• четврток, 27 јуни 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

27 јуни 2024

Дебар - Со благослов на надлежниот владика, Неговото  Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и по иницијатива и заложби на  Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, игумен на Свештената бигорска Обител, започна отворање на пристапен пат кон бигорскиот метох, древниот Долнодримколски манастир посветен на небесниот Собор на Светиот Архангел Гаврил, меѓу народот познат и како Манастирец.

- За остварувањето на оваа тешка задача, несебично помогна нашиот ценет пријател и спомагател, дарежливиот  Борче Марковски од Битола, кој обезбеди специјална механизација и стручен тим за работа. Освен отворање на пат, се работи и на израмнување на површината околу остатоците од некогашниот монументален храм, кој со тек на време беше целосно обраснат и тешко пристапен, информираше отец Кирил.

Според него, следната поголема работна акција, со Божја помош, ќе се случи во сабота, на 29 јуни.

- Со благослов на владиката г. Партениј, оваа акција е организирана од благочестивите модричани Ставре Нелоски,   Митре Добревски и на  Томе Пеев, кој од страна на дедо Партениј е назначен за домаќин на Манастирот. Во акцијата ќе учествуваат работници-доброволци од селата: Модрич, Луково, Нерези, Прискупштина, Безово, Јабланица и други, како и сопственикот на „НОЧЕ” – ДООЕЛ,  Новче Чавкоски, кој ќе учествува со специјални дигалки за изнесување на камен, додава отецот.

Целта на оваа работна иницијатива е комплетно да се исчисти внатрешноста на остатоците од некогаш велелепниот храм од растенијата и камењата. Оваа задача е дел од сеопфатните работни дејности за оспособување на просторот за извршување на богослужба.

Првата Божествена Литургија во манастирот е предвидена за 26  јули оваа година, на празникот Собор на Свети Архангел Гаврил, кога била, всушност, главната слава на овој божји храм.

- Според Божјата милост и помош, во иднина е планирано возобновување на Манастирот, се разбира, доколку за тоа се обезбедат соодветни средства. Затоа, секој придонес во иднина, без оглед на големината, е добредојден, бидејќи ќе ни помогне во обезбедување на неопходните материјали и ресурси за возобновувањето на древниот Долнодримколски манастир, метох на Свештената Бигорска Обител, посочи отец Кирил.

 

Крива Паланка – Нема прекин во сообраќајот на магистралата А2 во Крива Паланка, само во првите часови по синоќешното невреме имало мал застој, информираат од Центарот за управување со кризи.

Сообраќајот долж обиколницата во градот на магистралниот пат Куманово – Крива Паланка се одвива непречено, а екипи од службите во општината, Јавно претпријатие „Комуналец“ и работници од општината на терен ги расчистуваат наносите од песок, камења и мил на сообраќајници и локални патишта.

Засега нема пријавено поголеми проблеми и штети. Синоќа имаше дојава за мали одрони на патот кон селото Станици, што во текот на вечерта се расчистени. Освен мал застој во сообраќајот синоќа веднаш по обилните врнежи, на дел од магистралата А2, нема никакви пречки, сообраќајот се одвива непречено во двата правци, а на бројот за итни повици 112 имало шест јавувања од граѓаните, за паднати дрвја или поплавени подрумски простории, информираат од Центарот за управување со кризи во Крива Паланка.

Од локалната самоуправа на Општина Крива Паланка информираат дека рано утрово е одржан состанок на општинскиот кризен штаб, дадени се насоки службите да извршат увид на критични локации, екипи на ЈП Комуналец и ангажираните општински општи работници да расчистат на локации со наноси од камења, песок и кал, а за сите граѓани кои имаат потреба од пријава на штети од инфраструктурен карактер и проблеми од поголем обем, да пријават кај службите во општината на 031 375 035.

На некои места има остатоци од паднати и скршени ќерамиди од куќите, како и гранки и лисја.

Екипите на ТППЕ синоќа испумпувале вода од подрумски простории на неколку куќи во населбата Бегови бавчи, а утрово работат на поплавен дел од подрумски простории во централниот објект во градинката.

 

Куманово - Двајца кумановци во текот на вчерашниот ден биле приведени поради кражба извршена на 23 јуни, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи.

- Полициски службеници од СВР - Куманово ги лишиле од слобода В.М., на возраст од 40 години и М.Д.,43-годишно лице, поради тоа што на 23 јуни извршиле кражба од трговски објект на улицата „Октомвриска револуција“, при што одзеле повеќе предмети, појаснуваат оттаму.

Одземените предмети биле пронајдени и вратени на сопственикот.

 

Битола - Во Битола почна 23. издание на фестивалот „Битола отворен град“, кој продолжува да биде промотор на урбаната култура, славејќи ги креативноста, музиката и духот на заедницата.

Фестивалот, како што е наведено во соопштението од МКЦ - Битола, бил отворен со изложба на женски стрипови во соработка со Стрип центарот од Велес. Синоќа се одржала и панел-дискусија на тема „Позицијата на младите уметници денес - искуства од пракса“, каде се дискутирало со „Ремонт“ - независна културна асоцијација од Белград, Србија - говорниците Марија Радош, Мила Стојановиќ и Невена Остојиќ.

Љубителите на музички настани, како што е најавено, ќе може да ги проследат настапите на „Ареа“, „Архангел“, „Ile the Hair“.

Извршниот директор на фестивалот Златко Талевски во писмена изјава ја истакнува посветеноста на овој фестивал да испорача врвна музика и концертна продукција.

Ден на креативни индустрии е нешто ново годинава, каде, како што е најавено, ќе учествуваат повеќе од десетина изложувачи од светот на модата, дизајнот и одржливите практики.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава. 

 

Остани поврзан