• понеделник, 24 јуни 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 24 јуни 2024

Скопје - Под мотото „На одмор сум во Скопје сум“, Општина Центар од утре до 28 јуни ќе реализира серија настани наменети за сите деца и млади кои овие жешки денови ги поминуваат во главниот град. Во вечерните часови, на повеќе локации ќе се одржуваат спортски активности, театарски претстави за најмладите, креативни работилници.

-Ако сте на одмор, а во Скопје, само за вас неделава подготвивме спортски настани, претстави и концерти. Ве поканувам сите на дружење, спорт и забава на отворено. За нашите деца и млади ќе има квалитетни едукативни и спортски содржини. Ќе играме баскет со шампиниоте на КК Работнички, ќе има и детски театарски претстави, интерактивни работилници и концерти. Целта ни е да ја разбиеме оваа летна монотонија и да ги раздвижиме сите оние кои останаа во Скопје и не се заминати на одмор. Сакаме, пред се, да ги анимираме најмладите да излезат од дома, да ги остават компјутерите и мобилните и да ни се приклучат, да се забавуваме и да се дружиме. Ќе им понудиме доживување што ќе го паметат, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Програмата, како што соопштуваат од Општина Центар, стартува утре со баскет перформанс на кошаркарите на Работнички, во 19.00 часот во Парк Капиштец. Во среда во 19 часот на деткото игралиште Зебра, ќе се одржи едукативна работилница со Стела и Сани, а во четврток во Парк Капиштец, во ист термин најмалите ќе можат да уживаат во претставата „Солта поскапа од злато“, во изведба на Театар Среќа. Завршуваме со интерактивен концерт и театар во Паркот на франкофонија, со почеток од 18.30, под диригентска палка и организација на Стела и Стани.

„На одмор сум во Скопје сум“ е еден од многуте проекти на Општина Центар посветени на збогатување на културниот и забавен живот во општината.

Пехчево - Невремето проследено со врнежи од град со големина на лешник што синоќа го зафати Пехчево, предизвика штети на градинарски насади во пехчевско и околината. 

Невреме проследено со врнежи од дожд и грмежи имаше и во Пијанец.

Од подрачната единица на МЗШВ најавија дека во текот на денот ќе ги посетат местата каде врнежите со град биле најизразени. Оттаму апелираа штетите да бидат пријавени во подрачните канцеларии во местото на живеење.

Прилеп - Прекин на водоснабдувањето во населените места кои се снабдуваат со вода од регионалниот водоснабдителен систем Студенчица, поради дефект на територија на Општина Прилеп.

Како што соопштуваат од крушевското ЈП „Комуна“, станува збор за крушевските дела Пресил, Св. Митрани, Врбоец, Норово, Алданци, Саждево, Јакреново, Борино и Белушино, односно за целосната територија која ја покрива овој водоснабдителен систем.

-Утрово добивме известување од Студенчица дека ќе работат на дефект во Општина Прилеп и водата ќе биде во прекин се до надминување на проблемо, велат од ЈП „Комуна“.

Скопје -  Најмногу дожд во изминатото деноноќие во државава наврна во Тетово, , 53 литри на метар квадратен,  по што следуваат Попова Шапка со 29 литри,  Скопје-Зајчев Рид и Крива Паланка со 28,  Скопје-Петровец со 15,  Маврови Анови со девет литри, Куманово, Демир Капија и Пожаране со два,  Кавадарци со еден, покажуваат мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). 

Во првата половина од ноќта наместа, особено во северните делови, беше нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со интензивен пороен дожд, засилен ветер и појава на град. Во втората половина од ноќта атмосферата се стабилизира, така што изутринава насекаде е сончево и тивко.

Скопје - ЈП Комунална хигиена - Скопје утрово спроведува засилени активности за расчистување по обилните дождови што во текот на вчерашната ноќ го зафатија градот Скопје. Во координација со Градот Скопје, екипите на претпријатието реализираат активности за расчистување на јавните и на сообраќајните површини, со цел да се овозможи проодност на движењето на пешаците и безбедно одвивање на сообраќајот.

ЈП Комунална хигиена-Скопје информира дека се работи со максимален капацитет и ангажираност на сите расположливи работници на терен, како и со употреба на целокупната механизација.

Активностите се одвиваат во сите скопски општини, комплетно е расчистен и прооден булеварот „16-та Македонска бригада“ во општината Гази Баба, булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска улица),  подвозникот на стоковната куќа „Мост“, подвозникот „Павел Шатев“, како и улицата „Џон Кенеди“ во скопската општина Чаир, додека во моментов е во тек расчистување на кружниот тек „Беласица“.

Екипите на претпријатието се ангажирани и за повторно поставување на садовите за одлагање на отпадот што беа изместени во текот на невремето.

Активностите ќе продолжат во текот на целиот ден, во насока на целосно санирање на последиците од невремето на терен.

Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција - Скопје санкционираа 153 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

Од 17.06. до 23.06.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 75 непрописно паркирани возила, а со поставување механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 78 возила кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во кој биле паркирани.

-За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот, наведува  ЈП Паркинзи.

Остани поврзан