• недела, 09 март 2025
МИА Општински пул

28 февруари 2025

Скопје - Во текот на вчерашната ноќ, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстранија две обемни диви депонии лоцирани во скопската општина Чаир. Активностите се одвиваа на улицата Џон Кенеди, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“ како и на улицата Лазар Трповски.

Во рамките на акцијата беа подигнати и транспортирани вкупно 40 кубни метри претежно кабаст и мешан комунален отпад одложени на јавни и сообраќајни површини.

Во текот на 2024 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје во оваа скопска општина отстрани вкупно 2970 кубни метри отпад од диви депонии, што е најголемо количество во однос на сите останати скопски општини. Само во текот на месецот јануари 2025 година, се подигнати и транспортирани 205 кубни метри отпад од диви депонии во општината Чаир.

Дебар - Во пресрет на утрешниот ден, кој го означува почетокот на светиот месец Рамазан, дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше, го честиташе почетокот на Светиот месец со желби за прифатени пости и молитви.

Од муфтиството преку објава на страната на Фејсбук, ги информираат верници за деновите и времето на молитвите, предавањата, донирањето средства и прехранбени артикли, кои ќе бидат наменети за семејствата во социјален ризик.

-Првиот ден на постот ќе започне на 1 март (сабота). На сите верници им посакуваме добро здравје, и прифатени пости од Севишниот Аллах. Нека ви е честит и мубарек месец Рамазан, стои меѓу другото во објавата на муфтиството.

Со истите желби светиот месец го честитаа и градоначалниците на Дебар, Маврово и Ростуше и на Центар Жупа, како и Сојузот на Македонците со исламска религија (СМИР).

Скопје - Жителите на општина Сопиште добија Дом на култура кој се простира на 200 м² и е опремен со повеќенаменска сала, хол со кафе-бар, канцелариски простории и модерна инфраструктура која ќе овозможи одржување на различни културни активности.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со градоначалникот Стефче Трпковски и пратеникот Јане Мицевски, вчера и официјално, го предадоа во употреба новоизграденото културно обележје, на големо задоволство на бројните граѓани кои присуствуваа на настанот.

„Како градоначалник, особено сум горд на овој проект кој верувам ќе создаде нови можности за развој на културата и уметноста во Сопиште. Домот сѐ уште нема име. Не случајно, одлучивме тоа да го направиме заеднички. Во периодот што следи, од вашите идеи и предлози ќе го одбереме името на домот, со што симболично заеднички ќе го создадеме неговиот идентитет. Верувам дека сето ова ќе придонесе да создадеме место на кое ќе се негува културната традиција, ќе се промовираат нови
идеи и ќе го збогатиме културниот живот во Сопиште“, истакна градоначалникот Трпковски на отворањето на Домот.

Скопје - Во тек е редовната пролетна дератизација на околу 5.000 шахти на територија на општина Карпош. Како дел од рутинските активности за одржување на јавната хигиена претходно, со процесот на дезинфекција, дезинсекција и дератизација беа опфатени сите основни училишта и детски градинки, информираат од Општина Карпош.

Локалната самоуправа, велат оттаму, ја презема оваа активност секоја година на пролет и есен, како превенција од штетните глодари и инсекти, во насока на одржување на здравата животна средина.

Дебар - Општина Маврово и Ростуше исплати еднократен финансиски надомест за 30 студенти од општината, кои ова право го оствариле врз основа на предвидените критериуми  во јавниот оглас. 

-Четврта година по ред, Општина Маврово и Ростуше доделува еднократен финансиски надомест за студентите од нашата општина во висина од 10.000 ден за секој студент, што е за 4 илјади повеќе во однос на претходните три години. Годинава оваа поволност ја добија вкупно 30 студенти, на чии сметки се исплатени средствата, информираше Медат Куртовски, градоначалник.

Поконкретно, додава, од вкупниот број, осум студенти се запишани на Медицински факултет, шест на Факултетот за информатички науки, по тојца на стоматолошкиот и економскиот, двајца на  архитектонски факултет, и по 1 студент на ДИФ, на факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, Филолошки факултет, Факултетот за меѓународна трговија и логистика, Теолошкиот факултет, Факултетот за бизнис и администрација, Правен и градежен факултет. 

Дебар - Бигорското светилиште, кое отсекогаш го негува богослужбениот ред, Типик на вечерна богослужба, практикува во целост, во предвечерието на почетокот на велигденските пости.

Така, и оваа година ги повикува верниците да земат учество во споменатава богослужба, која ќе започне во недела (2 март) со почеток во 17:00 часот. Службата завршува со Великопосната молитва на Свети Ефрем Сирин, која е проследена со големи поклони, како и со меѓусебното големо простување на верниците и монасите.

Затоа, стои во соопштението, светите отци за овој последен ден пред постот предвиделе специфична богослужба, давајќи на верните можност да си побараат прошка едни на други и така да направат добар почеток на светиот Пост.  

Во духот на оваа, првично монашка традиција, таа неделна вечерна богослужба во Бигорскиот манастир е вистинско доживување за сите присутни, кои во голем број се собираат овде за со искрено покајание и помирување со другите, достојно да се подготват за посниот подвиг.

Скопје - Без електрична енергија денеска од 8:00 до 12:00 часот ќе бидат дел од корисниците од улицата „Димо Хаџи Димов“ лоцирани кај агенцијата „ОСА“ во општина Кисела Вода. 

Во периодот од 9;30 до 14:30 часот без струја ќе бидат дел од корисниците од улиците „Веле Марков“ и „Кичевска“ во општина Ѓорче Петров.

Без струја од 12:00 до 14:00 часот ќе бидат корисниците од улицата по гробиштата во Марино кон населба Јака, Општина Илинден.  

Како што информира Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, прекините се поради планирани технички зафати во електродистрибутивната мрежа. 

Скопје - Без вода денеска од 10:00 часот ќе бидат дел од корисниците од улицата „Максим Горки“ во Општина Центар. 

Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“, прекинот е поради изведување водоводен приклучок од ф–100 милиметри на улица „Максим Горки“ бр. 13 во населба Центар.

Поради технички зафат на санација на затварачи од ф–300 милиметри и ф-125 милиметри на булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“ спроти Реплек, во периодот од 02:00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населбата Тафталиџе 2 и дел од корисниците од улицата „Јуриј Гагарин“ во општина Карпош. 

Остани поврзан