• понеделник, 24 јуни 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

24 јуни 2024

Скопје – Новоизбраниот претседател на Владата, Христијан Мицкоски ја презеде премиерската функција од досегашниот претседател на техничката Влада, Талат Џафери.

На примопредавањето во Владата, Мицкоски и Џафери имаа кратка средба, без изјава за медиумите.

Мицкоски, денеска попладне, како што е најавено, ќе биде во работна посета на општина Штип.

Собранието по дводневна расправа синоќа со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата Влада. Во владиниот кабинет ќе има 20 министерства, четири повеќе од досега. 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

Мицкоски е 13-тиот премиер, кој ќе ја предводи 20. влада од осамостојувањето на државата.

Скопје -  На свеченост пред Министерството за одбрана, новоизбраниот министер за одбрана Владо Мисајловски денеска ја презеде функцијата од досегашниот заменик министер Тирон Јајага. Вети дека ќе се ангажира посветено во ресорот и оти МО и Армијата ќе бидат огледало на државата, бидејќи, како што рече, како земја членка на НАТО, Армијата е најголем амбасадор на државата. 

- Посветено ќе работам за Македонија да биде горда на својата Армија, рече Мисајловски. 

Посочувајќи дека е голема честа да раководи со овој ресор, рече дека уште поголема е обврската, особено кон вработените и активниот воен и цивилен персонал, како херои кои се грижат за нашата и безбедноста на државата. 

Скопје - Игор Филков ја презеде функцијата министер за правда, информираат од Министерството за правда.

Министерот, како што се вели во соопштението, најавил дека во својот мандат ќе преземе реформи во сферата на правосудството и засилување на борбата против криминалот и корупцијата, деполитизација на судството и обвинителството, враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем и  владеење на правото.

-Во периодот кој следи ќе се обрне поголемо внимание на измените на законите за Судски совет, за Јавно обвинителство, за Советот на јавни обвинители, спроведување на реформската агенда во рамки на процесот на имплементација на Планот за раст на Западен Балкан, Патоказот за владеење на правото кој ќе ги исцрта насоките на реформите и мерките до крајната цел-завршување на преговорите како и вклучување на земјите кандидати во Извештајот за владеење на правото како инструмент за рана детекција или превенција на предизвиците со владеењето на правото, се вели во соопштението од Правда.

Скопје - Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе иницира формирање на комисија со цел да се утврди дали имало пропусти во начинот на лекување на родилката и новороденчето од Ресен кое почина 30 часа од породувањето. 

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат информираат дека на 20 јуни е извршен вонреден инспекциски надзор во битолската Болница и на Клиниката за детски болести во Скопје, како и во приватната здравствена установа „Д-р Тони“ во Битола. 

Од увидот во неонатолошката документација е констатирано дека новороденчето било доносено и при раѓање имало ливидна кожа, ослабен тонус, ослабени рефлекси и брадикардија. 

- Веднаш е направена аспирација, вештачка вентилација, тактилна стимулација и срцева масажа. Ординирана е терапија, направени се лабораториски анализи (крвна слика и ацидобазен статус) на ден 14.06.2024 и 15.06.2024. Поради влошување на клиничката слика на ден 15.06.2024 година од страна на неонатлог од битолската Болница по претходна консултација со анестезиолог од КАРИЛ и ЈЗУ УК за детски болести - Скопје извршен е транспорт со медицинско возило но во тек на транспортот доаѓа до дополнително влошувањена општата состојба со брадикардијата. При прием на Клиниката за детски болести новороденчето е без срцева акција и дишење, спроведена е реанимациска постапка по протокол, без одговор на истата и е констатиран Exitus letalis во 16.55 часот. Упатената дијагноза е P22.9 (респираторен дистрес синром) а причина за смртта Insufitientio cardiorespiratoria, се наведува во соопштението.

Скопје - Институциите и органите не обезбедуваат ефикасна и целосна заштита на критичните информациски системи поради отсуство на законска регулатива од областа на безбедноста на информациските системи, неусогласување со европските директиви и недоволната кадровска екипираност, оценува Државниот завод за ревизија (ДЗР).

ДЗР изврши ИТ ревизија како ревизија на успешност на тема „Ефективност на преземените мерки на надлежните органи за заштита на критичните информациски системи“ согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2023 година. Како што информира, целта беше да се даде одговор на прашањето „Дали преземените мерки од надлежните органи обезбедуваат ефикасна и целосна заштита на критичните информациски системи?“

-Со ревизијата се стекна разумно уверување дека институциите и органите не обезбедуваат ефикасна и целосна заштита на критичните информациски системи. Причини за ваквата состојба се недостаток на закони за безбедноста на информациските системи, неусогласеност со европските директиви, недостаток на стратешки документи, не функционирање на Националниот совет за сајбер безбедност и недоволна кадровска екипираност, наведува ДЗР.

Скопје - Претставата „Демони“ од Фјофор Достоевски, во режија на Дејан Пројковски беше прогласена за најдобра претстава на сезоната откако беше претставена во Националниот театар во Дебрецен, Унгарија. Специјалната награда ја додели директорот на театарот, Mátyássy Szabolcs на свечена церемонија што се одржа на 20 јуни.

„Демони“ на Пројковски беше поставена на крајот на април во Националниот театар во Дебрецен, Унгарија.Покрај режијата на Пројковски, сценографијата е на Валентин Светозарев, драматизацијата на Сашо Димоски а музиката на Горан Трајкоски.

Скопје - Кинотека го објави конкурсот „После дождот“ во чест на јубилејот, 30 години од македонскиот и светски класик, филмот „Пред дождот“, наменет за сите млади филмаџии, музичари, графичари, ликовни уметници.

-Сними оригинален краток филм (меѓу 30 секунди и 30 минути), во кој ќе користиш барем една реплика од филмот „Пред дождот“. На било кој видео формат. Креирај оригинален плакат за филмот, оригинален ремикс на музиката од филмот или друго уметничко дело инспирирано од филмот, соопштија од Кинотеката.

Како што посочуваат, сработените трудови треба да бидат испратени на „cinemathequeofmacedonia@gmail.com“ или кај нив, на адреса „Никола Русински“ број 1.

Луксембург – Советот за надворешни работи на ЕУ на денешниот состанок во Луксембург усвои нови санкции против Русија поради војната во Украина.

Новите санкции се насочени кон области од висока вредност за руската економија, како што се енергијата, финансиите и трговијата, и имаат за цел да го отежнат заобиколувањето на санкциите на ЕУ.

Санкции се воведени и за 116 физички и правни лица.

ЕУ ги забранува услугите за претовар на руски течен гас на територијата на ЕУ за пренос во трети земји. Ова вклучува претовар од брод до брод и истовар од брод до брег, но не влијае на увозот, туку само реекспорт во трети земји преку ЕУ.

Забранети се нови инвестиции, како и обезбедување на стоки, технологија и услуги за завршување на проектите за течен природен гас во изградба, како што се Арктик ЛНГ 2 и Мурманск ЛНГ. Се воведуваат ограничувања за увоз на руски течен гас преку терминалите во ЕУ, кои не се поврзани со системот за пренос на гас.

Луксембург – По мировната конференција во Швајцарија за Украина, каде што беше отворен дипломатски пат, го видовме одговорот на (рускиот претседател Владимир) Путин со посети на Северна Кореја и секаде каде што може да добие оружје, очигледно се подготвува за долга војна, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел пред почетокот на денешниот состанок на европските министри за надворешни работи во Луксембург.

Тој истакна дека треба да продолжат дипломатските напори и да се зголеми помошта за Украина.

Според него следната недела се очекува Украина да го добие првиот дел од вкупно 2,5 милијарди евра приходи од запленетиот руски имот, кој треба да биде насочен кон обезбедување воена поддршка за Киев. 

Париз – Министерот за внатрешни работи на Франција, Жералд Дарманин денеска изјави дека земјата може да се соочи со граѓански немири и насилство поврзани со предвремените парламентарни избори.

- Можно е да има исклучително силни тензии, истакна Дарманин за радиото РТЛ, додавајќи дека властите се подготвуваат за „многу запалива“ ситуација.

Изборите се одржуваат на помалку од еден месец пред Летните олимписки игри, откако францускиот претседател Емануел Макрон го распушти Националното собрание на почетокот на овој месец, по неговиот неуспех на изборите за Европскиот парламент.

Атина – Во акција на крајбрежната служба на Грција во морскиот дел меѓу грчките острови Аморгос и Астипалеа, во текот на ноќта биле спасени 77 бегалци и мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.

Во спасувачката акција кусо по еден часот по полноќ учествувале три патролни бродови на крајбрежната служба, четири бродови што биле во близина, како и два приватни чамци, а сите спасени се во добра состојба и биле пренесени на островот Наксос.

Лондон - Регулаторите на Европската унија ја обвинија денеска компанијата „Епл“ за кршење на новите правила за дигитална конкуренција спречувајќи ги програмерите на софетверот во App Store да ги пренасочуваат корисниците на други места.

Европската комисија соопшти дека според прелиминарните наоди од нејзината истрага, производителот на „Ајфон“ го прекршил Законот за дигитални пазари на ЕУ.

Правилникот, исто така познат како ДМА, е сеопфатен сет на прописи чија цел е да ги спречи технолошките гиганти да ги заземат дигиталните пазари.

Остани поврзан