• петок, 22 ноември 2024

„Генералка викенд“ во Карпош

„Генералка викенд“ во Карпош

Скопје, 18 мај 2024 (МИА) - Општина Карпош и оваа година се придружи на националната еко акција, „Генералка викенд“, во која се спроведе активно чистење на територијата на цел Карпош. Акцијата е во организација на „Мен енд маунтен“, а целта беше да се собере што е можно повеќе отпад, кој потоа ќе се однесе до најблиската ПАКОМАК, Нула отпад или локалната комунална станица.

Предвидено е за секои 10 килограми отпад Министерството за земјоделство да донира по едно дрво во својот годишен план за пошумување нови шуми наречени „СОНЧЕВА ГОРА“ – национални зелени споменици што ќе растат секоја година.

-Во моментов се случува пролетна акција за чистење на Општина Карпош, и сите вработени во Општината се вклучени низ целата територија на истата. Се собира и најмалото хартивче, иако со задоволство можам да истакнам дека нашата Општина е една од најчистите општини. Среќни сме што имаме поддршка и од најмалите, оние кои несомнено треба да се грижат за хигиената и природата. Од она што на терен сега собираме најголем дел се најлончиња од опаковки од цигари, пикавци, запалки, што значи дека пушачите се најнеодговорната група кои се жители на Општина Карпош или кои поминуваат низ оваа Општина. Би сакал да упатам апел до нив, секое хартивче да се стави во џеб и да се фрли во најблиската корпа, рече градоначалникот Стевчо Јакимовски.

Во текот на вчерашниот ден, најмалите излегоа и ги исчистија дворовите на своите градинки, а повозрасните деца, дворовите на училиштата. Денеска се вклучи целата администрација, вработените кои се задолжени за хигиената, како и дел од волонтерите на Црвениот крст на РСМ.

Оваа година, акцијата „Генералка Викенд” се спроведува во 81 општина и во повеќе од 400 училишта низ државата, вклучително и во Град Скопје.

Акцијата за чистење е една од активностите што се спроведуваат за да се подигне јавната свест за потребата од собирање и рециклирање на отпадот и позитивно влијание врз зачувувањето на животната средина. Еко акцијата ја поддржуваат општествено одговорни фирми како Пакомак, Пивара –Скопје, Шпаркасе Банка и Нула Отпад, , Министерството за животна средина и Министерството за земјоделство, Костал, ЕВН, Макстил, Бучим, Бимилк и Црвен крст. мч/мд/

фото: Општина Карпош

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан