• понеделник, 24 јуни 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 24 јуни 2024 

Штип - Општина Штип официјално започна со градба на нов затворен спортски центар „Џексон“ со капацитет од 1 000 гледачи. Проектот е со вредност од 66 милиони денари, а рокот на изведба е осум месеци.

На поставувањето на камен темелникот присуствуваше и премирот Христијан Мицкоски, заедно со градоначалникот Иван Јорданов, министри, пратеници и советници од Штип.

Градоначалникот Јорданов рече дека „Џексон“ е спортски центар под отворено небо во срцето на Штип, којшто во  дамнешни времиња имал важна улога во секојдневието на штипјани.

- Изминатата година по неколку консултации како и во комуникација со спортските работници, изработивме проект кој беше основа за да започне ова денес, со што ќе се зголеми развојот и промоцијата на спортот во нашиот град. Со реализација на овој проект, штипјани конечно ќе добијат современа спортска сала со намена за повеќе спортови и настани, изјави Јорданов.

Проектот, појасни Јорданов, предвидува овој простор како култно место да прерасне во затворен спортски центар со капацитет од 1000 гледачи како и опрема и содржини кои што ќе го претворат во модерен објект за сегашните и идни генарации. 

Тетово - Тетовското село Сиричино, дел од Општина Јегуновце, вчера беше најпогодено од невремето со град, интензивен дожд и ветер. Од планината Жеден надошле огромни количини вода измешани со земја кои навлегле во осумдесетина куќи, а градот речиси сто-отстотно ги уништил земјоделските површини. Оштетени се и возила и земјоделски машини.

- Во мои 70 години ја не сум видел досега. Во просториите во куќата имав околу 50 сантиметри кал и вода, теписи, внатре што имав кревети, сè тоа е поплавено и одзади имаме уште 80 сантиметри град, мешавина со вода, и зад што имав кокошки тоа, не можеле да се снајдат и сите поцркале. Имам штета 100 кила пченка, пченица имам, трици што сум носел на кокошките, и тоа нема ништо, се отидено е, изјави Ѓорѓи Антовски од Сиричино.

Блаже Цветковски од Сиричино, поради невремето остана без својот погон за производство на мебел. Уништени се сите машини и репроматеријали, вели ќе треба да почне од почеток.

- Штетите се огромни. Се работи за производствен погон, кој произведуваше. Машини, репроматеријали, ситен алат, груба процена, од 30 до 60 илјади евра комплетно машини и репроматеријали, во таа цена, во таа состојба, што се како нови, се повеќе. Се е упропастено, ништо нема, комплетно е уништено, целиот објект, производствен погон на Мебел Цветковски. Ако следува, ако државата има сили да помогне, добро ќе биде институциите надлежни за тоа, од населението не бараме, знаеме во каква состојба е, тоа е, наше е, ќе се почне од нула и толку.

Градоначалникот на Јегуновце Димитар Костадиновски информираше дека општината формирала комисија, која согласно своите надлежности која ќе евидентира штети. Потоа ќе се бара од владина второстепена комисија да даде средства за обесштетување.

- Комисијата сега во моментов, спрема обрасци и тие обрасци ќе бидат за кратко поминати во секое домаќинство во село Сиричино. Не само Сиричино, ќе бидат пуштени и во сите населени места каде што оваа непогода ги зафати. На територија на Општина Јегуновце најголеми оштетувања или штети има Сиричино, каде што повеќе од 70-80 домаќинства се опфатени со големи штети во нивните домови додека земјоделските посеви се 100 отсто уништени во населени места Сиричино, Туденце, Копанце, дел од Шемшово и Раотинце. Земјоделците ќе останат без храна за својот добиток, затоа што пченката и пченицата се тотално уништени. Земјоделските и градинарските култури компирот, кромидот, пипер се уништени, може нешто да остане од детелината и ливадите, изјави Димитар Костадиновски.

Куманово - Ќе се уредува кумановската депонија Краста, е заклучокот по состанокот на жителите на трите села Пчиња, Студена Бара и Вакв, со надлежните од Општина Куманово и ЈП „Чистота и Зеленило“, како и претставници на Советот на Општина Куманово. Општината прифати да продолжи да се посипува земја и на тој начин да се спречи дополнително опожарување во летниот период. Паралелено на следната седница на Советот ќе се побара преку ребаланс да се обезбедат средства за изградба на дополнителна ограда, видео надзор и систем за вода, информираше градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

-Ги разбирам проблемите со кои се соочуваат жителите. Тоа е проблем кој датира 60-70 и повеќе години. Оформивме работно тело, по еден претставник од месното население, ЈП „Чистота и Зеленило“ и од Општина Куманово. Веќе во текот на неделава ќе се носат дополнителни количини на земја со која ќе се врши посипување на депонијата. Ќе се направи акција за чистење на регионалниот пат Куманово-Пчиња, и дополнително во септември ќе се врши пошумување на депонијата, изјави за медиумите кумановскиот градоначалник.

Димитриевски посочи дека тоа се првичните мерки, а тој очекува да се одблокира проектот за регионална депонија, кој заглави во министерството за животна средина.

-На првиот состанок со новиот министер ќе разговарам за тоа и до каде сме со изградба на претоварната станица на оваа локација и изградба на фабриката за преработка на отпад која треба да се изгради во Свети Николе, посочи првиот човек на Куманово.

Од месното население се задоволни од прифатените барања. Нивниот претставник Дејан Трендевски очекува надлежните да го исполнат ветеното. Во спротивно рече повторно ќе го блокираат влезот на Краста.

Кавадарци - Отпадот од лозјата може паметно да се искористи, беше заклучокот од денешната презентација пред лозари и винари во Кавадарци. На средбата беа презентирани анализи за искористување на отпадот од лозјата и овоштарниците.  

Био-отпадот од лозјата наместо да се гори може да се користи за повеќе намени, подвлекоа Александра Караевска Димовска и Билјана Матевска, вклучени во проектот „Развој на систем за управување со органски отпад во производство на грозје и вино во Тиквешкиот регион“. 

Резултатите од проектот што се спроведува како дел од програмата за соработка со бизнис секторот develoPPP.de, а се реализира со финансиска поддршка на германското Сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ),  преку Германско друштво за меѓународна соработка, во партнерство со винаријата ,,Бовин" и Центарот за истражување и креирање политики, беа презентирани во присуство на претставници на Општината, бизнис секторот, лозари и винари. 

Експерти за оваа област, пред присутните презентираа бизнис модели за искористување на отпадот од лозјата и овоштарниците, со цел добивање на други производи, намалување на загадувањето, добивање на енергија и добивање на додадена вредност. 

-Праксата на горење на гранките на отворено, е нешто што е забрането со закон и не влегува во добрите практики што се наложени во законот за управување со отпад. Тоа е нешто што мора да се искорени, во што е можно побрз временски период, ако сакаме да се доближиме до ЕУ, рече Матевска, координатор на проектот во рамките на Центарот за истражување и креирање политики.

Караевска Димовска, советник за управување со отпад при канцеларијата на ГИЗ, посочи дека овој отпад може да биде ресурс за греење, да се добие био ѓубриво, сточна храна, брикети, пелети, брашно, масло и други производи. Значи, да се искористи и во прехранбена, фармацевтска и козметичка индустрија. 

Кавадарци - Нова постројка и опрема за полнење вино во стаклена амбалажа, беа пуштени во употреба попладнево во винарската визба „Тиквеш". Автоматската линија за полнење има капацитет од 12.000 шишиња на час и треба да придонесе за зголемување на ефикасноста и брзината при испораката на вино до купувачите. Инвестицијата е над 4.2 милиони евра, голем процент обезбедени преку кредит од Европската инвестициска банка. Изведбата траеше 18 месеци.  

Со новата автоматска дигитализирана линија се модернизира производството на вино, се зголемува ефикасноста, значително се олеснува работата на вработените и се зголемува контролата и безбедноста на финалните производи. Дополнително, како што кажа менаџментот, новата постројка овозможува намалување на емисијата на CO2 за 40 проценти, што е во согласност со ESG принципите имплементирани во рамки на стратегијата за одржливост на „Тиквеш“.

Светозар Јаневски, претседател на Управен одбор на винаријата, говореше за инвестицијата, идните планови и визијата на овој вински капацитет. Тој рече дека станува збор за нова, модерна, софистицирана линија, со што ќе се работи полесно и поефикасно. Јаневски нагласи дека со подемот на винарницата, имаше потреба од едни вакви инвестиции.

- Спремни сме за наредниот период, нагласи Јаневски, пред присутните, меѓу кои и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри. 

Остани поврзан