• понеделник, 23 декември 2024

Трипуновски: Обврска на локалната самоуправа е да обезбеди питка вода за пиење, нашата интенција беше само да помогнеме

Трипуновски: Обврска на локалната самоуправа е да обезбеди питка вода за пиење, нашата интенција беше само да помогнеме

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) - Обврска на локалната самоуправа е да обезбеди питка вода за пиење за граѓаните. Нашата интенција беше да помогнеме затоа што видовме дека локалната самоуправа не успеа да го изменаџира процесот, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски по вчерашното излегување на Струмица од ЗЕЛС поради, како што наведоа од Општината, индиферентниот однос кон градот и нејзините граѓани во периодот кога се соочуваат со еден од најголемите предизвици - водата за пиење и поради одбивањето на единствениот проект од Струмица за користење на средства од унгарскиот кредит.

Трипуновски вели дека во целата ситуација нема никаква политика од страна на Владата и дека единствената интенција на Министерството била да и се помогне на општината за надминување на проблемот со водата за пиење. 

- Согласно законите, обврска на локалната самоуправа е водата што ја добива во филтер станицата да ја доведе во фаза на питкост за да ја дистрибуира до граѓаните и тука не сакам да вметнувам политика. Нашата интенција беше да се ставиме на располагање бидејќи гледавме дека локалната самоуправа слабо го менаџираше тој процес и тоа беше практично целата наша активност. Тоа што градоначалникот на Струмица и сите претходни градоначалници не инвестирале доволно во филтер станицата говори за нивното работење во минатото. Не е одговорноста на Владата, одговорноста е на локалната самоуправа, рече Трипуновски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната дебата во Владата посветена на земјоделството, локалната самоуправа и животната средина.  

Министерот за локална самоуправа Златко Перински го повтори ставот што го изнесе  во интервјуто за МИА дека нема политика во распределбата на средствата од унгарскиот кредит и дека градоначалникот на Струмица аплицирал со проект кој веќе е тендериран и за кој се почнати градежните работи. Перински го повтори и ставот дека апелира на разумност кај градоначалниците на Струмица и Карпош кои најавија излегување од ЗЕЛС.

Општина Струмица вчера официјално соопшти дека излегува од ЗЕЛС, а градоначалникот на Карпош најави таква можност. За денеска е закажана нова прес-конференција на градоначалникот на Карпош. бак/ев/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан