• недела, 22 декември 2024

Мишел: Мисијата е завршена, ги избравме носителите на врвните функции во ЕУ  

Мишел: Мисијата е завршена, ги избравме носителите на врвните функции во ЕУ  

Брисел, 28 јуни 2024 (МИА) – Задоволство ми е да објавам дека Европскиот совет донесе одлука поранешниот португалски премиер Антонио Кошта да биде избран за нов претседател на Европскиот совет, Урсула фон дер Лајен да биде предложена за претседателка на Европската комисија и во следниот мандат, а естонската премиерка Каја Калас да биде кандидат за висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, изјави актуелниот претседател на Европскиот совет Шарл Мишел.  

- Мисијата е завршена. Европскиот совет испорача. Имавме важна тема што требаше да ја завршиме и ние го направивме тоа, нагласи Мишел на прес-конференција по завршување на Самитот на ЕУ. 

Според него, Европскиот совет ја манифестирал својата одговорност со тоа што ја донесе ваквата важна, есенцијална и тешка одлука и успеа да го заврши Самитот во еден ден, минувајќи ги сите точки од дневниот ред, иако беше планирано тој да трае два дена.  

- Со номинациите е испратен моќен сигнал, моќен европски демократски сигнал, бидејќи ги земавме предвид изборните резултатите, порача Мишел. 

Тој најави дека сега ќе продолжи институционалната процедура за избор на претседателката на Европската комисија и на високата претставничка од страна на Европскиот парламент. 

- Сега Европскиот парламент ќе ја одигра својата улога и ќе ја покаже својата одговорност, додаде Мишел, посакувајќи им успех во работата на новите носители на врвните позиции во ЕУ.    

Новоизбраниот претседател на Советот на ЕУ, Кошта во обраќање на прес-конференцијата преку видео конференциска врска, им се заблагодари на европските лидери за укажаната доверба со неговиот избор. 

Тој изрази задоволство што ќе биде дел од тимот со Фон дер Лајен и Калас, кои како што рече, се „извонредни Европејки“.   

- Сигурен сум дека нашата соработка ќе биде многу успешна во служењето на Европа и на европските граѓани. Европа и светот се соочуваат со предизвикувачки момент, но Европската унија ја манифестираше својата отпорност, секогаш наоѓајќи ја силата во единството. Изградбата на единството меѓу сите земји членки ќе биде мој главен приоритет кога ќе ја преземам функцијата во декември, истакна Кошта. 

Тој додаде и дека ќе се фокусира на поставување на усвоената Стратешка агенда на ЕУ на вистинскиот пат и упати благодарност до Португалија и португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуса за поддршката за добивање на овој мандат. 

Фон дер Лајен, исто така, изрази благодарност до лидерите на ЕУ за нејзината номинација за втор мандат како претседателка на Европската комисија. 

- Почестена сум и воодушевена што овој специјален момент можам да го споделам со мојот драг пријател Антонио Кошта, но исто така и со мојата драга пријателка Каја Калас, која ќе биде и потпретседателка на Европската комисија, додаде Фон дер Лајен. 

Таа нагласи дека сега очекува Европскиот парламент да го потврди нејзиниот избор, откако таа претходно пред европратениците ќе ги презентира своите политички насоки за следните пет години. 

Изразувајќи благодарност за нејзината номинација за висока претставничка, Калас рече дека тоа за неа претставува огромна одговорност во време на геополитички тензии. 

- Има војна во Европа и растечка нестабилност на глобално ниво, кои претставуваат главен предизвик за европската надворешна политика. Моја цел е да работам на европското единство, заштита на европските интереси и вредности во геополитички контекст и на изградба на партнерства кои се многу важни во ова време, истакна Калас, додавајќи дека е подготвена да соработува и со земјите членки и со европските институции. 

Таа изрази задоволство што ќе може да соработува со Фон дер Лајен и со Кошта, со кои, како што нагласи, ќе претставуваат одличен тим во остварување на целите на Европската унија. 

- Многу сум почестена и благодарна. Ова не е чест само за мене, туку исто така и за Естонија, која е членка на ЕУ 20 години, потенцира Калас. 

Изборот на тројцата врвни функционери во Унијата беше извршен врз основа на договорот постигнат меѓу трите партиски групации од т.н. „проевропско“ мнозинство во Европарламентот, Европската народна партија, социјалдемократите и либералната група „Да ја обновите Европа“.  

Според дипломатски извори, италијанската премиерка Џорџа Мелони, која претходно изрази несогласување со договорот за распределба на највисоките позиции во ЕУ, се воздржала од гласањето за кандидатурата на Фон дер Лајен, а се изјаснила „против“ изборот на Кошта и Калас.  

Во објава на Икс, Мелони оцени дека ваквиот договор е „погрешен по методологијата и суштината“, додавајќи дека гласала на начинот на кој што гласала „од почит кон граѓаните и индициите што го добила од тие граѓани за време на изборите“. 

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој договорот го оцени како срамен, пак гласал „за“ изборот на Кошта, „против“ номинацијата на Фон дер Лајен и се воздржал од гласање за кандидатурата на Калас. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан