МИА Општински пул
- МИА Општински пул

19 февруари 2025
Охрид – Компанијата „Костал Македонија“ е првата компанија што се согласи да го плаќа корпоративниот данок од 15 проценти. Решението помина на Комисијата за економски систем при Владата, истакна денеска во Охрид, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Според Николоски, таквото законско решение ќе значи дека тие средства остануваат во земјата, а тоа како што рече, ќе значи нови работни места, зголемен девизен прилив и економски раст.
- Тоа се дополнителни средства во македонскиот буџет и очекувам во годините што доаѓаат да се равива соработката и да се отвораат нови работни места, да се зголемува извозот, да се зголемува девизниот прилив и да расте економијата. Владата е партнер на компаниите, рече тој.
Вицепремиерот Николоски кој присуствуваше на глобалниот состанок на добавувачи и логистика во рамки на „Групацијата Костал“, за која истакна дека е одлична можност за вклучување на домашните мали и средни компании да се вклучат во ланецот на снабдување на „Групацијата Костел“, што значи отворање на дополнителни работни места, стимулирање на семејните бизниси, стимулирање на малите и средни бизниси и тоа може да значи потенцијално уште поголем економски развој.
- Ние заедно со тимот на Костал разговараме и за проширување на инвестициите, што беше спомнато и од раководството. Тука сме да помогнеме со сето она што може да го направиме, истакна во оваа прилика вицепремиерот Николоски.
Директорот на „Костал Македонија“, Виктор Мизо, од своја страна истакна дека независно континуираните кризи во рамки на автомобилската индустрија, особено во Европа, „Костал Македонија“ продолжува со раст и развој и претставува најважната локација на групацијата на континентот.
- Најголем дел од она што се износите за инвестирање на годишно ниво во рамки на Групацијата изминатите две години тие се лоцирани токму овде во Охрид и тоа ќе продолжи и понатаму. Од таа гледна точка минатата година ја завршивме со 140 милиони евра извоз, а плановите за оваа година се заради сите дополнителни инвестиции и развојни програми тука во Охрид, дека ќе имаме извоз кој ќе надмине 200 милиони евра, што значи потенцијално раст над 50 проценти споредбено со минатата година, рече Мизо.
За соработката со институциите во државата, Мизо рече дека е навистина важна, бидејќи како што посочи, многу од активностите на сите странски инвеститори е да се има дијалог и да се решаваат проблемите.
Како главни точки на кои треба да се работи, и тоа не само за „Костал“ како компанија туку за сите странски инвеститори, е хармонизирањето на царинските стапки за да се постигне исто ниво на конкурентност со сестринските компании во рамки на ЕУ, потоа поедноставувањето на процесите за добивање работни дозволи и визи за странците, потоа други работи поврзани со намалување на бирократските процеси, одредени непотребни административни постапки и слично.
Куманово - Почна изградбата на водоводната мрежа, фекална и атмосферска канализација, изградбата на дел од внатрешни сообраќајници, воспоставување на режим на сообраќај и осветлување на дел од внатрешни сообраќајници во индустриска зона-Речица во општина Куманово, информираа денеска надлежните.
Ова е еден од проектите кои општина Куманово ги доби по апликацијата на повикот на Владата за инфраструктурно уредување на општините.
- Се врши интензивна изградба на нови патишта, атмосферска и фекална канализација, нова водоводна мрежа и улично осветлување во новата индустриска развојна зона ’Новини и Речица‘ во Општина Куманово, информираше кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.
Вредноста на склучениот договор со избрана компанија на тендер е денари изнесува 208.554.681.86 денари со вклучен данок на додадена вредност. Со средствата од Владата се очекува целосно уредена атмосферска канализација, осветлување на зоната, водоводна мрежа и асфалтирани улици со тротоари. Уредувањето на зоната е приоритет на општината, со оглед дека функционираат домашни и странски компании.
Зоната Речица, сместена на атрактивна локација во непосредна близина на автопатот Е-75 кон Табановце, (во близина на село Речица) на само пет километри од српската граница и е во близина на двата коридори 8 и 10. Таа е урбанистички уредена за лесна и незагадувачка индустрија, трговски единици, сместувачки капацитети, сервиси и стоваришта.
Охрид - Општина Охрид креираше нова веб-страница www.visitohrid.com.mk осмислена како начин за промовирање на туризмот и угостителството во градот и регионот.
Од Општината упатуват повик до сопствениците на хотели, апартмани, приватни сместувачки капацитети, ресторани и винарии да се регистрираат и да ги презентираат своите бизниси пред пошироката публика.
Посочуваат дека со регистрирање на платформата ќе се зголеми видливоста на туристичко-угостителските услуги, се овозможува директна врска со потенцијални гости и клиенти, подобрени можности за маркетинг преку насочени промоции, учество во настани за вмрежување и соработка.
Повикот е отворен за сите бизниси поврзани со угостителството и туризмот, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на хотели, мотели и хостели, апартмани, куќи за гости и приватни сместувања, ресторани, традиционални меани и кафулиња, како и винарии и места за дегустација на вино, потенцираат од Општина Охрид.
Како рок за пријавување е наведен 15 март, додека повеќе информации како и адреса за поднесување на регистрацијата го посочуваат меилот maja.ivanchich@ohrid.gov.mk.
Охрид – До крајот на следната година автопатот Охрид – Кичево ќе биде готов. Тоа денеска од Охрид го истакна вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, кој имаше средба со раководството на компанијата „Костал Македонија“.
Николоски и во оваа прилика посочи на лошо проектираниот зафат за автопатско поврзување чија траса, како што нагласи, минува низ градби од А категорија, од заштитено подрачје на аеродромот во Охрид, преку бензински пумпи, болници, хотели, објекти што не може да бидат подложни на експропријација. Тоа прашање, како што рече, ќе се решава со законско решение што е во процедура на донесување, легислатива што е веќе усвоена од Владата и наредната седмица ќе биде доставена до Собранието на усвојување.
За проблемите со свлечиштата што многупати беа посочувани како причина за одолговлекувањето на проeктот тој рече дека се ангажирани странски експерти, а решенијата што ќе бидат понудени од нив ќе бидат соопштение на јавноста.
Што се однесува на конечната цена на изградбата на автопатот Охрид – Кичево, Николоски рече дека ќе направи се да не се излезе од последната проектирана рамка.
- Токму тоа е причината зошто инсистирам зафатите да се завршуваат во предвидената рамка. Доколку не работите во рамки на рокот тогаш инфлацијата го прави своето и тогаш доаѓа до многу повисока цена од договорената, рече тој.
За дел од договорот со „Бехтел и Енка“ за автопатското поврзување од Требеништа до Ќафасан, Николоски истакна дека за делницата од Подмоље до Струга има стриктни забрани од страна на УНЕСКО за градење во заштитениот дел на Охридското Езеро, каде потенцијално би се наоѓала односната делница.
Тој рече дека наредниот месец ќе има средба на високо ниво со претставници на Министерството за култура, со градоначалникот на Охрид и експерти, посветена на тоа прашање.
- Нема да одиме спротивно препораките на УНЕСКО, стасусот на Регионот е мошне значаен така што ќе се прилагодиме на нивните барања. Дали тоа ќе биде поместување на трасата посеверено, целосно нова траса или отсечка од Подмоље до Струга како сврзница на автопатот, тоа ќе дискутираме. Само тука не сакам да се врзувам со рокови, но уште од летово кога ќе се пушти делницата од Врбјани до Охрид, а следната година целиот автопат, сликата целосно ќе се смени и ќе зборуваме во порелаксирани услови, рече тој.
Струга - Угостителски објект од Струга и неговиот сопственик заработија кривична пријава за кражба на електрична енергија, соопшти денеска СВР Охрид.
Според информацијата, ОВР Струга поднела кривична пријава против правно лице од Струга и против А.Р.(28) од Струга, сопственик на правниот субјект, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“.
- Пријавениот А.Р., без согласност од надлежен оператор, во просториите на неговиот правен субјект, неовластено поставил посебен уред, кој вршел промени во потрошени киловати на електрична енергија, со што се стекнал со протиправна имотна корист, појасни портпаролот Стефан Димоски.
Во периодот февруари 2024 до јануари годинава била направена материјална штета од околу 260.000 денари.
Штип - Објавен е повик за доделување на европска награда за образование од страна на Европската комисија, а со цел поголема вклученост на Ромите во образованието, информираше денеска Ерол Адемов вработен во Општина штип. Посочи дека на повикот може да аплицираат физички лица,приватни Универзитети, како и Универзитетот „Гоце Делчев“ -Штип. Станува збор за повик преку кој се работи на инклузија на Ромите во образованието.
-Повикот ќе трае до 28 февруари по белгиско време, апликациите се доставуваат електронски. Она што е важно за самата апликација бидејќи ова е шеста година, оваа година е област образование. Има широк спектар каде можат да аплицираат и физички лица, изјави Адемов.
Тој истакна дека за двете награди во игра се 14 преставници, од секоја земја по двајца. Адемов вели дека со посетата на Брисел на денот на доделување на наградите ќе има можност преставниците да се дружат, да разменат мислења, идеи.
-Ќе бидат доделени две награди. Првата награда е во висина од осум илјади евра, додека втората награда изнесува пет илјади евра. Ќе има вкупно 14 преставници од секоја земја по двајца, кои ќе бидат поканети на студиска посета во Брисел каде ќе има свечено доделување на таквите награди. Со тоа ќе може да се придонесе за инклузијата на Ромите во образованието во сите земји, рече Адемов. Целта е да се подигне степенот на образование кај Ромите, со цел и тие да бидат поконкурентни на пазарот на трудот и полесно да можат да се вработат.
Скопје - Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека во тек е акцијата за собирање кабаст отпад на територија на Општина Центар. На три локации, на улиците „Загребска”, „Костурски херои” и „Пролет”, поставени се контејнери за одлагање кабаст отпад. Дополнително, секој жител на Општина Центар може да пријави дива депонија на телефонските броеви: 02/3203-693 и 076/350-767.
„Со оваа акција, продолжуваме да се грижиме за чистотата на нашата општина, ги охрабруваме граѓаните да учествуваат во одржувањето на урбаниот ред. Со поставување на контејнери за кабаст отпад и можноста за пријавување на диви депонии, овозможуваме чиста и здрава животна средина за сите центарци. Апелирам до сите да ја искористиме оваа можност и да помогнеме во заедничкото чување на Центар“, вели Герасимовски.
Битола - Општина Битола утврди нова програма за култура која како што посочуваат од тамошната локална самоуправа, ќе им овозможи на сите граѓани во општината рамноправно да учествуваат како творци и како корисници во културата и културните случувања.
Во текот на 2025 година локалната самоуправа ќе го поттикнува современото творештво и културните потреби на младите, ќе се поддржуваат и охрабруваат истражувањата и потребата по нови изразни средства, користењето на нови медиуми, како и проектите со културни содржини во функција на младата популација.
-Програмата усвоена од Советот на Општина Битола промовира европски вредности, стимулира креативно творештво и изразување на младите, поддршка на визуелна уметност, соработка со уметници креативци и инклузија на деца со посебни потреби во областа на културата. Со новата програма, културата се третира како развој и затоа постојано ќе се развива и ревитализира за да може да обезбеди духовна и економска репродукција, посочија од локалната администрација.
Според програмата за култура, во текот на годината ќе се врши естетизација на просторот преку оживување на старите градски јадра преку освојување на нови простори за културни случувања, развој на културниот туризам и афирмација на културното наследство пред домашна и странска публика. Исто така, според востановената традиција, општината ќе продолжи со поддршка на националните културни манифестации кои се одржуваат во градот, потврдија од Општина Битола.
За реализација на програмата за култура во 2025 година, локалната самоуправа од буџетот ќе издвои 16 милиони денари.
Куманово - Кумановската подружница на „Национални шуми“ и годинава ќе продолжи со пошумување на површините во козјачијата и липковско, информираа денеска надлежните од претпријатието. Пошумувањето ќе опфати поголеми површини по педесетина хектари, во Липково и во Козјак.
- Планираме повторно пошумување на опожарени површини, во регионот во Козјак околу 50 хектари. Планирано е и пошумување во општина Липково околу езерото кое ќе се спроведе преку проект. Се надеваме дека веќе нема да има пожари кои ја уништуваат шумата и целосно ќе посветиме внимание на пошумувањето, изјави раководител-директор на подружницата, Катица Станковска Ристовска.
На Кокино лани се пошумување на претходно опожарената површина околу 50-тина хектари. Во акциите учествуваа граѓани, општествено одговорни компании.
- Ќе треба да се направи и опсервација на терен. Ланските садници добро напредуваат. Ние како претпријатие го преферираме есенското пошумување затоа што тогаш има влажност на почвата и процентот на прифаќање на садници е поголем. Пролетните садници може да ги фати и суша во летото. Очекуваме и годинава интерес од граѓански организации, компании за пошумување кои претходно треба да се обратат во претпријатието, изјави Станковска Ристовска.
Како што појаснуваат надлежните од кумановската подружница, за да се пошуми површина која била опожарена мора да поминат две години.
Кумановската подружница ќе инвестира и во самиот расадник, планирано е неколкукратно зголемување на бројот на произведени садници од сегашни 200.000 на милион, садници кои се карактеристични за македонското поднебје.
- Моментално трае тендерска постапка за огревно дрво. По завршувањето ќе се знае со која количина располагаме, дополнително ќе бидат известени граѓаните. Ќе можат сите да се пријават, граѓани, пензионери, синдикати, изјави Станковска Ристовска.
Крива Паланка – Општина Крива Паланка денеска информира дека јавното претпријатие Комуналец го заврши поставувањето на првите 100 садови за селекција на отпад од вкупно 240 обезбедени од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање од средствата од продажба на најлонски кеси на национално ниво.
Раководителот на инспекциското одделение од Општина Крива Паланка, Бранко Велиновски, информираше дека во изминатите десетина се поставени садови на повеќе покации во градот, пред јавни институции: училишта, градинки, претпријатија, како и пред спортски и спортско- рекреативни објекти, детски игралишта и останати јавни површини со висока фреквенција на луѓе.
-Поставени и ддоделени на установите се 100 пластични садови со зафатнина од 120 литри пред Од нив, 50 се наменети за селекција на пластичен отпад, а 50 за хартија и хартиена амбалажа од пакувања. Во средината на месец март ќе бидат поставени уште 140 садови од вкупно 240-те што ни беа доделени од МЖСП, а истите ќе се постават на отворени јавни простори, кај правни субјекти и на излетнички места. Соработката со Министерството за животна средина и просторно планирање преставува пример за добра соработка помеѓу локалната и централната власт во насока на зачувување на природата и подигнување на свеста на населението за селекција на одредени видови на отпад, изјави Велиновски.
Посочи дека законска обврска на сите граѓани е да ја чуваат животната средина.
Покрај овие садови за селекција, кон крајот на 2024 година Министерството за животна средина и просторно планирање обезбеди и 48 контејнери за селекција на хартија и пластика, со зафатнина од 1,1 метар кубен, а истите се поставени во централното градско подрачје, со замена на старите метални кафези за пластика и хартија на одредени места.
Согласно законската регулатива секој создавач на отпад должен е примарно да го селектира отпадот и истиот да го одлага во соодветно поставени садови.
- Општина Крива Паланка наскоро ќе потпише и договори со 3 колективни постапувачи за собирање на три вида отпад: текстил, отпадни гуми и отпадни возила, согласно Законот за псотапување со други видови отпад, додаде Велиновски.
Штип – Во тек е постапка за поставување на 200 камери на штипските улици и булевари, како и на игралиштата и околу градинките и училиштата најави денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Средствата за видео надзорот се обезбедени од општинскиот буџет.
Штипјани изминатите години се сведоци на вандализам, односно на искршени клупи, детски реквизити, урбана опрема во парковите, игралиштата и на пешачката патека покрај река Брегалница.
-Со поставувањето на камери и на видео надзор на јавни површини конечно ќе се санкционира се она коешто, како појава ни се случува со години наназад. Веќе сме во постапка за поставување на околу 200 камери и видео надзори со кои ќе бидат опфатени многу јавни површини. Паркови, градинки, училишта, сообраќајници, крстосници и ќе имаме видео надзор на голема површина на територијата на општина Штип. Верувам дека ова ќе користи за санкционирање на сите девијантни појави, изјави Јорданов.
Граѓаните ги уништуваат и поставените заштитни столпчиња по тротоарите, кои се поставени со цел да не се паркираат возила, како и автобуските постојки. Директорот на ЈП „Стипион“,Панче Стефановски, спас гледа во поставувањето на камери и видео надзор. Камери и видео надзор ќе се постави не само во централното градско подрачје, туку и во повеќе населени места во Штип, со цел да се зголеми свеста кај граѓаните и да се чува она што се поставува. Општина Штип на годишно ниво троши околу три милиони деанри за поправка на детски реквизити, канделабри и урбана опрема.