• петок, 20 септември 2024
МИА Радио флеш

    12 септември 2024

 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски ќе присуствува на пуштање во употреба на Спортско рекреативниот центар „Бранители“ во населеното место Љуботенски пат во Општина Бутел.

Како што соопшти владината прес-служба, овој спортско рекреативен центар опфаќа фудбалски терен со вештачка трева, баскет терен со специјална подлога, како и детско игралиште, мини парк и шеталиште за жителите.

Скопје - Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во гостувањето во „Претрес со Ландов“ говорејќи за работата на Владата во овие изминати 80 дена истакна досега има покачено пензии, исплата на заостанати плати, како и нови инвестиции, воедно говорејќи за одговорноста потенцираше дека додека е премиер нема да има недопирливи.

„На 24 јуни сметката беше минус 12 милијарди денари или отприлика околу минус 200 милиони евра, нешто што досега се нема случено. Ја реструктуиравме самата влада, односно ги оптимиравме секторите во кои цениме дека треба да се развиваме како држава, и мислам дека направивме добар потег за идните генерации“, рече премиерот Мицкоски.

Скопје - Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, придружуван од министерката за енергетика, рудници и минерални суровини, Сања Божиновска, вчера се сретнал со Ерин Елизабет МекКи, помошник директорка на УСАИД за Европа и Евроазија.

Како што соопшти Кабинетот на Меџити, на средбата се разговарало за билатералните односи и одличната соработка што нашата земја ја има со американската агенција УСАИД, која има реализирано голем број инвестиции во Северна Македонија.

Скопје - Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска ќе ги посети книжарниците „Алби“ и „Просветно дело“ со цел да направи увид за примена на мерката на Владата „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ со која се намалија маржите на школскиот прибор.

Посетата на министерот Дурмиши ќе започне во 12 часот во книжарницата „Алби“, а потоа ќе ја посети Книжарата 1 на „Просветно дело“. 

Скопје - Уставниот суд денеска ќе ја одржи 23. седница на која меѓу другото ќе го разгледа и Законот за изменување и дополнување на законот за урбанистичко планирање, инцијатива поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права. 

Со измените, како што тврди поднесувачот на иницијативата, се вметнува нова категорија, односно урбанистички проект за градби од стратешки интерес при тоа предвидувајќи нови правила за изработка и донесување на истиот, како и утврдување на правила различни од постоечките за процесот на одобрување на урбанистички проекти наведува подносителот. Се тврди дека со измените законодавецот цели кон тоа да ги заобиколи правилата за изработка и одобрување на урбанистичките проекти со целосно прескокнување на фази во процесот на одобрување.

Скопје – Собранието денеска ќе го одржи второто продолжение на 14-тата седница на чиј дневен ред се повеќе предлог закони по скратена постапка меѓу кои и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за изменување и дополнување на Законот за медиуми.

Во рамките на седницата пратениците треба да ги разгледаат и Предлог законот за задолжување на Република Северна Македонија од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа, трите по скратена постапка.

Скопје - Владата подготвува есенска кошничка со производи кои граѓаните највеќе ги употребуваат. Кошничката со околу 100 прехранбени производи треба да биде изготвена до петок. Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, граѓаните може да очекуваат и пролетна кошничка. 

Според Министерството за економија, Работната група во која има членови од министерствата за економија, земјоделство и финансии, ќе направи симулација за ограничување на цените или на маржите. Министерот за економија Бесар Дурмиши за МИА информира дека ќе се направат пресметки со намалување на маржите на 5, 10 или 15 проценти на трговија на мало или замрзнување на цените на одредено ниво. Симулацијата, рече, треба да даде информација кое ќе биде најповолното решение за крајните цени за потрошувачите и какви ќе бидат фискалните импликации од оваа мерка.

Скопје – Денеска истекува рокот за пријавување на заинтересирани фирми за учество на вториот тендер за компресорската станица на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје што го распиша Министерството за здравство.

Три фирми првично пројавиле интерес за тендерот и ја посетиле локацијата. Минатата недела информацијата за МИА ја потврди Стојче Николовски, стручно лице за посета на терен, задолжено од комисијата и раководител на Секторот за техники работи во ЈУ од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, универзитетски клиники, завод и ургентен центар - Скопје.

Скопје - На 1 октомври 2024 година, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) ќе биде домаќин на конференцијата организирана од еминентната Science|Business, посветена на засилено интегрирање на истражувачката инфраструктура од регионот на Западен Балкан кон Европскиот истражувачки простор и можностите за истражувачите, иноваторите и бизнис заедницата.

Конференцијата посветена на европската интеграција на Западен Балкан, ќе обедини еминентни европски и регионални експерти од областа на креирање политики за интеграција на истражувачките инфраструктури и градење синергија помеѓу иновациите и бизнис заедницата, со цел да истакне како Југоисточна Европа може да ги зајакне своите истражувачки и иновациски капацитети и да ги интегрира во пошироката Европска мрежа. Темите ќе вклучуваат одржување, изградба и поврзување на истражувачките инфраструктури во Европа, со фокус на создавање унифицирана и кохезивна истражувачка средина.

Скопје - Третиот концерт насловен „Австриски класици во дуо“ од програмата на меѓународниот фестивал на класична камерна музика „SKUPI КамерФест VII издание“ ќе се одржи денеска од 19 часот во Филхармонија во Скопје.

На концертот ќе настапат Клеменс Бок (виолина) од Австрија и Кристина Шејхер (пијано) од Австрија.

Програмата вклучува дела од познати композитори како што се Хендел, Моцарт, Шуберт, Буланже и Дворжак. 

Гевгелија – Најновата книга на Киро Донев – романот за деца „Дневникот од штрковото гнездо“ ќе биде промовиран денеска во Основното училиште „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија со почеток во 11 часот.

Промоцијата е во организација на Градската библиотека „Гоце Делчев“, а промотор ќе биде Ацо Ѓоргиев, кој е и автор на поговорот на книгата.

Романот е илустриран со цртежи на Славица Купенкова.

Скопје - Во Музејот на град Скопје денеска од 20 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии со наслов „Никаде Некаде“ на мултимедијалната уметница Вања Димитрова.

Како што информираат од Музеј на град Скопје, првото самостојното претставување на Вања Димитрова, насловено „Никаде Некаде“ резимира неколку етапи од нејзиното долгогодишно творештво во областа на уметничкиот филм, аудиовизуелната уметност и фотографијата. 

На изложбата ќе бидат поставени 21 фотографија во голем формат.

Скопје – Седмиот студиски ден на Институтот за национална историја на тема „Централното македонцко наречје за мене от сега на тамо имат да бидит литературен македонцки јазик“, по повод 150 години од раѓањето на Крсте Петков Мисирков ќе биде презентиран денеска од 12 часот во Големата сала на Институтот.

Како што информираат од ИНИ, предавач ќе биде проф. д-р Лилјана Гушевска, а на настанот ќе присуствуваат и средношколски ученици и гости од Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје.

Скопје - Комеморацијата во чест на починатата актерка Снежана Стамеска ќе се одржи денеска во 12 часот во фоајето на Драмски театар.

Стамеска беше првенка на Драмски театар Скопје и една од ведетите на македонското глумиште. Дипломирла на Театарската академија во Белград во 1970.  

Скопје - Во периодот од 4-ти до 8-ми септември во сала Јане Сандански во Скопје се одржа третиот по ред светски младински турнир наречен WTT Youth Star Contender Skopje 2024.

На турнирот земаа учество колу 120 натпреварувачи од земји од цел свет кои се натпреваруваа во следните категории: машки поединечно. женски поединечно, машки двојки, женски двојки и мешани двојки со ограничување на години, помали од 15 и помали од 19 години.

Лондон - Велика Британија одлучи да му дозволи на Киев да ги користи ракетите „Сторм Шадоу“ за цели во Русија, пишува Гардијан, повикувајќи се на владини извори.

„Извори во британската влада објавија дека веќе е донесена одлука да и се дозволи на Украина да ја користи ракетата 'Сторм Шадоу' против цели во Русија, но тоа нема официјално да биде објавено во наредните денови“, пишува весникот.

Лондон - Британскиот премиер Кеир Стармер денеска ќе објави 10-годишен план за закрепнување на Националната здравствена служба (НХС), откако независен извештај покажа дека јавниот здравствен систем е во критична состојба. Претходната конзервативна влада не успеа да ги намали листите на чекање, а Стармер, чија Лабуристичка партија извојува убедлива победа на изборите во јули, го стави постигнувањето договор за плати со здравствениот персонал како приоритет.

Но, тој рече дека на НХС ќе му треба и „голема операција“ за да се справи со зголемените трошоци за грижа на постарото население, без планирано зголемување на даночните распределби.

Вашингтон - Претседателската дебата меѓу демократската потпретседателка Камала Харис и републиканскиот кандидат Доналд Трамп привлече 57,5 ​​милиони телевизиски гледачи на седум телевизиски мрежи, покажуваат прелиминарните податоци на агенцијата „Нилсен“ објавени доцна синоќа.

Дебатата што се одржа завчеравечер беше прва тет-а- тет средба на кандидатите за претседателските избори на 5 ноември.

Вашингтон - Рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов, денеска изјави дека дискусијата за можноста Вашингтон да му дозволи на Киев да користи американски ракети за да ја нападне руската територија, ја турка Украина да ги засилува своите напади врз цивилите, а САД со таквите акции го отвора патот за почетокот на трета светска војна.

„Американската администрација упорно ги игнорира интересите на Русија. Денес се повеќе се зборува за можноста за гранатирање на руска територија со оружје со долг дострел. Само неколку политичари ја споменуваат можноста за трета светска војна, за која овдешните власти го трасираат патот“, наведе Антонов во пораката на руската дипломатска мисија во САД.

Њујорк - Недостигот на одговорност за убиствата на персоналот на Обединетите нации и хуманитарните работници во Појасот Газа е „целосно неприфатливо“, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Опишувајќи ја израелската одмазда против Хамас во Газа, Гутереш во интервју за Ројтерс рече дека имало „многу драматични случаи на кршење на меѓународното хуманитарно право и целосно отсуство на ефикасна заштита на цивилите“.

Вилнус – Литванскиот министер за одбрана Лауринас Касциниус изјави дека авионите на НАТО стационирани во балтичките земји треба да соборуваат руски беспилотни летала во воздушниот простор на неговата земја и соседите, откако руски дрон  минатата недела падна во Летонија.

Од влегувањето на трите балтички земји во НАТО во 2004 година, на нивното небо патролираат авиони на НАТО бидејќи тие немаат борбени авиони.

Киев - Украинската армија собори моќен руски борбен авион „Су-30М“ за време на операција во Црното Море, соопшти денеска украинската воена разузнавачка агенција ХУР.

Според се уште непотврдени информации, соборувањето на авионот било извршено со рачен фрлач на противвоздушни ракети, пишува „Одеса журнал“.

Русите изгубиле контакт со млазниот авион вчера околу пет часот наутро. Околу три часа подоцна тие почнаа операција за пребарување и спасување во која беа вклучени авионите „Ан-26“, како и хеликоптерите „Ми-8“ и „Ка-27“, објавија украински извори.

Газа - Палестинската милитантна група Хамас соопшти дека нејзиниот преговарачки тим, предводен од високиот функционер Халил ал-Хаја, се сретнал со катарскиот премиер шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани и со шефот на египетското разузнавање Абас Камел за да разговараат за најновите случувања во Газа.

Во соопштението на Хамас се вели дека групата останува посветена на спроведувањето на прекинот на огнот врз основа на првичниот предлог на САД и дека нема да прифати нови услови од која било страна, очигледно мислејќи на инсистирањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху израелските војници да ги задржат позициите на Филаделфиската рута на границата меѓу Газа и Египет, објави Тајмс оф Израел.

Канбера – Австралискиот министер за одбрана Ричард Mарлс изјави дека на неколку актуелни и поранешни воени команданти им се одземени одликувањата поради наводи за сторени воени злосторства за време на војната во Авганистан, пренесоа американските медиуми. Препораката за одземање на медaлите на командантите ја даде генерал-мајор Пол Бреретон, кој ја водеше истрагата за воени злосторства, наводно сторени од страна на австралиските специјални сили во периодот меѓу 2005 и 2016 година. 

Генералот Бреретон открива дека околу 25 командоси од два полка на специјалните сили биле вклучени во незаконските убиства на 39 Авганистанци.

Сеул - Северна Кореја денеска истрела неколку „балистички ракети со краток дострел“ кон морето, соопшти јужнокорејската војска.

Војската го анализира инцидентот и „споделува информации“ со американските и јапонските власти.

Јапонското Министерство за одбрана го потврди лансирањето на најмалку една севернокорејска балистичка ракета.

Остани поврзан