МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

21 февруари 2025
Скопје - Стабилното и студено време со ниски утрински температури и слаб до умерен ветер не причинува никакви штети во земјоделството, велат агрометеоролозите.
Според нив, температурите се во границите на издржливост на културите и се вообичаени за овој период од годината, во услови на презимување.
Агрометеоролозите порачуваат во локалитети и кај сорти каде постојат услови за измрзнување поради ниски зимски температури и ризик од доцни пролетни мразеви, резидбата да се изврши во периодот на крајот на февруари и почетокот на март. Доколку, пак, почвените услови дозволуваат, земјоделските производители треба да продолжат со грижа за посевите, подготовка на почвата за рано пролетно садење на некои градинарски култури, со внесување на потребните ѓубрива, како и со примена на сите потребни земјоделски активности и агротехнички мерки.
Скопје - Македонскиот јазик не е само средство за комуникација, туку жива историја, длабока емоција и идентитет што го носиме во секој збор. Да го чуваме, негуваме и гордо пренесуваме на идните генерации, бидејќи секоја изговорена реченица е сведоштво за нашата култура, традиција и непокор. Среќен нека е денот на сите што зборуваат од срце, на јазикот на своите корени!, објави премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
- Денес, на Меѓународниот ден на мајчин јазик, да му оддадеме почит на јазикот што нè обликува, нè учи да сакаме, да се бориме и да мечтаеме. Јазикот е наш долг и наше право – Крсте П. Мисирков, напиша Мицкоски.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски смета дека како нација сме претрпеле премногу понижувања, и сме прифатиле лоши договори во име на повисоки цели за евроатланските интеграции, а земјава се уште не е ниту на почетокот на патот за члетвство во ЕУ. Сега, вели тој, од нас се бараат повторно уставни измени, но, тоа сепак не гарантира извесност не евроинтегративниот пат.
- Ние како нација направивме се што можевме, претрпевме многу понижувања и прифативме многу лоши договори заради нашата европска перспектива и заради членството во НАТО, кажа премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на настанот на Атлантскиот совет во Вашингтон посветен на иднината на транс-атлантските релации на Западен Балкан.
Фрустрациите помеѓу граѓаните на мојата земја, додава Мицкоски, се екстремно големи.
Скопје – Државната комисија за спречување на корупција ја избра Билјана Каракашoва Шулев за заменик-претседател. Таа на оваа функција ќе биде во следните шест месеци и доаѓа на местото на нејзиниот претходник Сервет Демири.
Точката за избор на заменик-претседател беше прва на денешната 15-та седница. Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска, во образложениото на предлогот, посочи дека по истекот на мандатот на Демири, треба да се назначи нов заменик претседател и тоа по принцип на ротација по азбучен ред.
Скопје – Со изведување на материјални докази предложени од Обвинителството денеска во Основниот Кривичен суд Скопје продолжува судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. За случајот се обвинети Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски кои се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.
Во судница се изведуваат шест ЦД дискови со видеа од безбедносните камери поставени на куќата на обвинетиот Велибор Манев, на кои се наоѓа материјал од безбедносните камери, кој ги опфаќа деновите од 20.11 до 3.12 2023 година со 24 часовен надзор, кои Судот на почетокот на денешното рочиште ги прифати да бидат дополнително изведени по предлог на Обвинителството.
Пред почетокот на денешното рочиште Судот го отфрли како неосновано барањето на првообвинетиот Љупчо Палевски, кој на минатото рочиште по втор пат побара да бидат изземени обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска, Ана Стојковиќ Димитровска кои го водат предметот, како и шефот на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски. Причините поради кои Палевски бараше изземање, се, како што рече, злоупотреба на дејствувањето и пристрасност.
Скопје - Јавната обвинителка за врски со Европравда Ленче Ристовска учествува на конференција на јавни обвинители од Западен Балкан и Јужна Америка што се одржува во главниот град на Перу, Лима.
На состанокот на тема „Вмрежување за резултати: Зајакнување на прекуграничната соработка меѓу јавните обвинители од Западен Балкан и Јужна Америка во областа на организираниот криминал“ се преземаат сериозни чекори во насока на зајакнување на заедничките активности за сузбивање на меѓународните криминални мрежи, соопшти денеска Јавното обвинителство.
На настанот, кој заеднички го организираат Проектот на Европравда за кривична правда на Западен Балкан и ЕЛ ПАКТО 2.0, се одржуваат дискусии за трендот и структурата на криминалитетот, стратегиите за негово сузбивање, експертски презентации за растечките закани, тркалезни маси за законските и оперативните предизвици, но и билатерални состаноци за промоција на директна соработка меѓу државите и за размена на искуства во конкретни предмети.
Скопје - Законот за платни услуги и платни системи, како и унгарскиот заем ќе бидат теми на денешната средба меѓу претставниците на Министерството за финасии и Сојузот на стопански комори (ССК).
Средбата ќе се одржи во ССК, а изјави, како што е најавено, се очекува да дадат претседателот на Сојузот Трајан Ангелоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
-Сојузoт на стопански комори на Македонија продолжува да делува како релевантен партнер, кој ги застапува гласот на бизнис заедницата и активно учестува во креирањето на националните и економските политики и заеднички со бизнис секторот го дава својот придонес за економски развој, се наведува во најавата за средбата.
Скопје - Од почетоков на месецов заклучно со вчера полициските службеници од сите осум сектори за внатрешни работи при БЈБ на МВР издале 18.132 платни налози на граѓани-учесници во сообраќајот за сторени прекршоци по основ на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила. Најголем дел од тие непочитувања на сообраќајните правила и прописи се однесуваат на пречекорување на брзината на движење – 6.056, потоа непрописно паркирање - 4.213 инепоседување на возачка дозвола – 1.510, информираат денеска од МВР.
Инаку, во рамки на вчерашните активности на полициските службеници во поглед на постојаните сообраќајни контроли низ патиштата во земјава, според статистичките показатели, биле издадени 864 платни налози.
Скопје - По повод Светскиот ден на туристички водичи, Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници во сабота организира бесплатен разглед на Скопје и Битола.
Во Скопје збирно место за заинтересираните граѓани е пред Меморијалната куќа на Мајка Тереза на улица „Македонија“ со почеток во 12 и 13 часот, додека во Битола почнува во 11 часот пред Музејот и 12 часот кај Саат кулата.
– Сите кои се заинтересирани и сакаат да дознаат за културно историските знаменитости на градот Скопје и Битола може да присуствуваат, велат од Македонската асоцијација на туристички водичи.
Скопје – Македонската женска фудбалска репрезентација денеска во Скопје против Косово ќе го одигра воведниот натпревар од новата сезона во Лигата на нации.
Натпреварот е со почеток во 14 часот на Тренинг комплексот „Петар Милошевски“.
Македонската репрезентација во пресметката против Косово ќе биде ослабена без услугите на капитенот Наташа Андонова која не допатува во Скопје поради повреда.
Групата 6 од Ц дивизијата во Лигата на нации ја комплетира Летонија која ќе биде следен противник на Македонија на 4 април, исто така, во Скопје.
Софија - Бугарскиот парламент едногласно одобри формирање на привремена комисија за решавање на проблемите со безбедноста на патниот сообраќај. Одлуката беше донесена со 178 гласа „за“.
Комисијата ќе брои 16 членови, по двајца од секоја парламентарна група, и ќе функционира три месеци. Во тој период, таа ќе ги истражи сите релевантни фактори и ќе подготви законски решенија за намалување на сообраќајните несреќи. Претседател на комисијата ќе биде пратеникот Андреј Рунчев од ГЕРБ-СДС.
При образложението за формирањето на комисијата, пратеникот Маноил Манев изјави дека секоја година во Бугарија во сообраќајни несреќи загинуваат во просек 400 луѓе.
Никозија – Целта на посетата беше да ја изразиме волјата на Република Кипар да придонесе за позитивна агенда, позитивна перспектива за Сирија по падот на режимот на Асад како на билатерално ниво, така и на ниво на ЕУ, рече шефот на кипарската дипломатија Константинос Комбос по еднодневната посета на Дамаск и средбите со преодниот лидер на Сирија Ахмед Ал Шара и министерот за надворешни работи Асад Хасан ал Шабани, јави дописничката на МИА од Атина.
Комбос посочи дека односите меѓу двете земји се длабоки и историски, а целта на Кипар е да види како може да помогнеме во „транзицијата на Сирија кон меѓународната заедница, како полноправна членка“, но додаде дека „предуслов за тоа е да постојат основните принципи на добрососедство, почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на државите“.
Анкара - Турската полиција уапси 144 нелегални мигранти за време на специјализирана операција спроведена во 27 окрузи на земјата, соопшти министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја, пренесува ТРТ Хабер.
Во акцијата биле проверени личните документи на повеќе од 8.000 лица. За таа цел се формирани 96 мобилни пункта, опремени со компјутери поврзани со базата на податоци за бегалци на турската систем „ГучНЕТ“ (GöçNET) и уреди за земање отпечатоци. Специјализирани тимови, вклучувајќи експерти за миграција и преведувачи, учествуваа во процесот на проверка.
Министерот Јерликаја изјави дека уапсените мигранти се пренесени во центри за привремено сместување, а е покрената и постапка за нивна депортација.
Букурешт - Поддржувачите на независниот крајнодесничарски кандидат за претседател на Романија, Калин Георгеску најавија протести во Букурешт денеска и утре, барајќи да се одржи вториот круг од претседателските избори, јавуваат локалните медиуми.
Лидерот на националистичката опозициска партија „Алијансата за обединување на Романците“ (АУР), Џорџ Симион, кој го поддржува Георгеску, изјави дека добил дозвола за одржување на протест на Плоштадот на победата во Букурешт за денеска, 21 февруари.
„Видов многу ентузијасти кои сакаат да протестираат. Имаме дозвола за Плоштадот на победата и инсистираме да нема инциденти“, напиша Симион на „Фејсбук“.
Братислава - Генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека стабилноста во Косово, Босна и Херцеговина и Србија е од суштинско значење за сите, пренесе КосоваПрес.
Руте ова го изјави во Братислава, каде што учествуваше на студентска дебата. Тој беше запрашан дали постои можност за нов судир во Косово, особено во контекст на извештаите дека новата американска политика може да доведе до повлекување на американските сили од Европа.
- Јасно е дека САД остануваат целосно посветени на НАТО. Секако, можни се промени во политиките или одредени адаптации, но нема индикации за драматични одлуки, изјави Руте.
Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц и неговата влада се соочуваат со можност да бидат сменети од функцијата следната недела, бидејќи земјата излегува на избори во кампања што е доминирана од прашањата за Украина, цените на енергијата и подемот на крајната десница, пишува денеска Скај Њуз.
Изборите се одржуваат откако владејачката трипартиска коалиција се распадна на денот кога беше потврдена победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД минатата година.
Брисел - Конзервативните и екстремно десничарски лидери од ЕУ кои учествуваат на Конференцијата за конзервативна политичка акција во Вашингтон имаат само една цел на памет: како во Европа да го пренесат влијанието на политиката „Да ја направиме Америка повторно голема“ на новиот американски претседател Доналд Трамп, оценува бриселскиот портал „Еурактив“.
- Европските екстремни десничари отидоа на годишниот состанок на американските конзервативци во Вашингтон, како фанови на концерт, за да ги видат, а можеби да направат селфи со Доналд Трамп, потпретседателот Џеј-Ди Венс и нивните сојузници, се наведува во текстот.
Лондон - Глобалната кибербезбедност е под зголемена закана. Бројот на слабости на виртуелните облаци низ светот, односно потенцијалните слаби точки во системите - се зголеми за над двојно за само четири години - од 1.700 на 3.900, според истражувањето на „Ај-би-ем“ (IBM). Проучувањето е спроведено меѓу 2019. и 2023 година со следење различни облак-услуги низ светот.
Балканот е, се чини, „критичниот дел“ на кибербезбедноста на Европа, според новото истражување на компанијата за безбеднот на облак-услугите - „Клаудл“. Најзагрозени точки се Босна и Херцеговина (со рејтинг на опасности од 71 отсто), Србија (69 отсто) и Албанија (67 отсто), пишува „Евроњуз“ (Euronews).
Вашингтон - Доналд Трамп не е единствениот претседател кој знае што е лош договор веднаш штом го види.
Одбивањето на Володимир Зеленски да потпише речиси половина од ретките минерали во неговата земја за многу малку идни гаранции е една од многуте причини зошто Трамп збесна кон неговиот колега во Киев.
Украинскиот претседател јасно стави до знаење дека искористувањето на скапоцените географски и енергетски ресурси на неговата земја ќе биде еден од начините за обнова на нејзината економија и градови по евентуалниот крај на војната. Но, понудата што ја даде министерот за финансии Скот Бесент, иако беше пофалена од американските официјални лица како дарежлив чекор до просперитетот за Украина, всушност воопшто не е „договор“.
Вашингтон - Националната база на податоци за следење на злоупотребите од страна на полицијата во САД е затворена по наредба на претседателот Доналд Трамп, јави ДПА.
На веб-страницата на Министерството за правда е објавено дека Трамп го укинал извршниот декрет на поранешниот претседател Џо Бајден, со што Националната база за полициска одговорност (NLEAD) престанува со работа.
„Корисничките агенции повеќе не можат да внесуваат или пребаруваат податоци во NLEAD. Министерството за правда на САД ја укинува базата во согласност со федералните стандарди“, стои во соопштението.
Вашингтон - Милијардерот Илон Маск ја засили својата критика кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, поддржувајќи ги нападите на американскиот претседател Доналд Трамп врз него на Конзервативната политичка конференција (CPAC).
Извршниот директор на Тесла ја доведе во прашање смислата на војната во Украина и ја повтори тезата на Трамп дека Зеленски треба да организира избори.
- Толку многу луѓе умираат во ровови. За што? Ќе ви кажам за што – за најголемата корупциска машина што сум ја видел во животот, изјави Маск.
Вашингтон - Стив Виткоф, кој се наметнува како главен посредник за геополитички договори во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека развил „пријателство“ со рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Скај Њуз.
Виткоф беше назначен за пратеник на Трамп за Блискиот Исток по претседателските избори во САД, но во меѓувреме се вклучи и во преговори со Русија за ставање крај на војната во Украина.
На инвестицискиот форум во Мајами, организиран од Саудиска Арабија, Виткоф откри дека минатата недела отпатувал во Москва за да ослободи американски државјанин.
Отава – Канада додаде седум транснационални криминални групи на својата листа на терористички организации и најави ново партнерство со банките за борба против перењето пари.
Новите организации на списокот ги вклучуваат Мара Салватруча, картелот Синалоа и криминалната група Трен де Арагуа, соопшти канадското Министерство за јавна безбедност.
Во обид да го спречи перењето пари поврзано со шверцот со дрога, Министерството за финансии синоќа објави ново партнерство со агенциите за спроведување на законот и најголемите канадски банки, што ќе помогне во споделувањето разузнавачки информации за перење пари и организиран криминал.
Јоханесбург - Кина го поддржа обидот на претседателот на САД Доналд Трамп да постигне договор со Русија за запирање на војната во Украина.
За време на синоќешниот состанок на министрите за надворешни работи на Г-20 во Јужноафриканската Република, САД доби поддршка од кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.
- Кина ги поддржува сите напори што водат кон мир (во Украина), вклучително и неодамнешниот консензус постигнат меѓу СAD и Русија, рече Ванг Ји за време на состанокот. - Кина е подготвена да продолжи да игра конструктивна улога во политичкото решение врз основа на потребите на вклучените страни и загриженоста на меѓународната заедница, додаде тој.