• понеделник, 24 јуни 2024
МИА Радио флеш

24 јуни 2024 

- Новоизбраниот претседател на Владата, Христијан Мицкоски денеска официјално ќе го започне својот мандат.  Во Владата е предвидено примопредавање на премиерската функција од досегашниот претседател на техничката влада, Талат Џафери, по што двајцата ќе имаат кратка средба. Церемонии за примопредавање на функциите ќе се спроведат и во министерствата меѓу министрите од техничката Влада и новоизбраните министри. Собранието по дводневна расправа синоќа со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата Влада. Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ. Против Владата гласаа пратениците од СДСМ и Левица, а Европскиот фронт ја напушти седницата кратко пред нејзиното завршување.

 – Европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеји упати честитка до премиерот Христијан Мицкоски и Владата по повод нивниот избор.  - Честитки до премиерот Мицкоски и членовите на новата Влада! Со нетрпение очекувам да работиме брзо со Вас за да го унапредиме европскиот пат на Северна Македонија, наведе Вархеји во честитка објавена на Икс. Новата Влада на премиерот Мицкоски беше избрана синоќа со 77 гласа „за“ и 22 „против“. За неа гласаа пратениците од коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди и од Движењето ЗНАМ, а против гласаа СДСМ и Левица. Пратениците на Европскиот фронт, предводен од ДУИ, ја напуштија седницата пред гласањето. 

 – „Северна Македонија: Новата Влада положи заклетва под уставното име откако доби доверба од Собранието“; „Мицкоски: Го карактеризираше „срамен“ терминот „Северна“ во уставното име на неговата земја“; Северна Македонија: Изгласана доверба од Собранието за новата Влада на Мицкоски“; „Владата на Мицкоски доби доверба – Заклетва со уставното име на земјата“, се дел од насловите на текстовите во грчките медиуми за синоќешното гласање на новата Влада кај нас, јави дописничката на МИА од Атина. Медиумите во Грција акцентот го ставаат на тоа кое име го користеше новиот премиер, како за време на заклетвата, така и во неговиот говор во Собранието, а во главно, пренесен е текстот од грчката новинска агенција АНА-МПА.

 - Во Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе биде одбележан Меѓународниот ден на бегалците - 20 јуни. Воведни обраќања по тој повод, како што најави собраниската прес-служба, ќе имаат претседателот на Собранието Африм Гаши, евроамбасадорот Дејвид Гир, постојаната координаторка на ООН во Северна Македонија Росана Дуџак, претставникот на УНХЦР во државава, Габриел Гуалано де Годој, како и пратеничката Соња Мираковска. 

- Судскиот совет на Република Северна Македонија денеска треба да ја одржи  491-та седница. На седницата, како што е објавено на веб страната на Судскиот совет, ќе биде разгледано Упатството за измена и дополнување на Упатството за начинот на пресметување на ефективни работни часови, донесувањето одлуки за престанок на судии поротници нво Основниот суд Струга и за избор на нови судии поротници во овој суд, ќе биде разгледан и усвоен Извештајот на Комисијата за рангирање на кандидатите за избор на 10 судии во Апелационен суд Скопје, како и донесувањето одлуки за времено упатување на судија во Основен суд Берово и за определување на в.д. претседател на Основниот сду Берово.

 -  Најмногу дожд во изминатото деноноќие во државава наврна во Тетово, , 53 литри на метар квадратен,  по што следуваат Попова Шапка со 29 литри,  Скопје-Зајчев Рид и Крива Паланка со 28,  Скопје-Петровец со 15,  Маврови Анови со девет литри, Куманово, Демир Капија и Пожаране со два,  Кавадарци со еден, покажуваат мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).  Во првата половина од ноќта наместа, особено во северните делови, беше нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со интензивен пороен дожд, засилен ветер и појава на град. Во втората половина од ноќта атмосферата се стабилизира, така што изутринава насекаде е сончево и тивко.

 - Невремето проследено со врнежи од град со големина на лешник што синоќа го зафати Пехчево, предизвика штети на градинарски насади во пехчевско и околината.  Невреме проследено со врнежи од дожд и грмежи имаше и во Пијанец. Од подрачната единица на МЗШВ најавија дека во текот на денот ќе ги посетат местата каде врнежите со град биле најизразени. Оттаму апелираа штетите да бидат пријавени во подрачните канцеларии во местото на живеење.

 - Македонската пијанистка Дуња Иванова денеска ќе одржи солистички концерт во концертната сала „FEURICH Performing Stage“ во Виена. На програмата се дела од култниот јапонски композитор Руичи Сакамото и од младата прогресивна музичка авторка Ханиа Рани од Полска. Концертот во Виена е дел од Годишната меѓународна програма на Министерството за култура за 2024 година.

– Шефовите на дипломатиите на земјите од Западниот Балкан, меѓу кои и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска во Луксембург ќе учествуваат на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАК). Како што соопшти белгиското претседателство со ЕУ, во делот од состанок на ГАК посветен на Западниот Балкан, министрите за надворешни работи на земјите членки на Унијата ќе разменат мислења со нивните колеги од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Косово.  Покрај за Западниот Балкан, Советот за надворешни работи ќе расправа и за руската агресија врз Украина, состојбата на Блискиот Исток, случувањата во Грузија и за соработката со земјите од Регион на Големите езера во Африка.  Заседанието ќе започне со расправа за најновите случувања на теренот во Украина, во чии рамки европските шефови на дипломатии ќе имаат неформална размена на мислења преку видео конференциска врска со нивниот украински колега Дмитро Кулеба. 

– Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека наскоро ќе завршат интензивните борби против Хамас во Рафа. - Интензивната фаза од борбата против Хамас наскоро ќе заврши. Тоа не значи дека војната ќе заврши наскоро … По завршувањето на интензивната фаза, ќе можеме да прераспоредиме некои сили на север и тоа ќе го направиме, главно за одбранбени цели, но и за враќање на раселените жители во нивните домови, истакна Нетанјаху. Тој додаде дека нема да прифати никаков „делумен“ договор.

 - Израелските напади во Либан може да го зголемат ризикот од создавање поширок конфликт, во кој ќе бидат вовлечени Иран и милитантните групи кои имаат поддршка од Техеран, посебно ако под закана биде ставена егзистенцијата на Хезболах, изјави синоќа шефот на Обединетиот генералштаб на воените сили на САД, генерал Чарлс Браун. Браун не даде прогнози за понатамошните дејствија на Израел и го истакна неговото право за самоодбрана, но предупреди дека напад врз Либан „може да го зголеми потенцијалот за многу поширок конфликт“. Неговата изјава уследи откако премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху најави наскоро завршување на интензивната фаза на воените дејствија во Појасот Газа што ќе овозможи распоредување на повеќе израелски сили на границата со Либан. 

– Јеменските бунтовници Хути синоќа соопштија дека нападнале два брода во Црвено Море и Индиски Океан. Бродот во Црвено Море бил нападнат од чамец без екипаж, додека бродот во Индиски Океан бил нападнат со неколку крстосувачки ракети. Портпаролот на Хутите, Јахија Сари изјави дека нападнатите бродови биле во сопственост на компании „кои ја прекршиле забраната за влез во пристаништата на окупираната Палестина“. Но, тој не прецизира кога биле извршени нападите.

– Далај Лама Духовен лидер на тибетскиот будизам Далај Лама синоќа пристигна во Њујорк каде ќе му биде извршена операција на колената. Далај Лама беше пречекан од стотици приврзаници и почитувачи на неговото дело. Далај Лама беше принуден да замине од Тибет за Индија во 1959 година под притисок на кинеските власти. Оттаму тој се бори за поголема автономија на Тибет. Во 1987 година ја доби Нобелова награда за мир. Сè уште не се знае дали во текот на оваа посета Далај Лама ќе се сретне со американски владини претставници. 

 - САД, Јапонија и Јужна Кореја во заедничка изјава ја осудија продлабочената воена соработка помеѓу Северна Кореја и Русија. Во изјавата се истакнува дека продлабочената воена соработка меѓу Северна Кореја го „продолжува страдањето на украинскиот народ, крши повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН и ја загрозува стабилноста како на североисточна Азија така и на Европа“. - Напредокот на партнерството помеѓу Северна Кореја и Русија, а по потпишувањето на Договорот за сеопфатно стратешко партнерство за време на посетата на рускиот лидер Владимир Путин на Пјонгјанг на 19 јуни, треба сериозно да ги загрижи сите кои имаат интерес за одржување на мирот и стабилноста на Корејскиот Полуостров, зачувување на глобалниот режим на неширење и поддршка на народот на Украина во одбраната на својата слобода и независност од бруталната агресија на Русија, се наведува во заедничката изјава.

Остани поврзан