
19 февруари 2025
Скопје - Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска изјави дека САД внимателно ги следат случувањата во правосудниот систем, конкретно владниниот предлог за разрешување на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, но и поднесените интерпелации од страна на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ до Собранието за петминаат членови на Судскиот совет, кој се избрани од закондавниот дом и нагласи дека она што сакаат да го видат е дека во сите процеси се почитува законот.
Агелер денеска одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за владиниот предлог за разрешување на Коцевски кусо одговори дека нема коментар, но дека го следат процесот одблиску.
Скопје - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани и директорката на Институтот за европска политика (ЕПИ), Симонида Кацарска денеска во Министерството за европски прашања (МЕП) на Република Северна Македонија потпишале Меморандум за соработка, со што ја официјализираа заедничката заложба на МЕП и ЕПИ за успешно реализирање на проектот „Следење на реформи и раст во ЗБ“ (WB Reform and Growth Monitor).
Скопје - Одбраната на Македонија во рамките на НАТО е повеќе од кога било потребна, а јавноста мора да знае дека мирот и стабилноста се постигнува и со вложување во одбранбените способности, вели пратеникот во македонското Собрание и поранешен генерал мајор Павле Арсоски.
Арсоски, кој денеска како претседател на Комисијата за одбрана и безбедност, беше домаќин на Асоцијацијата на одбранбени атешеа акредирани во Република Северна Македонија, посочи дека земјава секогаш била сериозна кон обврските од членството во НАТО, вклучително и за насоките од Самитот на Алијансата во Велс од 2014 година за издвојување на најмалку 2 отсто за одбранбениот буџет.
Скопје - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, денеска имаше работна средба со амбасадорот на Кралството Шпанија, Сориано Ортиз. На средбата присуствуваше и советникот за економски прашања со седиште во Софија, Хавиер Морал Ескудеро, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).
Разговорите беа фокусирани на зајакнување на билатералната соработка посебно во делот на енергетиката. Министерката Божиновска и амбасадорот Сориано Ортиз разговараа за можностите за инвестициска соработка, размена на искуства и технологии, како и потенцијални заеднички проекти во обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност и одржливиот развој.
Скопје - Министерот за локална самоуправа Златко Перински заедно со неговиот заменик Ерџан Селими, денеска, во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“ ја посетија Општина Ѓорче Петров каде остварија средба со градоначалникот Александар Стојкоски и членовите на општинскиот Совет.
Како што посочи Перински, караванот „Каде што срцето е дома“ е од исклучителна важност за Министерството за локална самоуправа, бидејќи во рамки на овие средби има можност да разговара директно со креаторите на локалните политики, но, како што рече, и да ги слушне реалните потреби на граѓаните.
Скопје - Основното јавно обвинителство Скопје ја прими и веќе постапува по кривичната пријава на Управата за финансиска полиција против поранешниот директот на Државна лотарија Перпарим Бајрами, за злоупотреба на службена положба и овластување. Управата за финансиска полиција го сомничи Бајрами дека склучил договор за закуп на простории за потребите на акционерското друштво кои не биле соодветни и не биле согласно условите наведени во објавениот јавен повик, а цената за закупот била двојно повисока од реалната пазарна цена.
Скопје - Брзиот развој на индустријата и континуираниот напредок на технологијата, заедно со подобрувањето и модернизацијата на условите за работа, наметнуваат потреба од ревидирање на листата на работни места кои се вршат во тешки услови или во услови кои ја намалуваат работната способност на работникот, нагласил министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани обраќајќи се на денешната презентација на новата листа на опасни занимања/работни места подобни за предвремено пензионирање во согласност со нивото на ризик и предложениот степен на пензија, како дел од проектот Ревизија на листата на опасни занимања кои се квалификувани за предвремено пензионирање со бенефициран работен стаж (БРС).
Скопје - Владата денеска потпиша Договор со компанијата ЕКОТИП Македонија за донација на 255 уреди за прочистување за чист воздух во вредност од еден милион евра.
Како што беше истакнато на церемонијата на потпишување, предвидено е овие уреди да бидат распределени во болници, градинки, училишта и други јавни установи, каде квалитетот на воздухот е од клучно значење.
Скопје - Кај 69-годишен пациент, извршена е трансплантација на коскен дефект од шест сантиметри на левата бутна коска поради претходна инфекција и псеудоартроза. Пациентот е со уреден постоперативен тек, информираат денеска од Министерството за здравство.
- Трансплантацијата ја извршија д-р Антонио Гавриловски со асистентите д-р Бојан Будик, д-р Теодора Божиновска и д-р Ангел Тасевски, анестезиолог д-р Лилјана Ангелевска, специјализант по анестезија д-р Ерхан Салкоски, инструментарка Татјана Дукадиновска, помошник инструментарка Биљана Троановиќ, сестра-анестетичар, Мерита Рамадами, болничар Дардан Сељмани и радиолошки техничар, Крешник Шеху, наведуваат од Министерството за здравство.
Скопје - Владата и парламентарното мнозинство веднаш да ги прифатат предлозите на СДСМ за намалување на ДДВ за струја и укинување на ДДВ за храна, повика денеска пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска и нагласи дека последната одлука на Владата да се ограничат маржите е задоцнета и половична.
-Замрзнувањето со ниво на цени од 1 февруари e погрешно, затоа што податоците на заводот за статистика укажуваат дека веќе во јануари има пораст на цените. Тоа значи дека се замрзнати производи со поскапи цени. Власта требаше да се врати наназад неколку месеци и како репер да ги земе тие цени, а не овие покачени цени, истакна Лукаревска и порача наместо да се ограничува маржата само на 102 групи на производи, треба да се опфатат сите 238 групи на производи.
Куманово - Кумановската подружница на „Национални шуми“ и годинава ќе продолжи со пошумување на површините во козјачијата и липковско, информираа денеска надлежните од претпријатието. Пошумувањето ќе опфати поголеми површини по педесетина хектари, во Липково и во Козјак.
- Планираме повторно пошумување на опожарени површини, во регионот во Козјак околу 50 хектари. Планирано е и пошумување во општина Липково околу езерото кое ќе се спроведе преку проект. Се надеваме дека веќе нема да има пожари кои ја уништуваат шумата и целосно ќе посветиме внимание на пошумувањето, изјави раководител-директор на подружницата, Катица Станковска Ристовска.
Атина – Компанијата „Терна“ ги започна прелиминарните работи за грчкиот дел од интерконекторот за природен гас што ќе ги поврзе Грција и Северна Македонија, потврдуваат за дописничката на МИА од Атина, извори од грчката компанија.
Истите извори ги потврдуваат написите во грчките медиуми специјализирани за енергетски теми, како и денешниот текст на портал „Енерџи маг“ според кој „патувањето на новиот гасовод Грција – Северна Македонија започна, со оглед на тоа дека „Терна“ ги стартуваше моторите, започнувајќи ги прелиминарните работи за грчкиот дел од проектот“.
Компанијата „Терна“ пред четири месеци беше избрана за изведувач на грчкиот дел на интерконекторот, при што го презеде деталниот проект, набавката на материјали и изградбата на гасоводот Неа Месимврија – Евзони/Гевгелија.
Париз – Владата на Франција денеска официјално ја призна работата на имамот како професија, додавајќи ја на списокот професии во Агенцијата за вработување.
Францускиот министер за внатрешни работи Бруно Ретаљо, по вториот состанок на Францускиот исламски форум (ФОРИФ), изјави дека како дел од иницијативата, улогата на имам е и формално вклучена во официјалниот список на признати професии во Франција.
Брисел - Земјите членки на ЕУ ги усогласија своите ставови околу буџетот на Европската Унија за 2026 година, кој, според нив, ќе има клучна улога во развојот и реализацијата на долгорочните цели и политичките приоритети на блокот.
Усогласените ставови во рамки на Советот за економски и финансиски работи на ЕУ треба да и дадат политички насоки на Еврокомисијата во подготовката на Предлог-буџетот на ЕУ за следната година.
Берлин - Кандидатот на германскиот конзервативен блок за канцелар, Фридрих Мерц, призна дека неговата партија гласала за нов закон за миграција со поддршка на екстремно-десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД), иако претходно ветил дека нема да соработуваат со неа.
- Свесен сум дека ова беше отстапување од договорот со останатите владејачки партии, изјави Мерц на изборен митинг во Потсдам.
Стокхолм – Шведскиот Врховен суд денеска одлучи дека Грета Тунберг и стотици други млади активисти не можат да ја тужат државата пред шведскиот суд за недоволна акција против климатските промени.
Во 2022 година, активистите поднесоа заедничка тужба до Окружниот суд тврдејќи дека државата ги крши нивните права според Европската конвенција за човекови права со тоа што не прави доволно за да ги ограничи климатските промени или да ги намали нивните ефекти.
Вашингтон - Илон Маск, висок советник на претседателот Доналд Трамп, ја поддржа објавата во која украинскиот претседател Володимир Зеленски се обвинува дека му се поважни „моќта и парите“ отколку постигнувањето мир, додека САД се обидуваат да договорат прекин на војната со Русија.
„Зеленски не сака мир, тој сака пари и моќ“, напиша корисник на платформата Икс, на што Маск одговори со емотикон „100“, кој често се користи како знак на целосна согласност.
Тел Авив – Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху го именува министерот за стратешки прашања Рон Дермер да ги води преговорите од втората фаза од прекинот на огнот во Појасот Газа.
Дермер, кој е близок соработник на Нетанјаху, пред да биде министер беше амбасадор на Израел во Вашингтон. Тој е роден во САД и е поранешен активист на американската Републиканска партија.
Првата фаза од преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа завршува на почетокот од март.
Лос Анџелес - Подморските кабли стануваат сè поважни во светот, бидејќи овозможуваат работа на различни дигитални услуги и брз пренос на податоци. Следејќи ги потребите, американската компанија „Мета“ ги објави плановите за поставување на својата следна мрежа кабли долга вкупно 50.000 километри. Тоа би бил најголемиот подводен кабелски систем во светот.
Тоа значи дека ова ќе биде подолг кабел од претходниот на „Мета“ - „2-Африка кејбл“ (2Africa Cable), којшто се протега на 45.000 км и, исто така, е подолг од Екваторот (40.075 км), пишува порталот „ИФЛ сајенс“ (IFL Science).