• четврток, 27 јуни 2024
МИА Флеш

27 јуни 2024

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова и амбасадорот на Виетнам До Хоанг Лонг на денешната средба во вилата Водно заклучија дека меѓу двете држави постои добра соработка на мултилатерален план и истакнаа дека е потребно продлабочување на билатералните односи, известуваат од кабинетот на претседателката на државата.

Оттаму посочуваат дека на средбата се разговарало за билатералните односи меѓу двете земји кои ги поврзува долгогодишно пријателство и бил изразен поттик за натамошно унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка во повеќе области.

- Соговорниците како една од приоритетните сфери на билатералната соработка ја посочија економијата и изразија интерес за нејзино унапредување преку преземање на конкретни економски активности и проекти, како што се формирање на Мешовита економска комисија, организирање економски семинар во Скопје од страна на амбасадата на Виетнам во насока на промоција на трговијата и инвестициите меѓу двете држави, соопштуваат од кабинетот на Сиљановска Давкова.

Скопје - Судењето за случајот со спортските ваучери на Агенцијата за млади и спорт е одложено за 9 јули, откако на првото рочиште денеска не се појави првообвинетиот Дарко Каевски.

Како што информираше неговиот адвокат, Петре Шилегов, Каевски е на домашно лекување по оперативен зафат на тетивата.

Во случајот, освен Каевски, обвинети се и директорот на АМС, Наумче Мојсовски и претседателот на Македонски олимписки комитет, Даниел Димевски, потоа Огнен Стојановски, Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Бејтула Емини, Дриљон Леши, Мијази Елмазов, Иван Миновски, Даниел Каров и Сашо Поповски.

Според информациите од Јавното обвинителство, постапувајќи по поднесената иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), надлежниот јавен обвинител поднел обвинителен предлог против 12 луѓе за кривични дела „злоупотреба на службена положба“ и за „несовесно работење“.

Скопје – Штета од над пет милиони евра е сторена во случајот со ваучерите на Агенцијата за млади и спорт чие што прво рочиште денеска се одложи, изјави обвинителката Лидија Раичевиќ. Според неа, случајот по многу нешта е специфичен и ќе се врши темелна истрага на преземените дејствија.

- Случајот по многу нешта е специфичен, особено поради бројот на обвинетите, поради природата на кривичното дело, поради настаните кои се случувале и особено поради штетата која што е настапена, многу висока, изнесува над 5 милиони евра, рече таа.

Раичевиќ нагласи дека постапката е сериозна, и, како што рече, се надева дека нема да постојат причини за понатамошно одложување.

Во врска со суштината на постапката, таа појасни дека има повреда на повеќе прописи.

- Тоа што во постапката која што беше системско решение за финансирање на спортот преку ваучерите, формирањето на законските тела, Централната комисија за евалуација на ваучери, овластувањата на директорите на АМС, не се испочитувани согласно Законот за спорт, согласно правилниците кои што предвидуваат почитување на строги критериуми за да може некој да добие ваучер, појасни таа.

Скопје - Советот на Народната банка на редовната седница го разгледа и го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2024 година. Во Извештајот се оценува дека банкарскиот сектор ја задржа својата стабилност и сигурност во работењето, со подобрена солвентност, одржана ликвидност и добар квалитет на кредитното портфолио, информираат од Кабинетот на гувернерот на Народната банка.

Стапката на адекватност на капиталот достигна ниво од 18,9%, коешто е највисоко анализирано од 2006 година наваму. Подобрувањето на показателот, се вели во соопштението, произлегува од растот на сопствените средства на банките, најмногу заради реинвестирањето на добивките од минатата година. Повисоките показатели за солвентноста во голема мера се поттикнати и од повисоките регулаторни и супервизорски барања во врска со капиталот на банките, пред сѐ поврзано со заштитните слоеви на капиталот (противцикличниот и заштитниот слој на капитал за системските значајни банки) и капиталниот додаток утврден врз основа на супервизорска оценка.

Ликвидноста на банките се задржа на вообичаените задоволителни нивоа. Стапката на покриеност со ликвидност на банкарскиот систем изнесува 279,1%, што е значително повеќе од регулаторниот минимум (100%) и го потврдува задоволителниот обем на ликвидност со кој располага македонскиот банкарски систем.

Скопје - СДСМ и ДУИ потрошиле стотици милиони евра народни пари за патишта и пруги кои не само што не ги изградиле, туку не направиле поместување од тоа што го затекнале, изјави денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Здравковски. Тој побара истрага и одговорност за сторителите.

Според него, загрижува фактот што Извештајот на Државниот завод за ревизија, наведува дека кај најголем дел од инфраструктурните проекти не само што се зголемени цените на чинење на проектите како и пролонгирани се роковите за реализација, туку во дел од нив се јавува и опасност од дополнителни трошоци за арбитражни постапки кои треба да ги плаќа државата, таков е патот Прилеп – Градско, делот Дреново – Фариш.

- Автопатот Кичево – Охрид што ВМРО-ДПМНЕ го остави во напредна фаза на реализација едвај е поместен од ситуацијата во која е оставен, а според ревизорскиот извештај утврдено е зголемување од 178 милиони евра за негова доизградба. Тоа се пари додадени како анекси на договорот, на веќе испроектирани финансии, а патот сè уште не е завршен. Лудоста на власта не застанала тука. Таа продолжила и со автопатот Скопје – Блаце, кој за 10 километри, треба да чини над 180 милиони евра, што е за 80 милиони повеќе од првично предвиденото, вели Здравковски.

Скопје - Утре ќе се задржи променливо облачно време со повремен пороен дожд и грмежи,
особено во источните делови од државава. Локално ќе има услови за краткотрајно невреме, информираат од УХМР. 

Минималната температура ќе биде од 13 до 21, а максималната од 23 до 33 степени.

УХМР најавува дека за време на викендот времето ќе биде стабилно и потопло, а повторно дестабилизирање се очекува од вторник.

Њујорк - Обединетите нации (ОН) се „подготвени да одговорат на секој повик од земјите-членки“ за распоредување полициски сили во Газа, изјави во средата заменик-генералниот секретар на ОН за мировни операции Жан-Пјер Лакроа.

-Доколку надлежните органи не поканат да помогнеме, секако дека ќе дадеме се од себе, рече тој, одговарајќи на новинарско прашање во седиштето на ОН во Њујорк.

Вашингтон - Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби денеска изјави дека Белата куќа на ниту еден начин не била вмешана во случајот со основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.

– Тоа беше прашање за Министерството за правда и тие се единствените кои можат да разговараат за тоа, рече Кирби на прес-конференцијата.

Асанж слета во Австралија откако се изјасни за виновен за прекршување на Законот за шпионажа на САД во договорот што го ослободува по 14-годишна правна битка. Основачот на Викиликс помина пет години во британскиот затвор Белмарш борејќи се против екстрадиција во САД.

Според условите на договорот, американските обвинители побараа затворска казна од 62 месеци, што е еднакво на казната што основачот на Викиликс веќе ја одлежа во затвор со максимална безбедност во Лондон.

Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот претходник Доналд Трамп денеска ќе се соочат на првата од двете претседателски дебати во Атланта.

Според анкетите, тие имаат речиси подеднаква поддршка од гласачите. Трамп и Бајден ќе разговараат за економијата и војните, но и за миграцијата и иднината на демократијата.

Како двајца најстари претседателски кандидати во американската историја, годините сигурно ќе бидат изборно прашање.

Гласачите во САД во текот на 90 минути на Си-Ен-Ен ќе можат да видат колку се психички и физички силни 81-годишниот кандидат на Демократската партија Џо Бајден и неговиот 78-годишен ривал од Републиканската партија Доналд Трамп, со оглед на тоа што се загрижени за двајцата поради нивната возраст, јави Би-Би-Си.

Анкетата на Њујорк тајмс и колеџот Сиена во март покажа дека 73 отсто од гласачите сметаат дека Бајден е „престар“ за да биде претседател, додека околу 42 отсто го рекле истото за Трамп.

Брисел - Суд во Брисел ги отфрли аргументите на белгискиот лобист Фредерик Балдан против повторно именување на Урсула фон дер Лајен за претседателка на Европската комисија и покрај тврдењата за нејзина поврзаност со контроверзниот договор за набавка за вакцини против Ковид-19 со американската компанија „Фајзер“. 

Сослушувањето на претставници на Европската народна партија (ЕПП), кој ја предложи Фон дер Лајен за реизборот, беше закажано за минатиот петок, но тие не се појавија на рочиштето. По ова судијата во постапката оцени дека станува збор за „итен случај“ и реши да го сослуша само тужителот Балдан, кој е познат белгиски лобист специјализиран за односите меѓу ЕУ и Кина. 

Москва - Најмалку две лица загинаа кога воз излета од шините на северот на Русија, а едно лице се води како исчезнато, соопшти денеска државната железничка компанија.

Воз со 14 вагони излета од шините во северната руска република Коми синоќа, соопштија Руски железници, додавајќи дека девет вагони излетале од шините. Околу 50 луѓе се повредени, јави руската новинска агенција Интерфакс, повикувајќи се на претставници на службите за вонредни состојби, пренесува Бета.

Возот со 232 патници се движел кон јужниот град Новоросијск од Ворутка, рударски град на северот на Република Коми, соопшти железницата. Оттаму додадоа дека обилниот дожд, кој однесе делови од железничките пруги, е најверојатно причина за излетувањето од шините.

Вашингтон - Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби денеска изјави дека Белата куќа на ниту еден начин не била вмешана во случајот со основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.

– Тоа беше прашање за Министерството за правда и тие се единствените кои можат да разговараат за тоа, рече Кирби на прес-конференцијата.

Асанж слета во Австралија откако се изјасни за виновен за прекршување на Законот за шпионажа на САД во договорот што го ослободува по 14-годишна правна битка. Основачот на Викиликс помина пет години во британскиот затвор Белмарш борејќи се против екстрадиција во САД.

Според условите на договорот, американските обвинители побараа затворска казна од 62 месеци, што е еднакво на казната што основачот на Викиликс веќе ја одлежа во затвор со максимална безбедност во Лондон.

Њујорк - Обединетите нации (ОН) се „подготвени да одговорат на секој повик од земјите-членки“ за распоредување полициски сили во Газа, изјави во средата заменик-генералниот секретар на ОН за мировни операции Жан-Пјер Лакроа.

-Доколку надлежните органи не поканат да помогнеме, секако дека ќе дадеме се од себе, рече тој, одговарајќи на новинарско прашање во седиштето на ОН во Њујорк.

Посочувајќи ги многуте прашања во врска со распределбата на помошта во Газа, Лакроа истакна дека бројот на грабежи е во пораст.

Тој ја нагласи потребата да се најде решение за овие проблеми, наведувајќи дека една од опциите може да биде и вклучување на трета страна.

Тел Авив - Демонстранти во Тел Авив синоќа побараа оставка од премиерот Бенјамин Нетанјаху и прифаќање на договор за прекин на огнот со цел ослободување на заложниците кои ги држи Хамас во Газа.

Според Тајмс оф Израел, демонстрантите блокирале автопат во Тел Авив, предизвикувајќи големи сообраќајни застои. Демонстранти кои бараат враќање на заложниците блокираа повеќе различни патишта низ целата земја.

На главниот приморски пат на Израел, Рута 2, во близина на ХаБоним јужно од Хаифа, демонстрантите го запреле сообраќајот во двата правци.

На автопатот Ајалон во центарот, демонстрантите запалиле метална кафезна конструкција на која пишувало „Помош“.

Лондон - Мпокс е вирусна инфекција која е типична за делови од Африка и се шири преку контакт со заразени животни, како и меѓу членовите на семејството, а се карактеризира со висока температура и појава на гнојни плускавци.

Светската здравствена организација (СЗО) на крајот на минатата година прогласи аларм поради големата епидемија на мпокс, порано позната како мајмунски сипаници, во Демократска Република Конго, но и во целиот свет.

Новооткриениот вид на вирусот, кој некои научници го опишуваат како најопасен досега, се заканува да се прошири надвор од Конго во соседните земји како Руанда, Бурунди и Уганда, пишува Економист.

Исламабад - Стотици луѓе починаа во јужен Пакистан под влијание на многу високи температури, кои не стивнуваат со денови, соопштија властите.

Во текот на претходните шест дена амбулантни возила собраа 568 тела во Карачи, а само во вторникот 141. Вообичаено е мртовечниците да примаат од 30 до 40 тела во еден ден.

Зголемувањето на бројот на смртни случаи следеше кога температурата во Карачи се искачи над 40 степени, со висока влажност. Според извештаите, максималната измерена температура достигна и до 49 степени.

- Граѓанската болница во Карачи прими 267 лица со топлотен удар во периодот од неделата до средата, изјави д-р Имран Сарвар Шеик, шеф на одделот за итни случаи.

Остани поврзан