• среда, 24 април 2024
МИА Радио флеш

-Техничкиот премиер Талат Џафери, денеска го посети Меѓународниот балкански универзитет во Скопје. На средбата со раководството на Универзитетот, научниот и стручниот кадар, Џафери, беше информиран за функционирањето и тековните активности што се реализираат во оваа високообразовна установа. Универзитетот е составен од седум факултети, покрива вкупно 65 области во додипломски, постдипломски и докторски студии, информираат денеска од владината прес-служба. Тој изразил задоволство од опстојувањето и функционирањето на Универзитетот истакнувајќи дека, вакви напредно високообразовни институции се од голема важност за исклучителните достигнувања на студентите во натамошниот нивен професионален развој.

-Македонското друштво „Илинден“ - Тирана повторно го актуелирира барањето владите на Северна Македонија и на Албанија, да го реализираат договореното, граничниот премин Џепиште – Требиште во близина на Дебар, да функционира 24 часа. -Бараме од владите на Албанија и Македонија целосна функционалност на граничниот премин Требиште – Џепиште во областа Голо Брдо, што е неопходно потребно за да може луѓето полесно да комуницираат од двете страни на границата. Исто така ќе им се помогне многу на Македонците од областа Голо Брдо, зашто ќе се зголеми економската соработка меѓу жителите од двете страни на границата, а и поголем број туристи ќе ја посетуваат областа, која располага со многу природни убавини и културно историски споменици, изјави за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

-„Вештини за претприемништво и користење на модерни технологии во земјоделството“ се одржа денеска на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, во организација на Македонската развојна фондација за претпријатија. Како што информира организаторот, пред повеќе студенти, професори, чинители од секторот земјоделство беа презентирани теми за важноста на користењето на модерните технологии и претприемачки вештини во земјоделството. - Целта на настанот беше демонстрација како модерните технологии во комбинација со претприемачки вештини можат да придонесат кон создавање на економска вредност во секторот земјоделство. На настанот беа споделени добри практики на примена на модерната технологија од Македонија, Германија, Австрија, Словенија и Грција. Беа опфатени системи за автоматско управување на земјоделската механизација и услуги во делот на прецизното земјоделство, се вели во соопштението.

-За два денари од полноќ поскапува Еуросупер БС-95, додека цените на останатите нафтени деривати остануваат непроменети, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.  Новата цена по која ќе се продава Еуросупер БС-95 ќе биде 85 денари за литар, додека за Еуросупер БС-98, цената останува иста - 85,5 денари за литар. Непроменети остануваат и цените на дизелот кој ќе се продава по 76 денари за литар и Екстра лесното масло за домаќинство по 75 денари за литар. Цената на мазутот останува 43,797 денари/килограм

-Опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК) подготвила резолуција со барање за собраниска дебата за тригодишнината од владеењето на премиерот Албин Курти, со која бара оваа влада да го заврши мандатот со оставка и Собранието на Косово да се самораспушти, јави дописникот на МИА од Приштина. Шефот на пратеничката група на ААК, Бесник Тахири на денешната прес-конференција изјави дека оваа власт „успеа само да ѝ нанесе штети на државата и го врати Косово во најтемната точка“. - Ние подготвивме барање за парламентарна дебата за тригодишнината од ова лошо владеење, кое реално успеа само да ѝ нанесе штети на државата и го врати Косово во најтемната точка која никој не можел да ја замисли, рече Тахири. Според него, премиерот Курти се предал и самиот бара предвремени избори.

-Претседателот опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи ја обвини Владата на Албин Курти на третата годишнина од нејзиното назначување, за измами и деградација на државата, јави дописникот на МИА од Приштина. Красниќи на својата страница на Фејсбук објави видео материјал преку кој резимира „некои од аферите и скандалите на Владата Курти 2 во овие три години“. Лидерот на најголемата парламентарна опозициска пафртија во Косово вели дека, пред сè, овие три години ја откриле измамничката природа на премиерот Курти и неговиот кабинет, „нанесувајќи голема штета на државата и граѓаните“.

- Вториот по големина украински град Харков, во близина на границата со Русија, е без струја и греење по синоќешните руски напади во кои е тешко оштетена енергетската инфраструктура, објави на Телеграм, градоначалникот Игор Терехов. Тој рече дека Русите синоќа го погодиле тој град со повеќе од 20 ракети и дека тоа е „најсилниот напад“ од почетокот на војната пред две години. Градоначалникот рече дека водоводот фунцкионира, но притисокот е минимален. Русија синоќа ја нападна енергетската инфраструктура на Украина со 90 проектили и 60 експлозивни беспилотни летала на земјата - велат украинските власти. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече дека нападите биле насочени кон „електрани, далноводи, брана на една хидроелектрана, станбени згради“.

Земјите од Европската унија се повеќе се обединуваат кога станува збор за користењето на средствата од замрзнатите руски активи во врска со војната во Украина. Мојот впечаток е дека постепено постигнуваме консензус, рече холандскиот премиер во заминување Марк Руте на крајот од првиот ден од европскиот самит, јавија холандските медиуми. Тој рече дека било договорено Европската комисија дополнително да го развие планот и важно било да може да се направи овој чекор сега. Според него, од стотиците милијарди евра замрзнати руски средства во ЕУ, годишно може да се извлечат околу три до милијарди евра.

-Економската активност во Еврозоната е намалена, но со оглед на тоа што инфлацијата има опаѓачки тренд кој ги поддржува реалните приходи, постојат услови за нејзино постепено закрепнување во следниот период, се оценува во Изјавата од денешниот Евросамит одржан на маргините на средбата на шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ. - Остануваме обединети во нашата цврста определба да ја зголемиме отпорноста и конкурентноста на нашите економии. Ја покануваме Еврогрупата внимателно да ги следи економските и фискалните случувања. Континуираната блиска координација на нашите економски политики ќе биде суштинска за доследно и ефективно спроведување на сеопфатната реформа на рамката за економско управување на ЕУ, се нагласува во изјавата. 

-Министрите за одбрана на Германија и Франција денеска објавија договор за распределба на работата меѓу производителите на заедничкиот проект „тенк на иднината“, што досега беше поткопано со несогласувања. „Се договоривме за распределба на сите задачи за овој голем проект“, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус на прес-конференцијата со неговиот француски колега Себастиен Лекорну. „Имаме договор и воодушевени сме од него“, рече Лекорну, нагласувајќи ја важноста на „програмата за структурирање на копнените армии на двете земји за Европа и НАТО“.

-Израел денеска објави експропријација на 800 хектари земјиште во окупираниот Западен Брег. Израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич ја прогласи областа северно од долината Јордан за „државно земјиште“. Израелската левичарска организација  „Мир сега“ (Шалом Акшав) оцени дека експропријацијата на земјиште во таа област е најголема од потпишувањето на привремениот договор од Осло во 1993 година. Израел го освои Западниот Брег со Источен Ерусалим и Појасот Газа во Шестдневната војна во 1967 година. Согласно меѓународното право, еврејските населби на палестинските територии се нелегални.

-Акциите на „Епл“ паднаа за 4,1 отсто на затворањето на берзата во САД, со што компанијата изгуби околу 113 милијарди долари од нејзината пазарна вредност. Како што наведува Блумберг, компанијата од Купертино се соочува со проблеми на двете страни на Атлантикот бидејќи Министерството за правда на САД вчера поднесе тужба против „Епл“ за наводен монопол на пазарот на паметни телефони, додека компанијата истовремено ја очекува истрага од Европската унија поради можно прекршување на Законот за дигитални пазари. Долгоочекуваната американска тужба доаѓа по долгогодишни тврдења на критичарите дека „Епл“ и штети на конкуренцијата поради рестриктивните услови на продавницата за апликации, високите такси и строго контролираниот пристап до неговиот хардвер и софтвер.

-САД им предложиле на сојузниците од Г-7 да создадат специјален механизам за емисија на обврзници во вредност од 50 милијарди долари, што ќе се обезбедат од профитот од замрзнатите руски активи, објави Блумберг. Агенцијата наведува дека сепак разговорите за овој проект се во прелиминарна фаза. Предлогот предвидува собирање на 280 милијарди долари руски активи кои се замрзнати на разни сметки во земјите на Г-7 и во Европска Унија. Повеќе од две третини од тие хартии од вредност се блокирани од ЕУ. Овие средства носат околу 3,6 милијарди долари годишен профит. Приливот од предложената емисија на облигации би бил речиси 60 милијарди долари.

-Поранешниот директор на компанијата за видео игри „Yoozoo Games“, Су Јао, денеска беше осуден на смрт поради труењето на основачот на компанијата Лин Киа во 2020 година. Су ставил отров во храната на Лин поради спор околу раководењето со компанијата, се наведува во пресудата на Првиот централен народен суд во Шангај, пишуваат американските медиуми. Лин почина 10 дена по труењето, а Су подоцна од слични причини отру уште четворица колеги, кои преживеаја.

 - Советот за безбедност на Обединетите нации денеска не ја усвои американската нацрт-резолуција за прекин на огнот во Газа. За резолуцијата гласаа 11 членки на Советот за безбедност, а Русија, Кина и Алжир беа против, додека  Гвајана беше воздржана. Американската абасадорка во ОН, Линда Томас Гринфилд, по гласањето изјави дека Русија и Кина не сакале да гласаат за американската резолуција само да го видат неуспехот САД. -Русија уште еднаш ја стави политиката над напредокот, рече амбасадорката, пренесува Би-Би-Си.

Остани поврзан