• среда, 26 јуни 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

26 јуни 2024

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази подготвеност да седне на маса со бугарскиот претседател Румен Радев и со лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов, доколку повторно стане премиер, но посочува дека изнаоѓањето решение е двонасочна улица и дека ние не можеме да бидеме добри соседи ако немаме меѓусебно почитување. Не е добрососедство, потенцира тој, ако едната страна е понижена, а другата ликува. Овој народ, вели Мицкоски, „направи многу за европската иднина и очекува Европа да му врати на народ и на државата“. 

- Јас жалам што од страна на нашиот источен сосед доаѓаат вакви пораки. Јас мислев дека ваков тип на анахрони пораки се дел од средниот век, но за жал ете во современа Европа во 21 век во Европа сепак постоеле вакви политичари како што вие го цитиравте (Радев). Јас сум подготвен да седнам и покрај тоа и да разговарам и со едниот и со другиот. Јас му посакувам на господинот Борисов да ја формира Владата во Бугарија бидејќи ние доаѓаме од Европската народна партија и логично е јас да посакувам нашиот источен сосед да има премиер кој доаѓа од истото семејство. Тоа не треба да имате дилема. Но исто така мојата порака е дека поминаа времињата кога овде кај нас имаше политичари кои беа сервилни, кои што виткаа кичма, кои што коленичеа, потпишува се и сешто што им беше ставено на маса. Од друга страна во името на европското знаме го ограбуваа народот, ја засрамуваа и понижуваа својата татковина, рече Мицкоски. 

Скопје – Граѓаните да бидат спокојни, зголемување на цената на електричната енергија нема да има и тоа очекувам да го потврди Регулаторната комисија за енергетика, посочи денеска премиерот Христијан Мицкоски. 

Во одговор на новинарско прашање, по поставувањето на камен-темелникот на основното училиште „Свети Климент Охридски“ во село Драчево, нагласи дека исполнети се двата услови, односно пратениците вчера го изгласаа дополнувањето на Законот за енергетика, како и универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ ги оптимира количините за да не дојде до енормно зголемување на цената не електричната енергија. 

– Кога го поднесував дополнуавњето на Законот за енергетика имав две пораки. Првата е пратениците час поскоро да го изгласаат ова дополнување, и тоа тие го сторија, и втората порака беше до компанијата која е универзален снабдувач, тоа е „ЕВН Хоум“, да ги оптимира количините за да не дојде до енормно зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата и за корисниците од универзалниот снабдувач. Она што го добив како информација дека и двата услови се исполнети. Вчера беше изгласан законот, а од страна на ЕВН добив информација дека е оптимирано до максимум. Сега останува до Регулаторната комисија да одлучи, таа е независен орган, рече Мицкоски.

Скопје – Со поставување на камен-темелник, денеска, беше означен почетокот на градба на новото основно училиште „Свети Климент Охридски“ во село Драчево, каде присутни беа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, како и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски посочи дека новиот објект ќе биде финализиран за околу 2 години, со просторна функционалност од околу 3600 метри. На приземјето и двата ката, Ѓорѓиевски рече дека ќе бидат распоредени 19 училници и 7 кабинети со модерен хол, трпезарија со кујна, канцеларии, подрумски и сите други неопходни простори.

– Времето си го направи своето и постоечката училишна зграда, веќе не може да ги задоволи потребите на современото образование. И затоа денес ова не е само чин на поставување на камен-темелник на новото училиште, туку и на едно цело ново поглавје кое ќе биде одбележано со новиот дом на многу идни генерации наши ученици овде. Новиот објект кој ќе биде финализиран за околу 2 години ќе обезбеди просторна функционалност од околу 3600 метри квадратни, рече Ѓорѓиевски.

Премиерот Мицкоски истакна дека на третиот ден од неговото преземање на функцијата, ветувањето пред граѓаните во Драчево за изградба на нов објект е исполнето. Тој нагласи дека инвестицијата е вредна повеќе од 1,5 милиони евра, средства обезбедени од централниот Буџет.

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими претставникот на Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите Нации – УНХЦР, Габриел Гуалано де Годој, соопшти нејзиниот кабинет.

На средбата беа разменети мислења и информации за досегашната соработка на македонските институции со УНХЦР, при што беше нагласена значајноста на нивната експертиза, како и институционалната и материјалната поддршка како клучни за зајакнување на капацитетите за изнаоѓање одржливи решенија за луѓето во ранливи ситуации.

Претседателката Сиљановска Давкова, потсетувајќи на нејзиниот ангажман како пратеник кога активно била вклучена во усвојувањето на законите подготвени со помош на УНХЦР, ја истакна нејзината длабока посветеност кон прашањата за бегалците, осигурувајќи се дека нашата правна рамка е усогласена со меѓународните стандарди. Таа го истакна ставот дека нашата земја ќе продолжи тесно да соработува со УНХЦР за да спасува животи и да гради подобра иднина за луѓето кои се принудени да ги напуштат своите домови поради конфликти, прогонство, климатски вонредни состојби.

Скопје - Министерот за транспорт и врски Александар Николоски денеска го повика Јавното обвинителство да го испита работењето на ЖРСМ Инфраструктура и на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) врз основа на наводите од извештајот за јавните инвестиции на Државниот завод за ревизија. 
 
Според Николоски, Извештајот отвора сомнеж за досегашното работење на ЈПДП, меѓу другото за патот Дреново-Градско за кој проект вели дека има ризици од арбитража, како и за  зголемената вредност на автопатот Кичево-Охрид за 175 милиони евра, а за кој се потрошени 446 милиони евра, а не е завршен и по 10 години од стартот на изградбата. 
 
За третата фаза од пругата кон Бугарија  каде вредноста  е зголемена  за 220 милиони евра односно на 560 милиони евра наместо првично планираните 340, според Николоски, во крајно нетранспарентен процес почната е тендерска постапка пред избори во услови кога, како што рече, сите знаеја дека ќе има промени на власта. Понуди на тендерот се доставуваат до денеска, но министерот посочи дека засега не може да направи ништо за евентуално поништување. Ќе следи процес на евалуација заедно ЈПДП и меѓународните  кредитори ќе се разговара за ревидирање на проектот.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој учествува на министерската конференција во рамки на Салзбуршкиот форум денеска имаше свое обраќање, во кое, како што се наведува во соопштението од МВР, истакна дека стратешки приоритет на нашата држава е интеграција во европското семејство.

- Од наша страна ќе бидат вложени максимални напори за обезбедување на неприкосновено владеење на правото, спроведување на законите и зајакнување на правната држава, рече министерот Тошковски.

Тошковски потенцирал дека миграциските текови долж т.н. Источно-Медитеранска рута и понатаму се еден од главните предизвици на Министерството за внатрешни работи.

- Во таа насока управувањето и зајакнувањето на границите, справувањето со илегалната миграција, како и останатите форми на прекуграничен криминал се еден од нашите главни приоритети, но во исто време и еден од нашите предизвици, рече Тошковски.

Скопје - Посебните предмети уште од оваа година треба да почнат да функционираат и ќе функционираат како посебни предмети, барем општествените, зашто тие се проблем - историја, географија, граѓанско образование. Оваа година ќе биде преодна во наставните програми и предмети, а во соработка со Бирото за образование уште веднаш почнуваме да работиме на новите програми и планови, да ги одделиме посебните предмети, да имплементираме она што наставниците и родителите велат дека не функционира и не дава ефект, за следната 2025/2026 година да бидеме комплетно готови со надградената, променета концепција, со нови наставни планови и програми и со нови учебници, најави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Таа уште утре ќе има средба со СОНК за да почнат, како што рече, првите преговори околу динамиката за подобрување на сите услови на вработените во образованието, а веќе се размислува, напомена, и како ќе одат покачувањата на платите.

Според Јаневска, и за студентите се прават анализи, со оглед дека новата Влада наследила лоша состојба во Буџетот и итно мора да прави ребаланс кој сигурно ќе се случи во јули.

Скопје - Екипа на Итната медицинска помош од Скопје е заглавена во лифт во подрумски дел од зграда на улица „Христо Татарчев“ бр.47 во скопската населба Кисела Вода. За ова е добиена пријава на телефонот 112 во 11:22 часот, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

-Од страна на ЦУК итно се известени Бригадата за противпожарна заштита Скопје и СВР Скопје. Лифтот паднал најмалку од приземје во подрум. Во него имало екипа  на Итната медицинска помош. Најмалку четири лица биле во лифтот во моментот на падот, а пациент немало, бидејќи екипата била на констатација на смрт, прецизираат од ЦУК. 

Претходно ЦУК информираше дека во лифтот е заглавена екипа на Итната помош заедно со пациент.

Скопје - Академик Зузана Тополињска денеска во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) беше одликувана со Орден за заслуги на Република Полска, едно од највисоките државни признанија. 

Академик Тополињска ја одликува претседателот на Полска, Анджеј Дуда, а орденот ѝ беше доделен од страна на Амбасадорот на Република Полска во Северна Македонија,  Кшиштоф Гжелчик.

Академик Тополињска е авторка на над 500 научни публикации, меѓу нив над 20 книги. За член на МАНУ, надвор од работниот состав, е избрана во 1976 година, а за редовен член во 1996 година. Од 1991 е редовен член на Полската академија на науки и уметности (ПАУ) во Краков, а од 1997 година и странски член на САНУ. 

Брисел - Шефовите на држави и влади на земјите од Европската унија, кои утре се среќаваат на дводневен состанок во Брисел, ќе го започнат состанокот со разговори за воената помош за Украина со претседателот Володимир Зеленски, според поканата испратена од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел до лидерите на ЕУ.

-Нашиот состанок ќе започне в четврток, на 27 јуни во 14 часот со разговор со претседателот Зеленски. Ова ќе биде можност да се разговара за ситуацијата на теренот, пишува Мишел.

Конкретно, според него, тој состанок на Европскиот совет ќе биде можност да се поздрави усвојувањето на преговарачките рамки и одржувањето на меѓувладините конференции со Украина, Молдавија и Црна Гора, што ќе претставува историски чекор за поддршка на патот на овие земји за членство во Европа.

Анкара - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ги обвини западните сили дека ги поддржуваат, како што рече, израелските планови за напад на Либан и „ширење војна“ низ целиот регион.

„Израел сега го насочува својот нишан кон Либан и гледаме дека западните сили зад сцената го тапкаат Израел по грбот, па дури и го поддржуваат“, им рече тој на пратениците од неговата владејачка партија АКП.

„Плановите на Нетанјаху да ја прошири војната во регионот ќе доведат до голема катастрофа“, нагласи Ердоган.

Мадрид - Шпанскиот суд првпат ги амнестираше каталонските сепаратисти, меѓу кои и регионалниот министер на поранешната каталонска влада Мигел Буч, како и лидерот на сепаратистите Карлос Пуџдемон.

Високиот суд на Каталонија првпат го примени контроверзниот закон за амнестија на овие двајца каталонски сепаратисти осудени за нивните активности во периодот од 2012 до 2023 година, чија цел беше да се добие независност на оваа шпанска покраина, пишува Еурактив.

Судот ја укина кривичната и граѓанската одговорност за двајцата поранешни каталонски лидери.

Тирана - Во првите три месеци од годинава Албанија забележала 354 милиони странски инвестиции, што е за 47 милиони евра повеќе споредено со истиот период минатата година.

- Турција е најголемиот странски инвеститор. Во периодот јануари-март 2024 година, турските инвестициски текови се значително зголемени, достигнувајќи го нивото од 69 милиони евра. По напуштањето на телекомуникацискиот сектор, турските компании продолжуваат да играат важна улога во финансиската, енергетската и екстрактивната индустрија, објавија медиумите.

Податоците покажуваат дека втор по големина странски инвеститор годинава е Италија,  41 милион евра. Италијанските бизниси главно се фокусирани во услужниот сектор.

Трети се претпријатијата со австриски акционери со инвестиции вредни 34 милиони евра, кои се концентрирани особено на осигурителниот пазар, во енергетскиот сектор, во хотелските и градежните услуги.

Берлин – Во Германија неколку години по пандемијата со Ковид-19 и понатаму е висок процентот на лица кои работат од дома, соопшти Федералниот завод за статистика во Визбаден.

Во 2023 година 23,5 отсто од вработените во целост или делумно работеле од дома, што е минимален пад во споредба со минатите години. Пад е регистриран кај лицата што секојдневно работат од дома, се наведува во соопштението.

Најголем процент од оние кои работат од дома е забележан во ИТ секторот, при што речиси 75 проценти од вработените работат од дома целосно или делумно. Сличен висок процент е забележан и во секторите администрација, осигурување и бизнис консалтинг.

Најмал процент е регистриран во здравствениот сектор каде само 6,4 проценти од вработените повремено работеле од дома. Слично низок процент бележи малопродажбата и градежништвото.

Остани поврзан