• четврток, 27 јуни 2024
МИА Радио флеш

27 јуни 2024 

 - Регулаторната комисија за енергетика денеска на прес-конференција се очекува да ја соопшти новата цена на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи која ќе важи од 1 јули. Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски вчера изјави дека ќе нема ценовен шок и оти просечната цена на електричната енергија за домаќинствата нема да биде зголемена повеќе од еден процент.  На тендерот што го распиша универзалниот снабдувач ЕВН Хоме беше прифатена цената од АД ЕСМ од 60 евра за мегават часови за покривање на 85 проценти од потребите, додека за останатите 15 проценти беа пристигнати три понуди, но ниту една не беше прифатена поради тоа што понудите биле повисоки од моменталните пазарни цени.  - Нема да има никакви ценовни шокови, се ќе биде во рамките на одредени минимални промени. Водевме особено внимание да нема ценовни шокови. Она што ни беше многу важно е оние 15 проценти што ЕВН Хоме требаше да ги набави на слободниот пазар на електрична енергија, ги тргнавме како трошок. ЕВН Хоме ќе обезбедува енергија и на македонската берза каде во одредени периоди во текот на денот има доста поволни цени така што тие 15 проценти кои правеа сериозен притисок на цената на електричната енергија, сега нема да бидат вкалкулирани како трошок, изјави вчера Бислимоски за централниот дневник на телевизија „Сител“.  

 

 - Најмногу дожд во изминатите 24 часа наврнал во Крива Паланка - 66 литри на метар квадратен, потоа во Тетово - 52, Скопје, кај Петровец - 18 и Штип и Виница по седум литри на метар квадратен, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи. Од УХМР, нагласуваат дека дадените вредности за количината на врнежи се измерени на дождомерните места на УХМР, но поради локалноста на процесите, паднатата количина воден талог многу варира и на различни места може да е многу поголема од измерената. Минималните измерени температури изутринава во 8:00 часот се Крива Паланка 14 степени целзиусови, Берово - 15, Скопје-Петровец, Виница и Крушево - 17, Тетово и Штип - 18, Демир Капија, Претор и Охрид - 19, Струмица -  21, Битола - 22 и Гевгелија - 23 степени целзиусови. Денеска не очекува променливо облачно и нестабилно време со повремен пороен дожд и грмежи. На повеќе места ќе има појава на невреме со обилен пороен дожд за кратко време(над 30л/м2), грмежи, силен ветер (над 60 км/час) и појава на град. Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 34 степени. UV=6

 

- Поплавени се куќи, улици, имало пријави и за прекини во електричната енергија, по синоќешното невреме што ги зафати скопскиот, кумановскиот и тетовскиот регион. На единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК), биле пријавени, а сѐ уште и се пријавувале, поплавени површини, дворови, подруми, куќи, објекти, паднати дрвја, бандери, столбови, откачени лимови, олуци, оштетени покриви, автомобили и слично. - Сите информации беа соодветно селектирани и пренесени до надлежните во локалните самоуправи и до надлежни служби и институции, потенцираат од ЦУК изутринава. Во текот на ноќта по невремето што го зафати скопскиот регион, имало шест пријави за паднати и навалени дрва, како и скршени гранки, четири за скинати проводници, навалени бандери и други проблеми со електрични и телефонски кабли, осум за поплавени куќи, за поплавени подрумски простории и гаражи - 12, за поплавени улици - пет, за проблеми во снабдувањето со електрична енергија - три, за оштетени покриви, скршени стакла и откачени лимови и олуци од куќи и згради -  четири и уште толку за оштетени патнички моторни возила.

 

- Меѓународниот кривичен суд денеска го осуди лидерот на групата поврзана со терористичката организација Ал Каеда за верски прогон и тортура на затвореници во Мали во 2012 и 2013 година, кога тој беше началник на исламската полиција во градот Тимбукту. Ал Хасан Аг Абдул Азиз Аг Мохамад Аг Махмуд се соочува со доживотен затвор. Судот утврди дека 47-годишниот Малиец бил клучен член на Ансар Дина, исламска екстремистичка група поврзана со Ал Каеда, која во тоа време беше на власт во Мали. На судењето беше откриено дека затворениците биле малтретирани со тоа што биле држени во мали валкани ќелии и постојано камшикувани. „Самиот Ал Хасан им нанесе најмалку 34 и 37 удари со камшик на двете машки жртви“, беше кажано на судењето.

 

 - Белгискиот крал Филип на лидерот на десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА), Барт Де Вевер му довери задача да се обиде да обезбеди парламентарно мнозинство за формирање на нова Федерална влада на Белгија.  Како што соопшти белгиската Кралска палата, Де Вевер разговарал час и половина со кралот при што го информирал за резултатите од неговите активности како „информатор“ за можностите за формирање нова Влада.  Кралот Филип пред две недели го задолжи Де Вевер во консултација со останатите парламентарни партии да ги испита можностите за формирање владина коалиција по парламентарните избори одржани на 9 јуни. Според Кралската палата, врз основа на заклучоците од неговата мисија како „информатор“, кралот го задолжил Де Вевер да се обиде да обезбеди мнозинство за формирање нова влада. Де Вевер сега има рок најдоцна до 10 јули да го информира кралот дали го обезбедил потребното мнозинство. 

 

 - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ја осуди боливиската војска која се обиде да го собори демократски избраниот претседател на земјата. „Силно го осудувам обидот за соборување на демократски избраната влада на Боливија“, напиша Фон дер Лајен на Х. „Европската унија стои зад демократиите. Ја изразуваме нашата силна поддршка за уставниот поредок и владеењето на правото во Боливија“, порача таа. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, исто така се огласи на мрежата Х за да ја осуди акцијата на армијата. „Силно го осудувам воениот бунт против боливискиот уставен поредок и демократски избраната влада на претседателот (Луис) Арсе“, напиша тој.

 

 - Државите членки на ЕУ, Полска, Естонија, Литванија и Летонија ја повикаа Унијата да обезбеди поголема поддршка за воената и цивилната заштита на нивните граници со Русија и Белорусија. Во писмо до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, четирите источноевропски земји кои се граничат со Белорусија, Русија или и двете, истакнаа дека „многу добро знаат што значи да се биде на првата линија на ЕУ“, повеќе од две години по руската инвазија на Украина во 2022 година. Истакнувајќи ја „непоколебливата поддршка за Украина“, земјите порачуваат: „мораме да трошиме повеќе и да ги координираме одбранбените иницијативи внатре во ЕУ и со НАТО, кој останува основа на колективната одбрана, комбинирајќи ги нашите способности за заштита, одвраќање и одбрана на нашите граѓани и нашите територии“. „Ние сме жестоки поддржувачи на воените напори на Украина и интензивно вложуваме во нашите вооружени сили, одбранбената продукција и заштитата на нашите граници со Русија и Белорусија“, додаваат тие. „Сепак, потребно е да се направи многу повеќе и тоа на усогласен начин“.

 

 - Во Германија од денеска стапува на сила новиот закон со кој се олеснува стекнувањето германско државјанство, јави ДПА. Реформата на законот за државјанство, која беше поттикната од германската владејачка трипартитна коалиција, му дава можност на лицето да стане германски државјанин, а во исто време да го задржи државјанството на земјата од која потекнува. Досега, зачувувањето на државјанството на земјата на потекло беше можно само за граѓаните од другите земји од Европската унија. Според законските измени кои стапуваат на сила, луѓето кои ги исполнуваат сите други услови можат да аплицираат за германско државјанство по пет години престој во Германија. Досега условот беше осум години престој. Децата кои се родени во Германија од родители странци ќе добијат германско државјанство доколку едниот родител легално престојувал на германска територија пет години.

 

- Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, за време на неговата посета на американскиот главен град Вашингтон, предупреди дека израелската армија е способна „да го врати Либан назад во каменото доба“ во евентуална војна со либанската шиитска група Хезболах. Сепак, тој експлицитно нагласи дека неговата влада претпочита дипломатско решение на тензиите на израелско-либанската граница. Галант, исто така, им рече на новинарите дека разговарал со високи американски претставници за „повоениот“ нацрт-предлог за тоа како да се управува со Појасот Газа по завршувањето на израелскиот конфликт со радикалната палестинска група Хамас што ја контролира енклавата. Според разгледуваната опција, управувањето со крајбрежната територија би вклучувало локални Палестинци, регионални партнери и САД, но тоа би бил „долг и комплициран процес“, објасни израелскиот министер за одбрана.

 

 - Обидот за воен удар во Боливија заврши со апсење на неговиот организатор, генералот Хуан Хозе Зунига, а воените единици испратени од него против претседателската палата во главниот град Ла Паз се повлекоа од централниот плоштад Муриљо. Претседателот на јужноамериканската земја, Луис Арсе, го осуди „обидот за државен удар“ и повика на меѓународна поддршка. Синоќа воените единици, предводени од генералот Зунига, кој во меѓувреме беше сменет од функцијата командант на боливиската армија, се собраа на плоштадот Муриљо, каде се наоѓа резиденцијата на шефот на државата. „Денес земјата се соочува со обид за државен удар. Денес, повторно, земјата се соочува со интереси кои се над демократијата. Боливискиот народ е повикан да дејствува денес. Ни имаме потреба Боливијците да се организираат и мобилизираат против државниот удар во служба на демократијата“, рече Арсе.

 

- Кинеската влада додели итна помош во вредност од 316 милиони долари на градските власти за справување со последиците од смртоносните поплави во земјата. Средствата се за поддршка на спасувачките операции, за итни случаи и планирање за спречување на штети од поплави и лизгање на земјиштето предизвикани од поројните дождови кои паѓаат речиси две недели. Министерството за финансии и Министерството за вонредни ситуации денеска ослободија 486 милиони јуани, најновата транша од финансиската помош за погоденото население.

Тагови

Остани поврзан