МИА Радио флеш
- 19 февруари 2025

Охрид – До крајот на следната година автопатот Охрид – Кичево ќе биде готов. Тоа денеска од Охрид го истакна вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, кој имаше средба со раководството на компанијата „Костал Македонија“.
Николоски и во оваа прилика посочи на лошо проектираниот зафат за автопатско поврзување чија траса, како што нагласи, минува низ градби од А категорија, од заштитено подрачје на аеродромот во Охрид, преку бензински пумпи, болници, хотели, објекти што не може да бидат подложни на експропријација. Тоа прашање, како што рече, ќе се решава со законско решение што е во процедура на донесување, легислатива што е веќе усвоена од Владата и наредната седмица ќе биде доставена до Собранието на усвојување.
Скопје - Новиот закон за високо образование што го работиме, предвидува реформа на Агенцијата за квалитет во високото образование (АКВО), со што очекуваме институцијата да стане функционална, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната прес-конференција.
- Жал ми е што морам да кажам, но, факт е дека работата на Одборот за акредитација, односно за Агенцијата за квалитет во високо образование, не ги задоволува потребите и на вака релативно слабо поставен образовен систем и проблеми што се наоѓаат во високото образование. Очекуваме нов директор на Агенцијата за квалитет во високото образование, бидејќи стариот е разрешен во Собрание. Ќе си распише Собранието конкурс, ќе има нов директор. Но, новиот закон за високо образование што го работиме, предвидува реформа на оваа институција, со што очекуваме институцијата да стане функционална и да ги исполнува функциите што треба да ги прави, истакна Јаневска.
Одговарајќи на новинарското прашање зошто одреди студии не добиваат акредитации а за нив има интерес, таа рече дека не може да каже зошто досега имало пречки од таков вид.
Скопје - Владата и Министерството за образование и наука продолжуваат да обезбедуваат финансиска поддршка за оние кои ќе се запишат на додипломски, постдипломски или докторски студии на некои од најдобрите светски универзитети според Шангајската ранг листа. Конкурсите за доделување на стипендии за академската 2025-2026 година се објавени, а крајниот рок за аплицирање е 12 септември, соопшти на денешната прес-конференција министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа потсети дека станува збор за мерка што веќе 15 години ја спроведува државата, но, овојпат, со одредени модификации на условите за корисниците по стекнувањето на дипломата.
-Целта на измените е да се обезбеди ефективност на оваа мерка што, чини многу пари, ако се има предвид дека студирањето на најдобрите универзитети е исклучително скапо и на годишно ниво исплаќаме до 40.000 американски долари само за покривање на уписнината, а дополнително се покриваат и трошоците за живот, сместување и превоз на нашите студенти, појасни Јаневска.
Скопје - Уставниот суд на Република Северна Македонија донесе одлука да поведе постапка за оценување на стажот на членовите на Советот на јавни обвинители кои се избрани од редот на јавните обвинители. Оваа одлука е резултат на иницијативата поднесена од обвинителката Ленче Ристоска, која го оспори Член 4 став 7 од Деловникот за работа на Советот. Според оспорената одредба, мандатот на овие членови се смета за позитивно оценет јавно-обвинителски стаж, освен во случаи предвидени во член 35-а од Законот за Советот на јавните обвинители.
Во иницијативата е наведено дека оспорената одредба е во спротивност со Амандманот XXX од Уставот, членот 7 од Законот за Совет на јавни обвинители и членовите 36 и 62 од Законот за јавното обвинителство. Подносителката наведува дека за времетрањето на мандатот, членовите на Советот на јавни обвинители избрани од редот на јавните обвинители не вршат јавно-обвинителска функција и не може да бидат оценувани, односно тие во конкретниот период не може да реализираат „позитивно оценет јавно-обвинителски стаж”.
Скопје - Вкупно 255 системи за филтрација на воздух со медицински стандард на заштита од бактерии, вируси, алергени,... ќе бидат распределени во градинки, училишта, болници и други јавни установи низ земјата. Системите се од реномираниот германски производител MANN & HUMMEL, а ги донира домашната компанија ЕКОТИП ДООЕЛ Скопје за што денеска беше потпишан Договор со Владата.
Договорот вреден еден милион евра, го потпишаа владиниот генерален секретар Игор Јанушев и менаџментот на ЕКОТИП ДООЕЛ Скопје.
Како што информираа портпаролката на Владата Марија Митева и Ламбро Патче од ЕКОТИП по потпишувањето на Договорот, претставници на MANN & HUMMEL се во посета на земјава. Продолжуваат да ги разгледуваат можностите за натамошна соработка и за изнаоѓање дополнителни и долгорочни одржливи решенија за аерозагадувањето.
Охрид – Компанијата „Костал Македонија“ е првата компанија што се согласи да го плаќа корпоративниот данок од 15 проценти. Решението помина на Комисијата за економски систем при Владата, истакна денеска во Охрид, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Според Николоски, таквото законско решение ќе значи дека тие средства остануваат во земјата, а тоа како што рече, ќе значи нови работни места, зголемен девизен прилив и економски раст.
-Тоа се дополнителни средства во македонскиот буџет и очекувам во годините што доаѓаат да се равива соработката и да се отвораат нови работни места, да се зголемува извозот, да се зголемува девизниот прилив и да расте економијата. Владата е партнер на компаниите, рече тој.
Скопје - По повеќе од 13 години девојче од скопско Шуто Оризари добива документи, односно доаѓа до Извод од матична книга на родени и со тоа станува видливо за институциите и непречено да ги остварува своите права и да се запише во училиште. Народниот правобранител Насер Зибери денеска на прес-конференција укажува дека ова не е изолиран случај и апелира до институциите да се анимираат и го решат проблемот за околу 400 „невидливи лица“ кои имаат побарано да добијат извод по законските измени во 2021 година.
Иако за решавање на проблемот потребен бил само документ од болницата каде е родено детето, случајот се затвора откако се вклучува дневниот Центарот, невладините и Народниот правобранител. Интересно е, што и на самиот Омбудсман му барале повеќе документи и му требале околу два месеци да го решат овој случај.
Тирана - Албанскиот министер за внатрешни работи, Ервин Хоџа, на средба во Тирана, со британскиот шеф на Командата за гранична безбедност за Западен Балкан, Тони Басвел, договориле формирање заеднички истражни тимови.
- Откако високо ја оценив досегашната соработка, побарав да се прошири истата во областа на борбата против организираниот криминал и нелегална миграција, за што договоривме формирање заеднички истражни тимови, објави Хоџа на Фејсбук.
Според него соработката меѓу албанските и британските власти за спречување на илегалната миграција се покажала многу позитивна, со што значително се намалил илегалниот влез на албански граѓани на британска територија.
Никозија – Прекинот на работата на одредени блокови поради планирано одржување, дефектите на две станици, но и ниските температури, создадоа проблеми во снабдувањето со електрична енергија во Република Кипар, а како што пишуваат кипарските медиуми во изминатите 24 часа мрежата била зајакната со „проток на струја од окупираните територии“, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролката на Операторот за пренос на електрична енергија на Кипар (ДСМК) Хара Кусиапа за кипарската новинска агенција ЦНА рекла дека следните денови се очекува да бидат тешки во однос на енергетската доволност, поради студеното време кое се очекува да ја зафати земјата од утре.
Париз – Шефот на француската дипломатија Жан Ноел Баро денеска изјави дека Русија одлучила да направи непријател од Европска Унија и оти да Европа мора да ја сфати заканата и да се заштити од истата.
Баро го потврди ставот на францускиот претседател Емануел Макрон, кој на вчерашниот самит во Париз, истакна дека Русија претставува егзистенцијална закана по Европа.
Тој, исто така, наведе дека сега не е актуелно испраќање на трупи во Украина, но оти тоа ќе биде откако ќе престанат непријателствата.
Лондон - Поранешниот британски премиер Борис Џонсон во денешната објава на Икс повика Европа да престане да се „скандализира“ од изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп и да му помогне да стави крај на војната во Украина.
„Секако дека Украина не ја започна војната. Тоа би било како да кажеме дека САД ја нападна Јапонија во Перл Харбор“, напиша Џонсон, осврнувајќи се на изјавата на Трамп дека Украина ја почнала војната.
„Се разбира, земјата која е подложена на насилна инвазија не треба да организира избори. Немаше општи избори во Обединетото Кралство од 1935 до 1945 година“, напиша тој, како одговор на руското барање, поддржано од Трамп за одржување претседателски избори во Украина.
Брисел - Европската комисијата денеска претстави амбициозен патоказ за иднината на земјоделското и прехранбеното производство во Европа, наречен Визија за земјоделството и храната, чиј цел е да постави основа за изградба на атрактивен, конкурентен, издржлив и праведен земјоделско-прехранбен систем за потребите на сегашните и идните генерации земјоделци.
При презентацијата на Визијата, извршниот потпретседател на Европската комисија за кохезија и реформи, Рафаеле Фито порача дека овој документ претставува решителен одговор на барањата на земјоделско-прехранбениот сектор во ЕУ за акција и за обликување на конкурентна, прилагодлива, фер и атрактивна иднина за генерациите што доаѓаат.
Талин - За оние кои сакаат одмор во урбана, градска средина, а сепак не преполна со туристи, каде што воздухот е чист, а улиците - без ѓубре, Естонија е „совршената земја“, бидејќи тукушто е прогласена за најчиста земја во светот.
Според извештајот „Воздухот што го дишеме“ на „Ворлд попјулејшн ревју“ (World Population Review), оваа балтичка држава е земјата со најчист воздух. Така, според Индексот за еколошко уредување (ЕПИ), којшто се насочува на фактори како што се испуштање стакленички гасови, јаглерод-диоксид, достигнувања во однос на негативните емисии на метан, спроведувањето политики за животна средина, проширувањето на шумите, обновливи извори на енергија и шуми, Естонија е на првото место на листата. Нејзината ЕПИ-оценка е 75,3.
Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски на денешната прес-конференција изјави дека неговата земја се надева на „сојузничка позиција во Европа, ЕУ и САД“ во, како што ја нарече, „неправедната војна“ против Украина, јави Би-Би-Си.
- Не е лесно, но Киев работи на тоа, изјави Зеленски, додавајќи дека Украина се обидува да организира средби, без да открие детали за учесниците.
Зеленски, исто така, нагласи дека нема да дозволи никој да го замени како лидер во моментов, бидејќи неговиот рејтинг останува висок. Според анкета на која се повика, 58 отсто од Украинците имаат доверба во него како претседател.
Вашингтон - Русија не покажува „никакви знаци дека е подготвена на значајни отстапки во врска со Украина“, објави денеска американскиот Институт за проучување на војната (ISW).
Овој тинк-тенк истакнува дека, иако руски и американски претставници се сретнаа во Саудиска Арабија за да разговараат за војната во Украина, целите на рускиот претседател Владимир Путин остануваат непроменети.
Според извештајот на Ен-Би-Си, на кој се повикува ISW, западните разузнавачки служби и американски конгресни претставници тврдат дека Путин сè уште има за цел целосна контрола врз Украина и дека неговите амбиции се „максималистички“.
Kaнбера - Три странски влади планирале да предизвикаат физичка штета на луѓе кои живеат во Австралија, изјави денеска шефот на австралиската разузнавачка агенција за безбедност Мајк Бургес. Тој не ги кажа имињата на државите.
Во своето годишно обраќање за заканите против Австралија, тој истакна дека една влада се обидела да измами бранител на човековите права да отпатува од Австралија во трета земја, каде што заговорниците планирале да го повредат или убијат. Разузнавачката служба интервенирала и го спречила неговото патување.
Друга влада планира да повреди или убие еден или повеќе луѓе во Австралија како дел од поширок заговор за елиминирање на нејзините критичари ширум светот. Работејќи со меѓународните безбедносни агенции, австралиската служба ја спречи операцијата во рана фаза.