• среда, 24 април 2024
МИА Радио Флеш

17 април 2024 

-Ситуацијата на Блискиот Исток и последиците врз цените на нафтата, беше главната тема на денешниот состанок на Бордот на регулатори на Енергетска заедница, а претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски за МИА од Атина вели дека не е исклучен „ефект кон цените на нафтените деривати“.  -Новите геостратешки случувања на Блискиот Исток потврдуваат дека нема предвидливост ниту пак извесност кога цените на енергенсите се во прашања. Очекувавме дека ова ќе биде конечно мирен енергетски регулаторен состанок, но едно е сигурно дека „вонредната состојба” е ново нормално за сите енергенси. Очекуван е ефект кон цените на нафтените деривати сега по случувањата со Иран и Израел. Разговаравме и за тоа каква е положбата на земјите од кои доаѓаат регулаторите во Енергетската Заедница. Сите сме увозно зависни земји на нафта, освен Србија што има мал обем на производство. Освен во секојдневното живеење, овој енергенс е тесно врзан и со стопанството и економијата воопшто како составен дел од функционирањето, вели Бислимоски за МИА.

-Без транспаретност и отчетност се трошат околу 10 милиони евра за набавки во училиштата кои се финансираат со пари од родителите, покажува истражувањето спроведено од Центарот за граѓански комуникации. Истражувањето спроведено во 96 основни и средни училишта во осум општини во државата открива дека набавките за осигурување, за униформи за учениците, за фотографирање, за ужина итн. се спроведуваат во постапки за кои нема јасно дефинирани правила коишто би овозможиле избор на најповолните понуди. Јавни огласи се објавуваат само за екскурзиите, бидејќи Министерството за образование и наука (МОН)  за нив има донесено процедури во 2014 година.Најголем дел од училиштата не можат да објаснат како е направен изборот на фирмите за чии услуги плаќаат родителите. Од Центарот за граѓански комуникации посочуваат дека дури и кај оние училишта што ги доставиле одлуките за избор од страна на советите на родителите не може да се утврди како се прибрани разгледуваните понуди, односно кој одлучил од кои фирми да се бараат понуди за набавките.

-Во акциската контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возачи кои управуваат со возила со брзина поголема од дозволената, полицијата казни 141 возач. Од нив, како што соопшти МВР, 11 возачи се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа, 70 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 71 надвор од населено место.

-Првиот потпретседател на Владата на Србија и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека Резолуцијата за геноцидот во Сребреница за која денеска треба да се разговара во ОН не придонесува за помирување и консензус. Toj посочи дека она што се случи во Сребреница не може да се квалификува како геноцид. Дачиќ за белградски медиуми изјави дека во Сребреница се случило злосторство, но не и геноцид, бидејќи по дефиниција тој термин подразбира дека некој имал план да уништи нација,a тоа не било случај. „Тоа е злосторство што е, се разбира, страшно, а ние самите како српски народ инсистираме сите одговорни за тоа да одговараат, бидејќи е направена штета на српскиот народ како целина. Геноцидот е кривично дело што подразбира дека имало план да уништи нација“, рече Дачиќ.

-Секретарот на Канцеларијата за врски на Косово во Белград, Фатмир Хаџоли објави дека Србија од полноќ држи повеќе од 300 граѓани на Косово блокирани на границата со Хрватска, јавија утрово медиумите во Приштина. Хаџоли на својата страница на Фејсбук пишува дека „во знак на одмазда и апсурдна нервоза“ поради синоќешното гласање во Парламентарното собрание на Советот на Европа за членство на Косово во таа институција, Србија не ги пушта автобусите со косовски регистарски таблички. - Во знак на одмазда и апсурдна нервоза поради изгласувањето на Парламентарното собрание на Советот на Европа за членство на Република Косово во оваа меѓународна институција, граничните власти на Србија, на преминот „Батровци“ меѓу Србија и Хрватска, држат блокирани од полноќ најмалку четири автобуси со регистерски таблички и патници, државјани на Република Косово, напиша Хаџоли.

-Во Вишото јавно обвинителство во Заечар утрово од притвор се донесени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ, осомничени за убиството на Данка Илиќ (2), јавија српските медиуми. Тие денска ќе бидат сослушани. Нивниот притвор изминува на 3 мај. Вчера мајката на Дејан Драгијевиќ беше донесена во обвинителството и го искористи правото да не сведочи. Срѓан Јанковиќ (50) од Лука и Дејан Драгијевиќ (50) од Злот, се осомничени за убиството на Данка Илиќ од Бор, по чие тело непрекинато се трага веќе 13 денови. Српски медиуми јавија дека тие ќе бидат испратени и на психијатриско вештачење.

-Во експлозијата на три руски ракети што денеска го погодија осмиот кат од станбена зграда во центарот на градот Чернигов на северот на Украина, загинаа најмалку осум лица, а 18 се повредени, соопшти градоначалникот Олександар Ломако. Чернигов се наоѓа во близина на тромеѓето на Украина со Русија и Белорусија, на околу 150 километри од главниот град Киев. Од друга страна, руското Министерство за одбрана соопшти дека украинско беспилотно летало е соборено над регионот Мордовија, приближно 350 километри источно од Москва. Тоа е 700 километри од украинската граница. 

-Резултатите од најновата анкета на агенцијата ИБРИС изработена за полскиот весник „Жечпосполит“ покажуваат дека мнозинството Полјаци не се плашат дека војната во Украина може да се прелее во нивната земја. Само 27,3 отсто од испитаниците изјавиле дека стравуваат дека конфликтот од Украина може да се прелее во Полска, 53,6 проценти не се плашат, додека 19,1 отсто одговориле дека не знаат. Најголем страв од проширување на судирите е помеѓу возрасните лица од 70 години – 39 отсто додека кај лицата со основно образование процентот измесува 45, а меѓу активните верници 44 проценти. Кога Русија ја нападна Украина, во слично истражување од март 2022 година, 45 отсто од Полјаците беа убедени дека војната нема да се прошири во Полска.

-Холандската престолонаследничка, принцезата Амалија побегна во Шпанија за да ги избегне заканите по нејзината безбедност, објавија локалните медиуми. Принцезата (20) живее и студира во Мадрид повеќе од една година, објави јавната телевизија НОС, повикувајќи се на кралски извори. Се додава дека таа таму ужива голема слобода на движење. Во октомври 2022 година, Амалија беше принудена да ги напушти плановите да живее студентски живот поради безбедносни стравови, само неколку недели откако започна на Универзитетот во Амстердам да студира политика, психологија, право и економија.

-Меѓународната конференција на екстремно десничарски политичари и поддржувачи продолжи денеска во Брисел, откако организаторите поднесоа тужба против локалните власти кои го запреа настанот бидејќи може да претставува закана за јавниот ред. На „Националната конзервативна конференција“ - средба на екстремните националисти и фундаменталистички христијани, се очекува денеска да зборува унгарскиот премиер Виктор Орбан, еден ден откако таму зборуваше Најџел Фараж - човекот за кој се верува дека има најголема заслуга за излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Францускиот екстремен десничар Ерик Земур се очекуваше вчера да ги критикува новите правила на ЕУ за мигрантите и азилот, но полицијата не му дозволи да учествува на настанот.

-Американската морнарица соопшти дека нејзиниот патролен и извидувачки авион денеска прелета низ Тајванскиот теснец, само еден ден откако шефовите на одбраната на САД и Кина ги одржаа своите први разговори од ноември 2022 година со цел намалување на регионалните тензии. Во соопштението на седмата флота на САД се наведува дека нејзиниот патролен и извидувачки авион „поминал низ Тајванскиот теснец во меѓународниот воздушен простор“ и дека „со дејствување во рамките на Тајванскиот теснец во согласност со меѓународното право, САД ги поддржуваат правата и слободите на пловидбата на сите земји од регионот“. Иако теснецот широк 160 километри што ја дели Кина од Тајван спаѓа во меѓународните води, Кина смета дека минувањето на кој било странски воен авион и бродови преку него претставува отворено кршење на нејзиниот суверенитет.

-Азербејџан денеска ја обвини Франција за притисок и закани врз земјата откако Париз ја отповика својата амбасадорка и ја обвини кавкаската земја за нарушување на билатералните односи. Азербејџан во повеќе наврати ја критикуваше Франција поради поддршката на земјата за ривалската Ерменија во територијалниот спор меѓу двете соседни земји. „Азербејџанската страна постојано и наведува на Франција дека зборувањето на јазик на закана и притисок нема да донесе никакви резултати и уште еднаш посочува дека ќе ги преземе сите неопходни мерки за да ги заштити своите национални интереси“, се вели во соопштението на портпаролот на Министерството за надворешни работи на Азербејџан, Ајхан Хаџизада.

Остани поврзан