• четврток, 27 јуни 2024
МИА Радио флеш

27 јуни 2024

 - Тоа што не дава резултати, мора да биде променето. Одредени аспекти на Концепцијата за основно образование ќе претрпат измени, затоа што ниту наставниците, ниту учениците и родителите не се задоволни од имплементацијата и постигнатите ефекти, истакнала министерката за образование и наука Весна Јаневска на средбата со директорот на Бирото за развој на образованието, Абдулфета Фетаи на која се дискутирало за актуелните состојби во образованието и заложбите за нивно подобрување, во интерес на создавање поквалитетни ученички генерации. - Планираме историја, географија, граѓанско образование и други предмети повторно да се изучуваат како одделни предмети, а не како во моментов да бидат фузирани и да се создава конфузија кај наставниците и учениците кои навистина секојдневно се прашуваат по кој предмет имаат час. Материјата мора јасно да биде разграничена, како што е пракса и во најголем дел од земјите во Европа и пошироко, посочила Јаневска. 

 

- Поплавени се куќи, улици, имало пријави и за прекини во електричната енергија, по синоќешното невреме што ги зафати скопскиот, кумановскиот и тетовскиот регион. На единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК), биле пријавени, а сѐ уште и се пријавувале, поплавени површини, дворови, подруми, куќи, објекти, паднати дрвја, бандери, столбови, откачени лимови, олуци, оштетени покриви, автомобили и слично. - Сите информации беа соодветно селектирани и пренесени до надлежните во локалните самоуправи и до надлежни служби и институции, потенцираат од ЦУК изутринава. Во текот на ноќта по невремето што го зафати скопскиот регион, имало шест пријави за паднати и навалени дрва, како и скршени гранки, четири за скинати проводници, навалени бандери и други проблеми со електрични и телефонски кабли, осум за поплавени куќи, за поплавени подрумски простории и гаражи - 12, за поплавени улици - пет, за проблеми во снабдувањето со електрична енергија - три, за оштетени покриви, скршени стакла и откачени лимови и олуци од куќи и згради -  четири и уште толку за оштетени патнички моторни возила.

 

- Кинотеката на Северна Македонија соопшти дека во месец јули ќе бидат прикажани остварувања од нашата национална кинематографија, со постар, но и со понов датум на реализација. Како што најавија, ќе биде прикажан филмот „Жед“ на филмскиот и театарски режисер Димитрие Османли. Станува збор за втор долгометражен игран филм во продукција на Филмско студио – Скопје и на дистрибутерската куќа „Македонија филм“. Меѓу другото, во Кинотеката во јули ќе се одржи и проекција на „Волчја ноќ“ во режија на Франце Штиглиц и според сценарио на македонскиот писател Славко Јаневски. Токму ова остварување е вториот гран филм во историјата на седмата уметност кај нас. Во рамките на месечнава понуда, на летната кино сцена „Мирно лето“, ќе се прикажат и современите остварувања како фестивалскиот миленик „Исцелител“, „Домаќинство за почетници“, „Ругање со Христа“, „Бал-кан-кан“, „Скопје ремикс“.

 

- Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, денеска оцени дека премиерот на Косово, Албин Курти, не сака дијалог и дека се плаши од средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, бидејќи има слаби аргументи, јави дописникот на МИА од Белград. Коментирајќи го почетокот на новата рунда дијалог меѓу Белград и Приштина во Брисел, Брнабиќ за ТВ Пинк рече дека Курти не сака да го спроведе Бриселскиот договор и да формира Заедница на српски општини (ЗСО). - Мислам дека Курти уште еднаш покажа дека не сака дијалог, нема интерес да направи чекор напред за Србите на Косово и Метохија да ги уживаат основните човекови права и нема намера да формира ЗСО, изјави претседателката на Собранието. Според неа, Вучиќ не ги избегнува тие средби, колку и да се тешки и непријатни.

 

-Поради хакерски напад што се случил рано утрово, сите информациски системи во Клиничко-болничкиот центар Загреб се исклучени, но новонастанатата ситуација нема да ги загрози пациентите, соопштија од здравствената установа. „Поради оваа причина бевме приморани да ги исклучиме сите системи заради дополнителни проверки и ќе ги вратиме во функција кога ќе се увериме во нивната исправност. Оваа ситуација нема да ги загрози пациентите во КБЦ Загреб“, соопштија од установата, пренесува Хина. Хакерскиот напад врз болницата се случи еден ден по ДДоС нападот врз неколку интернет страници на хрватски институции, меѓу кои и Министерството за финансии, Даночната управа, Хрватската народна банка и Загрепската берза, кои повторно проработеа синоќа околу 20 часот.

 

– Бомба молотов била фрлена пред домот на претседателката на Врховниот суд на Грција, при што бил повреден полицаец и пренесен во болница со повреди на лицето и раката, јави дописничката на МИА од Атина. Инцидентот се случил во населба во северниот дел на Атина, кусо еден часот по полноќ, а било запалено патролно возило на полицијата, при што интервенирала противпожарната служба со осум пожарникари и две возила. Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис го осуди нападот и истакна дека „демократијата и нејзините столбови, како што се судството и неговите функционери, не се заплашуваат“, посочувајќи дека апсолутен приоритет е итното апсење на сторителите. 

 

- Јадењата во Европа доаѓаат во сите облици и вкусови, па според многумина, тука ја има најдобрата храна на планетата... Но, и во остатокот од светот има добра храна, според новата топ-листа што ја објави „Тајм аут“ (Time Out). Познатото списание спроведе анкета меѓу илјадници граѓани од целиот свет, прашувајќи ги за храната во нивниот град со цел да ја направи конечната ранг листа на најдобрите светски градови за гурманите и сладокусците. Така, листата е направена според квалитетот, но и достапноста на храната. Сепак, и сите јадења, но особено пицата е во срцето на италијанската култура - од топлите, богати јадења што се служат на Северот до свежите морски плодови по коишто е познат Југот... Но, според добар дел испитаниците - нема ништо подобро од пица „Маргaрита“, испечена и послужена во Неапол. На списокот, од европските градови, се наоѓаат и Ливерпул, Севиља, Порто, Лион и Копенхаген.

 

- Државите членки на ЕУ, Полска, Естонија, Литванија и Летонија ја повикаа Унијата да обезбеди поголема поддршка за воената и цивилната заштита на нивните граници со Русија и Белорусија. Во писмо до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, четирите источноевропски земји кои се граничат со Белорусија, Русија или и двете, истакнаа дека „многу добро знаат што значи да се биде на првата линија на ЕУ“, повеќе од две години по руската инвазија на Украина во 2022 година. Истакнувајќи ја „непоколебливата поддршка за Украина“, земјите порачуваат: „мораме да трошиме повеќе и да ги координираме одбранбените иницијативи внатре во ЕУ и со НАТО, кој останува основа на колективната одбрана, комбинирајќи ги нашите способности за заштита, одвраќање и одбрана на нашите граѓани и нашите територии“.

 

 - Влијанието на војната во Украина и развојот на настаните во областа на безбедноста на трипартитниот состанок во Варшава разговараа министрите за надворешни работи на Полска, Романија и Турција, пренесоа романските медиуми. Радослав Шикорски, Луминица Одобеску и Хакан Фидан вчера разговараа и за приоритетите во врска со самитот на НАТО во Вашингтон со акцент на зајакнувањето на сојузничкото одвраќање и одбранбената позиција на источното крило на НАТО и зајакнувањето на поддршката за Украина, информира романското МНР. Посебна тема беше поддршката за Република Молдавија - земја најмногу изложена на негативните последици од руската војна против Украина. Министрите за надворешни работи разговарале и за прашања поврзани со продлабочување на соработката во трипартитен формат, се наведува во соопштението на романското МНР.

 

- Израелското Министерство за здравство соопшти дека четири лица починале од последици на Западнонилска треска, а се сомнева дека таа е причина и за уште еден смртен случај. Според Тајмс оф Израел, 48 лица се заразени со Западнонилска треска, од кои 36 се хоспитализирани, а пет се на респиратори. Околу 80 проценти од заразените немаат симптоми, додека околу 20 проценти ќе покажат различни симптоми, вклучувајќи треска, замор, главоболка или болки во телото. Помалку од еден процент од заразените имаат невролошки компликации. „Вирусот не се пренесува од човек на човек“, нагласува Министерството за здравство на Израел.

 

-Израелската армија (ИДФ) денеска ги нападна милитантите на Хамас кои беа во училишниот комплекс во Кан Јунис, кој служеше како команден центар на групата. -Борбени авиони на израелските воздухопловни сили, управувани од Јужната команда, ги нападнаа терористите кои се наоѓаа во училишниот комплекс „Ал Хасана“ во областа Кан Јунис. Терористите на Хамас планираа, режираа и изведоа бројни терористички операции додека беа на училиште, се вели во соопштението на ИДФ. Во нападот беа направени најмногу напори за да се избегнат цивилни жртви.

 

- Заменик извршниот директор на УНИЦЕФ, Тед Чајбан, информираше во Советот за безбедност на ОН дека „телата на илјадници исчезнати деца остануваат закопани под урнатините во Газа“. Чајбан говореше на специјалниот состанок на Советот за безбедност на ОН за неодамнешниот извештај на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за насилството врз децата во вооружените конфликти. „Во 2023 година, 4.312 палестински и 70 израелски деца беа убиени или осакатени, што претставува 37 проценти од сите верификувани случаи на убивање и повредување вклучени во извештајот“, рече Чајбан, пренесува Ал Џазира. Според него, бројот на децата што останале под урнатините покажува дека ОН не биле во можност во извештајот да ги вклучат и илјадниците пријавени случаи на убиени деца од Газа.

 

 - Службата за безбедност на Украина (СБУ) приведе, како што наведува, руски агент кој се обидел да ги идентификува точните координати на украинските противвоздушни ракетни системи на фронтот во областа Запорожје и да ги проследи во Русија. „Рускиот агент ги следел главните насоки на движење и известувал за воената опрема на украинската армија“, се вели во соопштението на СБУ. - Воздухопловните сили на Украина соопштија дека ги собориле сите 23 беспилотни летала и пет од шест проектили истрелани врз Украина од Русија во текот на ноќта. Регионалниот гувернер на украинската област Хмелницки, Сергиј Тјурин, изјави дека системите за противвоздушна одбрана собориле девет воздушни објекти над неговиот регион. - Локалните власти немаат информации за жртви или материјална штета, рече Тјурин. Гувернерот на Николаевската област Виталиј Ким изјави дека украинските сили уништиле шест беспилотни летала и три крстаречки ракети над Николаевската област. Две беспилотни летала беа соборени над Херсонската област и едно над Днепропетровската област, соопштија украинските власти. 

 

Остани поврзан