• сабота, 22 февруари 2025
МИА Радио флеш

Скопје - Дел од кредитите се веќе одобрени, а поднесени се и барања до Развојната банка за префрлање на средствата, рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во врска со унгарскиот заем.

По средбата со претставниците од Сојузот на стопански комори (ССК), таа повтори дека компаниите кои ќе инвестираат во опрема и производство имаат предност кај банките.

Според ССК, унгарскиот кредит е еден од најповолните и претставува скромна, но голема поддршка за фирмите.

На средбата во ССК, како што изјавија министерката и претседателот на Сојузот Трајан Ангелоски, било договорено бизнисот да подготви листа со царински стапки за нивно хармонизирање со европските.

Скопје - До крајот на април се очекува сите измени на закони поврзани со безбедноста на сообраќајот во државата да бидат доставени до Собранието.  Имплементацијата на системот „Безбеден град“ официјално треба да стартува од 1 јануари 2026 година. Засилените контроли на полицицијата и натаму ќе има, изјави денеска министерот за внатрешни работи Пенче Тошковски, кој зборуваше на јавната трибина за измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци за проектот „Безбеден град“. 

Министерот Тошковски на дебатата истакна дека со системскиот пристап работната група утврдила дека се потребни промени во пет законски решенија за овој проект квалитетно да профункционира и тоа за Законот за безбедност на патиштата, Законот за прекршоци, Законот за возила, Кривичниот закон и Законот за извршување на санкции. Сите тие, смета тој, се клучни закони кои треба да претрпат измени за да создадеме функционално системско решение.

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска ја посети УК за ТОАРИЛУЦ и имаше средба со директорката д-р Марија Срцева Јовановски по повод подготвителните активности, кои се во завршна фаза за темелна реконструкција на просториите на КАРИЛ, која се реализира по првпат, соопшти Министерството за здравство (МЗ).

- Заради внимателно и безбедно пристапување кон реконструкција на КАРИЛ, информираме дека оваа установа во наредниот период ќе функционира со намален капацитет, за што се известени сите јавни здравствени установи во државата. Дел од пациентите ќе преземат ГОБ „8 Септември“, Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ и Клиниката за неврохирургија, согласно изготвениот интерклинички план, во соработка со Министерството за здравство. Согласно планот, овие јавни здравствени установи ќе преземат точно утврден број пациенти, со заеднички договор со јавните здравствени установи. Оваа капитална инвестиција е од национален интерес и првпат од основањето на клинички центар се пристапува кон темелна реконструкција на КАРИЛ, се наведува во соопштението од МЗ.

Скопје - ДКСК донесе одлука за запирање на постапката по пријавата за незаконска исплата на трошоци за патување во странство на сопругата на претседателот на Собранието Африм Гаши, бидејќи не се потврдени и утврдени повреди на одредби од законот за спречување на корупција и судир на интереси. Ова го кажа членот на ДКСК, Сервет Демири на 15 седница на која се расправаше и за овој случај и побара да се достави препорака за доуредување на упатството на собранието кое ги регулира службените патувања со одредби по примерот на Кодексот на Владата за етичко однесување. Комисијата утврди дека актуелното Упатство за реализирање на службени патувања во странство, содржи правна празнина и недореченост.

Пријавата која ДКСК ја разгледуваше се однесува на покривање на трошоци за патување реализирано во период од 8 јули до 11 јули 2024 година на парламентарниот самит на НАТО во Вашингтон (САД). Членот на ДКСК, Сервет Демири посочи дека со пријавата биле доставени патни сметки без да биде наведено на кое лице се однесуваат. Тој потврди дека од Собранието на РСМ е доставена документација (покана, решение за патување, финансиска конструкција за патувањето, копија од дипломатска патна исправа и соодветна виза) кои биле разгледани.

Скопје - Државната комисија за спречување на корупцијата и судир на интереси на денешната седница ја отфрли пријавата против министерот за култура и туризам Зоран Љутков која се однесуваше на вработување на неговата сестра.

Во реферирањето на случајот со вработувањето Народниот музеј во Велес беше наведено дека Љутков не можел да влијае или да биде вклучен во постапката за вработување, со оглед дека основач на установата Народен музеј е општина Велес и таа е под ингеренции на локалната самоуправа.

Меѓу останатото на седницата беше кажано дека сестрата на министерот Љутков е вработена со договор на дело, а не како што е наведено во пријавата на неопределено време, а со тоа и постапката за нејзино ангажирање не била повредена. Ова беа главните аргументи врз основа на кои ДКСК изгласа одлука за запирање на постапката против министерот за култура и туризам Зоран Љутков

Скопје - Претседателот на СДСМ Венко Филипче е единствен кандидат за претседател на партијата на редовните внатрепартиски избори кои ќе се одржат на 16 март 2025 година, утврдила Централната изборна комисија.

Комисијата одржала седница за разгледување на поднесените кандидатури за претседател на СДСМ и утврдување на листа кандидати за редовните внатрепартиски избори.

Скопје - Ако постои „картелско“ здружување на маркетите, цените и во „КАМ“ и во „Веро“ ќе беа тука некаде, но и сами знаеме дека не е така. Секој има можност и опција да пазари каде сака, рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Таа информира дека во вторникот Владата водела долга диксуија околу мерките за цените на производите, при што било констатирано дека треба да се донесат долгорочни решенија. „Замрзнувањето“, повтори, е нешто ад-хок што дава само краткорочен ефект.

Блаце - Владата има одлука за трансформирање на работниот однос на 1.500 вработени во здравството, а кои со години работат на договор на дело, истакна дека вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој одговараше на новинарско прашање за неговата најава на партиски состанок за вработување на 1.000 Албанци  во администрацијата.

-Вработени од порано и злоупотребени на изборите и има одлука на Владата за трансформирање на нивните решенија на неопределено. Така да истиот пристап ќе биде и во другите институции, изјави Меџити.

Тирана – Џамијата на Балиу во албанскиот град Елбасан, ја освои првата награда за „Најубава верска архитектура во светот“ на меѓународниот натпревар „Зграда на годината 2025“ организиран од ArchDaily, најголемата глобална платформа за архитектура и дизајн.

Според муслиманската заедница на Албанија, оваа значајна награда ги потврдува уникатните вредности на оваа џамија, која ја комбинира традиционалната исламска архитектура со модерни елементи, создавајќи инспиративен простор за верниците и извонредно архитектонско уметничко дело.

Употребата на автентични материјали како камен, дрво и бакар, природно осветлување и симболични детали го прават овој култен објект иновативен модел и скапоцено богатство за албанското верско и културно наследство.

Бања Лука – Претседателот на Република Српска, Милорад Додик денеска изјави дека ако биде осуден пред Судот на Босна и Херцеговина поради неизвршување на одлуките на Високиот претставник Кристијан Шмит, РС ќе ја забрани работата на државниот суд и обвинителството, како и на државните безбедносни агенции.

- Оваа борба не е на Милорад Додик, туку реакција на акцијата што ја презеде политичко Сараево, истакна Додик за ТВ Пинк.

Тој истакна дека ако биде осуден „РС ќе го откаже секое присуство на судот и обвинителството, Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА) и други вештачки и вонуставно наметнати тела на ниво на БиХ, ќе биде забранета нивната работа на територијата на РС, ќе биде донесе изборен закон и ќе направам се за да ги вратам 83 надлежности на нивната уставна позиција на БиХ“.

Загреб– Петти петок по ред граѓаните на Хрватска денеска ги бојкотираат маркетите и бензинските пумпи. Организаторот на бојкотот платформата „Ало инспекторе“ упати апел денеска да се бојкотираат и банките и телекомуникациските компании.

Советникот на „Ало инспекторе“, Јосип Келемен најави дека платформата ќе доби „бесплатна и моќна алатка за корисниците во надзорот на пазарот“ изработена од хрватските програмери.

„Ало инспекторе“ вчера организираше протест пред седиштето на хрватската Народна банка под името „Пет минути предупредувачки молк“. Слични протести се организираат во уште 20 хрватски градови.

Будимпешта - На Европската унија и е потребен патриотски пресврт за да ја врати изгубената конкурентност, безбедност и влијание на светската сцена, порача денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Појавата на „нова глобална политичка реалност“ и нов лидер на Запад - американскиот претседател Доналд Трамп - значи дека патриотите станаа глобално мнозинство, рече Сијарто на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на австриската Партија на слободата, Кристијан Хафенекер.

„Време е да се вратиме на основните вредности на демократијата во Европа, како и да ја почитуваме волјата на народот, што е можеби најважната фундаментална демократска вредност“, рече Сијарто. 

Рим - Извори од Ватикан денеска соопштија дека денес или утре ќе се знае како папата Франциск, кој беше хоспитализиран пред една недела, реагира на новата терапија.

„Ноќта помина добро, утрово папата Франциск стана и појадуваше. Денес или утре ќе може да знаеме како папата (Франциск) реагира на новата терапија“, велат извори од Ватикан, пренесе АНСА.

Одговорот би можел да даде увид во тоа колку долго папата Франциск ќе остане во болницата „Агостино Гемели“ во Рим. Тестовите направени во болницата потврдија дека папата има пневмонија во двете белодробни крила, покрај астматичен бронхитис. 

Рим - Италија има најстаро население во Европа, а просечната возраст во земјата е 48,7 години, соопшти денеска Евростат. Во соопштението се наведува дека ова е за четири години повеќе од просечната возраст во Италија во периодот од 2014 до 2024 година.

Се истакнува дека просечната возраст на населението во ЕУ е 44,7 години, што е за 2,2 години повеќе од 2014 година, пренесе италијанската новинска агенција АНСА. Евростат наведува дека Ирска има најмлада популација во Европа, со просечна возраст од 39,4 години. Се посочува дека стареење на населението е забележано во сите земји на ЕУ, со исклучок на Малта, каде просечната возраст на населението е намалена за 0,7 години и Германија, каде што е намалена за 0,1 година.

Брисел - Сосема е јасно кој е агресорот и кој ја започна војната во Украина, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер запрашана за коментар на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека шефот на украинската држава Володимир Зеленски „не требало да ја започне војната“.   

- Русија е агресорот. Русија ја започна војната. Тоа е пример за агресија, што ја видовме насекаде, дел во Грузија, дел во Сирија и дел во Украина. Така што Русија е криминалецот, рече Хипер на денешниот редовна прес-конференција во Европската комисија. 

На прашање дали на 11-годишнината од почетокот на руската инвазија на Крим, ЕУ се уште го смета Полуостровот за интегрален дел од украинската територија, Хипер одговори дека за Унијата „Крим е Украина“ 

Стразбур - Борбата за Украина е борба за правда, закрепнување и право на украинскиот народ сам да ја обликува својата судбина, изјави генералниот секретар на Советот на Европа Ален Берсет.

Во пресрет на 24 февруари, кога се навршуваат три години од почетокот на руската инвазија врз Украина, Барсет го објави извештајот на СЕ во кој истакнува дека Советот и помогнал на Украина како членка.

„Секој ден додека трае руската агресивна војна против Украина, се губат животи, се краде иднината на децата, се шири уништувањето, а на удар се самите основи на меѓународното право и поредокот заснован на правила“, наведе генералниот секретар во извештајот објавен од Советот на Европа.

Москва - Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, денеска ги негираше романските тврдења дека Русија побарала повлекување на трупите на НАТО од нејзиното источно крило, особено од земјите кои се приклучија на Алијансата по 1997 година, вклучувајќи ги Полска, Унгарија и Чешка.

Говорејќи на брифинг со новинарите во Москва, Дмитриј Песков ја призна загриженоста на Русија за проширувањето на НАТО кон исток, но инсистираше на тоа дека такви барања не биле поставени.

Кристијан Дијаконеску, шеф на кабинет на романскиот претседател и советник за одбрана и национална безбедност, во средата тврдеше дека Русија го дала предлогот за време на состанокот со американски официјални претставници во вторникот во Саудиска Арабија, и дека американската делегација го отфрлила.

Москва – Кремљ денеска соопшти дека има заеднички договор за потребата од средба помеѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп, но оти сè уште не се прецизирани детали.

- Има желба од страна на двајцата претседатели и има инструкции оваа средба да се организира на таков начин што ќе биде што е можно попродуктивна. Сите детали ќе бидат разјаснети во текот на подготовките, посочи портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој повтори дека Путин е отворен за преговори за крај на конфликтот.

Вашингтон - Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска разговараше со шефот на американското Министерство за ефикасност на владата (ДОГЕ) Илон Маск за затворањето на американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), кој му рече дека САД не сакаат парите на нивните даночни обврзници да се користат за мешање во внатрешните работи на други земји.

„Задоволство ми е да ве информирам за средбата со главниот претставник на Одделот за владина ефикасност, добро познатиот мултимилијардер Илон Маск... Разговаравме за затворањето на УСАИД, американската агенција која одвои доста средства за невладини организации и медиуми во Словачка“, рече Фицо во видео објавено на Фејсбук по средбата со Маск во Вашингтон.

Минск - Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека не ја исклучува можноста САД да се обидат да предизвикаат политички конфликт меѓу Русија и Кина во текот на преговорите за Украина.

„Не знаеме што сакаат САД. Ова го велам затоа што сум апсолутно навлезен во овие прашања. Не знаеме што ќе бараат од Русите за да ја завршат војната итн. Ми се чини дека сега ќе се обидат да ги свртат Русите против Кинезите“, наведе Лукашенко, соопшти неговата прес-служба.

Тој порача дека Русите не смеат да го дозволат тоа.

Остани поврзан