Пет закони ќе се менуваат за квалитетно да профункционира „Безбеден град“
- До крајот на април се очекува сите измени на закони поврзани со безбедноста на сообраќајот во државата да бидат доставени до Собранието. Имплементацијата на системот „Безбеден град“ официјално треба да стартува од 1 јануари 2026 година. Засилените контроли на полицицијата и натаму ќе има, изјави денеска министерот за внатрешни работи Пенче Тошковски, кој зборуваше на јавната трибина за измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци за проектот „Безбеден град“.

Скопје, 21 февруари 2025 (МИА) - До крајот на април се очекува сите измени на закони поврзани со безбедноста на сообраќајот во државата да бидат доставени до Собранието. Имплементацијата на системот „Безбеден град“ официјално треба да стартува од 1 јануари 2026 година. Засилените контроли на полицицијата и натаму ќе има, изјави денеска министерот за внатрешни работи Пенче Тошковски, кој зборуваше на јавната трибина за измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци за проектот „Безбеден град“.
Министерот Тошковски на дебатата истакна дека со системскиот пристап работната група утврдила дека се потребни промени во пет законски решенија за овој проект квалитетно да профункционира и тоа за Законот за безбедност на патиштата, Законот за прекршоци, Законот за возила, Кривичниот закон и Законот за извршување на санкции. Сите тие, смета тој, се клучни закони кои треба да претрпат измени за да создадеме функционално системско решение.
-Ова е прв приоритет на МВР. Во наредните месец дена ќе работиме интензивно на целокупанта легислатива која што е потребно да се промени, и се надевам дека до крајот на месец март ќе имаме првична верзија на сите закони коишто треба да влезат во процедруа се со цел во април да влезат во владина процедура, а се надевам до крајот на месец април да влезат и во собраниска процедура, изјави Тошковски.
Овој проект, како што кажа министерот, од аспект на начинот на функционирање започна да се имплементира од 1 јануари 2025.
-Зошто? Заради тоа што со измената на образецот за регистрација на возила, започнавме со прибирање на податоци што се нужни за процесно постапување во рамки на имплементацијата на Безбеден град, и во иднина безбедна држава. Односно со прибавувањето на податоците од аспект на телефонски број и меил адреа, на секој сопственик на возилата, и истек на период од година година ние ќе ги имаме потребните законски претпоставки за да кажеме дека од 1.01.2026 година, се исполнети законските предуслови секој еден кој е сопственик на моторно возило, и законски си го регистирал моторното возило, да може да биде легитимен учесник во сообраќајот, рече министерот за внатрешни работи, рече Тошковски.
Повтори дека целта не е да се казнуваат граѓаните, туку да се смени сообраќајната култура и да се намалат сообраќајните прекршоци и несреќи.
-Ќе го имплементирам одреден временски период неколку месеци, граѓаните ќе добиваат пораки ќе бидат известувани кога ќе сторат одреден прекршок, а притоа истиот ќе биде констатиран. Ќе се уверат дека системот функцонира. А од 1.1.2026 ќе ги овоозможиме потребните законски предуслови тоа да биде онака како што треба да биде, уверува министерот.
Дел од системот „Безбеден град“ ќе бидат и возила со опремени со паметни камери кои при движење во рамки на конкретни сообраќајници и улици ќе ги констатираат сите погрешно паркирани возила.
-И да веднаш истите ќе бидат процесуирани и во рамки на системот врз основа на компјутерска обработка на податоците што ќе бидат внесени во системот, рече министерот додавајќи дека процесот е системски и дека не е само имплементација на „Безбеден град“ туку дека треба да се сторат многу работи поврзани со пешаците и со велосипедистите.
Вели дека овој процес ќе биде многу транспарентен и комуникација со јавноста ќе биде постојана нема повредно нешто од човековиот живот особено ако се говори за млади луѓе.
Во контекст на паркирањето на возилата, Тошковски вели дека треба една подетална анализа, како и дека во иднина би требало да се зголеми бројот на катните гаражи. МВР, кажа тој, работи на проект на катна гаража во рамки на институцијата која треба да обезбеди паркинг места за околу 500 вработени.
-Секој градоначалник, секој еден општествен чинител, секој еден функцониер во рамки на својот делокруг и тоа како би требало да размислува на овој тип на реализација на проекти коишто се капиталнни проекти и секако дека ќе си направат своја додадена вредност во рамки на функцонирањето и целиот оној добробит којшто би требало на крајот да го ползуваме сите како граѓани на оваа држава, смета Тошковски.
Министерот одговарајќи на новинарско прашање потврди дека предмет на анализа се и електрични тротинети и велосипеди и оти ќе се најде соодветна законска легислатива која што би можела да овозможи регулирање на овој тип на сообраќај.
Во изминатите денови со засилените сообраќајни контроли реално се намалени сообраќајните незгоди за 30% и сообраќајните незгоди со жртви за 60%.
Постојаниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григорјан изрази задоволство што тие и се партнери на Владата во имплементација на иницијативата „Безбеден град“.
- Ова е се во согласност со целите на одржлив развој на ОН. Една од тие цели вели дека намерата е до 2030 година да се преполови бројот на смртни случаи и повреди од сообраќајни несреќи во светот. Знаеме за големиот број на сообраќајни несреќи во оваа земја којшто е над европскиот просек, и сакаме да и помогнеме на Владата со помош значи на различни чинители како МВР, Министерството за правда, тој просек да биде што поблизок до просекот на ЕУ, односно доста понизок од сегашниот, рече Григоријан.
Министерството за правда имаше обврска да ги подготви измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Законот за прекршоци и измени на Кривичниот законик со цел да се обезбеди имплементација на проектот „Безбеден град”. Започнaти се нови измени во Законот за прекршоците. Предвидена е посебна постапка за прекршоците од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата, која се однесува на прекршоците утврдени со помош на електронски системи за детектирање, како што е системот „Безбеден град“.
-Воведуваме скратени постапки со кратки рокови за судење и засилени казни за рецидивистите, вклучувајќи забрана за управување со возило по третиот прекршок. Прекршочните налози ќе се доставуваат брзо и ефективно преку СМС и е-пошта. Сторителите ќе имаат право на судска заштита ако не ја прифаќаат одговорноста. Овие промени ќе ја подобрат брзината и ефикасноста на постапките, посочи претставник на Министерството за правда на јавната дебата.
На јавната дебата присуствуваа директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, градоначаникот на Тетово Билал Касами, обвинители, претставници од надлежни министерства, универзитетски професори, експерти, претставници од адвокатската комора и невладини организации присуствуваа на јавната трибина посветена на измените на Законот за безбедност. ев/са/
Фото: МВР/МИА