатени стотина основни прехранбени производи во трговијата на големо и мало, леб, пекарски и млечни производи, млеко, месо и преработки од месо, дел од конзервните производи, овошје, зеленчук,...  За ова информираше премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи дека одлуката биле штотуку донесена на онлајн вонредната седница на Владата, која е во тек и дека за повеќе детали ќе информира министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Има, рече Мицкоски, стотици продукти кои што ќе бидат опфатени со оваа мерка.  

-  Ориз, брашно, тестенини, масло, млеко, јогурт, млечни производи, зеленчук, овошје,  се на листата со 73 три производи во таканаречената есенска потрошувачка кошница. За нив бруто профитната маржа ќе биде ограничена на 10 проценти во трговијата на големо и мало,  а во маркетите ќе бидат обележани со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“, одлучи денеска Владата, на предлог на Министерството за економија и труд.  Одлуката на Владата за ограничување на бруто профитната маржа на дел од основните прехранбени производи  ќе стапи во сила наредниот ден по објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се применува до 31 октомври годинава. Ресорниот министер  Бесар Дурмиши на прес-конференција рече дека  со стапување во сила на оваа одлука се очекува трошоците за храна и безалкохолни пијалоци да се намалат во просек за околу 10 проценти.

- Со сегашниот моментум во проширувањето на Европската Унија, Република Северна Македонија има реална можност да напредува на патот кон ЕУ и да се приклучи на нашето семејство, наведе претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во објава на Икс посветена на неговата вчерашна средба со премиерот Христијан Мицкоски во Брисел.  - Ја поздравувам геостратешката ориентација и посветеност на Северна Македонија за членство во ЕУ, наведе Мишел.  Тој во објавата додава и дека сега е клучно да се спроведат обврските од минатото, да се почитуваат правно обврзувачките договори и решително да се продолжи со реформите поврзани со ЕУ.

 - Министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во Будимпешта имаше средба со својот унгарски колега, Јанош Бока. Средбата, како што соопшти Министерството за европски прашања, беше фокусирана на унапредување на процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, кој е еден од клучните приоритети на Унгарија во рамките на нејзиното претседавање со Советот на Европската Унија. Министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната и гласна поддршка од страна на Унгарија кон земјите од Западен Балкан, особено во контекст на политиката на проширување на ЕУ.

– Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ги разгледа Посебниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата за утврдените состојби во финансирање на изборната кампања за Избор на Претседател на Република Северна Македонија 2024 година и Посебниот извештај за утврдени состојби во финансирањето на изборната кампања за Избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година и го проследи на натамошна постапка во Собранието на Северна Македонија.  Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска, образложувајќи ги двата извештаи, истакна дека во овие документи обезбедиле детална анализа на финансиските текови на идентификуваните слабости, и дале предлог мерки за подобрување на транспаретноста и ефикасноста во изборните активности.  Посочи дека Комисијата постигнала значителен успех во борба против корупцијата и покажала ефикасност и решителност во справување со случаи на неправилности поврзани со изборната кампања, при што се преземени санкции и мерки прорив одговорните лица.

- Министерството за финансии и Македонската берза во наредниот период активно ќе работат на развој на секундарниот пазар за тргување со хартии од вредност со цел да се зголеми бројот на учесници и тие да го најдат својот интерес во тоа. Ова го порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната 23. Годишна конференција на Македонската берза, што се одржува во Охрид. Според министерката, соработката со Берзата е исклучително важна затоа што клучно за зголемување на интересот за тргување со хартии од вредност што ги издава Министерството за финансии е имателите на тие хартии од вредност да бидат сигурни дека можат во секое време да ги материјализираат на секундарниот пазар и на тој начин да обезбедат ликвидни парични средства.

 - Вкупните депозити анализирани на годишно ниво, во август се зголемени за 9,1%, што се должи на растот на депозити на двата сектора, со доминантен придонес на секторот домаќинства, соопшти Народната банка. Вкупните кредити, пак, на годишна основа,  бележат раст од 7,5% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, коешто е поизразено кај кредитите на корпоративниот сектор. Вкупните депозити на корпоративниот сектор, во август, бележат раст од 3,1% споредено на месечно ниво. Притоа, месечната промена во најголем дел е резултат на зголемените депозитни пари и краткорочните депозити во денари и во странска валута, а помало позитивно влијание имаат и долгорочните депозити во денари, додека долгорочните депозити во странска валута остварија пад. На годишно ниво, растот изнесува 3,8%, во поголем дел поради зголемените депозитни пари, долгорочните депозити во странска валута и краткорочните депозити во денари, при дополнителен придонес и на долгорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута бележат пад.

 – Трендовите на развиените пазари на капитал, новините во берзанските движења, како и размена на искуства на актуелни теми од областа на берзанското работење ќе бидат темите на дискусии на 23 Годишна конференција на Македонската берза што од денеска се одржува во Охрид. Повеќе од 200 учесници на собирот, еминентни имиња од облата на пазарот на капитал, со предвидени триесетина говорници и панелисти од десет држави, во Охрид овие два дена ќе дискутираат за развојот на пазарот на капитал, во услови кога инвестициските производи стануваат се посложени, а услугите се поразнолики. Како што беше посочено од говорницата на отворањето насобирот, во такви околности се повеќе значајна станува и финансиската едукација затоа што е важно малите инвеститори да ги разберат и оценат изборите за инвестирање коишто им се нудат и да научат како да избегнат лоши инвестирања.

 - Вкупно 80 општини аплицираа на јавниот повик на Владата за добивање средства за реализација на инфраструктурни проекти во општините, поднесени се 358 предлог проекти, наредниот период ќе следува процес на евалуација, соопшти денеска министерот за локална самоуправа, Златко Перински кој со министерот за јавна администрација, Горан Минчев и претставникот од ЗЕЛС и градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски учествуваа на втората јавна дискусија од кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“. Одговарајќи на новинарски прашања Перински рече дека сите општини имале еднаква можност да се пријават со проекти на повикот кој заврши пред неколку дена. Фазата на евалуација ќе трае помеѓу седум и десет дена.

 - Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски денеска ги квалификуваше како шпекулации наводите дека набавениот семафор за спортската сала чини над десет милиони евра, укажувајќи дека сумата се однесува целокупната опрема, додека за семафорот одвоени се 950.000 денари. Тој кажа дека општината потрошила само два милиони евра од вкупно предвидените шест и пол милиони евра според проценките на фирмата која го правела предлог проектот за реконструкција на спортската сала. - Семафорот којшто ќе се вгради во нашата спортска сала којшто емитува резултат со сите услуги чини 950 илјади денари, мултимедијалниот честворостран семафор којшто веќе е вграден и инсталиран со придружна опрема чини десет милиони и 500.000 денари. Еве оставам на вас новинарите, ист таков има во салата „Борис Трајковски“ во салата во Аеродром, проверете колку истиот таму чини. Според мои информации најмалку два до три пати поскапо од цената за којашто за овој семафор ако истиот е согласно сите ФИБА стандарди со комплетна пропратна опрема на семафорот, инсталирана платформа со тежина од приближно два тона со пристапни скали со анализи на статика на објектот и верувам дека сериозните медиуми нема да потпаднат на вакви шпекулации, рече Димитриевски.

 – Првообвинетиот Љупчо Палевски, за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, денеска, во Основниот кривичен суд се произнесе дека не се чувствува виновен и дека Основното јавно обвинителство извршува политичка наредба.  Палевски пред Судот истакна дека во постапката како докази се ставени повеќе од 100 ДНК траги, а дури деведесет проценти од неговите приложени докази се користат против него, посочувајќи дека тоа се докази кои МВР Форензика ги има изготвено по наредба на Обвинителството.  – На 1 декември имам јавна објава на мојот Фејсбук профил, каде сум што правам и така натаму. Во хотелот се пријавив и одјавив регуларно со моја патна исправа и тргнав на пат за да направам магнетна резонанца на мојата кичма, бидејќи 70 проценти од мојата кичма не е во функција. После 10 месеци, од моите приложени докази, обвинителството ги злоупотребува и МВР Форензика по наредба на обвинителството изготвува материјални докази. Не може да ме убеди обвинителството дека нема наредба за политичко монтирано судење, затоа што многу добро знае обвинителството. Како тоа не можеле да ја видат целосната слика за овој кривичен настан, па дури на 20 мај мојата ДНК е ставена во систем, рече Палевски. 

– Апелациониот суд Скопје ја укина пресудата на Основниот кривичен суд Скопје против поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири за злоупотреба на службена положба и овластување и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд. Постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ- 16/24, по одржана јавна седница на 05 јуни годинава, на 06 септември, Апелациониот суд Скопје донел одлука со која ја уважи жалбата на обвинетиот М.З. од С. и пресудата на Основниот кривичен суд Скопје по жалбата и по службена должност, ја укина и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд.  -Жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, изјавена по однос на одлуката за конфискација, ја оцени како беспредметна во оваа фаза на постапката, се вели во соопштението од Апелација. 

- Самитот на Берлинскиот процес официјално доби нов визуелен идентитет, за кој е заслужен тим од шест млади дизајнери од Западен Балкан. Избрани во јуни годинава во рамки на јавниот повик што го објави Регионалната канцеларија за млади (RYCO) во соработка со Сојузното министерство за надворешни работи на Германија, младите дизајнери во изминатиот период заеднички работеа на создавање на логото, кое отсега ќе служи како трајно визуелно обележје на овој престижен настан, кој секоја година ги собира лидерите на Западен Балкан, Европската унија и претставниците на институциите на ЕУ. Тимот на млади кои стојат зад логото го сочинуваат Алкид Шули од Албанија, Ррезе Гури од Косово*, Амила Реџиќ од Босна и Херцеговина, Лана Кленак од Црна Гора, Бојан Буџаровски од Северна Македонија и Милан Ружиќ од Србија, под креативно менторство на искусниот креативен директор, Фисник Исмаили.

- Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) очекува благо зголемување на минималната синдикална кошничка што ќе биде објавена во понеделник или вторник идната недела. Тоа, како што истакна денеска претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, ќе биде црвен аларм за креаторите на политиките и за работодавачите во приватниот сектор, дека „раст на платите е потребен вчера, бидејќи денес е веќе доцна“.Добро е се што се прави во интерес на работниците, посебно во насока на намалување на цените, оцени Трнедафилов на прес-конференција во врска со владиниот предлог што предвидува ограничување на бруто профитната маржа до 10 отсто за стотина основни прехранбени производи. Сепак, укажа, ваквата идеја треба да се спроведе во целост.Трендафилов изрази жалење што ССМ не е вклучен во подготовката на владините кошнички за ограничување на цените и маржите.

 - Објавен е третиот циклус од програмата „Супер училишта“, која е поддржана од Европската комисија и Германското сојузно Министерство за економска соработка и развој, а се имплементира од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ). Станува збор за програма на размена, која овозможува нашите ученици да стекнат нови искуства и да запознаат различни култури и и да спроведат заеднички активности со нивните врсници од Западен Балкан. Во програмата опфатени се 15 средни училишта од државата кои ќе реализираат заеднички проекти со партнерските училишта од регионот.  

- Дирекцијата за заштита и спасување организирано со субјектите од системот за заштита и спасување презема мерки и активности за превентивно делување за заштита  од поплави. За таа цел донесени се заклучоци, межу кои и за навремена и континуирана соработка за состојбата со водотеците, обврските кои произлегуваат од законот за заштита и спасување и уредбата за спроведување на мерката заштита и спасување од поплави. Како што информираат од Дирекцијата, во таа насока веќе се спроведе Координативен состанок со надлежните институции за превенција од можни поплави во просториите на Дирекцијата за заштита и спасување, по иницијатива на директорот Џеват Селами со директорот на А.Д. Водостопанство, Филип Филиповски, директорот на Управата за хидрометеролошки работи, Игор Лазаровски и претставници на институциите.

-  Укината целосната забрана за движење во шума и шумско земјиште заради проценката за намален ризик од појава на шумски пожари, информира Јавното претпријатие „Национални шуми“. - Согласно Барањето од ЈП „Национални шуми“ од бр.11-341/5 од 17.09.2024 година, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија, ја издаде согласноста за укинување на целосната забрана за движење во шума и шумско земјиште дадена на 15.07.2024год., заради проценката за намален ризик од појава на шумски пожари на површините под шума и шумско земјиште со кои управува ЈП „Национални шуми“, информираат од јавното претпријатие.Оттаму додаваат дека за спроведување на горенаведената согласност за укинување на целосната забрана за движење во шума, со допис се известени сите инволвирани институции: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за внатрешни работи, Министерство за Одбрана, Шумска полиција, Центар за управување со кризи, Дирекција за заштита и спасување, Државен инспекторат за шумарство и ловство, средствата за јавно информирање, како и подружниците во состав на јавното претпријатие. 

- Со положување свежо цвеќе на споменикот на Ѓорче Петров во реонскиот парк и со свечена седница на Советот, општината го одбележа празникот на општината – 20 септември. Бројни делегации положија цвеќе на споменикот на великанот Ѓорче Петров, а се одржа и свечена седница на Советот на која беа доделени годишната награда, признанија и благодарници за особен придонес. Добитник на Годишната награда на Општината е фудбалската репрезентативка Афродита Салихи. Градоначалникот Стојкоски во своето обраќање истакна дека останува доследен на заложбата да го направиме Ѓорче Петров модерно и урбано јадро за живеење.

 - Чесите денеска од 14 часот и утре наутро, и покрај поплавите, излегуваат на гласање на регионални и вонредни избори за третина од Сенатот на чешкиот Парламент. Изборите се одржуваат во момент кога се уште е на сила вонредна состојба поради поплавите во два од 14-те региони што ги има Чешка, Моравско-шлезискиот и Оломуц на исток и југ од Моравија. Некои поплавени општини бараат изборите да се одложат. Меѓутоа, Владата нема правна основа да прогласи вонредна состојба во целата држава, што е неопходно за одложување на изборите, бидејќи поплавите зафатија само мал дел од територијата, ниту формална, бидејќи само некои општини побараа одложување, но не и регионот, како што е пропишано со закон.

- Европската комисија денеска предложи сеопфатен пакет финансиска помош за Украина, кој се состои од Механизам за соработка за заеми за Украина, во вредност до 45 милијарди евра, како и вонредна позајмица за макрофинансиска помош во износ од 35 милијарди евра.  Средствата за овој план, кој, според ЕК, претставував решавачки чекор во зајакнувањето на поддршката за Украина, ќе бидат обезбедени од приходите од замрзнатите руски средства, со што се испраќа јасен сигнал дека товарот на обновата на земјата ќе го понесат одговорните за нејзиното уништување.  - Овој пристап ќе се примени првпат на структуриран начин за обезбедување долгорочна и стабилна финансиска поддршка за закрепнувањето и издржливоста на Украина, се додава во соопштението. Комисијата предлага воспоставување Механизам за соработка за заеми за Украина, преку кој ќе се поддржат напорите на земјите од Г7 за доделување позајмици на земјата, во износ од 45 милијарди евра.  

– Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, за време на денешната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон Лејен, на Киев изјави дека „Планот за победа“ на Украина во војната против Русија зависи од брзите одлуки што ќе ги донесат сојузниците оваа година. На заедничката прес-конференција со шефицата на ЕК, Зеленски рече дека Украина планира да го искористи предложениот заем од повеќе милијарди долари од Европската унија за купување на системи за противвоздушна одбрана, енергија и оружје од домашно производство. Тој посочи дека американскиот претседател Џо Бајден е клучната личност за спроведување на „Планот за победа“, за кој, како што рече, двајцата лидери ќе разговараат кога ќе се сретнат следната недела во САД, пренесуваат британските медиуми.

 - Украинскиот Совет за одбрана и национална безбедност денеска им забрани на војниците и службениците да ја користат апликацијата Телеграм на нивните електронски уреди поради безбедносни причини. „Одлучено е да се забрани инсталирањето и употребата на Телеграм на официјалните уреди на владините претставници, воениот персонал, вработените во безбедносниот и одбранбениот сектор, како и во компаниите кои работат на критична инфраструктура“, објави Советот. Одлуката е објавена по состанокот на Советот за заканите за националната безбедност што ги претставува оваа апликација. Телеграм е многу популарна апликација за пораки основана од Русинот Павел Дуров. 

- Батериите за воки-токи што експлодираа во средата во Либан, при што загинаа најмалку 25 лица, содржеле високоексплозивно соединение познато како ПЕТН, изјави либански извор запознаен со компонентите на уредот.  Според него, овој тип на експлозив е тешко да се открие поради начинот на кој бил вметнат во батеријата. Сликите од експлодираните воки-токи покажуваат етикети на кои пишува „ICOM“ и „Made in Japan“, а компанијата ICOM соопшти дека престанала да ги произведува уредите пред една деценија и дека повеќето од оние што се уште се продаваат се фалсификувани. Јошики Еномото, генерален директор на одделот за безбедност и трговија на ИКОМ, изјави дека е можно постариот уред да бил модифициран за да се направи бомба.

- Мароко уапси 152 лица на кои ќе му се суди под обвинение за користење на социјалните мрежи за поттикнување обид за масовна илегална миграција во шпанската енклава Сеута, изјави денеска владиниот портпарол. Во последните денови, илјадници претежно млади Мароканци се собраа во западниот град Фнидек во обид да ја преминат границата. Нивните обиди беа спречени со најстрогите безбедносни мерки досега преземени во градот, рекоа локалните активисти за човекови права. „Сите обиди беа спречени“, рече портпаролот Мустафа Бајтас. „Околу 3.000 луѓе се обиделе илегално да преминат“, рече тој во првиот официјален коментар неколку дена по обидите за преминување на границата. Мароко и Шпанија ја зајакнаа соработката за борба против илегалната миграција, откако Мадрид го поддржа мароканскиот план за спорната Западна Сахара во 2022 година.

 - Хезболах денеска го погоди северот на Израел со 140 ракети, соопшти оваа милитантна група, пренесуваат американските медиуми. Групата поддржана од Иран соопшти дека гаѓала само воени локации. Нападот доаѓа откако Израел изврши интензивни воздушни напади во текот на ноќта врз јужен Либан, а војската соопшти дека нејзините воени авиони ги гаѓале ракетните фрлачи на Хезболах. Претставници на израелската армија го потврдија нападот. ИДФ потврдија дека околу 140 ракети биле лансирани во северен Израел, додавајќи дека воздушната одбрана пресретнала некои од 120-те ракети што биле лансирани на Голанската висорамнина, Сафед и областите Горна Галилеја. Уште околу 20 ракети беа истрелани кон Мејрон и Нету, додаде ИДФ.

Остани поврзан