• петок, 26 април 2024
МИА Радио флеш

11 април 2024 

-Првиот заменик-претседател на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска денеска во Битола присуствуваа на отворањето на првиот Еразмус+ инфо центар, на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, информираат од СЕП. Маричиќ истакна дека отсега во Битола младите од различните региони во државата имаат пристап до место каде директно ќе може да се информираат за Еразмус+ програмата, како една од најуспешните програми во Европската Унија.

-На сметките на околу 14.300 тутунопрозводители денеска се исплатени субвенциите за реколтата од 2023 година во вредност од близу 1,5 милијарда денари, соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. Министерот Николовски појасни дека се исплатени субвенциите за договорен и предаден ориентиран ароматичен тутун и според него, ова е најголемата исплата и поддршка на тутунопрозводителите. Тој информира дека субвенциите се исплатени на сите оние кои ги исполнуваат условите, без никакви притисоци, списоци, партиски поделби...

-Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски денеска оствари средба со советот на згрижувачи од СОС Детско Село, соопшти МТСП. Како што се вели во денешното соопштение, тие посочиле дека е згрижувачка состојбата во државата бидејќи немало интерес за нови згрижувачки семејства, а се ставало под знак прашање и функционирањето на постојните. -Без поддршка од Министерството за труд и социјална политика процесот на деинституционализација нема одржливост, истакнале тие. На средбата биле посочени слабостите во системот на социјална заштита и третирањето на згрижувачите од страна на институциите.

-По средбата со приватните специјализанти, изготвен е извештај и доставен до Владата. На некоја од седниците ќе дојде на разгледување со цел да се видат нивните барања и можните решенија во овој предизборен период, информираат попладнево од Министерството за здравство. - Министерството за здравство секогаш ќе се залага за подобрување на условите за работа на сите здравствени работници, вклучително и на приватните специјализанти, кои се важни во здравствениот систем. Во 2018 година, приватните специјализанти за првпат беа препознаени во јавното здравство и платени за својата работа. Ставот на Министерството е позитивен, со цел да им се излезе во пресрет на приватните специјализанти, пишува во соопштението.

-Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упатил јавна порака до албанската опозиција за коолицирање, но, како што рече, одговор до овој момент нема добиено. Мицкоски денеска по средбата со Управниот одбор на МАСИТ во Скопје, пак, одговарајќи на новинарско прашање за предлогот на Бујар Османи министер за надворешни работи и кандидат за претседател од ДУИ за постигнување на заеднички консензус за уставните измени, истакна дека „Османи за таков консензус ја има испуштено можноста“, кога, како што рече ВМРО-ДПМНЕ и тој лично на прес-конференција се понудиле да бидат дел од процесот, кој што, според него, го воделе шверцерски и тајно, позади очите на јавноста.

-Синодот на МПЦ-ОА, по предлог на Синодската комисијата за канонзирање на светии, на денешната седница одлучи да ги вброи во диптихот на светители и исповедниците и праведни Спасе и Спаса Вишенски и преподбно-маченичка Стефанида Битолска.- Синодот смета за потребно да појасни дека независно од личните мислења на поединци и црковни портали, официјалните ставови на МПЦ – ОА се оние кои излегуваат од портпаролот на Синодот и преку соопштенијата од канцеларијата на САС, потенцираат од МПЦ-ОА. Синодот им посакува на своите верни чеда душеполезен пост и достојно да го дочекаме Христовото Воскресение

-Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил, по третата неуспешна средба меѓу претставниците на власта и опозицијата за подобрување на изборните услови, рече дека меѓународната заедница е против идејата за бојкот на изборите, јави дописникот на МИА од Белград. -Тука сум како набљудувач. Тоа беше многу тежок дијалог, меѓународната заедница не гледа благонаклоно на бојкотот, но тоа е прашање што ќе треба да го решат учесниците во дијалогот во Србија, рече тој, истакнувајќи дека е добро е да се водат разговори. „Тие не се само важни, посочи тој, туку и се тешки. Дијалогот е добар, иако често не води до договор, но важно е да се разговара“, смета Хил.

-И не е важно само да се постигне договор. И ние во САД имаме такви дијалози, но мило ми е што гледам дека има позитивен тон во овие преговори... Но, секако сум свесен за сите присутни проблеми. Ние сме тука како набљудувачи, заинтересирани сме Србија да успее во тоа и да се спроведат препораките на ОДИХР, изјави Хил за новинарите.

- Безбедносните сили на Косово (БСК) денеска добија донација од Германија од пет воени камиони од компанијата „Рајнметал“ во вредност од 2,7 милиони евра, а најавено е дека ќе бидат купени уште десет такви возила за БСК. Министерот за одбрана, Ејуп Маќедонци на приемот во касарната „Адем Јашари“ рече дека денеска е посебен ден за БСК бидејќи добиле донација од Германија која ќе влијае на зголемување на логистичките и оперативните капацитети. Тој рече дека на патот кон растот и развојот на армијата, Германија како стратешки партнер одигра исклучителна улога и дека Приштина и е благодарна.

- Од Стопанската комора на Србија (ПКС) соопштија дека до 2 април годинава 2.239 граѓани побарале ИД број на Отворен Балкан за слободен пристап до пазарот на трудот на Србија, Северна Македонија и Албанија, јави дописникот на МИА од Белград.

Во текот на минатата година до 26 март годинава, постапувајќи според Законот за вработување на странци, подрачните единици на Националната служба за вработување на Србија издале вкупно 556 работни дозволи на државјани на Северна Македонија и 99 работни дозволи на државјани на Албанија. Во првите три месеци од годинава (1 јануари - 26 март) во Србија се вработиле 62 Македонци и десет Албанци.

-Девет лица го загубија животот, а најмалку 15 се водат како исчезнати откако брод со мигранти се преврте кај италијанскиот остров Лампедуза, јави ДПА, повикувајќи се на италијанската крајбрежна стража. Според податоците на италијанската новинска агенција АНСА, меѓу жртвите има и девојче на возраст од четири до осум години. Според агенцијата, во чамецот имало 46 лица. Тој се превртел во меѓународни води на околу 30 наутички милји југоисточно од Лампедуза, соопшти крајбрежната стража. Службата забележува дека напорите за пронаоѓање на преживеани се отежнати од бранови високи до 2,5 метри.

-Две лица загинаа во лавина во Тирол, Австрија, четворица се спасени, а според првичните информации 18 се затрупани. Во тек е голема спасувачка операција. Лавината започнала околу 11 часот во општината Вент им Нидертал во правец на Мартин Буш Хуте, јавуваат локалните медиуми. Во тек е голема спасувачка операција. Преживеани се бараат со кучиња трагачи и хеликоптери. Службите за итна помош во моментов не можат да дојдат на местото на несреќата од безбедносни причини. Исто така, итните служби се фокусирале на евакуација на планинари на пат кон колибата Мартин Буш, пишува „Кронен цајтунг“.

-Норвешка, која двапати го откажа членството во Европската унија, треба да одржува блиска соработка со блокот и да го забрза усвојувањето на европските правила и прописи, според препораките на комисијата назначена од норвешката Влада. Граѓаните на скандинавската страна се изјаснија дека не сакаат да влезат во ЕУ на два референдуми, одржани во 1972 и 1994 година. И покрај тоа, Норвешка, заедно со Исланд и Лихтенштајн, учествува на заедничкиот европски пазар врз основа на Договорот за Европската економска област (ЕИП). Во препораките на норвешката владина комисија се посочува дека овој договор и обезбедува на земјата „пошироки, подлабоки и попредвидливи“ односи со ЕК отколку што имаат Швајцарија, Велика Британија и Канада.

 -ЕУ ќе учествува на мировната конференција за Украина што ќе се одржи во јуни во Швајцарија, рече денеска на прес-конференција портпарол на Европската комисија во одговор на новинарско прашање. Тој појасни дека се уште не е добиена покана и не е утврдено кој ќе ја претставува ЕУ. Го поздравуваме одредувањето датум, додаде портпаролот, откако вчера беше прецизирано дека средбата ќе се одржи на 15 и 16 јуни. „ЕУ ќе продолжи со напорите во потрага по најголема можна поддршка ширум светот за постигнување праведен и траен мир во Украина врз основа на украинскиот предлог“, додаде тој.

-Повеќе од 6.000 луѓе кои живеат во руската Курганска област се евакуирани поради поплави, јавија руските медиуми. Поплавите од топењето на снегот принудија повеќе од 110.000 души во планинскиот венец Урал, во Сибир и Казахстан да ги напуштат своите домови, откако реките Урал и Тобол излегоа од нивните канали. Во областа се отворени речиси 100 пунктови за привремено сместување, за кои се собираат потребните количини храна и вода за пиење

-Замрзнувањето на цените на храната се краткорочна, а не структурна мерка која може да се користи на долг рок. Со неа само привремено, вештачки, одржувате некое ценовно ниво кое не ги отсликува реалните производни трошоци и реалните текови во економијата, порачаа денеска експертите од Светска банка. Според нив, наместо замрзнување на цените, треба да се обезбедат подобро платени работни места, да се зголеми конкуренцијата во малопродажниот сектор и да се произведува повеќе храна дома, отколку што се увезува.

-Кина денеска соопшти дека вовела санкции за две американски компании за производство на воена опрема поради продажба на оружје на Тајван, кој го смета за отцепен остров што мора да биде вратен дури и со сила. Со санкциите се замрзнуваат средствата на „Џенерал Атомик Аеронаутикал Системс“ и „Џенерал Динамик Ленд Системс“ во Кина. Со оваа мерка се забранува и влез на менаџментот на тие фирми во земјата. „Џенерал Динамик“ му помага на Тајван да купи тенкови „Абрамс“ за да го замени стариот тип со цел да се одврати или да се спротивстави на инвазијата од Кина.

Остани поврзан