• четврток, 04 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

26 јуни 2024

Скопје - Граѓаните во земјава имаат најголема доверба во Христијан Мицкоски, над половината очекуваат новата власт да биде подобра од претходната, третина имаат позитивно мислење за составот на новата Влада, а доколку има избори најголем број гласови би освоила ВМРО-ДПМНЕ, покажува анкетата на Институтот за политички истражувања (ИПИС) спроведена телефонски на примерок на 1089 полнолетни испитаници во периодот помеѓу 18 и 21 јуни 2024 година.

На прашањето во кој политичар имате најголеме доверба, 27.8 отсто се определиле за Христијан Мицкоски, во Али Ахмети доверба имаат 8.4, во Максим Димитриевски 4.8, во Димитар Апасиев 3.3, Стево Пендаровски 2.5, Бранко Црвенковски 2.3, во Билал Касами и Изет Меџити по 2.2, во Африм Гаши, Арбен Таравари и Димитар Ковачевски по 1.8, Зоран Заев 1.7, а во Никола Груевски 0.9.

Во ниту еден политичар не веруваат 25.9 проценти од анкетираните.

Дека новата владејачка структура на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ќе биде подобра од претходната на СДСМ и ДУИ, сметаат 55.8 проценти од испитаниците, спртовно мислење имаат 11.1, дека ќе биде иста одговориле 21.9, а не знаат или немаат одговор 11.2 проценти.

Новиот владин состав што го предводи премиерот Мицкоски позитивно го оценуваат 33.2 отсто, донекаде позитивно 20.8, донекаде негативно 8.9, негативно 15.1, а не знаат или немаат одговори 21.9 отсто.

Скопје - СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ не ги спровеле во целост дадените препораки на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Единствена партија која го исполнила препорачаното е Алтернатива. Ова го покажа извршената ревизија на ДЗР, направена во декември минатата година.

Во однос на ДУИ, ревизорите утврдиле дека партијата спровела само една од двете препораки.

- Статусот на имплементација на препораките и извршената оценка на соодветноста на преземените мерки ни обезбедува основа да изразиме заклучок дека субјектот преземал активности и мерки за дел од дадените препораки со што постои потреба од дополнителни активности во наредниот период за целосно спроведување на препораките, стои во извештајот на ДЗР.

Ревизијата покажала дека во ДУИ имало уплати за членарина во партијата поголеми од дозволениот износ.

Скопје - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска (10:30) ќе го означи почетокот на изградбата на новото ОУ „Свети Климент Охридски“, во село Драчево, Општина Кисела Вода, соопшти владината прес-служба. 

На поставувањето на камен темелникот ќе присуствуваат и министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

Мицкоски на својот Фејсбук провил објави дека инвестицијата е врдна на 1,5 милиони евра, а новото училиште има капацитет од 500 ученици, 19 училници, канцеларии и други придружни простории. 

- Ден 3: Денес означуваме почеток на изградбата на ново училиште во населбата Драчево, општина Кисела Вода. После точно 100 години, старата училишна зграда заминува во историјата со изградбата на нова. За граѓаните, односно за околу 550 ученици - нови 19 училници, канцеларии и други училишни простории. Инвестиција вредна над 1.5 милион евра.

Брисел – Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска на вториот ден од неговата прва работна посета Брисел ќе има серија средби со претставници на институциите на Европската Унија. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, предвидено е Муцунски во седиштето на Европската комисија да се сретне со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и пристапни преговори (НЕАР), Герт Јан Копман. 

Покрај ова, Муцински ќе го посети и Европскиот парламент, каде ќе има средби со европратениците Дејвид Мекалистер од Европската народна партија (ЕПП), Тинeке Стрик од блокот на Зелените и Илхан Ќучук од либералната група „Да ја обновиме Европа. Во претходниот состав на Европраламентот германскиот европратеник беше претседател на Комитетот за надворешни работи, Холанѓанката Стрик членка на овој Комитет и на Делегацијата на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, а Бугаринот Ќучук, исто така, член на Комитетот за надворешни работи и негов известувач за земјава. 

Скопје -   Зголемена е вредноста на проектите за изградба на  првата и втората фаза од железничката инфраструкрура на Коридор 8 кон исток  започнати во 1996 година и кои се уште не се завршени и платени се провизии за неповлечени средства во износ од 4,6 милиони евра поради неисполнети услови за ефективност на заемот во период од седум години, што укажува на неефикасно управување со овие стратешки проекти.

Ова го констатира Државниот завод за ревизија во извештајот „Реализација на капитални инвестиции финансирани преку буџетот на РСМ, ЕУ фондовите и средства од други меѓународни финансиски институции во надлежност на централната власт и локалната самоуправа“.

Прегледот од ревизоскиот извештај покажува дека на првата делница од пругата кон Бугарија, Куманово-Бељаковце, до крајот на декеври лани биле реализирани активности  47 проценти од вкупната траса која треба да биде изградена, констатирано е при теренскиот увид од страна на ревизијата.

Согласно податоците во тримесечниот извештај, пак, за периодот октомври–декември 2023 година финансискиот напредок на изведувачот изнесува 17,7 милиони евра.

Во извештајот ДЗР нагласува дека останува неизвесноста за нејзино завршување поради тоа што рокот за реализација истекува во октомври годинава а реализираните активности до денот на ревизијата се 47 проценти од вкупната траса.

Скопје- Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов одржал координативниот состанок на тема „Загрозување по животот и здравјето на луѓето од зголеменото присуство на змии во урбаните средини”, на којшто присуствуваа претставници од Министерство за внатрешни работи и од Зоолошка градина Скопје.

Од ЦУК информираат дека на состанокот, иако повикани, не присуствувале претставници од Министерство за животна средина и просторно планирање, од Министерство за здравство и од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Ангелов на состанокот истакнал дека за зголемениот број пријави за змии во државата, потребно е соодветно превентивно да реагираат државните структури што се во допир со таа тема.

Претставниците од Зоолошката градина Скопје информирале дека доброволно во рамки на можностите понекогаш помагаат за безбедно отстранување на змии, при што посочиле дека би било корисно на идната координативна средба да бидат повикани претставници и од невладиниот сектор, конкретно од Македонското еколошко друштво (МЕД), („херпатолози“), за да направат стручна експертиза.

Скопје - Во Галеријата Матица во Скопје вечер во 20 часот ќе биде отворена изложба на слики на Вернон Џонс (Велс, Обединето Кралство).

На изложбата ќе бидат претставени триесетина дела создавани и инспирирани од македонскиот пејзаж.

Вернон Џонс е уметник од  Велс, којшто последниве неколку години живее и твори во Македонија.

Скопје - Нарцизмот може да биде нормализиран, но не е нормален. Секаде каде што ќе забележите фаворизирање на изгледот над суштината, конкуренцијата над соработката, доминацијата над емпатијата, мириса на негово институционализирање заради зацврстување на моќта. Зарем не може да го препознаеме секаде каде што постои воздигнување на една група во однос на друга или на едни поединци над други?! Привилегираност во јавната сфера, манипулирање, лажење, но исто така и геслајтинг што го забележувам во обидите реалноста да ви биде поинаку протолкувана, а која вистински поинаку ја чувствувате на својата кожа. Сето тоа и не е толку безопасно, напротив, тоа во крајна линија создава нееднаквост во приходите, сегрегација, подредување одредени групи и индивидуи во однос на други, нарушување или дури и одземање на многу права, некои од нив и фундаментални. 

Ова е само мал извадок од „(Пре)врски" - препознавање нарцисоидна злоупотреба, првата книга на новинарката Слаѓана Васовиќ што утре ќе излезе од печат.

Саипан - Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, пред американски суд во Саипан  се изјасни за виновен за прекршување на Законот за шпионажа на САД, во спогодба со американскиот правосуден систем со која заврши долгата правна битка и ја напушти судницата како слободен човек.

Судијката Рамона Манглона ја одобри спогодбата со обвинителите, ставајќи крај на 14-годишната сага. Во согласност со спогодбата, таа го осуди на затворска казна, која тој веќе ја одлежа. Тој помина пет години во затвор во Обединетото Кралство.

По читањето на пресудата, обвинителството веднаш го повлече барањето за екстрадиција на Асанж, што беше голем момент со оглед на тоа што основачот на Викиликс поминал години на суд обидувајќи се да избегне екстрадиција во САД. Судијата рече дека американската влада се согласила да не води понатамошна кривична постапка, Асанж се насмевна кога таа му честиташе роденден (наредната недела ќе наполни 53 години), велејќи дека се надева дека ќе го започне својот нов живот на позитивна нота.

Асанж (52) се изјасни за виновен на сослушувањето на Северномаријански Острови по едно обвинение кое го товари за заговор за добивање и објавување доверливи документи за одбрана на САД.

Париз-  Холандскиот премиер во заминување Марк Руте, денеска е именуван за нов шеф на НАТО, и го презема раководењето со Алијансата во исклучително деликатен момент - руската војна во Украина која беснее веќе трета година, Кина расте, НАТО се бори со големи предизвици.

Дел од клучните прашања со кои и треба Руте да се справи откако ќе ја преземе функцијата во октомври (според француски медиуми):

Над алијансата од 32 нации се наѕира потенцијалното враќање на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Белата куќа по изборите во ноември. Поранешната телевизиска ѕвезда, наводно, размислувал за повлекување на САД  од НАТО за време на неговиот прв мандат - и се закани дека нема да ги заштити сојузниците кои не трошат доволно за одбрана.

Вашингтон - Гласачите во САД сметаат дека кандидатот на Републиканската партија на претстојните претседателски избори, Доналд Трамп, е подобар кандидат кога станува збор за економијата, но сметаат дека кандидатот на Демократската партија, Џо Бајден, е подобар кандидат кога станува збор за зачувување на демократијата.

Анкетата на Ројтерс/Ипсос покажа дека двата клучни проблема за гласачите во САД се состојбата на демократијата и економијата, при што 47 отсто од анкетираните веруваат дека Трамп е подобар избор за справување со тој проблем, додека 37 отсто од нив се со став дека Бајден е подобар.

Кога станува збор за прашањето за имиграцијата, 44 отсто од анкетираните сметаат дека Трамп е подобар избор, додека 31 отсто од нив сметаат дека Бајден е подобар.

Белград - Претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ денеска изјави дека српската фудбалска репрезентација отпатувала за Германија на Европското првенство со хрватски авион, нагласувајќи дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ (кој влегол во авионот за да ги испрати играчите) бил очаен заради тоа, јави Бета.
"Тоа е вистинска приказна. Штета е, Вучиќ беше крајно лут. Ние ја имаме нашата ЕР Србија и сите патуваме со таа компанија. Кога ќе слета авионот, ја гледаме ЕР Србија и тоа е нашата гордост", изјави Брнабиќ.

Загреб - По изјавата на министерот за одбрана Иван Анушиќ дека во Хрватска се е подготвено за враќање на задолжителниот воен рок и дека се чека само политичка одлука, Центарот за економско образование (ЦЕО) ја повика Владата да се откаже од оваа, како што велат, штетна одлука, а во спротивно најави законска постапка вклучувајќи и предлог за уставна оценка, тужба до Европскиот суд за човекови права и јавни протести. 

Граѓаните, граѓанските организации, синдикатите и здруженијата на работодавачи се поканети да се приклучат на петицијата против воведувањето задолжителен воен рок.

Најроби - Најмалку 13 лица загинаа вчера на протестите во Кенија, изјави официјален претставник од Здружението на лекари во таа држава, откако протестите против зголемувањето на даноците станаа насилни, а полицијата отвори оган.

-Досега имаме најмалку 13 убиени луѓе, но ова не е конечна бројка, изјави денеска Сајмон Кигонду, претседател на Медицинското здружение на Кенија.

Тој додаде дека никогаш не видел „толкаво ниво на насилство врз невооружени луѓе“.

Остани поврзан