• петок, 26 април 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

12 април 2024

 - Намалувањето на цените на роаминг тарифите меѓу земјите од Западен Балкан и кон Европската Унија се најголема придобивка од Берлинскиот процес, како и бесплатната безжична интернет мрежа на јавни простори во регионот на Западен Балкан како иницијатива на Европската Комисија во рамки на Планот за раст за Западен Балкан.

Ова е оценката на вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ на денешната средба со претставници на телеком операторите, на која, како што соопшти СЕП, присуствувале раководните лица на Министерството за информатичко општество и администрација, Македонски телеком, А1 Македонија, Агенцијата за електронски комуникации, Националната радиодифузија и Националната канцеларија за бродбенд компетентност.

Тој во изјава по средбата потсети дека со Декларацијата потпишана на Самитот на ЕУ – Западен Балкан во декември 2022 година во Тирана, започна процесот на намалување на цените во роаминг во регионот и кон Европа.

- Една од главните улоги што ја гледам во функцијата претседател е дека ќе се заложам да бидам компас на евроатлантската ориентација со фокус кон САД, а стратешкиот дијалог ќе го подигнам на ниво на претседатели на држави на највисоко можно ниво, вели кандидатот за претседател од Европскиот фронт, Бујар Османи, кој денеска одржа отворена дискусија на тема „Зајакнување на стратешките партнерства со САД и ЕУ и соодветно меѓународно воспоставување преку надворешната политика“.

Тој ја повтори заложбата дека првата работа што ќе ја направи доколку биде избран за шеф на државата ќе закаже состанок со лидерите на партиите кој ќе трае се додека не се постигне консензус за Европската унија, а втората работа, според него, е консензус по однос на стратешкиот дијалог со САД.

На новинарско прашање во однос на коментарот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека е задоцнета можноста околу градењето консензус за уставните измени и како мисли да се вклучи опозицијата, Османи вели дека тоа не е точно и дека опозициската партија ги манипулира граѓаните во однос на содржината на Францускиот предлог и Преговарачката рамка со погрешно толкување.

 - Нови 44 случаи на голема кашлица се пријавени од 5 до 11 април, со намалување од 10,0 отсто споредено со претходниот седмодневен период. Најголем дел од случаите се пријавени во Скопје. Пријавени се случаи и во Битола - четири и по еден случај во Куманово, Кратово и во Крива Паланка. Возраста на заболените се движи од еден месец до 75 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Од новите 44 случаи, два се хоспитализирани, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.

- Заклучно со 11 април, во Северна Македонија се регистрирани вкупно 443 случаи на голема кашлица, со инциденца од 24,1/100 000 жители. По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје - 355 или 80,1 отсто со зафаќање на шеснаесет различни општини. Од територијата на ЦЈЗ Куманово се пријавени 25 лица, од ЦЈЗ Битола 19, 17 лица од ЦЈЗ Тетово, од ПЕ Гостивар - пет и од ЦЈЗ Кочани и ПЕ Кратово по три случаи. По два случаја се регистрирани во Крива Паланка, Дебар, Струга, Пробиштип, Велес и во Струмица, а по еден случај е регистриран од Кичево, Прилеп, Кавадарци и од Гевгелија, пишува во извештајот.

- Од почетокот на годинава се регистрирани 410 случаи на голема кашлица, од кои шест се болнички лекувани на Детската клиника, претежно доенчиња, е истакнато на денешниот брифинг со новинари на директорката на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести - Скопје, Валентина Цвејоска Чолаковска и организацискиот директор Аркин Јахији.

Во врска со големата кашлица годинава, директорската на Кликината потсети дека има епидемија во Скопје и во Куманово, но, има болни и во други градови.

Таа истакна дека вакцинацијата против пертусис се одвивиа на задоволително ниво, додавајќи дека подолго време нема хоспитализирано дете со пертусис на оваа клиника. 

- Сега доаѓа период на алергии. Доминираат сега деца со алергиски симптоми кај нас. Вакви алергии сме немале, кон средината на овој век се смета дека секое второ дете ќе биде со некаква алергија. Но, тоа не е само кај нас, туку во светски рамки, подвлече директорката, појаснувајќи дека има многу причини за зголемување на алергиите кај децата, споменувајќи ги меѓу другите и аерозагадувањето и тоа, каква е исхраната.

 - Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски денеска бил во работна посета на Полициското одделение Сарај и Единицата за внатрешни работи Ѓорче Петров, соопштија од МВР.

Од страна на раководството на ПО Сарај министерот бил запознаен со нивните тековни активности и структурата на теренот што го покриваат, при што заедничкиот заклучок бил дека во оваа организациска единица во најкус можен рок треба да се систематизираат повеќе полициски службеници кои ќе одговорат на динамиката на работа, од причина што на ова подрачје има 24 села и повеќе од 40.000 жители.

 - Во Универзалната сала изгоре елементот кој што требаше да биде дислоциран. Речиси 70 проценти е демонтиран материјалот кој беше во наша надлежност да го демонтираме. Секоја штета која е направена на терен ќе ја сносат нашите компании, изјави денеска по брифингот со новинарите Лазар Арсоски, сопственик на „Универзал Балкан“ Скопје, фирмата изведувач што ја реконструира Универзалната сала. 

-Речиси 70 проценти е демонтиран материјалот којшто беше во наша надлежност да го демонтираме и да го исфрлиме шутот. Во глобала во Универзална сала изгореа елементи коишто требаше да бидат дислоцирани од тој објект. Се’ што беше вредно, се’ што имаше некаква вредност за во музеј и за да може да се искористи уште во 2021 година беше извадено од салата. Во глобала, во салата беа старите материјали како иверица, стар челик, стар алуминиум, рече Арсоски.

 - Кандидатот за претседател од партијата Левица, Билјана Ванковска денеска ја претставува програмата пред граѓаните на Македонска Каменица и Делчево. Македонска Каменица, како што рече, ја посетува втор пат, а целта е со граѓаните да поразговара „очи в очи" за актуелните проблеми и претставување на програма која таа ја нуди како претседателски кандидат.

-Во Македонска Каменица прв пат бев овде кога ја отворавме локалната канцеларија. Денеска имаме пазарен ден и малку повеќе луѓе, продолжуваме со разговор „очи в очи" со граѓаните, од кои за жал ја слушам онаа приказна, колку граѓани утрово се качиле во автобуси и заминале од градот. Значи постојано во овој дел од Македонија, но и во останатите се соочува е со иселување на она што е најдоброто и она што е најсакано. Целата наша програма , значи зборувам за онаа својата претседателска, меѓутоа и она што ќе следува во вид на парламентарна програма на Левица е насочена токму кон решавање на проблемите на граѓаните, рече Ванковска.

Според Ванковска, вест на денот е дека нема да има дебати, заради што, како што рече, граѓаните нема да бидат во можност да ги слушнат аргументите на Левица.

 - Бројот на туристи во февруари е зголемен за 7,9 проценти во споредба со истиот месец лани, а бројот на ноќевања за 7,7 проценти, покажуваат статистичките податоци.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во февруари имало 44 224 туристи од кои 61 процент биле странски туристи, а 39 проценти домашни туристи. Регистрирани се 89.362 ноќевања од кои 55,3 проценти биле ноќевања од странски туристи, а 44.7 проценти од домашни туристи.

Во периодот јануари – февруари во однос на истиот период минатата година, бројот на туристи е зголемен за девет проценти, а бројот на ноќевања за 11,6 проценти. 

- Во февруари годинава се издадени 387 одобренија за градење, што е за 9,9 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година.Предвидена е изградба на 951 стан, од кои 606 се во Скопскиот регион, покажуваат  податоците што ги објави денеска Државниот завод за статистика.

По региони најмногу одобренија се издадени во Скопскиот регион, 123, од кои 66 се во општина Карпош, 12 во Илинден, по девет дозволи има во Гази Баба, Петровец и Сопиште, осум во Чучер Сандево, шест во Центар,  Следуваат Југоситочниот регион, 57 одобренија, Полошкиот, 56, Вардарскиот, 44, Источниот, 32, Југозападниот, 30, Североисточниот, 28, како и Пелагонискиот, каде се издадени најмалку одобренија, 18. 

Од предвидените 951 стан за изградба, со вкупна корисна површина од 78 892 метри квадратни, во  Скопје се 606, од кои 537 се во Карпош, 35 во Центар, 13 во Ѓорче Петров, шест во Сопиште.  Во другите градови, 84 станови се планирани во Гостивар, 76 во Струмица, 75 во Охрид....

 - Советот на ЕУ денеска во последна фаза ја усвои Регулативата „Еуро 7“, која претставува единствен правен акт што утврдува правила за ограничувањата на емисиите на штетни гасови од автомобилите, комбињата, автобусите и камионите, како и одредби за издржливоста и животниот век на акумулаторите. 

Регулативата поставува правила за емисиите на издувните гасови на возилата, вклучително и за азотните оксиди, но и за други видови емисии, како оние од абразија на гумите и за ослободувањето честички од сопирачките, особено кај електричните возила.  

Со правилата, новите автомобили и комбињата што ќе се продаваат во ЕУ од 2035 година треба да имаат нулто ниво на емисии на јаглерод диоксид, при што во периодот од 2030 до 2034 година јаглеродните емисии од автомобилите треба да се намалат за 55 проценти од однос на 2021-та, а од комбињата за 50 отсто. 

- Годишната стапка на инфлацијата во Германија во согласност со претходните прелиминарни проценки, од февруарските 2,5 отсто, во март се намали на 2,2 отсто и сега е најниска од мај 2021 година, соопшти денеска германскиот Сојузен завод за статистика (Дестатис).

Во март цените на енергенсите беа за 2,7 отсто пониски во однос на истиот месец минатата година, а цените на храната се намалија на годишно ниво за прв пат од февруари 2015 година, за 0,7 отсто, се наведува на веб-страницата Дестатис.

Спротивно на тоа, инфлацијата во германскиот услужен сектор се зголеми од февруарските 3,4 отсто на годишно ниво, на 3,7 отсто.

- Иран би можел да изврши напад врз Израел во следните 24 до 48 часа, пишува „Волстрит Журнал“, повикувајќи се на неименуван американски претставник.

Официјалниот претставник рече дека извештаите на американските разузнавачки служби укажуваат дека Иран во рок од неколку дена ќе изврши напад „веројатно на израелска територија“.

Тој додаде дека Израел се подготвува за можен напад на јужниот или северниот дел на земјата, пишува „Тајмс оф Израел“. Друг официјален претставник вели дека официјален Техеран сè уште не донел конечна одлука.

- Кризата во Судан може да се влоши во наредните месеци, бидејќи дистрибуцијата на хуманитарна помош и медицинска опрема се уште е ограничена, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).

Војната избувна во Судан во април 2023 година меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ), уништувајќи ја инфраструктурата на земјата, предизвикувајќи глад и раселување на милиони луѓе внатре и надвор од земјата.

Илјадници цивили беа убиени во конфликтот, но проценките за точниот број на жртви се различни, додека двете страни се обвинувани за воени злосторства.

Остани поврзан