Германија пред избори: Политички промени што можат да го свртат правецот на земјата
- Германците ќе гласаат в недела, на 23 февруари, а гласачките места ќе бидат отворени до 18 часот. Веднаш потоа ќе бидат објавени првите излезни анкети, додека попрецизни проекции ќе следат по пребројувањето на првите гласови.

Берлин, 21 февруари 2025 (МИА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц и неговата влада се соочуваат со можност да бидат сменети од функцијата следната недела, бидејќи земјата излегува на избори во кампања што е доминирана од прашањата за Украина, цените на енергијата и подемот на крајната десница, пишува денеска Скај Њуз.
Изборите се одржуваат откако владејачката трипартиска коалиција се распадна на денот кога беше потврдена победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД минатата година.
Кога се изборите и кога ќе ги знаеме резултатите?
Германците ќе гласаат в недела, на 23 февруари, а гласачките места ќе бидат отворени до 18 часот. Веднаш потоа ќе бидат објавени првите излезни анкети, додека попрецизни проекции ќе следат по пребројувањето на првите гласови.
Прелиминарните официјални резултати обично се објавуваат во ноќта на изборите, врз основа на податоци од сите гласачки места.
Кои се главните партии?
Германија има две главни центристички партии: Социјалдемократската партија (СПД) на Олаф Шолц и опозициските конзервативци – Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нивната баварска сестринска партија, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ).
Поддршката за двете партии опадна во последниве години, додека помали партии како Зелените и крајнодесничарската Алтернатива за Германија (AfD) добија на популарност.
Во изборната трка учествуваат и пазарно ориентираните Слободни демократи (ФДП), крајно-левичарската Левица (Die Linke) и Алијансата на Сара Вагенкнехт (БСВ), нова партија на левицата.
Кои се главните кандидати?
Олаф Шолц (66), лидерот на СПД, е актуелен канцелар на Германија од декември 2021 година. Неговата влада се соочи со бројни кризи, вклучувајќи ја и руската инвазија на Украина, но неговата популарност значително опадна. Според анкетите, се очекува тој да биде поразен.
Фридрих Мерц (69), кандидатот на конзервативците, е искусен политичар кој некогаш беше потиснат од Ангела Меркел, но се врати во политиката со ветување за отстапување од центристичката линија на поранешната канцеларка. Иако ја отфрла можноста за коалиција со крајната десница, неговата поддршка на еден предлог на АфД за миграцијата предизвика контроверзии.
Алис Вајдел (46), лидерка на АфД, ја предводи партијата со реторика против естаблишментот, миграцијата и Европската Унија. Таа е нетипичен лидер за една крајнодесничарска партија – отворено хомосексуална, економист со докторат, со партнерка од Шри Ланка и дом во Швајцарија.
Кои се клучните теми на изборите?
Украина останува едно од централните прашања во германската политика. Сите водечки партии поддржуваат воена и финансиска помош за Киев, но Шолц е попретпазлив од конзервативците, Зелените и ФДП. Тој досега одбива да испрати ракети „Таурус“ во Украина, што другите партии го поддржуваат. Од друга страна, АфД бара целосно запирање на испораките на оружје и обновување на односите со Русија.
Економијата е уште една клучна тема, особено прашањето за реформа на „должничката кочница“ во германскиот устав за да се овозможи поголемо јавно трошење.
Миграцијата исто така е важен фактор, особено по серијата насилни напади поврзани со осомничени лица одф странство. И СПД и ЦДУ ја заострија реториката по ова прашање, додека АфД повикува на затворање на границите.
Како стојат партиите во анкетите?
Според анкетата на ИНСА од 8 февруари, ЦДУ/ЦСУ водат со 29 отсто, AfD е на 21 отсто, а СПД на 16 отсто. Зелените имаат 12 проценти поддршка, додека БСВ е на 6 отсто. Иако АфД бележи подем, веројатно нема да учествува во владата бидејќи другите партии ја исклучуваат можноста за коалиција со нив.
Како се распределуваат мандатите во Бундестагот?
Германскиот изборен систем се разликува од британскиот. Секој гласач има два гласа – еден за кандидат во неговата изборна единица и еден за партиска листа.
Во Бундестагот има 630 пратенички места, кои се распределуваат според процентот на освоени гласови на партиите. Откако се утврди бројот на мандати што и припаѓаат на секоја партија, пратениците се избираат според ранг-листа заснована на резултатите од изборните единици.
Новиот состав на Бундестагот потоа го избира канцеларот со апсолутно мнозинство. ссм/
фото: ЕПА