• среда, 26 јуни 2024
МИА Флеш

26 јуни 2024

Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска потврди дека за зголемување на пензиите ќе треба да се чека ребалансот на Буџетот, за што тој и министерката за финансии, како што кажа, интензивно работат и кој е најавен за средината на јули. Најави две линеарни зголемувања и тоа со нивелирањето во септември и уште едно во март. 

-Апсолутно. И од она што можам да видам дека и со оној првичен буџет којшто е поминат за оваа година недостасуваат околу 2,5 милијарди денари. Ќе имаме најверојатно две линеарни зголемувања најверојатно. Ќе биде ова потврда во текот на утрешниот ден или денот потоа. Имаме две, едно со нивелирањето сега во септември линеарно зголемување од 2,500 денари и другото ќе биде во март уште 2,500 денари. Најпрвин треба да обезбедиме со ребалансот 2, 5 милијарди денари околу 40 милиони евра. Во овој буџет тие пари недостасуваат. Се трошеле за работи за кои мислам дека многу ќе се занимаваат истражните органи во периодот што следи. И уште дополнителни 2,5 милијарди денари се подготвени за ова првично зголемување сега што ќе биде во септември, за овие тре месеци септември октомври ноември бидејќи пензиите ќе се исплаќаат тогаш. Останатите ќе бидат во март и со тоа практично нашето ветување за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари во првата година ќе биде и порано исполнета. Нема да биде до јуни туку ќе биде до март, рече Мицкоски, кој беше на ставање на камен темелник на училиште во Драчево.

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо, соопшти нејзиниот кабинет.

На средбата е констатирано дека билатералните односи меѓу двете држави се основани врз пријателство и соработка во сите области од взаемен интерес, при што претседателката Сиљановска Давкова изрази подготвеност за натамошно проширување на билатералната соработка и продлабочување на македонско-кинеското пријателство во текот на нејзиниот мандат. Таа го реафирмираше македонскиот став за почитување на политиката „Една Кина“.

Соговорниците изразија очекување дека и понатаму ќе продолжат да се развиваат и унапредуваат меѓусебните односи во сите сфери од взаемен интерес, особено во делот на трговската размена и капиталните инфраструктурни проекти и ги нагласија можностите за проширување на економската соработка и туризмот. Во тој контекст, претседателката посочи дека е неопходно македонските стопанственици да бидат подобро запознаени со регулативата, прописите и функционирањето на кинескиот пазар, како би можело да се зголеми извозот во Кина.

Скопје - Зголемување на капацитетите на постојните судови и јавни обвинителства во делот на судските постапки кои се однесуваат на загадувањето на животната средина, формирање посебна полициска единица „Еко полиција“ во рамките на Министерството внатрешни работи и специјален „зелен суд“ и специјално „зелено јавно обвинителство“ надлежни само за делата против животната средина се дел од препораките на Петтата сесија на Работната група 5 „Животна средина“ (Поглавје 27).

На денешната дискусија на тема „Приближување на националното законодавство кон европските напори за еколошка правда“, Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија препорача нашето казнено законодавство целосно да се усогласи со Директива на Европскиот Парламент и на Советот за заштита на животната средина преку казненото право, применувајќи ја Директивата 2008/99/ЕС, посебно во делот кој се однесува на заканите. Тоа би значело, воведување на нови и соодветно одмерени казни за физичките и правните лица во согласност со гореспоменатата Директива.

Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека ќе има учебници за учениците во новата учебна година која започнува во септември. 

-Да, во септември же има учебници. За основно ќе има за сите учебници и за средно во најголем дел ќе ги имаат учебниците, изјави Јаневска која беше на поставување камен темелник на основно училиште во Драчево. 

Таму присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека тој и министерката за финансии работат на ребалансот на Буџетот и оти Владата ќе направи се за да се обезбедат учебници за новата школска година.

Скопје - Согласно џентлменскиот договор во владината коалиција Изет Меџити ќе биде прв вицепремиер во Владата, потврди денеска премиерот Христијан Мицкоски. 

- Според законот кој што е важечки Владата односно премиерот има заменици, а договорот којшто го имаме во рамките на коалицијата е да да има прв вицепремиер и тоа ќе биде господинот Изет Меџити. Но тоа е надвор од законот. Законот вели односно подразбира само заменици на претседателот на Владата. Тоа што досега е работено на диво и незаконски, тоа нема да биде пракса во работењето на оваа Влада. Но, да џентлменскиот договор во рамките на нашата коалиција и во рамките на нашето функционирање е таква, рече Мицкоски, кој денеска беше на ставање камен темелник на основно училиште во Драчево.  

Скопје - Екипа на Итната медицинска помош од Скопје заедно со пациент е заглавена во лифт во подрумски дел од зграда на улица „Христо Татарчев“ бр.47 во скопската населба Кисела Вода, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Како што велат, за ова добиле пријава на телефонот 112 во 11:22 часот.

-Од страна на ЦУК итно се известени Бригадата за противпожарна заштита Скопје и СВР Скопје, посочуваат од ЦУК.

Скопје - Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против Самка Ибраимовски за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ откако на својот фејсбук профил упатил сериозни закани и повици за насилство кон судија на Уставниот суд.

Од МВР денеска информираа дека целосно го расчистиле случајот пријавен до Секторот за компјутерски криминал на 24.06.2024 од страна на претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, кој пријави закани по животот и безбедноста на судија на Уставен суд упатени од С.И. преку социјална мрежа.

- Веднаш по добиената пријава, МВР презеде соодветни мерки и беше извршен службен разговор со С.И. во СВР Тетово. Денеска (26.06.2024) Секторот за компјутерски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против С.И. (69) за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ чл.144 ст.5 предвиденo и казнивo според Кривичниот законик. Пријавениот С.И. на својот фејсбук профил упатил сериозни закани и повици за насилство кон судија на Уставниот суд, информираат од МВР.

Тетово - Почетокот на повтореното судење на судскиот процес поврзан со пожарот во тетовската модуларна болница во Тетово, денеска во Основниот суд Тетово беше одложено за 25 септември годинава поради отсуство на претставници на Клиничка болница Тетово.

Апелацискиот суд во април годинава донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и Јавната здравствена установа Клиничка болница Тетово како правен субјект. За докторот Бобан Вучевски, Апелацискиот суд во април 2024 година ја одби жалбата на Обвинителството и ја потврди првостепената ослободителна пресуда за него.

На 5 јуни 2023 Основен суд Тетово одреди условна осуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“ во судскиот процес по пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе. Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.

Скопје - Синдикатот на полиција во Македонија денеска до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против лицата О.С., во момент на сторување на кривичното дело министер за внатрешни работи, и Д.Ч. во моментов актуелна претседателка на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, заради основано сомнение за сторени две кривични дела – „повреда на право од работен однос“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.

-По претходно спроведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на работник во МВР за полесна повреда на кршење на работна дисциплина првопријавениот во својство на министер изготвил решение што во ниту еден случај не смеел да го изготви, а после тоа изготвил и решение со кое на работникот В.Р. и врачил отказ, изјави Орце Коцевски, претседател на Синдикатот на полиција во Македонија, на денешната прес-конференција пред ОЈО Скопје.

Скопје - До петок ќе се задржи променливо облачно, нестабилно и малку посвежо време со пороен дожд и грмежи. Утре на повеќе места ќе има појава на невреме со обилен пороен дожд (над 30л/м2) за кратко време, грмежи, силен ветер (над 60 км/час) и град, соопшти УХМР.

За време на викендот времето ќе биде стабилно и потопло, а од понеделник кон крајот на денот повторно се очекува локален пороен дожд и грмежи.

Скопје - Договорите, особено меѓународните и вклучени  во преговарачката рамка на ЕУ, треба да се почитуваат, изјави денеска лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер Бојко Борисов, коентирајќи ја изјавата македонскиот премиер Христјан Мицкоски дека доколку има политичка волја можно е решение со Бугарија и промена на преговарачката рамка со ЕУ.

Борисов вели дека и покрај добрите односи меѓу него и партнерите во ЕУ, договорите мора да се почитуваат.

- Какви било толкувања не се добри за колегите од Северна Македонија. Без нашата и поддршката на Грција, РСМ нема шанси за ЕУ. Сега треба да бидат одговорни. Како што ја добија нашата поддршка, сега веќе не можат да се потпрат на неа, смета Борисов.

Атина – Порака и предупредување до Скопје и Тирана испрати грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговиот говор на состанокот на пратеничката група на Нова демократија, велејќи дека „прават сметка без крчмарот“, јави дописничката на МИА од Атина.

За нашата земја, односно како што рече за северните соседи, Мицотакис посочи дека има прекршување на меѓународното право и обврските од меѓународните договори, а индиректно упати критики и до опозициската СИРИЗА.

-Во однос на оние кои и денес на различни настани и конференции продолжуваат да го величаат договорот што има многу проблеми, нека го видат актуелното однесување на Скопје, во актуелното однесување на Скопје нека ги видат нивните проблематични експерименти. Тоа се стапици за кои одовде од говорницата имавме предупредено. Како што и сега ги предупредуваме нашите северни соседи со едноставни и јасни зборови: Не почнавте добро, прекршувајќи го и меѓународното право и вашите обврски што произлегуваат од меѓународни договори. Престанете да правите сметка, без крчмарот, рече Мицотакис нешто што беше проследено од аплауз од пратениците на Нова демократија, а во продолжение додаде дека ова важи и за Албанија, по вчерашната одлуката на судот за затворската казна за Фреди Белери.

Софија - Бугарскиот претседател Румен Радев денеска излезе со став со кој тврди дека политиката на Скопје е насочена против европските принципи.

-Новата влада кај нашиот сосед јасно покажа дека најголемиот страв на политичката класа на оваа земја е да го препознае самото постоење на зборовите „Бугарин“ и „Бугарско“... Ова е политика насочена директно против европските принципи и одлуки донесени со консензус од сите земји-членки, против меѓународните обврски, но пред се против сопствените граѓани, кои јасно ги кажаа своите амбиции за европски развој на земјата, рече Радев во изјава за новинари во Софија.

Тој додаде дека очекува коректни дејствија и од бугарската влада и од европските институции „за одржување на европските принципи и норми во процесот на проширување“.

Париз -  Холандскиот премиер во заминување Марк Руте, денеска е именуван за нов шеф на НАТО, и го презема раководењето со Алијансата во исклучително деликатен момент - руската војна во Украина која беснее веќе трета година, Кина расте, НАТО се бори со големи предизвици.

Дел од клучните прашања со кои и треба Руте да се справи откако ќе ја преземе функцијата во октомври (според француски медиуми):

Над алијансата од 32 нации се наѕира потенцијалното враќање на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Белата куќа по изборите во ноември. Поранешната телевизиска ѕвезда, наводно, размислувал за повлекување на САД  од НАТО за време на неговиот прв мандат - и се закани дека нема да ги заштити сојузниците кои не трошат доволно за одбрана.

Шефот на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг, беше заслужен за избегнување на голема криза што можеше да го доживее магнатот да направи дупка во алијансата. Доколку Трамп биде избран, на Руте ќе му требаат сите дипломатски вештини што ги стекна во текот на повеќе од 13 години на чело со Холандија за да спречи какво било слабеење на улогата на Вашингтон.

Иако заканата од Трамп можеби нема да се оствари, една неизбежна реалност ќе биде ситуацијата на бојното поле во Украина.

Загреб- Според резултатите од првото истражување на Кробарометар по европските парламентарни избори одржани во Хрватска, најпозитивен политичар со 44 отсто поддршка е претседателот на Републиката Зоран Милановиќ, второто место го делат премиерот Андреј Пленковиќ и градоначалникот од Загреб Томислав Томашевиќ со 37 отсто, додека најнегативно е перципиран лидерот на СДС, Милорад Пуповац, кој оставил таков впечаток кај 72 отсто од испитаниците.

На второ место на негативната листа е лидерот на највлијателната опозициска СДП, Пеѓа Грбин, со 59 отсто, додека на трето, четврто и петто место со по еден отсто разлика се Андреј Пленковиќ, претседателот на Собранието Гордан Јандроковиќ и пратеникот Хрвоје Зекановиќ.

Остани поврзан