МИА Општински пул
- 20 февруари 2025

20 февруари 2025
Штип - Професорите, студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) и учениците од штипската Гимназија „Славчо Стојменски“-Штип денеска го одбележаа Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Универзитетската професорка, Ана Витанова Рингачева од Филолошкиот факултет при УГД-Штип вели дека поводот за организирањето на јазичната работилница е 21 февруари, кој од страна на УНЕСКО пред 25 години е прогласен за Меѓународен ден на мајчиниот јазик.
Таа посочува дека целта им е на младите да им ја доближат идејата оти благодарение на јазиците правиме поврзување со другите култури, кои навидум ни се далечни. Витанова-Рингачева истакна дека со мајчиниот јазик можеме да се претставиме во светот, како различни од нив, но доближувајќи се културно можеме да најдеме многу сличности.
Таа истакна дека мајчиниот јазик, мора да се негува посебно во време кога децата подобро го владеат англискиот, од македонскиот јазик. Инвазијата од странски зборови и користењето на модерната технологија се основните причини поради кои многу од децата ги немат совладано основните стандарди на јазикот. Затоа е потребна постојана корекција и во училишните, но и во домашните средини.
Куманово - Солидна е наплатата на данок на промет на имот и за комунална такса, информираа денеска од секторот за даноци и такси од општина Куманово. Наскоро ќе почне испораката на опомени, најавија надлежните.
-За назив на деловна просторија – комунална такса имаме остварено наплата од околу 50 процент, за данок на имот за физички лица процентот се движи околу 57, а и данокот на имот за прави лица имаме остварено наплата од 57 отсто за претходната 2024-та. Овој процент секојдневно расте, бидејќи граѓаните вршат наплата на долгови што ги имаат, изјави раководителката на секторот, Фросина Краљевска.
Во Куманово, според податоците на секторот во 2024-та имало 37.807 физички лица-обврзници, 420 правни и 4.177 субјекти кои плаќаат комунална такса.
Кавадарци - Семејството Толеви од Кавадарци јавно реагира дека е мета на кражби, дека крадци неколку пати ја нападнале нивната фамилијарна куќа во селото Марена и им однеле дел од покуќнината. Станува збор за најблиски роднини на војникот Блашко Толев, кој го загуби животот на 20 години на Тетовското кале, за време на воениот конфликт од 2001 година, само неколку дена од завршувањето на својата редовна воена обврска.
- Со сопругот и децата живееме во Кавадарци, во куќата во Марена постојано е свекорот и татко на Блашко, кој е слеп, а ние редовно го посетуваме. Веќе неколку пати крадци влегуваат во куќата во Марена. Некои од случаите ги пријавивме во полиција, некои не, бидејќи изгубивме верба дека крадците ќе видат фатени. Стравуваме најмногу за свекорот. Размислуваме и да ја продадеме куќата, па да го земеме со нас во градот, иако станот е мал, реагираше Весна, снаа за брат на војникот Толев.
Последниот пат, станувало збор за двајца крадци, така барем распознал по гласовите, слепиот човек.
Куманово - Деведесет и две семејства од Куманово четири месеци не користат бесплатен оброк преку проектот „народна кујна“ на Министерството за труд и социјална политика. Дел од нив користат топол оброк, кој пак го обезбедува Општина Куманово, преку програмата за социјална заштита. Од ресорното министерство денеска информираа дека наскоро повторно ќе профункционира услугата наменета за ранливите категории граѓани, која, како што наведуваат е резултат на лошата проекција на буџетот за минатата 2024-та година.
-Народната кујна во Општина Куманово наскоро повторно ќе започне со работа, односно со бесплатен оброк за социјално ранливите-корисници на гарантирана минимална помош во системот на социјална заштита. Надминат е проблемот со услугата на народната кујна предизвикан од лоша проекција на буџетот за 2024 година на министерството која доведе до недостаток на финансии за испорака на дел од трансферите од министерството до надлежните институции. Со новиот план за јавна набавка за 2025 година, предвидени се средства за оваа услуга и таа ќе продолжи, соопштија од МТСП.
Конкретно во Куманово, услугата до октомври 2024 години ја користеле 92 семејства со 222 дневни оброци. Во соседната општина Старо Нагоричане ја користат 19 семејства со 30 оброци. Од МТСП велат дека согласно Законот за локална самоуправа, општините исто така се надлежни и за грижа на лица изложени на социјален ризик.
Дебар – Дебарското одделение за внатрешни работи поднесе кривична пријава против наставник во подрачното училиште во село Новак, кое функционира во рамки на основното општинско училиштето „Неџати Зекерија“ во село Коџаџик, општина Центар Жупа.
-Кривична пријава е поднесена против И.У.(37) од селото Новак, општина Центар Жупа, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Малтретирање во вршење на службата“, вработен како наставник во училиште во општината. На 13.02.2025 пријавениот физички нападнал малолетен ученик во училиштето, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
Ова не е прв ваков случај, претходно пријави заработија наставник од училиштето во село Броштица и од училиштето во Џепиште.
Димоски исто така информираше дека поднесена е кривична пријава против А.Х.(56) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „безобзирно управување моторно возило“.
Струмица - Денеска во 10:45 часот во близина на село Банско, Струмичко, изгоре автомобил, информираа од ТППЕ Струмица.
Во гаснење на запалениот автомобил учествувале тројца пожарникари и едно противпожарно возило. Пожарот во моментот на пристигнувањето на пожарникарите бил во разгорена фаза и за кратко време бил локализиран и изгаснат.
Во информацијата од струмичките пожарникари се наведува дека е причинета значителна материјална штета.
Струга - Советник и овластен потписник на акти, вработен во Министерство за финансии - Управа за имотно правни работи, Струга доби кривична пријава за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Несовесно работење во службата“, соопшти денеска СВР Охрид.
Според информацијата, ОВР Струга поднела кривична пријава против А.М.(60) од Струга, кој искористувајќи постоечки уписни броеви од други баратели за приватизација на земјиште, свесно изработувал лажни исправи и решенија за приватизација на земјиште на други лица.
- Со лажно изготвените решенија за приватизација на земјиште, пријавениот ја избегнувал законската процедура и не ги испраќал до Државното правобранителство, чекал 15 дена и по истекот на рокот од донесување на решенијата, самоволно им втиснувал службен печат за правосилност и ги испраќал до Одделението за катастар на недвижности Струга, појасни портпаролот Стефан Димоски.
Пријавениот, додаде, со така спроведени фалсификувани решенија на повеќе лица им овозможил да се стекнат со противправна имотна корист.
Струмица - Од 3 до 19 февруари просечната загаденост на воздухот во Струмица е намалена за 50 отсто во просек или преку пример: ако минатата година просекот на ПМ 10 честички во воздухот се движел околу 100 ПМ 10 честички на метар кубен, во првите две недели од февруари оваа година просекот се движи околу 50 ПМ 10 честички, соопшти на денешната прес - конференција градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
Според него, Струмица е првата општина која има успех во борбата со аерозагадувањето преку имплементацијата на повеќе административни и технички решенија кои за кратко време дале резултат.
-Овие резултати кои планираме да се подобруваат во идниот период, се резултат на добро смислената и спроведена акција на општина Струмица што доаѓа како резултат на моето ветување дека ќе направиме се што е во наша надлежност, рече Костадинов.
Тој информираше дека од 3 до 19 февруари се спроведени 46 инспекциски надзори на територијата на Општина Струмица, на локации кои се пријавени како потенцијални загадувачи на амбиенталниот воздух.
-Подготвени се 14 решенија за правни лица со рок за отстранување на утврдени неправилности меѓу кои и поставување на филтри, контрола на испуштање на загадувачки материи и 10 решенија за изработка на елаборати за животна средина. Изречени се казни од 9.000 евра за три правни субјекти и по 500 евра казна за одговорните лица во правните субјекти врз основа на член 37 став 4, казниво по член 130 став 1 од Закон за управување со отпадот, посочи струмичкиот градоначалник.
Делчево - Поради почнување работи за санација на девијацијата на магистралата А3, моментално сообраќајот кај Црквенски мост кај Делчево се одвива по постоечкиот пат. Според информациите од подружницата на „Македонија пат“, на местото поставена е соодветна сообраќајна сигнализација за движење по една сообраќајна лента кај самиот мост.
-По завршување на санацијата на девијацијата, сообраќајот повторно ќе се одвива по помошниот пат (девијацијата) се до отстранување на проблемот со оштетениот мост кај Црквенска Река, истакнаа од подружницата на „Македоднија пат“.
Според информациите оттаму, паралелно тече постапката за санација на самиот мост, со што во наредниот период се очекува да биде саниран овој проблем на делницата од магистралата А3, кој настана како резултат на поплавите кои го зафатија Делчево во изминатите две години.
Велес - Во соработка со месната заедница од село Горно Оризари, Општина Велес изведува градежни работи на поплочување на тротоар покрај локален пат кон селото, односно од раскрсницата кај поранешната фабрика „Нокатекс“ што се двои кон селото па се до влезот во селото Горно Оризари, одалечено на само неколку километри од Велес.
Како што информират од Општина Велес, за потребите на оваа реконструкција Општина Велес достави 800м² бехатон плочки, 800м рабници, 80м³ тампонски материјал и 1000м² геотекстил, додека пак локалното население од месната заедница учествува со работна рака и механизација за изведба.
Средствата се обезбедини од општинскиот буџет.
Велес - Градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски распиша јавен повик за распределување финансиски средства од Програмата за активностите на Општината во областа на спортот и здуженија на граѓани за 2025 година, за материјална поддршка на спортски клубови, спортски здруженија и здруженија на граѓани кои вршат јавен интерес на територијата на Општина Чашка.
Целта е да се унапреди соработката и да се придонесе кон општествен развој на општината. Крајниот рок за поднесување на пријавите е 25 февруари годинава.
Приоритети имаат настаните поврзани со развој и поддршка на спортски клубови, спортски здруженија и здруженија на граѓани со психофизички развој, социјална инклузија, економски развој и афирмација и промоција на Општина Чашка.
Скопје - Општина Центар склучи Меморандум за соработка со колективниот постапувач ДУО Греен Роад ДООЕЛ – Скопје за отстранување на хаварисани возила од јавните површини на територијата на општината.
Главната цел на соработката е да се олесни и забрза процесот на собирање, регулирање и преместување на отпадните возила кои немаат употребна функција, а воедно и да се подигне свеста кај граѓаните за рециклирање и зачувување на животната средина.
Градоначалникот Горан Герасимовски потсетува дека обемната акција на отстранување хаварисани возила е во тек и досега се дислоцирани над стотина возила од подрачјето на локалната самоуправа.
„Целта ни е да ги расчистиме јавните простори, паркинг местата, тротоарите и другите површини од возила кои со години скапуваат и пропаѓаат. Со оваа акција не само што ослободуваме простор, туку и придонесуваме кон почиста и поздрава животна средина”, изјави Герасимовски.
Скопје - Под мотото „Подај рака, допри ме и дознај ја мојата приказна“, Општина Аеродром заедно со Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ почна кампања за подигање на свеста за децата со оштетен вид со цел тие да бидат видливи за сите и да се поттикне заедницата да стане поотворена и поинклузивна.
Кампањата, како што информира денеска Општина Аеродром, стартуваше денеска со работилница во ООУ „Лазо Ангеловски“, на која на интерактивен начин учениците од ова училиште одблиску се запознаа со лицата со оштетен вид и со главните предизвици со кои се соочуваат тие. На работилницата учениците учеа за тоа што претставува оштетувањето на видот и на кој начин учат децата со оштетен вид.
Специјалните едукатори и рехабилитатори објаснија што претставуваат Брајовото писмо и таканаречената шестоточка што им овозможуваат на лицата со оштетен вид да пишуваат и да читаат, а претставија и друг вид аудио и тактилни материјали, како што се говорни книги и програми, тактилни слики и мапи што може да се „гледаат“ со прсти.