• недела, 22 декември 2024

Министерот Муцунски ја продолжува посетата на Брисел со средби со претставници на ЕУ

Министерот Муцунски ја продолжува посетата на Брисел со средби со претставници на ЕУ

Брисел, 26 јуни 2024 (МИА) – Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска на вториот ден од неговата прва работна посета Брисел ќе има серија средби со претставници на институциите на Европската Унија. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, предвидено е Муцунски во седиштето на Европската комисија да се сретне со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и пристапни преговори (НЕАР), Герт Јан Копман. 

Покрај ова, Муцински ќе го посети и Европскиот парламент, каде ќе има средби со европратениците Дејвид Мекалистер од Европската народна партија (ЕПП), Тинeке Стрик од блокот на Зелените и Илхан Ќучук од либералната група „Да ја обновиме Европа. Во претходниот состав на Европраламентот германскиот европратеник беше претседател на Комитетот за надворешни работи, Холанѓанката Стрик членка на овој Комитет и на Делегацијата на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, а Бугаринот Ќучук, исто така, член на Комитетот за надворешни работи и негов известувач за земјава. 

Муцунски вчера во седиштето на Алијансата во Брисел се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по што изјави дека земјава како членка на НАТО мора да биде одговорна, посебно во период на сложен геополитички контекст на европскиот континент, потврдувајќи ја посветеноста за исполнување на обврската за издвојување на средства до Буџетот за одбраната на ниво од најмалку два процента од националниот БДП.  

Муцунски изрази задоволство од средбата со Столтенберг, која ја оцени како позитивна и срдечна и на која ги потврдил заложбите на новата Влада, поврзани со нашето членство во НАТО, како и поддршката на политиката за одбрана и одвраќање и на континуираната поддршка на Украина.  

Шефот на дипломатијата додаде дека со Столтенберг разговарале и за претстојниот Самит на НАТО во Вашингтон на кој ќе се одбележат 75 години од формирањето на Алијансата.  

- Планираме активно учество каде што ќе се носат клучни одлуки поврзани со иднината на Алијансата и ние секако ќе бидеме активен чинител во придонесувањето на тие идни политики, додаде Муцунски.   

Тој потенцира дека покрај стопроцентната усогласеност на земјава со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, дополнително еднакво значајно е тоа што таа како мала држава го прави како членка на НАТО.  - Заштитата на поредокот на меѓународното јавно право е многу значајна. Тоа што се случува во Украина од таа гледна точка, но и од безбедносна гледна точка не смее да се дозволи кога било да се повтори. Нашите заложби како политички, така и безбедносни, ќе продолжат во насока на поддршка на Украина и ставање на што е возможно побрз крај на тој тажен воен конфликт, додаде Муцунски по средбата со Столтенберг. сп/лв/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан