• четврток, 27 јуни 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

27 јуни 2024

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски на денешната средба со германската амбасадорка Петра Дрекслер разменил мислења и ставови за тековните политички и економски прашања, како и за напредокот на интеграцијата на државата во Европската унија.

Мицкоски, како што соопшти владината прес-служба, ја нагласил важноста на партнерството со Германија, истакнувајќи дека поддршката од германската страна е од клучно значење за развојот и стабилноста на нашата земја.

-Германија е од наш голем значаен стратешки интерес, партнер и пријател. Нивната поддршка и соработка се од големо значење за нас. Ќе продолжиме да работиме заедно во духот на партнерство и заеднички вредности, изјавил Мицкоски.

Амбасадорката Дрекслер ја потврдила посветеноста на Германија за продолжување на одличната соработка со Северна Македонија и изразила подготвеност за поддршка во клучните реформи и проекти што се предвидени во наредниот период.

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска примила делегација од Сојузот на Здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија - МАКЕДОН, сочинета од Александар Јаневски, претседател на сојузот, Лилјана Затуровска и Трајче Димков, потпретседатели на сојузот и Трајче Карапетров од тетовското Здружение на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

Како што соопшти Кабинетот на претседателката, на средбата која се одржува во пресрет на традиционалното одбележување  на 75-годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76-годишнината од насилното прогонство на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, делегацијата од МАКЕДОН информираше за подготовките на настанот, како и за одржувањето на годишното Собрание на кое се очекува да се донесат одлуки за прием на здруженија во Сојузот, за избор на членови на Претседателството на Сојузот и годишна програма за работа.

Претседателката Сиљановска Давкова, изразувајќи ја својата поддршка за работата и активностите на Сојузот на Здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН, нагласила дека судбината и трагедијата на 30.000 деца бегалци и нивната голгота не смее да се сокрива и релативизира. Претседателката упатила порака дека почитувањето и знаењето на минатото дава голем простор за пријателска иднина кон која се стремиме за доброто на сите на Балканот и во Европа.

Скопје – Цените на електрична енергија за домаќинствата од 1 јули во прв блок останува иста, во втор блок има зголемување од 0,85 проценти, во трет блок од 1,92 проценти и во четвртиот блок ќе има зголемување од 1,88 проценти, додека евтината струја ќе се зголеми за 0,65 проценти, информира Регулаторната комисија за енергетика.

Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, посочи дека со ова за 88 проценти од домаќинствата кои што влегуваат со потрошувачка во прв и втор блок нивниот трошок за електрична енергија ќе се зголеми за 0,4 проценти. За 8 проценти од домаќинствата кои што имаат потрошувачка и во трет блок нивниот трошок на месечно ниво ќе се зголеми за 0,48 проценти и за 4 проценти од домаќинствата кои што влегуваат со потрошувачка и во четвртиот блок, нивниот трошок ќе се зголеми за 0,57 проценти. 

Вели клучно е сега универзалниот снабдувач да ја следи дадената регулаторна насока за оптимизирање на набавката на останатите 15 отсто за количини на електрична енергија што ЕСМ не ги понуди и треба да се набават на слободен пазар, како и да се бараат решенија кои ќе бидат во интерес на граѓаните и да се размислува кон откуп на струја од домашните капацитети од обновливи извори.

Скопје - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска одржал средба со млинарите и откупувачите на јачмен и пченица, на која се разговарало за откупната цена на јачменот и пченицата, но и во која насока ќе се движи откупот на житните култури, соопшти МЗШВ.

- На самиот почеток на откупот на јачменот и пченицата остварив состанок со производителите  и со откупувачите на јачмен и пченица се со цел изнаоѓање на прифатливо решение за откупната цена која што ќе биде во корист и на производителите, но и на откупувачите,  изјавил Трипуновски.

Министерот информирал дека веќе во понеделник е закажана уште една средба, на која дополнително ќе се разгледаат можностите за изнаоѓање на идеално решение за за годинешниот откуп на јачмен и пченица.

Брисел - Очекувам Северна Македонија да ги почитува договорите и ќе ги потсетам европските колеги какви обврски беа преземени уште на 18 јули 2022 година кога беше усвоена Преговарачката рамка и какви се Патоказите за прием на земјата во ЕУ, изјави бугарскиот премиер Димитар Главчев при пристигнувањето на денешниот прв ден од Самитот на ЕУ во Брисел. 

- Во декември 2023 година тоа беше малку поконкретизирано и фокус беше ставен на уставните измени. Во последно време слушаме изјави од партиски лидери, но и од владини раководители во Северна Република Македонија дека нема да се извршат такви измени, рече Главчев. 

Тој нагласи дека ќе ги информира европските лидери какви се состојбите и што досега беше усвоено во однос на ова прашање. 

Скопје - Крстозбори, лавиринти, детективски игри, анаграми и други игровни активности за ученици од прво до петто одделение содржи „Речник на поими од медиумска писменост со игровни активности за усвојување, утврдување и примена на поимите од речникот“, што денеска беше промовиран во Скопје.

Речникот, како што беше посочено на промицијата, може да се користи како помошна алатка во наставата со цел стекнување на медиумска писменост, но истиот може да биде наменет и за новинарите.

Автори на речникот се наставниците м-р Елена Апостолова, Добри Јовевски и Гордана Анастасова. Лекторката на публикацијате е Маја Катарова, а рецензенти се Огнен Чанчаревиќ и м-р Виолета Стевановска.

Скопје – Зголемување на водостојот на реките и локални комунални проблеми во градските урбани средини може да предизвикаат најавените врнежи попладнево, кои според синоптичарите, на повеќе места можат да бидат поројни. Особено да се внимава доколку овие интензивни врнежи паднат во предели каде веќе неколку денови врне и каде почвите се влажни и заситени со влага, предупредуваат од УХМР.

Оттаму ги посочуваат Скопскиот, Кумановскиот, Криво-Паланечкиот, Кратовскиот и Тетовскиот регион како области каде е потребна поголема внимателност.

Од УХМР препорачуваат внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците и претпазливост на оние места каде се очекуваат поинтензивни врнежи од дожд.

Софија - Лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер, Бојко Борисов, денеска изјави дека во моментов ниту една партија во земјата не може да формира стабилна влада.

Тој изјави дека актуелната ситуација го попречува напредокот на Бугарија за приклучувањето кон еврозоната, цел што тој верува дека може да се постигне доколку има стабилна влада предводена од ГЕРБ, пишува порталот „Новините“.

Борисов ја критикуваше предизборната кампања на одредени партии, велејќи дека политичките партии повеќе беа фокусирани на добивањето изборна предност отколку на ефективно владеење.

Порталот пренесува дека се очекува претседателот Румен Радев по политички консултации со сите седум пратенички групи да соопшти кому ќе го довери мандатот.

Брисел - Украина ќе потпише безбедносен договор со Европската унија, соопшти денеска претседателот Володимир Зеленски, јави ДПА.

Зеленски во пост на платформата Х, пред неговото пристигнување на самитот на лидерите на ЕУ во Брисел, напиша дека договорот е важен чекор кон „историската цел на Украина за мир и просперитет во ЕУ“.

ДПА појаснува дека договорот меѓу ЕУ и Украина беше изготвен по неколкумесечни разговори меѓу 27-те земји-членки на ЕУ за склучување на пактот за поддршка на долгорочната безбедност на земјата.

„Договорот за безбедност ќе ја зацврсти посветеноста на сите 27 земји-членки да и дадат на Украина широка поддршка, без оглед на какви било внатрешни институционални промени“, рече Зеленски, пренесен од германската агенција.

Брисел - Со одлуката за поддршка на Украина повеќето земји членки на ЕУ покажаа дека се на вистинската страна, на украинската страна, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски при пристигнувањето на Самитот на Унијата во Брисел. 

Во присуство на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Зеленски изрази благодарност до сите лидери на ЕУ за „историскиот исход“ со одржувањето на првата Меѓувладина конференција со Украина во вторникот и почетокот на преговорите за членство во Унијата. 

- Долго време го чекавме ова. Знаете дека сите, и цивилите и секако нашите херои на бојното поле, сакаме да бидеме во ЕУ, изјави Зеленски, додавајќи дека стартот на преговорите е „многу важен за сите, за цела Украина“. 

Киев - Украина доби 1,9 милијарди евра безусловна финансиска помош од ЕУ, што придонесува за одржување на макроекономската стабилност и финансирање на приоритетните буџетски потреби, соопшти украинското Министерство за финансии.

„Државниот буџет на Украина доби транша од безусловно финансирање во износ од 1,9 милијарди евра од Европската унија. Средствата беа обезбедени од финансиски инструменти на ЕУ од фондот за Украина“, се наведува во извештајот, пренесен од украинскиот медиум УНН. 

Москва - Русија испрати 10.000 свои натурализирани граѓани да се борат во нејзината војна во Украина, изјави денеска висок функционер.

„Пронајдовме повеќе од 30.000 (имигранти) кои добија државјанство и не сакаа да се пријават за воена служба, а приближно 10.000 од нив испративме во зоната за специјални воени операции“, изјави шефот на руската истражна комисија Александар Бастрикин во Санкт Петербург. 

Бастрикин студирал со рускиот претседател Владимир Путин и важи за близок соработник на шефот на Кремљ.

Брисел - Треба да покажеме дека патот на Украина кон НАТО е неповратен, изјави денеска естонската премиерка Каја Калас на прес-конференција по средбата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во седиштето на Алијансата во Брисел.

Според неа, „цената што ја плаќаат сојузниците за да ја поддржат Украина против рускиот империјализам е значително помала од онаа што би ја платиле доколку победи напаѓачот.

„Треба да имаме заедничко разбирање за заканите од Русија и да ги објасниме отворено“, повика Калас.

„Во политиката можни се изненадувања“, рече таа, одговарајќи на прашањето дали е сигурно дека до крајот на неделата од Европскиот совет ќе биде именувана за следен висок претставник на ЕУ за надворешна политика.

Минск - Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко денеска донесе голем број одлуки за именувања на високи позиции, меѓу кои е и назначувањето на Максим Риженков за министер за надворешни работи на таа земја.

Риженков претходно беше прв заменик-шеф на администрацијата на претседателот на Белорусија, јавија белоруските медиуми.

Претседателот на Белорусија го назначи Дмитриј Крутој за шеф на неговата администрација, а Наталија Пјаткевич за прв заменик.

Брисел - Италијанската премиерка Џорџија Мелони изрази несогласување со договорот меѓу Европската народна партија (ЕПП), социјалдемократите и либералите за распределба на функциите на водечките раководни места во ЕУ, оценувајќи дека е „надреално“ да не се земе предвид мислењето на европските гласачи. 

- Има такви кои тврдат дека граѓаните не се доволно мудри за да донесат одредени одлуки и дека олигархијата е единствената прифатлива форма на демократија, но јас не се согласувам, изјави Мелони во Рим во пресрет на дводневниот Самит на ЕУ во Брисел што почнува попладнево, на кој треба да се донесе одлука за имињата на носителите на врвните функција во Унијата . 

Трите европски групации од т.н. „проверопско“ мнозинство во Европарламентот се договорија поранешниот португалски премиер Антонио Кошта да биде претседател на Европскиот совет, актуелната претседателка на Европската комисија, Германката Урсула фон дер Лајен да биде реизбрана на функцијата, а естонската премиерка Каја Калас да биде именувана за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност. 

Ерусалим - Израел доби американска безбедносна помош во вредност од 6,5 милијарди долари од 7 октомври минатата година кога започна војната против исламистичкиот Хамас, објави денеска „Вашингтон пост“.

Во извештајот на весникот се наведува дека речиси половина од таа помош била добиена во мај, седум месеци по почетокот на војната во Појасот Газа.

Неименуван претставник на американската администрација рече дека износот на помошта сугерира колку се длабоки и сложени односите на земјата со Израел.

Остани поврзан