• четврток, 27 јуни 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

27 јуни 2024

Тетово - Тетовскиот театар утре и в сабота, со почеток од 20 часот ќе ја реализира премиерата на  претставата „Тартиф“ според Молиер во режија и адаптација на Андреј Цветановски. Претставата ќе биде изведена на македонски јазик во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.

Како што информираат од Центарот за култура, имајќи предвид дека авторот Молиер е еден од најзначајните автори на класичната драматургија ова претставува голем зафат за целата екипа. Од таму велат дека претставата се работела во интензивен процес кој изобилувал со креативност и добра енергија.

- Силните луѓе создаваат мирни времиња. Мирните времиња создаваат слаби луѓе. Слабите луѓе создаваат тешки времиња. Тешките времиња создааваат силни луѓе И така се во круг. Низ оваа максима се обидовме да ја погледнеме вечната тема на најголемиот лицемер во класичната драматургија, Тартиф. Но дали е тој лицемерот или луѓето кои зависат од неговата способност? Низ силна и емотивни ситуации се случува трилер претстава која се заснова на замрсените односи на една фамилија, и нивната постојана опсесија за богатство. Низ сите тие ликови и нивните завери ја осовременивме и донесовме во денешни услови приказната распадот на фамилијата, а со тоа и на системот. Дали компанијата беше во постојан пад и пред да се појави Тартиф? Дали корените на фамилија Пернел се распаѓаат од мирните времиња во кои живее новата аристократија?, изјави режисерот на претставата, Андреј Цветановски.

Во претставата играат Тартиф – Ѓорѓи Нешкоски, Оргон – Петрит Незири, Елмира – Миа Кантарџиева – Петровска, Дорина – Марија Цветановска, Дамис – Марко Богдановски, Клеант – Арѓенд Хасани, Маријана – Ирена Мирческа, Валер – Абдула Османи,Пернел – Берат Салиу и Лојал – Шкумбин Зеќири, соопштија денес од Тетовски Театар.

Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимите ги изработила Медина Хоџа, додека музиката е создадена од Димитар Андоновски.

Проектот е подржан во годишната програма на Министерството за култура и е втора премиера од програмата на Тетовскиот театар за оваа година, после премиерата Пациентот на Фројд од Миро Гавран во режија на Гент Чајани.

Дебар – Во гимназиите „28 Ноември“ во Дебар и „АТА“ во Центар Жупа, во првото пријавување од првиот уписен рок, во прва година запишани се 44 ученици, од нив 29 во Дебар и 15 во Центар Жупа.

-Во нашата образовна институција, во првото пријавување за упис во прва година за учебната 2024/25 година пријавени беа 40 завршени основци, од кои 28 за паралелките на албански и 12 на македонски наставен јазик. Од нив запишани се 20 за албански и 9 за македонски наставен јазик, изјави за МИА, Афрона Леши, претседателка на Комисијата за спроведување на уписот.

Во оваа гимназија право на упис имаат 272 ученика, од нив 102 за паралелките со настава на македонски наставен јазик, две во Дебар и една паралелка во село Могорче. На албански наставен јазик 170 ученици, во пет паралелки, сите во Дебар.

-Во прва година, во гимназијата АТА, во првото пријавување запишани се 15 ученици од нив 11 на турски и 4 на македонски наставен јазик. Право на упис имаат 68 ученици, во две паралелки, односно по 34 на двата јазика, рече за МИА, Сабри Асан, директор на гимназијата.

Од двете установи потсетуваат дека второто електронско пријавување ќе биде на 1 и 2 јули и порачуваат дека доколку учениците се соочуваат со проблеми во пријавувањето да се обратат кај соодветните комисии за упис. 

Кочани – Во рамки на грижата за своите вработени, компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ денеска отвори фитнес сала со современа опрема за физички и кондициски вежби.

Објектот е лоциран во кругот на производниот погон „АХЦ“ и ќе можат да го користат сите вработени кои сакаат активности за подобрување и унапредување на сопственото физичко здравје.

-Станува збор за комплетно наша инвестиција и сите вработени во компанијата ќе можат да ја користат оваа привилегија. „Амфенол“ помага на целата општествена заедница, но приоритет пред сè е здравјето и грижата за благосостојбата на сите наши вработени. Со отворањето на овој простор, промовираме здрав начин на живeење, развивање на здрави животни навики, затоа што само здрав поединец е среќна, ефикасна личност, не само во професионалниот, туку и во приватниот живот. Многумина од луѓето аплицираат за работа овде поради сознанието дека доаѓаат во сигурна и безбедна компанија, што се грижи за здравјето на секој вработен, а тоа го сметаат за една од најголемите привилегии, истакна Валентина Андовска од „Амфенол Технолоџи Македонија“.

Покрај редовното осигурување, минатата година беше обезбедено и дополнително приватно здравствено осигурување, што компанијата го плаќа за сите над 3.000 вработени. Со тоа тие можат бесплатно да се лекуваат во која било јавна или приватна клиника во државата.

 

Делчево - Во организација на Здружението на производители на органски производи „Аронија“ во Делчево се одржа обука на тема „Заштита и прехрана на растенијата од семе до плод". Предавач на обуката беше Билјана Бановиќ од платформата ,,Траг Биљке" од Бања Лука, БИХ, која одржа онлајн едукација со производителите од делчевско. 

-На обуката присуствуваа локални производители и членови на „Аронија“ кои имаат свои тезги на локалниот пазар. Обуката беше задоволителна и присутните поставуваа прашања во однос на расадот и прехрана на растенијата, истакна Фиданчо Христов, претседателот на здружението.

Активноста се реализира во рамки на проектна иницијатива на Фондацијата за развој на локаната заедница од Штип.

-Проектот е наречен ,,Направи разлика, направи промена", а нашата цел со оваа обука е да направиме промена во начинот на производство и заштита на растенијата кај локалните земјоделци и членовите на здружението, додаде Христов.

Проектот се реализира со финансиска поддршка од УСАИД. 

 

Тетово – По 33. пат викендов во Тетово ќе се одржи Меѓународен хорски фестивал на православна духовна музика ТЕХО, при што ќе бидат изведени вкупно 45 композиции од осум хорски состави.

Првата фестивалска вечер ќе се одржи во соборната тетовска црква Свети Кирил и Методиј во сабота со почеток во 19 часот.

На првата вечер во сабота ќе настапат четири хора. За првпат детскиот хор „Лале“ оваа година ќе настапи со православна духовна музика. Овој хор е од 1979 година, редовен учесник на фестивалот ТЕХО, но сега се вклучува и во православната духовна музика. Со хорот овој пат ќе диригира Теодора Ветероска, членка на хорот којашто израсна во хорот, заврши факултет за музичка уметност и се даде можност да се претстави како диригент и така да продолжи традицијата ќе настапи со 4 композиции, истакна претседателот на фестивалот Ивица Зориќ на денешната прес-конференција.

Во сабота, за прв пат на фестивалот ќе настапи хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, со диригент Димитар Угриноски.

- Овој хор за првпат настапува, нов хор е, негува традиционална духовна музика и диригентот на наше големо задоволство е човек кој своето образование го стекнал во Грција и ќе пренесе искуства од земјата, каде што православната духовна музика и те како е мошне значајна. Потоа ни доаѓа Нишки камерен хор од Ниш, Србија со диригент Ивана Милошевиќ. Ќе настапи и мешаниот хор „Стив Наумов“ од Битола под диригентство на Лилјана Трајковска Димески, хор учесник од првото ТЕХО од 1973 година, во континуитет хор застапен на нашиот фестивал, рече Зориќ.

Наредниот ден, во недела, во Духовно-културен центар „Кирил Пејчиновиќ во Лешок хоровите ќе настапуваат од 12 часот. Први ќе се претстават редовните учесници Хорско музичко друштво „Коста Рацин“ од Скопје за прв пат по диригентство на Ангелина Спасовска.

-Ќе настапи потоа камерниот хор „Керамија“ од Прилеп под раководство на Катерина Попоска, Градскиот камерен хор „Астибо“ од Штип со диригент Ивана Ѓурѓевиќ Јанков и на крајот традиционално хорот „Менада“ под мое диригентство ќе ја затвори оваа овој фестивалски ден, истакна Зориќ.

 

Тетово - Од неделата (23 јуни) до вчера (26 јуни) пожарникарите од Тетово евидентирале 80 интервенции поврзани со последици и проблеми со кои се соочиле граѓаните поради невремето проследено со интензивен дожд, силен ветер и грмотевици. И вчера Тетово и околина беше погодено од невреме кое траеше од 17 часот па се до 1 часот по полноќ.

- Од недела до денес имавме повеќе од 80 интервенции, извлекување на заглавени во возилата, од куќите, испумпување вода од подрумите на колективните станбени куќи, градската болница, ослободување на подвозниците на влезовите излези од градот и чистење на блокираните патишта на влезот во тетовските села, изјави Авни Амети, командир на ТППЕ Тетово.

Денес градските улици се чистеа од калот, од страна на работниците на ЈКП „Тетово“. Низ дворовите и помалите улици граѓаните сами со свои можности отстрануваа последици од невремето.

- Овде е нормално кога малку ќе заврне водата да почне да извира. Стававме цигли за луѓето да можат да поминат. Имаше поплавени подруми. Кога се правеше улицата, имаше ставено големи цевки. Од знамето навака има ставено мали цевки. И затоа се јавува проблемот. Цевките се расипуваат затоа што извира вода, излегува многу нечиста вода, има разни ѓубриња, вели Насер Алии од улицата „Браќа Симовски“, позната како Чапкачоково сокаче.

За последиците од невремето зборуваше и тетовчанката Нада Блажевска.

-Страшно беше, како секоја непогода. Нема место каде што нема влезено вода. Еве и мојата куќа е над патот. повторно во визба ми влегува вода. Стручњаците за оваа работа, треба да знаат што треба да направат. Ние секогаш сме имале проблеми. Особено овој дел, езеро било, со чамци да се проаѓа. Сега малку е санирано, меѓутоа со овие непогоди, со поројни дождови, не знам што треба да се направи. Не само во Тетово и Тетовско. Селата се катастрофа, изјави Блажевска.

Крива Паланка - Дваесет ученици од основните и средни училишта во Северна Македонија учествуваат на бесплатниот летен франкофонски камп во Охрид, во организација на Фондацијата „Бел Идеал", Париз, Франција.

Еднонеделниот камп што ќе трае до 2 јули официјално го отворија амбасадорот на Франција во Северна Македонија, Сирил Бомгартнер и претседателката на фондацијата „Бел Идеал", Јадранка Бојковска Бенрејдал.

-На кампот чијашто реализација почна вчера учествуваат дваесет ученици од девет македонски градови, победници на државните натпревари по француски јазик организирани од Здружението на професори по француски јазик на Република Северна Македонија: натпревар во фотопрезентација и спелување за основни и средни училишта, натпревар за пеење во основни училишта, а имаме и петмина учесници што беа најдобри од вкупно 130 на националната франкофонска вечер. Учениците се групирани во три групи во боите на француското знаме: сини, бели и црвени, поделбата е извршена според нивото на познавање на францускиот јазик, а сите ќе следат бројни работилници на француски јазик кои вклучуваат театарски претстави, креативно пишување, рачни изработки, поентилизам и запознавање на франкофонската музика, информира Бојковска-Бенрејдал.

Сите ученици ќе имаат активности за претставување на нивните градови на француски јазик, слободни активности за друштвени игри, запознавање на убавините на Охрид и забава на брегот на Охридското Езеро. 

Фондацијата „Бел Идеал" континуирано работи на поддршка и промоција на младите франкофони, втора година по ред го реализира бесплатниот летен франкофонски камп, редовно, веќе три години го имплементира проектот за сензибилизација со кој четириесетина ученици, четврто и петтоодделенци од основните училишта во нејзиниот роден град, Крива Паланка, бесплатно ги изучуваат францускиот јазик и култура, реализира и посебна поддршка и наградна програма за професорите по француски јазик од Северна Македонија, а следниот месец петнаесетина франкофони од државата ќе добијат наградно патување во Париз.

Остани поврзан