МИА Општински пул
- 20 февруари 2025

20 февруари 2025
Скопје - Двајца станари, еден пожарникар и еден полицаец се повредени во пожар што избувна синоќа во зграда во скопската населба Кисела Вода, спроти Општината. Еден стан е целосно изгорен, а неколкуте зафатени ги оставија станарите под ведро небо, објави на Фејбук претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.
- Веднаш со мојот тим се упативме на местото на настанот. Жителите на оваа зграда се евакуирани и во моментов се во мојот кабинет, на безбедно и топло и тука ќе останеме заедно. Заеднички ќе најдеме решение за сѐ ова, мојот народ не го оставам на милост и немилост! Сакам да се заблагодарам на екипите на Противпожарната бригада од Скопје и МВР кои со својата професионалност беа на висината на задачата и пожарот е локализиран, што е најважно нема човечки жртви, напиша градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој изрази благодарност до соседите за нивната смиреност и заедно, како што напиша, спречивме голема катастрофа.
-Оваа ноќ ќе ја поминеме заедно, ќе најдеме и преноќиште, а уште рано наутро ќе помогнеме со сите расположливи ресурси и оваа трагедија, заеднички ќе ја надминеме!, се вели во објавата на Ѓорѓиевски.
Велес - Во организација на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес и Клубот на пистаели „Коста Солев Рацин“, синоќа во медијатеката на библиотеката беше промовирана збирката поезија „Друшка на белите галеби“ од Атанас Крлевски. Тој на читателските публика и е познат по своите афоризми и „крлевизми“, а се смета за првиот што има издадено хаику поезија за деца. Овој пат кај читателската јавност се претставува како поет.
Пред преполната Медијатека на библиотеката, осврт за збирката поезија на Крлевски имаше промоторката проф. д-р Елизабета Бандиловска која појасни дека преовладуваат темите на љубовта, возвратена, невозвратена, болката, тагата, среќата.
- Едноставно, како да не се чуствува некоја временска дистанца кога авторот ги пишувал овие песни со времето денес. Буквално имате чувство дека се пушувани денес и секако љубовта е актуелна тема во секое време. Книга која вреди да се прочита, од првата до последната песна. Се надевам дека секој оној кој ќе ја прочита ќе ја почуствува љубовта која авторот сака да ни ја покаже, порача Бандиловска.
Публиката имаше можност на авторот да му постави многубројни прашања на кои тој им одговараше.
Делчево - Поради почнување работи за санација на девијацијата на магистралата А3, моментално сообраќајот кај Црквенски мост кај Делчево се одвива по постоечкиот пат. Според информациите од подружницата на „Македонија пат“, на местото поставена е соодветна сообраќајна сигнализација за движење по една сообраќајна лента кај самиот мост.
-По завршување на санацијата на девијацијата, сообраќајот повторно ќе се одвива по помошниот пат (девијацијата) се до отстранување на проблемот со оштетениот мост кај Црквенска Река, истакнаа од подружницата на „Македоднија пат“.
Според информациите оттаму, паралелно тече постапката за санација на самиот мост, со што во наредниот период се очекува да биде саниран овој проблем на делницата од магистралата А3, кој настана како резултат на поплавите кои го зафатија Делчево во изминатите две години.
Тирана - Единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) ги информира Македонците од Албанија, кои живеат надвор од државата, дека може да се пријават за гласање на парламентарните избори и со документи со изминат рок.
-По изгласувањето на измените во Изборниот законик од страна на албанскиот парламент се дава право на сите албански граѓани во дијаспората да може да се пријават за гласање за парламентарните избори на 11 мај, чии лични документи издадени од албанските власти се со поминат рок на важност. Во исто време со одлука на владата таа ќе ги намири сите поштенски трошоци за таа цел. Затоа ги информираме Македонците од Албанија кои живеат надвор од државата, да се пријават, за што крајниот рок е 4 март, изјавија за МИА од партијата.
Исто така го повторуваат повикот до Македонците што помасовно да го искористат своето право на глас и да го поддржат македонскиот глас на изборите.