• понеделник, 24 јуни 2024
МИА Флеш

24 јуни 2024

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Јапонија, Оцуко Казуја. На средбата, како што соопшти нејзиниот Кабинет, беше потенциран интересот за натамошното јакнење на соработката и зближувањето меѓу двете земји и народи.

Сиљановска Давкова изрази очекување за интензивирање на политичкиот дијалог со Јапонија во иднина, со цел унапредување на меѓусебно разбирање и соработка на политички, економски и културен план. Во тој контекст беа поздравени проектите од Јапонската иницијатива за соработка со државите од регионов, кои се очекува дополнително да го унапредат развојот на економските односи и да го зголемат интересот на јапонската бизнис заедницата за инвестирање во земјава.

Во разговорот со јапонскиот амбасадор, претседателката изрази поддршка за сите поголеми активности и иницијативи со цел продлабочување на билатералната соработка во сферата на културата, образованието и науката и го поздрави македонското учество на Осака ЕКСПО 2025.

Скопје - Панче Тошковски, кој беше министер за внатрешни работи во техничката Влада од денеска ја извршува функцијата министер за внатрешни работи.

Како што соопшти МВР, на чинот на примопредавањето на функцијата во Министерството за  внатрешни работи, од страна на досегашниот министер Назим Буши, Тошковски му се заблагодари на Буши за неговиот досегашен ангажман во Министерството.

Министерот Тошковски, кој е кадар во новата влада од ВМРО-ДПМНЕ, претходно денеска присуствуваше на одбележување на Меѓународниот ден на бегалците во Парламентот.

Панче Тошковски е роден во Велес на 14 јуни 1982 година. Дипломирал и магистрирал на Правниот факултет во Скопје и има положено адвокатски и правосуден испит. Во политиката влегува по повеќе од десетина години работа како адвокат во периодот од 2011 до 2024 година.

Од 2011 до 2013 година бил член на одбор на директори на Акционерско друштво за стопанисување со деловен простор сопственост на Република Македонија, додека од 2008 до 2011 работи како советник во Министерството за транспорт и врски.

Скопје - Фатмир Лимани денеска ја презеде функцијата министер за социјална политика, демографија и млади од Фљакрон Беџети, државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика кое со реорганизацијата на државата управа е преименувано во Министерство за социјална политика, демографија и млади. Од поранешното Министерство за труд и социјална политика, надлежностите за труд ги доби Министерството за економија.

Лимани во новата Влада влегува како кадар од Движењето Беса, кое е дел од коалицијата „Вреди“. 

Фатмир Лимани е роден во Кичево на 14 јануари 1973 година, со моментално живеалиште во Општина Петровец, Скопје. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Универзитетот во Тетово, каде се стекнал со звање дипломиран професор по историја.Неговото работно искуство почнува во 2005 година, како управител на бензиската пумпа „Голден оил“ во Кичево, по што во 2007 година станува претседател на Движењето „НДРИШЕ“, како и член на Надзорниот одбор на АД „МЕПСО“. Во 2011 година, Лимани станува заменик генерален директор и член на Управниот одбор на АД „ЕСМ“, каде поминува десет години. Лимани беше независен кандидат за градоначалник на Општина Кичево во 2021 година, додека во 2022 стана потпретседател на Движењето „Беса“. Во 2024 година добива мандат за пратеник во Собранието на Република Северна Македонија од редовите на Движењето „Беса“.

Скопје - Во Министерството за локална самоуправа денеска е направено формално примопредавање на должноста министер за локална самоуправа. По изборот во Собранието, новиот министер за локална самоуправа Златко Перински во кабинетот беше пречекан од досегашниот министер Ристо Пенов.

Како што соопшти Министерството за локална самоуправа на средбата се разговарало за реализацијата на тековните проекти на Министерството, за имплементацијата на политиките за локален и регионален развој, за спроведувањето на ИПА Програмите за прекугранична соработка, како и за финансиската поддршка на општините и на планските региони што се реализира од буџетските програми на Министерството за локална самоуправа и на Бирото за регионален развој.

На средбата било истакнато дека управувањето со ова Министерство има  предизвици затоа што локалниот развој директно влијае на квалитетот на услугите и на животот на граѓаните.

Пенов на Перински му посакал успешна работа во интерес на сите граѓани. Било истакнато дека е најважна финансиската поддршка на проектите, но и подобрувањето на функционалноста на локалната самоуправа преку постојано подобрување на услугите, отчетноста и транспарентноста.

Скопје - Судскиот Совет на Република Северна Македонија денеска донесе одлука судијката Билјана Иванова од Основен суд Струмица да биде времено упатена како вршител на должност претседател на Основен суд Берово.

Беа донесени и одлуки за престанок на повеќе судии поротници на Основен суд Струга поради истек на мандатот, а беа и избрани нови судии поротници во судот во Струга.

На денешната седница беше разгледан и Извештајот на Комисијата за рангирање на кандидатите за избор на десет судии во Апелационен суд Скопје при што Советот донесе одлуки дека се неспорни пријавите на судиите Бетим Јахја, судија на Основен суд Тетово, Бранка Наумоска, судија на Основен кривичен суд Скопје, Александра Поп Стефанија, судија на Основен суд Охрид и Јана Нацевска, судија на Основен граѓански суд Скопје.

Советот донесе одлука постапката за овие четворица судии да продолжи, а комисијата понатаму да ја спроведе постапката.

- На граничниот премин „Табановце“ се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање за влез во земјава е околу 15 до 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на патните правци надвор од градските средини е умерен.

Скопје - Во 10 часот утрово е локализиран пожарот во Општина Ново Село на планината Огражден кај место викано „Хаџиица“, информира Регионалниот центар за управување со кризи - Струмица.

Со пожарот беше зафатена букова и млада јасикова шума, сува трева и папрат.

Според ЦУК, површината зафатена од пожарот дополнително ќе се утврдува.

Скопје - Телевизиската серија во развој „Авантурите на една турбофолк принцеза“, проект на ОХО Продукција, ја освои главната награда на престижниот интернационален маркет за креирање, развој, продуцирање и финансирање на телевизиски содржини „Conecta“ во Толедо, Шпанија. 

Како што наведуваат од македонската продукциска куќа, по одличната презентација на „Авантурите на една турбофолк принцеза“ проектот влезе во претселекција за наградата меѓу триесетина серии во развој и беше издвоен како најдобар од страна на интернационалното жири.

На доделувањето на наградите, претседателката на Жирито го оцени проектот како уникатен во својот концепт, храбар во својата тематика и гласен застапник на маргинализираните групи.

Белград - Александар Шапиќ, кандидатот на владеачката коалиција на Српската напредна странка (СНС) и Социјалистичката партија на Србија (СПС) на денешната седница на градското собрание на Белград повторно е избран за градоначалник на главниот град на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

По минатонеделното конститурање на собранието на град Белград, на кое Никола Никодијевиќ од СПС е избран за нов претседател, тој на денешната седница го предложи досегашниот градоначник Александар Шапиќ за нов градоначалник на Белград пред заедничката коалиција „Александар Вучиќ-Белград утре“.

За изборот на Шапиќ гласаа 64 од 82 советници. На предлог на Шапиќ за негова заменичка е поставена Весна Видовиќ.

Приштина – Основниот суд во Приштина го осуди на 15 месеци затвор и парична казна од 12.000 евра лицето Ненад Орловиќ, обвинет за напад врз припадниците на Мировната мисија на НАТО - КФОР во Звечан во северно Косово, во мај минатата година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Претседателката на судскиот совет, Валбона Муслиу Селимај, рече дека одлуката ќе стане директно применлива бидејќи дојде како резултат на спогодбата за признавање вина.

Србинот со косовско и српско државјанство Орловиќ е осуден за кривичните дела учество во толпа што извршило кривични дела и хулиганство и напад на службено лице.

Тој е во притвор од 26 јуни минатата година.

Брисел - Советот на ЕУ денеска донесе одлука за воведување на рестриктивни мерки против шест лица вклучени во кибер напади врз информациските системи, поврзани со критичната инфраструктура, државни институции, оддели за складирањето или обработката на доверливи информации, како и со владините тимови за одговор при итни случаи во земјите членки на Унијата.  

Како што соопшти Советот, со оваа одлука првпат се преземаат рестриктивни мерки против „кибер криминалните актери“, кои вршат напади врз софтверите за основни услуги, како што се здравството и банкарството. 

На листата на санкционира на ЕУ поради кибер напади се додадени двајца членови на групата „Калисто“, Руслан Перетјатко и Андреј Коринец, Олександр Склианко и Микола Черних од хакерската група „Армагедон“, како и Михаил Царев и Максим Галочкин. 

Подгорица - Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на 2 и 3 јули ќе престојува во официјална посета на Црна Гора, на покана на претседателот на државата Јаков Милатовиќ.

„Оваа посета доаѓа во пресрет на претстојната Меѓувладина конференција, со цел да се нагласи ЕУ перспективата на Црна Гора, досегашниот напредок на европскиот пат и добивањето на ИБАР (Извештај за исполнување на привремените одредници), како и продолжувањето на реформскиот процес. Ова е втора посета на високи претставници на ЕУ откако Јаков Милатовиќ ја презеде функцијата претседател на Црна Гора. Пред тоа, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ја посети Црна Гора во октомври 2023 година“, се вели во соопштението.

Лион - Кандидатот за иден шеф на Интерпол, Мубит Нава од Замбија, е обвинет за вмешаност во киднапирање, приведување, напад и обид за изнуда на двајца индиски бизнисмени.

Адвокатите Винод и Удит Саду му пишаа на Интерпол велејќи дека обвинувањата против Мубита Нава, заменик - полициски комесар во Замбија, укажуваат на тоа дека тој е „очигледно неподобен“ да биде идниот генерален секретар на таа организација, пишува „Гардијан“.

Ханој - Виетнам, вториот најголем производител на кафе во светот, го погоди силна суша, што доведе до загриженост за зголемувањето на цените на еспресото и инстант кафето на глобално ниво.

„Виетнамската трговска берза очекува производството на кафе да се намали меѓу 10 и 16 отсто поради екстремните жештини што ја погодија земјата меѓу март и почетокот на мај“, рече Нгуен Хуу Лонг, кој одгледува кафе на плантажа од 50 хектари во Гиа Лаи, една од најдобрите провинции за производство на кафе во Виетнам.

Иако времето е подобрено во последните недели, останува нејасно дали тоа ќе помогне да се зголеми производството и да се намалат цените на зрната робуста, сортата која најчесто се среќава во еспресото и инстант кафето, чиј најголем светски производител е Виетнам.

Москва - На американската амбасадорка во Москва, Лин Трејси, денеска и беше врачен демарш поради ракетниот напад на Украина на плажата во Севастопол на Крим, со напомена дека Русија подеднакво ги обвинува Вашингтон и Киев за тој напад, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

„Ваквите акции на Вашингтон нема да останат без одговор“, соопшти Министерството.

Во соопштението за медиумите се наведува дека демаршот му бил доставен на американскиот амбасадор во руското Министерство за надворешни работи, пренесе РИА Новости.

Остани поврзан