• петок, 28 јуни 2024
МИА Радио флеш

20 јуни 2024 

-Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ со кого разговараше за севкупните билатерални односи на двете земји, можностите за соработка во повеќе области од заемен интерес, како и за унапредувањето на регионалната соработка во насока на справување со предизвиците во однос на регионалната безбедност и европските интеграции. Како што информираат од нејзиниот кабинет, претседателката Сиљановска Давкова изразила задоволство од одличните пријателски односи и соработка меѓу двете земји кои се карактеризираат со заемно разбирање, поддршка и почит. Таа нагласила дека постои интерес за продлабочување на економската соработка преку искористување на можностите и потенцијалите за зголемување на трговската размена, како и за натамошно унапредување на политичкиот дијалог.

-Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар Христијан Мицкоски во врска со употребата на уставното име денеска повтори дека неговата позиција е јасна и за неа никој не треба да има дилема и оти е подготвен да аргументира и да дебатира во врска со тоа. Прашан за коментар за изјавата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис дека „премиерот на Северна Македонија, ако од моментот кога ќе ја презеде должноста, инсистира на оваа реторика, ќе се најде во многу непријатна позиција, кога ќе се сретнеме на НАТО Самитот“, Мицкоски рече дека се подготвува и оти би сакал да го види тој предизвик потсетувајќи на изјавите дека досега требаше да почне ратификацијата на протоколот за влез на Македонија во рамките на ЕУ.  

-Група пратеници од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието поднесе Предлог закон за дополнување на Законот за енергетика по скратена постапка со којшто ќе нема зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата, информира на прес-конференција во Собранието мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христија Мицкоски.-Имајќи предвид дека како идна влада не сакаме да се мешаме во работата на независните регулаторни тела, но исто така како идна влада имаме одговорност, а тоа го ветивме и пред граѓаните за време на кампањата за претседателските и парламентарните избори дека тие ќе бидат нашиот приторитет и стандардот на граѓаните ќе биде наш приеотритет и како вчлада имамме намера серизно да се грижиме за нивниот стандартд и да не дозволиме истиот поради ситни интереси на поединци да биде начнат, односно загрозен. Во таа смисла група пратеници од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ денеска, првопотпишам сум јас, доставивме до архивата на македонското Собрание Предлог закон за дополнување на Законот за енергетика по скрарена постапка, со кој нема да има зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата, односно стандардот на граѓаните ќе биде заштитен и нема да се дозволи драматично зголемување на цената на електричната енергија, рече Мицкоски.

-На покана на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ги презентира позитивните искуства од оцената на транспарентноста на Народната банка во согласност со најновите стандарди за транспарентност на ММФ. На настанот којшто се одржа во Обединетиот виенски институт учествуваа и експерти од ММФ и од Швајцарската централна банка, информираат денеска од Народната банка. Оттаму додаваат оти НМФ во Извештајот за оцената на транспарентноста заклучил дека Народната банка практикува високо ниво на транспарентност. Ова, велат од Народната банка, придонесува за висока доверба на јавноста во оваа институција, за одржување на нејзината независност и за ефективноста на нејзините политики.

-Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека нема да поскапи електричната енергија од 1 јули и вели дека очекува Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука што нема да биде на товар на граѓаните, а покрај тоа очекува и новата влада да ја ревидира одлуката на техничката влада со која е зголемена цената по која ЕСМ ја нуди струјата на универзалниот снабдувач и е намален процентот на покривање на потребите регулираниот пазар.- Министерството за економија секогаш има намера да има што пониски трошоци кои директно влијаат врз животниот стандард на граѓаните. Имавме став дека ЕСМ треба да покрива 100 отсто од потребите на универзалниот снабдувач, но тој став не се прифати во владината одлука. Во делот на цената и во делот на процентите ставовите се носат на затворена седница на Владата и јас немам право да ги кажувам јавно, но приближно се тие што се знаат во јавноста. Очекувам Регулаторната комисија за енергетика, која е независна институција, да донесе соодветна одлука што нема да биде на товар на граѓаните, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција на која даде отчет за сработеното во изминатите седум години.

-Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во април годинава изнесува 41.085 денари и е за 13,7 отсто повисока отколку во истиот месец од минатата година. Според податоците на Државниот завод за статистика, ваквото зголемување се должи, пред се, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите Образование за 21,8 отсто, Земјоделство, шумарство и рибарство за 18,6 и Информации и комуникации за 18 отсто. Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, пак, во однос на претходниот месец е забележано во секторите Земјоделство, шумарство и рибарство за 6,3 отсто, Информации и комуникации за 5,7 и Транспорт и складирање за 4,9 отсто.

-Вредноста на синдикалната минимална кошница (СМК) за јуни изнесува 60.325 денари и е зголемена за 235 денари споредено со синдикалната минимална кошница за минатиот месец кога изнесуваше 60.090. Со изнајмен стан од 60 квадрати за јуни изнесува 75.700 денари.  Вредноста на СМК за јуни 2024 година  во однос на јануари годинава кога изнесуваше 57.163  денари зголемена е за 3.162  денари односно за 5,5 проценти.

-На 21 и 22 јуни, во петок и сабота по повод верскиот празник Задушница, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во градот. -Имено, од 06.00 часот утре (21.06.2024) и задутре (22.06.2024) сообраќајот кон Градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатуваат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробишта Бутел, а за излез од гробиштата, десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“, информираат од МВР. Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во околината на гробишта Камник и Ѓорче Петров.

-Престижните почесни награди во рамки на филмската ревија „Златна рамка“ на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) беа доделени вчера за време на свечената церемонија која се одржа во Младинскиот Културен Центар (МКЦ) во Скопје. Настанот на едно место обедини околу стотина гости - еминентни претставници од светот на културата и кинематографијата и љубители и поддржувачи на македонската филмска индустрија. Годинешните почесни награди беа доделени на Владимир Анастасов - Вац за најистакнат филмски автор, на Тони Михајловски како најистакнат актер и Марина Колоска за најистакнат филмски работник.

-Во последната деценија, односно во периодот од 2014 до 2024 година, само преку легална емиграција, од Албанија заминале над 478 илјади граѓани. Но, реалниот број на оние кои ја напуштиле земјата е многу повисок, ако се земе предвид илегалната имиграција, објави весникот „Тема“. Најпосакувана дестинација и понатаму е Германија, по што следуваат Франција, Италија и Велика Британија. Континуираното и незапирливо иселување, особено во последните години, констатира весникот, предизвикало силни последици во општествениот и економскиот живот на државата, оценувајќи дека она што посебно загрижува се високите стапки.

-На подрачјето на Обровац во Хрватска вчера експлодирало возило на чешко семејство, при што загина осумгодишно дете, а две жени и еден маж се хоспитализирани во Задар. Според хрватската полиција експлозивна направа имало во автомобилот во кој било чешкото семејство. Експлозијата се случила кога семејството застанало на постојка за одмор поради дефект на автомобилот.

-Изложеноста на загаден воздух во Србија е причина за смрт на речиси 16.000 луѓе, а за децата на возраст под пет години тоа е втор водечки фактор на ризик за неухранетост, се вели во новиот извештај за квалитетот на воздухот во светот, ппренесе Бета. Од вкупно 15.800 смртни случаи, 13.600 случаи биле поврзани со изложеност на PM2.5 честички, според извештајот за Состојбата со глобалниот воздух од независниот, непрофитен Институт за здравствени ефекти со седиште во Бостон.

-Соработката со Турција во мигрантското прашање продолжува да функционира добро. Немам некоја индикација дека од Турција, од турската Влада постои некоја одлука да ги олабави обидите за надзорот на нејзиното крајбрежје, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за радиото „Реал фм“, јави дописничката на МИА од Атина. Во однос на ситуацијата со мигрантите и вчерашниот текст во „Катимерини“ дека се зголемени мигрантските бранови, Мицотакис објасни дека големо зголемување имало лани во август, во септември и во октомври, а од тогаш се значително намалени.

-Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и Европската комисија денеска го поздравија договорот постигнат меѓу земјите членки на ЕУ за воведување дополнителен пакет санкции кон Русија, поради руската агресија врз Украина. - Го поздравувам договорот за 14-тиот пакет санкции против Русија, наведе Мишел во објава на Икс. 

-Полицијата во Берлин денеска изврши серија претреси поврзани со истрагите за меѓународната трговија со оружје. Портпаролот на германската полиција изјави дека околу 150 полицајци учествувале во рациите, но не наведе повеќе детали. - Берлин е и останува жариште за меѓународните криминални мрежи, ова се однесува на дрогата, како и на трговијата со остро оружје, кое се дистрибуира преку „даркнет“ (darknet) мрежа или добро организираните банди, изјави шефот на полицискиот синдикат во Берлин, Стефан Вех. 

-Холандските власти запленија околу 3.600 килограми кокаин скриен во пратка со банани во малиот пристанишен град Влисинген, јави ДПА. Вредноста на дрогата е околу 270 милиони евра, соопшти обвинителството. Тие биле откриени при рутинска проверка во пратка со банани од Еквадор наменета за Германија. Властите соопштија дека е уапсен 27-годишен осомничен. Тоа е најголемата заплена на кокаин во Влисинген досега оваа година. Во мај беше запленета уште една пратка банани од Еквадор со речиси 500 килограми во вредност од околу 37 милиони евра.

-Холандскиот премиер во заминување Марк Руте ќе биде следниот генерален секретар на НАТО, откако сите 32 членки на Алијансата се договорија тој да го наследи Јенс Столтенберг, објави бриселскиот портал Политико. По поддршката од Унгарија и Словачка пред два дена, Романија денеска потврди дека ќе гласа за Руте, откако романскиот претседател Клаус Јоханис ја повлече својата кандидатура за шеф на НАТО. За време на состанокот на Врховниот совет за национална одбрана, Јоханис истакна дека ги информирал сојузниците во НАТО за повлекувањето на неговата кандидатура.

-Претседателите на Русија и Виетнам, Владимир Путин и То Лам денеска во Ханој усвоија изјава за натамошно продлабочување на сеопфатното стратешко партнерство на двете земји по повод 30-годишнината од спроведувањето на руско-виетнамскиот договор за основите на пријателските односи. За време на посетата на Путин на Виетнам беа потпишани најмалку 11 договори во областа на енергетиката, високото образование, правосудните институции, даночните служби и царината.

-Новиот договор помеѓу Русија и Северна Кореја бара од двете земји да ги искористат сите расположливи средства за давање итна воена помош во случај на војна, објавија денеска севернокорејските државни медиуми. Договорот што на средбата во Пјонгјанг го постигнаа лидерите на двете земји Владимир Путин и Ким Џонг-ун, медиумите го опишуваат како „голема надградба на билатералните односи, што вклучува безбедност, трговија, инвестиции, културни и хуманитарни врски“. Аналитичарите веруваат дека новиот договор може да ја означи најсилната врска меѓу Москва и Пјонгјанг од крајот на Студената војна.

-Веројатноста за смртоносен топлотен бран што ги погоди САД, Мексико и Централна Америка кон крајот на мај и почетокот на јуни беше 35 пати поголема поради климатските промени, проценија експерти од мрежата „Ворлд ведр атрибјушн“ (World Weather Attribution). Според мрежата, која редовно која редовно ја проценува поврзаноста помеѓу екстремните временски настани ширум светот и климатските промени, екстремните температури во текот на мај и јуни во тие региони имаат четирипати поголема веројатност да се повторат отколку пред 25 години. Температурите на воздухот во Мексико ги надминаа рекордите од март, а најмалку 125 луѓе починаа од нив, а илјадници лица имаат здравствени последици.

 

Остани поврзан