• недела, 12 мај 2024
МИА Општински пул

5 април 2024

Скопје - Поради двоење во водоводна шахта од ф - 1 на ул. „Мариовска“ бр.16 населба Кисела Вода, денеска прекинато водоснабдување ќе имаат дел од корисниците од оваа улица.

Како што информираат од ЈП Водовод и канализација - Скопје, прекинот во снабдувањето со вода ќе биде од 11:05 часот до завршување со работните активности.

Скопје - Прилепската полиција ноќеска во 2.30 часот по полноќ во овој град ги лишила од слобода  Е.Б.(34) и О.М.(29), двајцата од Прилеп.

Како што информираат денеска од МВР, тие биле фатени при извршување „тешка кражба“ во куќа во Прилеп, при што кај нив биле пронајдени украдените предмети и ќе бидат вратени на сопственикот.

Скопје - Поради реконструкција на водоводна мрежа од ф 200мм на ул.„Бел Камен“ бб во општина Бутел, утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населбата „Бел Камен“ и „Кучевишка Бара“.

Од ЈП Водовод и канализација - Скопје информираат дека прекинот ќе биде од 08:00 часот до завршување со активностите.

Скопје - Општинските служби ја расчистија депонијата во напуштениот објект во Капиштец спроти Католичката црква. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски известува дека од локацијата во неколку наврати се отстрани смет, шут, кабаст и градежен отпад. Депонијата беше потенцијален извор на разни инфекции, но и опасност за безбедноста поради собирање бездомници кои палеа оган од насобраното ѓубре, информираат денеска од Општина Центар. 

-Ваквите депонии мора да бидат расчистени од причина не само што ја нагрдуваат сликата во општината, туку поради тоа што најчесто се дувло на бездомници и потенцијални жаришта на зарази и нови пожари. Јавната хигиена и здравјето на граѓаните мора да биде на прво место, рекол Герасимовски.

Скопје - Македонското лекарско друштво (МЛД) и Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје денеска организираат свеченост по повод Светскиот ден на здравјето - 7 Април, што се одбележува под мотото „Мое здравје, мое право“. 

На свеченоста најавени се обраќања на претседателот на МЛД д-р Горан Димитров, министерот за здравство Илир Демири и на специјалната претставничка на  СЗО за Северна Македонија д-р Ане Јохансоен. 

Скопје - Со концерт на ученици и студенти од музичките училишта и факултети во државата, вечер во КИЦ-Скопје (Салон 19:19) ќе биде отворен шестиот Меѓународен фестивал за кларинети Кларифест - Скопје 2024. 

Фестивалот ќе трае до 7 април и се состои од семинари, презентации и концерти за кларинет. Гости оваа година ќе бидат реномираните професори и интернационални солисти на кларинет: Барбара Борович од Полска (професор на Музичката академија во Краков) и Весли Фереира од САД (професор на Факултетот за музика, театар и танц на Државниот универзитет во Колорадо).

Штип - Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска ќе изврши увид во изградба на браната на река Отиња во Штип.

Браната е инвестиција на Владата, во износ од преку 300 милиони денари. Со проектот е предвидено да се изведе камено-земјена брана во висина од 33 метри. Таа пред сè ќе биде наменета за водоснабдување со технолошка вода за потребите во градот и интервентно дополнување на водоводниот систем со сурова вода.

Крива Паланка - Публиката во салата на Центарот за култура Крива Паланка синоќа уживаше во комичните реплики и хуморот на младата актерка Надица Петрова од Театарот „Златен Елец“, која настапи со стендап комедија.

-Пријатно освежување на културната понуда во нашиот град благодарение на Министерството за култура на Северна Македонија и иницијативата на министерството „Театрите поблиску до публиката“. Смеа, хумор и бројни аплаузи се она што ја карактеризира синоќешната атмосфера, со која само ја навестувме и најавуваме богатата лепеза програмски активности на НУЦК од годишната програма, од повеќе дејности, кои придонесуваат кон програмата на манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата“, информира директорот на НУ Центар за култура Крива Паланка Антони Стојановски.

Скопје - Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски имаше средба со претседателот на Државна изборна комисија, Александар Даштевски и со членови на ова тело, информираат денеска од ЗЕЛС.

-На средбата иницирана на барање на ДИК, беше побарана соодветна техничка и логистичка поддршка од општините во процесот на спроведување на изборните активности. Општините се законски обврзани да обезбедат простор за спроведувањето на гласањето, но беше посочено дека во одредени изборни пунктови потребна е поддршка и во обезбедување на одредени технички помагала, како компјутери, печатачи и слично, се вели во соопштението од ЗЕЛС.

Скопје - Последното деноноќие имало 21 пожар на отворено, утрово четири пожари сѐ уште се евидентирани како активни, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

- Регионалниот ЦУК - Скопје, известува дека вчера од БППЗ на градот Скопје, во 12.37 часот добиле информација дека пожарот пријавен во месноста Китка, кај селото Варвара, се наоѓа на особено непристапен терен, поради што не е возможно да интервенираат екипи. Од ЦУК известени се ЈП „Национални шуми“, подружница „Караџица“ - Скопје. Регионалниот ЦУК -Охрид информира дека од ТППЕ Македонски Брод известиле оти високо над селото Горно Ботушје има активен пожар, но, истиот не предизвикува опасност.

Скопје - Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во Северна Македонија, во соработка со Специјалната Олимпијада, од денеска до 7 април во базенот на СЦ „Борис Трајковски“ организира регионален натпревар во пливање.

Настанот е во рамки на проектот на Обединетите нации „Младите за инклузија, еднаквост и доверба“. Ќе учествуваат спортиси со интелектуална попреченост од регионот, а целта е промовирање свест за инклузија преку спортот и регионална соработка меѓу младите во регионот. Настанот е поддржан од Делегацијата на Европска унија во Севернa Македонија.

Скопје - По повод  Меѓународната недела на здравјето, ЈУ Детски културен центар „Карпош“ денеска ќе организира трка во Градскиот парк за деца од градинки, со порака „Спортувањето и здравиот начин на живеење ќе придонесат за долг и здрав живот“.

Ќе учествуваат деца од градинките од Скопје и околината кои од 11 часот ќе трчаат на тартан патеката во Градскиот парк на 250 метри, во мешана категорија - момчиња и девојчиња. 

 

Остани поврзан