• недела, 28 април 2024
МИА Општински пул

25 март 2024

Куманово - Невработените кумановци и работодавци да се пријават и да искористат дел од мерките опфатени во оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, повикаа денеска надлежните од Центарот за вработување Куманово.

- Активни се три огласи за мерката поддршка за креирање нови работни места преку зелени инвестиции, обука за стручни квалификации според барање на работодавците, како и субвенционирање на вработување, изјави раководителката на центарот за вработување, Марија Димитријевска.

Куманово - Учениците да пријават сајбер насилство, да ги информираат стручните служби, наставниците, родителите, повикаа денеска надлежните од повеќе институции од Куманово на завршниот настан од проектот „Think b4 you click – Размисли пред да кликнеш“, кој го спроведува граѓанскиот Центар „Активум“ и кумановското основното училиште „Крсте Мисирков“.

Учениците веќе препознаваат и пријавуваат врсничко насилство, велат организаторите.

Скопје - Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажа последното мерење на квалитетот на водата за пиење добиено од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.

Како што информираат од ЈП Водовод и канализација, во периодот од 18.03.2024 до 22.03.2024 испитување било извршено на 190 примероци за физичко-хемиска и 190 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 41 мерни места во Градот Скопје.

Битола - Универзитетот „Св. Климент Охридски“ и Општина Битола, во рамки на програмите на Алијанса на европски универзитети – АЕУ КОЛОРС ќе реализираат заеднички активности и меѓусебно ќе се поддржуваат, истакнаа на прес конференција во Битола, ректорот Игор Неделковски и градоначалникот Тони Коњановски.

Европските алијанси се иницијатива на ЕУ и во иднина ќе се формираат 60 универзитетски алијанси со околу 500 универзитети и притоа ќе се реализираат заеднички истражувања и ќе добиваат заеднички меѓународни дипломи. Со членството во АЕУ КОЛОРС, битолскиот Универзитет се именува како Европски Универзитет, истакна ректорот Неделковски.

Скопје - Денеска на Денот за подигање на свеста за церебралната парализа градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски заедно со директорот на ЈУМЦСР Изеир Мемеди ја посети работилницата во Центарот за деца со церебрална парализа отворен  во ООУ „Киро Глигоров“ на која покрај децата со церебрална парализа се приклучија и второодделенците од училиштето и децата од Центарот со Даунов синдром.

„Општина Центар ја негува инклузивноста, а доказ за тоа е и ова училиште кое всушност е прво училиште во државата со отворен дневен Центар за деца со церебрална парализа. Центарот има капацитет за згрижување на 40 корисници, а во моментов го посетуваат 32. На денешната работилница може да видиме дека децата одлично се дружат, тие овде ја добиваат целата поддршка согласно нивните индивидуални потреби, имаат на располагање стручен кадар но и најсовремени средства и дидактички материјали. Овој Центар претставува голем чекор којшто обезбедува инклузија за сите деца со попреченост“, порача Герасимовски.

Штип - Општина Штип се откажа од идејата за организирање на референдум за време на претседателските и парламентарните избори 2024 година. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска изјави дека причината е што согласно Законот референдум е предвидено да се организира во недела, а овие избори во април и мај се организираат во среда.

Посочува дека заради тоа невозможно е на 24 април и 8 мај, штипјани да се изјаснат за тоа  како да се трошат парите од самопридонесот. Ова налага нова ситуација, а соломонско решение е  наместо реконструкција на старата водоводна мрежа, со овие пари да се изградат два нови резервоари.

Пехчево - Во пехчевското село Црник почнаа градежните работи за реализирање на проектот „Доградба на тоалети на новоизградени училници на подрачното училиште Ванчо Китанов“.

Целта на активностите, како што истакна градоначалникот на Пехчево Александар Китански, кој изврши увид во работите е да се подобрат условите за работа, учење и престојување на учениците и персоналот во подрачното основно училиште во село Црник. 

Тетово - Претседателите на четири партии денеска во Тетово потпишаа договор за коалицирање на претстојните парламентарни избори. 

За коалицијата наречена Европски фронт со потпис се обврзаа Али Ахмети од Демократската унија за интеграција (ДУИ), Мендух Тачи од ДПА, Аријанит Хоџа од Европска демократска партија и Скендер Реџепи-Зејди од партијата Народно движење.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети рече дека очекува голема победа, која ја оцени како најголема кај Албанците во Македонија од независноста на држава.

Дебар - Во општините Дебар и Центар Жупа при крај е откупот на јагниња, кои и овој пат, како и изминатите години, ќе завршат главно на италијанската трпеза, за време на велигденските празници.

- До денеска откупени се околу 80 отсто од вкупниот број што годинава го имавме за продажба. Откупот го вршат три фирми, по една од Скопје, Кавадарци и Струмица. Што се однесува до цената таа се движи од 230 до 240 денари за килограм жива мера. Искрено сточарите се незадоволни од откупната цена, кога се знае дека килограм јагнешко, трговците го продаваат по трипати повисока цена. Но, што да се прави тоа е, изјави за МИА, Скендер Аме, претседател на здружението на одгледувачи на овци „Даши“ кое ги опфаќа сточарите од двете општини.

Струмица - По повод Светскиот ден на пијаното 28. март, денеска во Клубот „Деца на сонцето“, во кој членуваат деца со Даунов синдром и лица со попреченост, се одржа концерт на пијано насловен „Заедно кон ѕвездите“.

Концертот го организираше Здружението „Камерата Ад Астра“ заедно со Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица. Според нив, симболиката на овој ден се 88 типки на пијаното односно 88 ден во годината е Светски ден на пијаното и наместо еден ден се организира Недела на пијаното.

-За настанот се пријавени 75 учесници кои се на возраст од 7 до 52 години. Целта ни е да се промовира пијаното како инструмент и тоа не само како професионална определба, туку и на љубителите на пијаното и на музиката за пијано, вели Ленче Мазнејкова, професор по пијано.

Кавадарци - Склучен е договор за продажба на фабриката на „Еуроникел индустри“.  Се очекува поранешните вработени да се вратат на работа, а повторно да се активираат и сите компании што се директни добавувачи на фабриката. За ова денеска информираа од Кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. 

- По залагањето на градоначалникот Митко Јанчев заедно со Комерцијална Банка АД Скопје за стечајната постапка за Еуроникел Индустри, на 22. март година се склучи договор за продажба на фабриката „Еуроникел индустри“ од страна на Комерцијална банка АД Скопје со компанијата Polynickel Holding BV, што е дел од групацијата Yildirim Group, а преку новоформираната компанија Дабл Игл ДООЕЛ, соопштија од градоначалничкиот Кабинет.

Скопје - Град Скопје во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“ и градските средни училишта организира голема еколошка акција за пошумување на парк шумата Водно. Во рамките на оваа голема  еко акција,  Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со стотина ученици од скопските средни училишта „Јосип Броз Тито“ и „Раде Јовчевски Корчагин“ на Водно засадија 100 садници црн бор.

Со еко акција за садење нови дрвја за зголемување на шумскиот фонд во нашето Скопје заедно со скопските средношколци ја подигаме свесноста за потребата од чување и заштита на животната средина. Зелените површини, зелените коридори и парковите играат голема улога во зачувување на здравјето, а истовремено ја потенцираме важноста од одговорниот однос кон животната средина без нејзино загадување и уништување. 

Тетово - Национален парк Шар Планина денеска потпиша договор за соработка со холандска организација Греен Стејс (greenstays.eu) и нивна тетовска подружница која ќе донира средства за пошумување на оштетените шуми на територијата на заштитеното планинско подрачје.

Од Националниот парк објаснуваат дека дел од шумите низ Шар Планина се во состојба во која им е потребна помош за нивна ревитализација и затоа има потреба од ваква соработка.

- Националниот парк во рамки на своите плански определби како и усвоените документи за подобрување на состојбите со екосистемите особено внимание ќе посвети на ревитализацијата на шумските екосистеми. Благодарение на донацијата од холандскиот партнер денес почнуваме еден нов период една нова заложба преку интервенирање да дојдеме до подобри, поеколошки одржливи шуми и до моменти каде што целокупното население не само на Шар Планина туку пошироко на нашата држава ќе ги ужива користа што шумата ги нуди, изјави Милорад Андријески, раководител во Одделение за одржливо користење на природните ресурси. 

Остани поврзан