• петок, 21 февруари 2025
МИА Радио флеш

20 февруари 2025

Скопје - Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити изјави дека не се водат преговори во однос на химната и грбот, но и дека нема ни табу теми, и се разговара за се што е во интерес на граѓаните и државата.

-Во фокус ни е владината програма каде што има утврдени столбови, нема преговори во однос на химната, грбот, но нема ни табу теми, значи разговараме. Политички договор има за Владината програма која што има утврдени столбови како што се економскиот развој, живиотниот стандард, ЕУ-интеграцијата, враќање на правната држава, децентрализацијата, се секојдневно во нашиот фокус и целосно сме посветени на овие столбови. За другото нема преговарање, нема политички договор, но како Влада се што е во интерес на граѓаните и државата, разговараме, дебатираме, про и контра, тоа е на ниво на разговори, нема табу теми...Не сакам да навлегувам во нешто за што нема преговори, нема политички договор. Не криеме ништо, вели Меџити.  

Скопје - Директорите на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија и на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Црна Гора, Никола Мемов и Владимир Дробњак потпишаа Договор за размена на податоци во областа на пензиското и инвалидското осигурување, информираат од Фондот на ПИОСМ. 

Со овој договор, како што било речено, ќе се придонесе во подобрувањето на остварувањето на правата од оваа област на корисниците во двете држави.

-Договорот предвидува електронска размена на податоците за фактот на смрт на корисниците на правата од пензиското и инвалидското осигурување и ги регулира целта, начинот на размена, обемот и видот на податоците кои се разменуваат и управувањето со нив, како и нивната запштита, се вели во соопштението од Фондот на ПИОСМ. 

Скопје - Народната банка објавува повик за пријавување трудови за 54. сесија на Клубот на истражувачите, којашто ќе се одржи на 27 март 2025 година (четврток), со почеток во 14:00 часот, во просториите на Народната банка. Заинтересираните истражувачи може да се пријават со доставување на материјалот на е-адресата: opstiinfo@nbrm.mk, најдоцна до 12 март 2025 година (среда), информираат од Народната банка. 

Трудовите треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето.

Скопје – Дел од маркетите веќе почнаа во пракса да ја спроведуваат одлуката на Владата за ограничување на бруто профитните маржи и за замрзнување на цените на дел од производите, која вчера излезе и во Службен весник, со што стана официјална и треба да важи до 30 април годинава.

Иако согласно одлуката од денеска се очекуваше да поевтинат над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи во пракса во маркетите не се гледа некое забележително намалување на цените на производите. Маркетите се обврзани соодветно да ги обележат производите за кои се намалени цените со „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ или, пак, оние кои имаат замрзнати цени со „Замрзнати цени“, но во дел од маркетите воопшто нема одбележани производи. Поевтини се само производите кои се на акција и тие се различни во секој маркет. 

Тирана - За албанските пензионери од први март почнува исплата на пролетен бонус, за што се предвидени 62 милиони евра. Врз основа на одлуката на Владата ќе бидат опфатени 730.430 пензионери, поделени во две категории. Оние кои примаат пензија помалку од 200 евра или 520.443 пензионери ќе добијат по 100 евра, додека бонус од по 50 евра ќе добијат 209.987 кои примаат пензија повисока од 200 евра.

Албанските пензионери добија и предновогодишен бонус, кога оние од првата група добија по 200, додека другите по 150 евра, што беше трипати повисок износ од претходно исплатениот бонус, за што владата издвои 100 милиони евра.

Атина – Многупати говорев за потребата Европа да се разбуди од геополитичката и економската летаргија во која за жал западна веќе доста време. За жал, неодамнешните случувања и овој различен поглед на работите од САД веќе нè обврзуваат,не само да се соочиме со вистината, туку да се движиме со многу голема брзина и да ги спроведеме одлуките за кои долго разговараме, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговото учество на „Thessaloniki Summit“, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис на конференцијата во Солун говореше кусо по неговото учеството на неформалниот состанок свикан од францускиот претседател и се осврна на самата ЕУ и на односите со САД.

Атина – Седум од десет Грци (71 отсто) сметаат дека Владата со своите одлуки не ја олеснила работата на правдата во истрагата за железничката несреќата кај Темпи, а исто толку (72 проценти) сметаат дека имало обид за прикривање од страна на Владата, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Алко“ за грчката телевизија „Алфа“, јави дописничката на МИА од Атина.

Со последните аудио и видео документи објавени во медиумите и во пресрет на одбележувањето на двегодишнината од трагедијата следниот петок, железничката несреќа во која загинаа 57 лица е една од главните теми во Грција во изминатиот период.

Љубљана - Словенец од областа на Марибор останал без 37.000 евра откако станал жртва на измама со криптовалути, соопшти полицијата во Марибор.

Жртвата добила телефонски повик во кој му било кажано дека има средства на сметка и дека може да ги подигне со инсталирање на апликација за далечински пристап. Со тоа, измамниците стекнале контрола врз неговото онлајн банкарство и извршиле повеќе трансакции со кои ги испразниле неговите сметки.

Словенечката полиција ги повика граѓаните да бидат внимателни, да не инсталираат сомнителни апликации и да не споделуваат чувствителни банкарски податоци со непознати лица.

Братислава – Трите партии од владејачката коалиција во Словачка синоќа соопштија дека договориле промени во Владата со цел нејзино стабилизирање, зајакнување на моќта на партијата Смер-СД на премиерот Роберт Фицо.

Двете мали партии во коалицијата ќе му отстапат на Смер – СД по едно Министерство. Со додавањето на министерствата одговорни за инвестиции, регионален развој и информации и туризам и спорт, партијата на Фицо ќе има контрола над девет министерства, а коалиционите партнери над шест, односно две министерства.

Смер-СД ќе го искористи ова политичко влијание за да ја стабилизира владејачката коалиција и да го врати нејзиното парламентарно мнозинство, објави Фицо на Фејсбук.

Брисел - Канцеларијата на Европскиот јавен обвинител (EPPO) уапси двајца осомничени за царинска измама поврзана со увоз на биодизел, со што буџетот на ЕУ бил оштетен за над 60 милиони евра.

Според истрагата, осомничените увезувале биодизел од САД во Европската Унија, но лажно го прикажувале неговото потекло. Тие биле во притвор во Белгија од мај 2024 година, а неодамна биле екстрадирани во Холандија, каде што ротердамскиот суд им одреди истражен притвор.

Херсон - Шест лица, меѓу кои и 14-годишни близнаци, се повредени во руски напад врз станбена зграда во Херсон, соопшти шефот на регионалната воена администрација, Олександр Прокудин.

Нападот предизвикал уништување на 15 станови, од првиот до десеттиот кат, а прозорците на 80 домови се скршени.

Две лица биле спасени од урнатините на осмиот и деветтиот кат. Близнаците се хоспитализирани, но според лекарите, нивната состојба е стабилна. Во болница е примен и 47-годишен маж, кој во моментот на нападот се наоѓал во собата на чуварот на паркингот. Тој има повреди од шрапнел и скршеница на ногата. Тројца други повредени добиле медицинска помош на местото на настанот.

Киев - Во напад со дронови врз Одеса, во кој беа погодени објекти за јавна исхрана и складишта, еден 55-годишен маж е ранет и хоспитализиран со средно тешки повреди, соопшти гувернерот на регионот, Олег Кипер.

Нападот предизвикал пожари и оштетувања на административна зграда и автомивка. Како последица на нападот, околу 5.000 жители на еден од градските реони останале без електрична енергија.

Сите надлежни служби работат на отстранување на последиците.

Тел Авив - Палестинската милитантна група Хамас денеска ги предаде телата на четворица израелски заложници на Црвениот крст во Појасот Газа. Преносот во живо од Кан Јунис прикажа сцена со насобрани луѓе кои аплаудираа, додека вооружени милитанти со маски ја надгледуваа церемонијата.

Четири црни ковчези беа изложени на подиумот, зад кој имаше постер со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху прикажан како крвав вампир над фотографиите од четворицата загинати. „Воениот злосторник Нетанјаху и неговата армија ги убија со ракети од ционистички борбени авиони“, пишуваше покрај фотографиите. Израелска телевизија го нарече настанот „театар на теророт“.

Каиро – Премиерот на Египет, Мустафа Мадбули изјави дека земјата располага со експертиза и способности за три години да го обнови Појас Газа.

Тој наведе дека Каиро работи на сеопфатен план за обнова на разурнатата енклава во соработка со универзитетите и египетските консултантски компании.

- Од техничка и инженерска гледна точка, ги имаме целосните способности да ја вратиме Газа на уште подобра од нејзината претходна состојба во рок од три години, наведе Мадбули, додавајќи дека Египет исто така ги зема предвид процените на меѓународните институции, вклучително и на Светска банка.

Вашингтон – Американскиот апелациски суд во Сан Франциско ја потврди блокадата на извршната наредба на претседателот Доналд Трамп, со која тој се обиде да го ограничи правото на државјанство по раѓање.

Судот го одби барањето на администрацијата на Трамп да ја суспендира пресудата на понискиот суд, со што оваа правна битка би можела да заврши пред Врховниот суд на САД. Трамп на 20 јануари, веднаш по преземањето на функцијата, потпиша наредба со која им се ускратува државјанството на деца родени во САД, ако ниту еден од родителите не е американски државјанин.

Вашингтон – Пентагон соопшти дека наредил преиспитување на трошоците со цел 50 милијарди долари да се пренасочат кон програмите кои се „поусогласени со приоритетите на американскиот претседател Доналд Трамп за национална одбрана“.

Ревизијата може да биде подготовка за американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет да ги оствари целите во азиско-пацифичкиот регион и да даде приоритет на обезбедувањето на границата на САД со Мексико, заедно со други реформи.

Хегсет побара да му бидат претставени предлозите за намалување на буџетот до 24 февруари за да се постигне годишно намалување од осум отсто во текот на пет години. Сепак, 17 сектори во Пентагон, чиј буџет во 2025 година е околу 850 милијарди долари, се изземени. Меѓу овие исклучоци се воените операции на границата со Мексико и модернизацијата на нуклеарниот арсенал.

Вашингтон - Американскиот сенатор Берни Сандерс го обвини претседателот Доналд Трамп и неговите сојузници дека се ставаат на страната на рускиот претседател Владимир Путин, предупредувајќи дека таквиот сојуз претставува закана за демократските вредности и меѓународните сојузи.

„Трамп и неговите американски олигарси сега отворено се приклучуваат на Путин и неговите руски олигарси“, напиша Сандерс на платформата Икс. „Овој сојуз значи напуштање на нашите сојузници, поддршка за авторитаризмот и поткопување на нашата демократска традиција.“ Сандерс го обвини Трамп дека „застана на страната на еден од најбруталните светски диктатори, ја загрози независноста на Украина и ги напушти европските сојузници со децениска традиција“.

Преторија - Таткото на Илон Маск, Ерол гостуваше во емисијата „Вајд авејк“ (Wide Awake), само два дена откако инфлуенсерката Ешли Сент Клер соопшти дека милијардерот го добил 13-то дете. Гостинот зборуваше за татковството на својот син и за големата семејна трагедија во 2002 година, кога на Илон му починал синот Невад, на возраст од само девет недели.

- Тој не беше добар татко. Првото дете минуваше премногу време со дадилки и почина под нивен надзор. Илон ќе ме убие за ова што го зборувам, но тоа е моето мислење. Тоа не е добро. Беа пребогати... Премногу дадилки, рече Ерол.

Тој тврди дека дадилки имале и другите деца на Маск од првиот брак со Џастин Вилсон: Грифин, Вивиен, Кај, Саксон и Демијан - секое свое дадилка.

Копенхаген - Светскиот шампион во шах, Норвежанецот Магнус Карлсен, ги стави на аукција своите фармерки, поради кои беше дисквалификуван од Светското првенство во брз шах во Њујорк во декември 2024 година поради прекршување на правилата за облекување.

По суспензијата, норвешкиот велемајстор изјави дека повеќе нема да учествува на турнирите под покровителство на Меѓународната шаховска федерација (ФИДЕ). 

Карлсен подоцна се натпреваруваше на Светското првенство во Блиц, откако претседателот на ФИДЕ Аркадиј Дворкович реши да го релаксира кодексот на облекување.

Лос Анџелес - „Фејсбук“ најави дека од оваа седмица ќе ги промени правилата за зачувување снимки од пренос во живо (LifeStream). Имено, наместо неограничено време на задржување, сите видеа во живо автоматски ќе се избришат по 30 дена. Оваа промена ќе влијае на сите корисници кои некогаш снимиле видео во живо на платформата.

Компанијата објави дека, првично, ќе им даде на корисниците 90 дена да одлучат што сакаат да прават со нивните стари снимки пред тие трајно да бидат избришани. Има неколку опции.

Ќе може, на пр., да се преземе снимката на личен уред, да се префрли во облак како „Гугл драјв“ (Google Drive) или „Дропбокс“ (Dropbox), или пак, да се претвори во кус „видеоролна“ формат и така да остане на личниот профил.

Остани поврзан