• сабота, 27 април 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

8 јуни 2023 

Росоман - Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, пред земјоделците од Росоманско, денеска  го презентираше решението за санација на оштетениот сифон Макарија на хидромелиоративниот систем „Тиквеш".  

Ова е, рече тој, најбрзо можно трајно решение, стручно потврдено.  Ќе се заменат цевките на сифонот од 400 метри. Санацијата треба да заврши за максимум 45 дена, можеби и нешто порано. Средствата се обезбедени од Буџетот на Министерството за земјоделство. 

Тој нагласи дека според стручни лица, станува збор за  хаварија од огромни размери, што се случи при крајот на минатиот месец, на тешко пристапен терен. 

- Нашите тимови постојано ќе бидат присутни на терен. Ќе се следи состојбата. Денеска на состанокот беше присутен и претседателот на владината комисија за проценка на штети, со цел и тие да бидат во тек, веднаш да се реагира, нагласи министерот, напоменувајќи дека во моментот кога ќе има штета на земјоделски култури, Советот на општината Росоман ќе одржи седница и ќе се формираат комисии согласно на законот за заштита и спасување, ќе се излезе на терен и ќе се направат записници, елаборат и проценки. 

Тој изрази надеж дека проблемот ќе се надмине најбрзо што може и дека штетите ќе бидат помали. 

Николовски информираше дека барањата на земјоделците беа да се обезбедат 1.200 литри во секунда, а со ова решение ќе се обезбедат 1.700 литри во секунда. 

Во меѓувреме, додека се работи на решавање на проблемот, министерот одговори потврдно на прашање од МИА, дека се разгледуваат и можностите за алтернативни решенија за обезбедување на вода за наводнување за одредени површини, што сега не може да се наводнуваат поради хаваријата. 

Присутните земјоделци нагласија дека ќе претрпат штети.

Струмица - Транспаретноста е најголемото орудие за борба против корупцијата и ние тука имаме направено прилично сериозни поместувања. Тоа го препознаваат и меѓународните партнери. Ние ги обврзавме државните институции за проактивна транспаретност да ги објавуваат податоците и информациите на веб страниците кои граѓаните најчесто ги барале во изминатите две години и рокот за тоа е шест месеци, зашто станува збор за прилично голем обем на податоци со цел да дојдеме до ситуација кога сите податоци, сите информации што ги поседуваат институциите ќе бидат објавувани без да бидат барани од страна на граѓаните, рече денеска заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на средба со ученици од СОУ „Јане Сандански“ во Струмица.

Додаде дека информациите и податоците кои имаат инстутиците им припаѓаат на граѓаните, а не на институциите. И во овој процес на дигитална трансформација на општеството ќе се дојде до степен кога тоа ќе стане нормално и кога институциите ќе станат потполно транспаретни.

Според вицепремиерката Грковска, разговорите со младите се искрени, бидејќи тие имаат искрена желба да се направат нешто добро, зашто сите сакаме да живееме во подобро општество.

-Образованието, здравството, социјалните прашања, корупцијата-се главни прашања кои младите ги дискутираат на средбите со нас. Младите се незадоволни кон системот, меѓутоа оваа кампања „Зависи од мене и тебе“ е токму заради тоа да ја видиме свесноста дека зависи од секој од нас во каков систем ќе живееме, истакна Грковска.

Прилеп - За 40 насто е намален бројот на запишани првачиња во 10-те прилепски основни училишта во официјалниот рок до 1 јуни. Според списокот од МВР за деца на возраст за упис во прво одделение се 802, а до 1 јуни во основните училишта се запишани 480.

Гоце Бумбароски, советник за млади при прилепската локална самоуправа и одделенски раководител во прилепското ОУ „Кочо Рацин“, вели дека според искуството очекуваат до 1 септември и други родители да стигнат за упис на своите деца, но состојбите се загрижувачки.

- Состојбите се загрижувачки. Од списокот на деца во општината кои се на возраст за упис во прво одделение, а тој брои 802 деца, до официјалниот рок се запишани 480. Тоа е повеќе од една третина или 40 насто помалку запишани првачиња. Секако, според искуството, родителите доаѓаат за упис и до 1 септември, но тоа е мал процент, можеби 10 до 20 насто. Има пример во едно основно училиште, од планираните 190, запишани се 50-тина, изјави Бумбароски.

Ахил Јаков, директор на прилепското основно училиште „Климент Охридски кое има околу 780 ученици, анализира дека последните години постојано се намалува уписот на првачињата.

Дебар  - Познатиот дебарски епидемилог Ментор Меља, кој во декември минатата година беше пензиониран, на задоволство на жителите од поширокиот дебарски регион, повторно е во служба на нивното здравје.

Меља е единствен епидемилог во подрачјето на општините Дебар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше и долги години беше раководител на дебарската работната единица на заводот за јавно здравје-Охрид. Негова заслуга меѓу другото е откривањето на првите случаи со Ковид-19 на ова подрачје и во целиот пандемски период беше максимално ангажиран.

-Во декември минатата година го остварив правото на пензија, но се чувствувам подготвен и понатаму да им служам на жителите од ова подрачје. Поради тоа доставив барање до министертвото за здратсво да може да продолжам со мојата работа. Одговор добив деновиве дека сум ангажиран со договор на дело и ете веќе сум во служба на здравјето на граѓаните, изјави Меља за МИА.

Во изминатите шест месеци жителите од ова подрачје беа приморани за одредена здравствен услуга да одат до Охрид, каде има само еден епидемиолог или во Скопје, бидејќи и Струга нема ваков кадар.

Жителите од ова подрачје мака мачат и кога им е неопходна услуга од лекар специјалист за уво, грло, нос, бидејќи откако единствениот оториноларинголог, Баки Халили беше пензиониран па мора и за најмала услуга да одат во други градови.

Гостивар – Со полчасовна блокада на локалниот пат Бунец-Леуново на влезот во НП Маврово, група граѓани и членови на здружението за рурален развој „Преродба на Горна Река“ изразија револт, за, како што наведоа, еколошката катастрофа што се случува на површините на Националниот Парк Маврово.

Реакцијата на собраните граѓани се однесуваше на активности што се спроведуваат на планината Меник и се однесува на сеча на дрвја.

- Бараме од страна на НП „Маврово“ веднаш да престанат со нивните незаконски активности и оштетување на природата. Во меѓувреме, надлежните институции треба да преземат мерки за испитување на законските прекршувања кои ги прави управата на националниот парк, рече Фисник Јакупи, секретар на здружението.

Граѓаните најавија дека овој протест е предупредувачки и посочија дека на планината Меник се случува деградацијата на природата што ја спроведува ЈУНП „Маврово“.

Кочани – Планот за сеидба на оризот во Кочанско е реализиран во целост и со главната земјоделска култура во регионот се опфатени околу 3.500 хектари.

Реализацијата на сеидбената кампања беше продолжена за десетина дена поради доцнењето во подготовката на површините во атарите на селата Чешиново, Спанчево и Соколарци.

Полнењето на нивите со вода, што почна во средината на април, се одвиваше без проблеми, а во каналската мрежа на хидросистемот „Брегалница“ се пуштаа просечно по околу десет кубни метри во секунда.

- Сезоната за наводнување ја почнавме со недостиг од околу 20 отсто од потребните количини вода, но обилните дождови кон крајот на април и почетокот на мај ја подобрија хидролошката состојба и ја наполнија браната Калиманци. Дотокот од реките е над просекот за овој период од годината, што значително го надомести недостигот. Пред неколку дена водата ја достигна максималната кота и беше на прелив, а во моментот се акумулирани над 113 милиони кубни метри. Со овие количини, како и со добра организација од наша страна и домаќинско однесување на водокорисниците, очекуваме сезоната за наводнување да се реализира според планот, истакна Благојчо Богатинов, раководител на водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани.

Од водостопанската подружница нагласија дека и покрај максималното ниво на акумулирана вода во Калиманци, распределбата ќе се врши крајно економично за да се обезбеди наводнување во текот на летниот период за полињата во кочанскиот, пробиштипскиот и светиниколскиот регион.

Според просечните приноси од единица површина се очекува од полињата во кочанскиот регион годинава да се добијат над 25 илјади тони оризова арпа.

Битола - Заводот за вработување на Република Словенија и словенечката амбасада во земјава, приредија промотивен настан посветен на можностите за вработувања и живот во Република Словенија.

Промоцијата на потребите од ресурси за вработување во Словенија почна од Северна Македонија, а ќе биде организирана и во други држави затоа што во овој момент Словенија има потреба од работници, изјави Жива Штиглиц, раководител на сектор за меѓународна соработка во Заводот за вработување на Словенија.

-Вчера во Скопје и денес во Битола забележавме голем интерес за вработување во Словенија. Во директни средби со граѓаните информираме за заштитата и правата на вработени емигранти, за минималната плата и други бенефиции. Во Словенија во моментов најмногу има потреба од здравствени работници, кадар од сферата на градежништвото, но има потреба и од други професии, посочи Штиглиц.

Тетово - Екипа од Драмско студио при Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ од Тетово утре, петок 9 јуни ќе се претстави пред публиката со изведбата на претставата „Професионалец“ по текст на српскиот драмски писател Душан Ковачевиќ. Саше Серафимовски е режисер и толкува една од улогите, додека останатите ликови ги играат Раде Наумчеввски, Маја Николовска, Миќо Стојчевски додека соработник е Ладо Савески.

Режисерот вели дека текстот на Ковачевиќ од пред повеќе децении е безвременски и актуелен и сега и затоа се одлучил на тој избор.

- Текстот на Ковачевиќ прави одлична аналогија на времето од кога е напишан, до ден денешен. Во еден друг систем гледаме дека тој поранешен систем е на некој начин ископиран и во овој денешниот преку флоскула демократија. Текстот е безвременски, нема рамка секогаш актуелен. Сметаме дека Тетово треба да види сериозна и квалитетна драма од познати автори, која е балканска класика. Дело кое треба да поттикне на сериозно размислување околу општествените појави, се тоа врз онаа брилијантна идеја на Душан Ковачевиќ-тажна комедија, дали публиката повеќе ќе се концентрира на тагата или на комедијата ќе процени публиката, порача Серафимовски на денешната прес-конференција.

Раде Наумчевски кој ја има улогата на Мирослав Кокањац вели дека толкува лик кој успева да го каже она што многу малку луѓе осмелувале да го направат.

Делчево - Во организација на Општинската организација на Црвен крст денеска во Делчево се реализира крводарителска акција. Акцијата се реализира во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, од каде изразија задоволство од одзивот на хуманите граѓани на Делчево.

-Секогаш кога доаѓаме во Делчево имаме добар одзив од граѓаните кои еве и денес се доста активни. Во име на Црвен крст и граѓаните на Република Северна Македонија им се заблагоарувам за хуманоста и им посакувам и понатаму да бидат хумани, истакна Фикрет Демишовски, специјализант во Институтот за трансфузиона медицина.

Од почетокот на годината досега како што додаде организациониот секретар при Црвен крст Делчево, Ивана Ангеловски годишниот план за крводарување е пред исполнување.

-Сето тоа е благодарение на ажурноста на крводарителите кои ги поканувам и во иднина да продолжат така. Ова нека биде порака и за помладите и тие активно да се вклучат и да дадат свој придонес во зголемување на оваа бројка, додаде Ангеловски.

Од општинската организација на Црвен крст Делчево информираа дека крводарителска акција утре ќе биде спроведена со крводарителите од Македонска Каменица.

Остани поврзан