• сабота, 18 мај 2024

Во Берово се одржува меѓународниот турнир во пинг-понг „Зегин опен 2023“

Во Берово се одржува меѓународниот турнир во пинг-понг „Зегин опен 2023“

Берово, 2 септември 2023 (МИА) - Во Берово се одржува „Зегин опен 2023“, вториот меѓународен турнир во пинг-понг. Организатор на турнирот, којшто се одржува под покровителство на „Зегин“, е, истоимениот пинг-понгарски клуб од Берово. Учествуваат натпреварувачи од 11 земји во светот, вклучувајќи ја и земјава. 

-Турнирот започна вчера со натпреварите во ветеранска конкуренција од 40 до 70 години. Многу сме задоволни од посетата, имаме учесници од 11 земји, како турнир се шириме многу брзо. Денеска е апсолутна категорија, имаме голема конкуренција, светски играчи кои се меѓу првите 200 на светската ранг листа. Верувам дека од година во година уште повеќе ќе раснеме и ќе имаме двојно повеќе учесници, истакна Јован Ковачовски, тренер на ППК „Зегин“.

Претседателот на Пинг-понгарската федерација, Горан Тиловски рече дека ова е еден од поголемите регионални турнири и за нашата федерација, која со организирањето на овој турнир и поддршката што ја дава, испраќа порака за развој на спортот, особено за развој на пин-понгот.

- Берово го гледаме како еден од најбрзо растечките клубови во државата. Ова е продолжение на еден хиперактивен дел, бидејќи се одржаа два настана во Берово, каде сертифициравме 11 тренери со ITTF второ ниво, со поддршка на Пинг-понгарската федерација и Олимпискиот комитет. Потоа се одржа младински камп за репрезентативци, така што ова е само еден логички сплет на настани, како трет настан од огромна регионална и државна значајност со поддршка на федерацијата, изјави Тиловски.

Селекторот на младинската репрезентација, Сашко Богатинов се заблагодари на домаќинот за одличната организација, посакувајќи добри натпревари и успех на нашите претставници.

- Се надевам како селектор, дека нашите претставници ќе се претстават во одлично светло. Се надеваме на одлични игри и ова ќе биде поттик за младите да го сакаат пинг-понгот, да имаат една одлична мотивација и секако благодарност до организациониот одбор за овој прекрасен настан, нагласи Богатинов.

Претставникот на спонзорот на турнирот, Благој Механџиски потенцираше дека овој турнир е одлична можност уште еднаш Малешевијата да ја покаже својата гостопримливост.

- Денеска сме овде заради една мала пинг-понгарска топка што го симболизира целиот свет. Имаме гости од 11 земји од некогашните републики во Југославија и светски земји, пред кои ја покажуваме нашата гостопримливост како Малешевија. Благодарност до тренерите, кои се тука да направат овој турнир од година во година, уште повеќе да расте, рече Механџиски.

Годинава, ќе има натпревари во десет категории со учество на 130 натпреварувачи, а натпреварите од турнирот ќе бидат пренесувани во живо на официјалниот канал на турнирот. Наградниот фонд годинава е двојно зголемен за разлика од лани. вс/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан