МИА Општински пул
- МИА Општински пул

21 февруари 2025
Струмица - Трансатлантските односи се најважни билетарелани релации насекаде низ светот. Европската унија ги смета САД за еден од главните партнери коишто ги имаме во светот, така што самата посета на вашиот премиер на САД сметам дека покажува оти САД ако се во можност да дадат свој придонес во забрзувањето на евроинтегративниот процес или европскиот пат на вашата земја, тогаш таквите напори се повеќе од добредојдени, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас по посетата на Општина Струмица во одговор на новинарско прашање како тој ги гледа зачестените посети на македонскиот премиер на САД и дали тоа може да се толкува како оддалечување на земјава од европскиот пат, особено ако се има предвид какви ставови пласираше претседателот Трамп во однос на политиките на ЕУ.
Во однос на тоа пак, доколку за два месеци не се одмрзне финансирањето на проекти од УСАИД, дали ЕУ би ги засилила проектите во земјава кои во моментов престанаа да се финансираат од САД, амбасадорот на ЕУ истакна дека сето тоа го разгледуваат внимателно и мора да почекаат да помине периодот од 90 денови за да се види што ќе се случи со фондовите кои ги обезбедува УСАИД.
-Ние како ЕУ треба да соработуваме со целиот свет и се разбира да бидеме фер, да бидеме праведни кон сите други земји или партнери кои инвестираат во вашата земја и се разбира дека треба да почекаме за сите прокети кои УСАИД досега ги има имплементирано и откако ќе има поголема јаснотија со тие проекти, се разбира, таму кадешто ќе биде потребно, таму кадешто ќе биде можно ЕУ може да се приклучи во реализирање на такви проекти. Како што е веќе познато, има редовни повици за проекти, всушност за тендери, вклучително за граѓанските организации и за сајбер бездноста и ако постои некоја дополнителна потреба за тендирирање или проекти тоа ќе биде земено во предвид, но да биде во согласност со буџетските рестрикции коишто ги има од страна на ЕУ. Како што ви е познато сите проекти или програми на ЕУ коишто се предивидени за финансирање, а тоа завршува до 2027 година, одговори евроамбасадор Рокас.
Кавадарци - Изгоре дел од куќа во пожар во Кавадарци. Како што потврдија попладнево од Територијалната противпожарна единица за МИА, веднаш по појавата за пожарот, на лице место интервенирале седум пожарникари со две противпожарни возила.
- Пожарот е ставен под контрола. Успеавме да го спречиме огнот и не дозволивме да се прошири на други објекти. Наша екипа е се уште таму и ја следи состојбата, истакнаа од противпожарната единица.
Оттаму рекоа дека засега не се знае точната причина за пожарот. Дополнително ќе се утврдувале причините и висината на материјалната штета.
Охрид – Здружението на туристички водичи на Македонија, Заводот и музеј од Охрид и Капетанијата на пристаништа денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој ќе се олесни пристапот на организирани туристички групи до најпосетените културно-историски локалитети во Охридскиот регион.
И оваа година по повод Меѓународниот ден на туристичките водичи беше организирана бесплатна тура при која со брод беа посетени најзначајните културно-историски обележја на Охридското Езеро, местата што се најчесто посетувани од туристите при нивниот престој во Охрид.
Турата беше искористена и за да се укаже на проблемот со нелиценцираните туристички водичи, за кои е посочено дека се нелојална конкуренција што нанесува големи штети на македонскиот туризам, особено оние од странство кои во презентирањето на знаменитостите ги искривуваат историските факти.
Домашните професионални туристички водичи поради тоа повторно побараа институциите во државата да изнајдат начин за надминување на проблемот на кој укажуваат години наназад.
Љупчо Јузмески кој години работи како туристички водич вели дека таквите квази-водичи најчесто работаат затскриени односно со знаење на организаторите на самите тури, најчесто во викендите за да избегнат инспекција.
Куманово - Уште една измама во Куманово за наводна сообраќајна несреќа, оштетена е повозрасна кумановка за 2.000 евра информираше денеска СВР Куманово. Вчера, биле регистрирани пет обиди за измами со наводни сообраќајни несреќи и една на подрачје на Кратово.
- Вчера во 16:30 часот во СВР Куманово, 78 – годишна жена од Куманово пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 2.000 евра. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило на телефон и претставувајќи се како полициски службеник ја известило дека нејзиниот син и снаа предизвикале сообраќајна несреќа во која прегазиле малолетно дете и ќе треба да плати одредена сума на пари за да не ги гонат кривично. Како што е пријавено, таа ги оставила парите на договореното место, но подоцна сфатила дека била измамена, соопшти полицијата.
СВР Куманово презема мерки за расчистување на случајот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
По низата случаи во јануари и февруари полицијата уапси бугарски државјанин. Од МВР постојано апелираат за претпазливост. Случаите со наводни сообраќајни несреќи се случуваат во одредени периоди. Претходниот период во СВР Куманово беа пријавени шест случаи на измами, а изминатата година два.
Пробиштип - На самиот крај е реализација на проектот за „Уредување на брегот на брана Пишица“ информираше градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов.
Тој истакна дека во рамките на проект беа реализирани неколку активности, меѓу кои асфалтирање на пристапен пат до самата брана, поплочување на пристапни патеки, паркинг простор, осум летниковци, шест ѕидани скари од камен, осветлување со фотоволтаични светилки, клупи и корпи за отпадоци.
-Средствата во висина од 10.2 милиони денари општината ги обезбеди преку Центарот за развој на Источен плански регион (ИПР) од Програмата за регионален развој при Биро за рамномерен регионален развој, при што има учество од 20%, изјави Анастасов.
Тој истакна дека со реализација на овој проект се збогатува туристичката понуда на Општина Пробиштип и се добива одлична можност со овој уреден простор за одмор и рекреација од секојдневните активности.
Штип – Пензионерите кои протестираа за линеарно зголемување на пензиите на денешната прес-конференција во Штип побараа ново раководство на Сојузот на пензионери, a државните институции и Владата да се изјаснат какво зголемување на пензиите ќе имаат од 1 септември 2025 година, дали линеарно или процентуално. Трајче Митев претставник на Иницијативниот одбор од Штип истакна дека посебно се револтирани на последната изјава на актуелната претседателка на Здружението на пензионери на Македонија, Станка Трајкова.
-Од ова денеска што сме собрани треба да произлезе дека претседателката на Сојузот на пензионери, Станка Трајкова има напишано дека во веснико „Пензионер плус“, која е и уредник има напишано многу негативни работи што се однесуваат на пензионерите. Она е спротивна на работата и на активностите на пензионерите, вели Митев.
На денешната прес-конференција присуствуваа членови на Иницијативниот одбор на пензионерите за линеарно зголемување на пензиите од повеќе градови во земјата. Трајче Станојков пензионер од Свети Николе вели дека посебно ги иретира што во весникот „Пензионер“ е напишано дека актуелното раководство на Сојузот на пензионер се заслужни за линеарното зголемување на пензиите. Тој истакна дека Иницијативниот одбор на пензионерите од општините низ земјава се заслужни за ова линеарно зголемување на пензиите, кои речиси две години секојдневно протестираа во своите градови, а имаа и протести во Скопје. Станојков порача дека потребни се избори за ново раководството на Сојузот на пензионери, бидејќи атуелното раководството не работи во интерес на сите пензионери.
Македонска Каменица - Фондација САСА започнува со реализација на нова иницијатива за создавање и поддршка на развојот на мали одржливи бизниси во Македонска Каменица и нејзината околина. Во рамки на оваа иницијатива, Фондација САСА објавува отворен повик за учество во Акцелераторската програма: „Започни ја својата бизнис авантура во Македонска Каменица“.
-Фондацијата САСА ги повикува сите заинтересирани да аплицираат за учество во нејзината акцелератоска програма, која е дизајнирана да им помогне на амбициозните претприемачи од Македонска Каменица. Програмата нуди бесплатна обука и менторство, со цел да се развијат знаењата и вештините на учесниците, овозможувајќи им да основаат одржливи бизниси и да придонесат кон економскиот развој на регионот, се вели во соопштението од рудникот.
Учесниците ќе имаат можност да добијат сеопфатна обука за деловно и финансиско планирање, вклучувајќи насоки за обезбедување финансиски средства и примена на ефективни маркетинг стратегии.
-По завршувањето на обуката, учесниците ќе имаат индивидуални менторски сесии со експерти од индустријата, кои ќе им помогнат да ги надминат специфичните предизвици во развојот на нивниот бизнис. Програмата завршува со натпревар за најдобар бизнис план каде учесниците ќе можат да се натпреваруваат за финансиска поддршка во износ од 5.000 до 20.000 евра, додадоа од САСА.
Тетово - Голем дел од Тетово од изутрината во 9 часот е без електрична енергија поради дефект на трафостаница. Според компанијата Електродистрибуција, околу 5000 корисници немаат снабдување со електрична енергија, а се работи на терен за отстранување на дефектот.
-Денеска околу 9 часот настана голем дефект на 110кВ трафостаница „Тетово 1” и како последица, без снабдување со електрична енергија остана голем дел од градското подрачје. За 10 минути беше вратено снабдувањето за поголемиот дел од корисниците, а моментално без напон се околу 5000 корисници, информираат од компанијата Електродистрибуција при ЕВН Македонија, која управува со дистрибутивната мрежа.
Дефект на трафостаница во септември 2024 година остави 30 часа дел од Тетово без електрична енергија.
Кочани – Вкупно 51 кривично дело извршиле малолетни лица во Кочани во текот на 2024 година, што претставува зголемување од 104 отсто, односно двојно повеќе во споредба со претходниот едногодишен период.
Податоците од Одделението за внатрешни работи во Кочани укажуваат дека околу 82 отсто од кривичните дела што ги извршиле деца и постари малолетници се тешки кражби и кражби. Во четири случаја имало насилство врз друго малолетно лице, при што еден случај е регистриран како силување малолетник. Исто така, евидентирани се и три разбојнички кражби и разбојништва и по еден случај на насилство и спречување службено лице во извршување задачи.
- Најголемиот број на деца извршители на кривични дела во текот на 2024 година се од и од македонска и од ромска популација, а тие најчесто биле и повторници во извршување на делата. Како повторници се јавуваат четири деца кои се над 14-годишна возраст, при што сториле три или повеќе кривични дела. Заради поефикасно превентивно дејствување и спречување на девијантното однесување на децата, до Центарот за социјална работа во Кочани доставени се известувања за конкретни настани во кои како извршители се јавуваат 12 деца, со барање за постапување и преземање заеднички мерки, се истакнува во писмената информација од Одделението за внатрешни работи - Кочани.
Охрид – Македонската туристичка понуда и оваа година има свое место на 46-тиот Меѓународен саем за туризам што се одржува во Белград.
Како што соопштуват од Агенцијата за промоција и поддршка н туризмот, македонските туристички потенцијали се промовираат на репрезентативен штанд, на кој учество земаа општините Гевгелија, Дојран, Охрид и Струга.
„Во однос на транзитниот туризам со оглед на фактот дека Србите патуваат и во соседна Грција, македонскиот туристички сектор ја збогатува понудата за да останат ден повеќе во Македонија. Забележана е зголемена посета на винариите во винскиот регион, Дојран, Гевгелија и културните знаменитости по Е75“, посочуваат од АППТ.
Саемот за туризам во Белград годишно собира повеќе од 400 изложувачи од триесеттина државаи, како и над осум илјади професионалци ангажирани во туристичката индустрија, а манифестацијата ја посетуваат над 50 илјади гости.
Орагнизаторот на манифестацијата посочува дека годинава саемската публика ќе има можност на едно место да види се што нуди туристичкиот сектор, да најде идеални аранжмани и да ги искористи посебните саемски попусти. Посетителите ќе можат да изберат патувања што одговараат на нивните интереси - без разлика дали е тоа семеен одмор, далечни и егзотични дестинации, авантура и еко-туризам, патувања во градови, велнес и спа-викенди на планина, спа-одмори, конгресни настани или специјални понуди за млади патници.