• петок, 28 јуни 2024
МИА Општински пул

20 јуни 2024 

Скопје - Во Паркот Македонија вечер почнува третото издание на Фестивалот на инклузија, кој го организираат здруженијата „Икуалити“ и „Визија Плус“, со поддршка од Општина Кисела Вода. Отворањето ќе го одбележат децата од инклузивниот бенд од училиштето „Димитар Влахов“ под водство на професор Кристијан Тасевски и пијанистката Ема Ананиевска.

-И оваа година фестивалот ветува богата содржина, интегративни и инклузивни работилници за деца и млади, активности за сите генерации, како и многу забава низ богата музичка програма, филмска вечер, театарска претстава, соопштија организаторите.

Музичката програма вечер ќе ја предводат Зарина Првасевда, Дина Јашари, Нина Јанева со бендот, ДЏ Мартин Делимитов, ДЏ Џон Антонио.

Скопје - Поради верскиот празник Духовден, утре, петок (21.06.2024 год.) и во сабота (22.06.2024 год.) јавниот превоз ќе сообраќа по неделен возен, со исклучок на линиите 11, 11А, 18А, 32, 47А, 51, 55, 55В, 56, 56А, 70, 74, 81, 118, 160, 164 и 180, кои ќе сообраќаат по саботен возен ред.

Во недела (23.06.2024 год.) сите возила од јавниот превоз ќе сообраќаат по неделен возен ред.

Утре (21.06.2024 год.) од 7 до 14 часот, дежурни ќе бидат билетарниците во Ѓорче Петров и таа на Транспортен центар, а во сабота (22.06.2024 год.) сите билетарници и центри за персонализација ќе имаат редовно работно време.

Жичницата, утре (21.06.2024 год.), како и за време на викендот, ќе работи вообичаено, од 10 до 20 часот.

Дебар – Во организација на Матицата на иселениците, во КИЦ во Скопје, промовирана е книгата „Последните православни семејства во подрачјето Дебарско Поле во Р. Албанија“ на авторот Спиро Дуковски, на која промотори на овој труд беа Проф. д-р Катерина Тодороска и Проф. д-р Андријана Јаневска.

-Овој труд има големо значење, не само за историјата на Македонците во Албанија, туку и за општата македонска историја од повеќе аспекти. Во неа се дадени значајни податоци за историјата на областа Дебарско Поле во Албанија, а особено за селата во таа област. Во тој поглед, авторот Дуковски ги обзнанува неговите сознанија за активноста на одредени личности од оваа област кои учествувале во организирањето и раководењето со револуционерното и национално-ослободителното движење во османлискиот период. При тоа, посочени се цели семејства/фамилии како активни членови на Македонската револуционерна организација, а дел од нив биле силна логистика на македонските револуционери, рече меѓу другото Тодороска, објави весникот „Илинден“.

Карбинци - Општина Карбинци утре со почеток во 5 до 6 часот ќе се спроведе авионско третирање против возрасни комарци, информираат преку писмено соопштение од кабинетот на градоначалникот на Општина Карбинци. Во соопштението се наведува дека третирањето ќе се изврши на површина од 300 хектари.

-Авионското прскање против комарци ќе биде на 200 хектари (лево и десно по 100 метри од речното корито на Брегалница со почеток од река Злетовска до село Чардаклија, односно Стар Караорман во должина околу 10 километри. Опфатени ќе бидат и  30 хектари оризни полиња под село Крупиште, 25 хектари по течението на Таринска/Раданска река (50 метри лево и десно од речното корито) од уливот во река Брегалница до над село Радање, 20 хектари по течението на Козјачка река (50 метри лево и десно од речното корито) од уливот на река Брегалница до над село Козјак; и 25 хектари по течението на Аргуличка/Црвулска река (50 метри лево и десно од речното корито) од уливот во река Брегалница до над село Аргулица, се вели во соопштението на Општина Карбинци.

Скопје - Во Општина Илинден вечер почнува Меѓународниот фолклорен фестивал „Св.Троица“, на кој ќе учествуваат гости од Украина, Романија, Молдавија, Бугарија, Турција, Србија, Босна и Херцеговина, како и ансамбли од Скопје, КУД „Гоце Маркоски“, АНПИ „Илинден“, ФА „Седенка“ и ансамбл „Ѓорче Петров“.

Фестивалот вечер ќе почне со фестивалско дефиле пред ПОУ „Гоце Делчев“ во Илинден со сите учесници по улицата 2, до Домот на култура „Илинден”, каде што ќе се одржи концерт.

-Овој фестивал има за цел преку фолклорот да се направи едно зближување меѓу народите, запознавање на нови пријателства, дружење, едукација на младите за Македонскиот фолклор, култура и традиција, запознавање со нови култури и традиции, презентација на Македонија и сите убавини, размена на знаења и искуства, отворање на портите кон нови патувања на нашите играорци, соопштија организаторите.

Остани поврзан