• недела, 12 мај 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 4 април 2024

 

Велес - Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев денеска оствари работна посета  со раковоството на СВР Велес,и на Полициското одделение Чашка. каде бил информиран за постигнатите резултати од работата и за изминативе три месеци од оваа година заедно  ја оцениле за поволна  безбедносната состојба во земјава.

- За одбележување е намалување за 40 отсто на нарушување на Јавен ред и мир, за првото тримесечје од 2024 година. Локалните штабови за организирање на фер, слободни и демократски избори функционираат, истакна Бојмацалиев по брифингот со СВР Велес.

Додаде дека за добрите резултати придонесе подобрувањето на работните услови на вработените, односно реконструкциите на објектите на СВР Велес, Чашка и Кавадарци.

Бојмацалиев информираше дека финансиите за бонус плата за вработените во МВР  се обезбедени, но не е исплатена заради распишаните избори, а по завршување на техничката влада ќе започне процедурата за прибирање на податоци и исплатата на бонус плата, која до 2017 не беше исплаќана, а која се исплаќа од 2017 година наваму.

Тој истакна дека по однос на иницијативата од Македонски полициски синдикат од ноември 2023 година е формирана работна група, за колегите кои се на ноќна смена наместо храна да добиваат паричен надоместок.

Тој изрази своето уверување дека колегите од СВР Велес ќе продолжат со несмален интензитет во полициското работење, а со цел одржување на поволна безбедносна состојба и гарантирање на фер и демократски изборен процес што ни претстои наредниов период.

На новинарско прашање тој потсети дека граѓаните до МВР можат да пријават секаков вид на нерегуларности во текот на изборниот процес на деновите на изборите ,како и секојдневно за секаков вид на проблеми.

Охрид – Бугарскиот приморски град Варна добил барање од Охрид за збратимување, соопштил градоначалникот на Општина Варна, Благомир Коцев, на регионалната конференција „Европа на Балканот: Заедничка иднина“ што се одржува токму во Варна.

Коцев изјавил дека тоа претставува исклучителна можност за зближување не само на двата града, туку и на двете држави.

Градоначалникот на Варна, како што објави БТА, уште посочил дека ги поздравува напорите на сите балкански земји кои го следат примерот на Бугарија на нивниот пат кон идното членство во Европската Унија.

- Варна е пример за тоа како балканските градови можат успешно да се развиваат. Потенцијалната соработка како онаа со Охрид, која верувам дека ќе се случи, би ни дала можност да покажеме како европските фондови можат да придонесат за развојот на балканскиот регион, рекол Коцев, објави бугарската БТА.

Кочани – Компостот што го произведува станицата за пречистување на отпадните води на КЈП „Водовод“ од Кочани е внесен во Регистерот на производители на ѓубрива на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со што легално ќе почне да се продава како подобрувач на својствата на почвата.

На работилницата "Употреба на органско ѓубриво - компост во земјоделството“, што денеска се одржа во Кочани, беше истакнато дека пречистителната станица кај кочанското село Мојанци е прва во државата која целосно ја искористува отпадната тиња од филтрирањето на водата и добива корисен продукт за земјоделското производство.

-Нашата станица е една од најголемите и најмодерните во државата, со голем број процеси за третирање на отпадните води, а крајна фаза е добивањето на компостот. Покрај тињата, се користи и сламата од оризот што се собира од полињата, па наместо да се пали по завршувањето на жетвата, сега има нова употребна вредност. Со тоа го заокружуваме целиот процес за пречистување и со него имаме нула отпад. За да се дојде до овој производ постапката за испитување на компостот почна од 2020 година, а од микробиолошките и физичко-хемиските лабораториски анализи добивме позитивни резултати, истакна Радостина Стоилковска, раководителка на Станицата за пречистување на отпадните води.

Испитувањата на карактеристиките на компостот во изминатите четири години ги правеше лабораторијата за анализа на почви и ѓубрива на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.

-Во европски и светски рамки проблем претставува отпадот од пречистителните станици затоа што постојано се трупа огромна количина тиња, којашто има голема органска и енергетска вредност. Тресетот, односно компостот таму се користи за подобрување на својствата на почвата со лош механички состав, односно за зголемување на содржината на органска материја и намалување на лепливоста на самата почва. Кај нас, Министерството за животна средина има правилник со кој се регулира за кои земјоделски култури, во кој временски период и колкава количина треба да се користи од компостот добиен во пречистителните станици. Сето тоа зависи и од анализата на примероци од почвата, истакна Миле Маркоски, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.

Сламата од оризот што се користи во процесот на филтрација на фекалните води од градската канализација се меша со отпадна тиња и дневно се произведуваат по околу 26 кубни метри висококвалитетен компост. Како нуспроизвод од ферментацијата се добива и метан, што заедно со поставените фотоволтаични панели, служи за затоплување и за производство на електрична енергија за потребите за станицата за пречистиување.

Пехчево - Пехчево се сеќава на разорниот земјотрес кој го погоди градот пред точно 120 години. По тој повод од општината потсетија на деталите од природната катастрофа која се случила на 4 април 1904 година во 12 часот и 25 минути. 

Силниот потрес бил со магнитуда од 7.8 степени според Рихтеровата магнитудна скала и интензитет од Х степени според EMSC-98, а било погодено пограничното подрачје помеѓу Пехчево и Кресна.

-Ова е најсилниот земјотрес кој се случил на копнениот дел на Балкански полуостров. Најголемиот дел од населените места околу епицентарот биле целосно разурнати, куќите биле непогодни за живеење, поради што жителите живееле во шатори и колиби. Огромни материјални штети имало и низ целата држава како и во соседството, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, каде земјотресот бил почувствуван, се вели во објавата на Сеизмолпшката опсерваторија на ПМФ која ја пренесе Општина Пехчево.

На главниот земјотрес му претходеле три умерено силни до силни земјотреси со магнитуди од 5.1 до 7.3 степени, а во афтершоковата (последователна) активност, која траела речиси две години, биле забележани уште 5 земјотреси, три во 1904 година и два земјотреси во 1905 година со магнитуди од 5.4 до 6.5 степени според Рихеровата скала.

-Бројот на загинати и повредени  достигнал до околу 150 лица. Овој земјотрес се карактеризира со разни сеизмодеформации и тоа сеизмотектонски (воочливи раседи на површината на Земјата), сеизмогравитациони (одрони, клизишта и др.) и сеизмодинамички (појава на пукнатини на хоризонтални терени). Како позначајни може да ги издвоиме големите пукнатини кои ги предизвикал како во Пехчево, така и во сите останати места каде земјотресот бил почувствуван, се додава во објавата на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ по повод 120 години од  земјотресот во Пехчево.

Покрај пукнатините, земјотресот  предизвикал и појава на ликвифакција (феномен при кој почвата под дејство на динамичкото влијание на земјотресот ги губи своите механички својства и добива особини на вискозна средина) и избивање на топла и ладна вода на повеќе места. Се смета дека некаде таа избивала од површината нагоре до 100 м, некаде предизвикала поплави, а по одредено време истата изчезнала.

Скопје - Техничкиот министер за труд и социјална политика Ѓоко Велковски донесе решение за разрешување на Александар Филев од директор на Јавната Установа Меѓуопштински центар за социјална работа – Радовиш по добиеното известување на 03.04.2024 од СВР Струмица, соопштија денеска од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

- На Александар Филев, според известувањето од Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност СВР Струмица, ОВР Радовиш – ОСИД, рег.бр.23.26.2.3-609/2 на 19.03.2024 година, поднесена му е кривична пријава за сторено кривично дело Загрозување на сигурноста по член 144 став 4 од Кривичниот законик и три прекршочни барања по член 6, по член 11 став 1 и член 13 став 2  од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, се наведува во соопштението.

Со ваквите дејствија, се додава, загрозување на сигурноста, прекршоците за нарушување на јавниот ред и мир поради пијана состојба, учество во тепачка и навредување на службено лице на државен орган или друга институција која врши јавни овластувања во вршење на службата, Александар Филев со крајно несоодветно однесување, а притоа неводејќи сметка за јавниот углед и интерес на институцијата кој ја преставува,  направил груба повреда на законот и статутот на институцијата.

- Имено, во член 189 од Законот за социјална заштита ( "Службен весник на РСМ бр.104/19, 146/19, 275/19, 302/20, 311/20, 163/21, 294/21, 99/22, 236/22 и 65/23) е предвидено дека директорот на Установата може да биде разрешени пред истекот на мандатот за кој е именуван доколку постапува противправно, односно спротивно на јавните интереси, соопштија од МТСП. 

Остани поврзан